Како Москва и Пекинг влегуваат во вестите во БиХ

Дино Цвико

Медиуми

31.03.26

Прегледи

Од RT и Sputnik до Xinhua и локалните редакции, странските наративи сè почесто стануваат домашна медиумска реалност во БиХ.

При крајот на 2023 година, за време на медиумска конференција одржана во Москва, новинарката Даринка Петровиќ, поставувајќи прашање до рускиот претседател, нагласи дека во рамките на ентитетот Република Српска во Босна и Херцеговина нема руски медиуми. Како одговор на ова, Владимир Путин изрази жалење, велејќи дека е „штета што нема руски медиуми во овие региони“ и сугерираше дека „треба да се размисли“ за можноста Russia Today (RT) да започне со емитување на својата програма на тоа подрачје

Изјавата на Путин дека треба „да размисли за тоа“ наскоро се претвори во најава од оваа руска државна телевизија, која продуцира содржина што промовира наративи создадени во Кремљ, дека ќе отвори канал на српски јазик за целата територија на Босна и Херцеговина. Иако каналот (сè уште) не е отворен, медиумите во БиХ известуваат дека тој, де факто, има дописник во Бања Лука, градот каде што се наоѓаат најважните институции на ентитетот РС во БиХ.

РТ е забранета во Украина од 2014 година, а Европската Унија, по почетокот на целосната руска инвазија во 2022 година, ги суспендираше емитувањата на неколку руски државни медиуми, вклучувајќи ги РТ и Спутник, поради, меѓу другото, „систематската манипулација на информациите од страна на Кремљ и ширењето на дезинформации што се користат како оперативна алатка за напад на Украина“.

Руските медиуми на страната на Додик

Во Босна и Херцеговина вакви забрани не постојат. За разлика од ЕУ, БиХ нема унифицирана политика кон руските државни медиуми, а руската пропагандна содржина „влегува“ во медиумскиот простор на БиХ со години. Во 2022 година, RT Balkan на српски јазик почна со работа од Белград. Оваа содржина е достапна и во Босна и Херцеговина.

Анализата на списанието Transitions покажа дека RT Balkan речиси секојдневно објавува вести за Босна и Херцеговина, многу често фокусирани на активностите на прорускиот Милорад Додик, клучен политички актер во босанскиот ентитет РС, претежно во позитивен тон – од неговите критики кон високиот претставник на ЕУ и Уставниот суд на Босна и Херцеговина, до неговото негирање на геноцидот во Сребреница, нападите врз САД и ЕУ, па дури и неговата поддршка за Русија во војната против Украина. Сличен модел на пристрасност кон Додик и пренесување на наративот на неговата партија наводно го следи и друг руски медиум со седиште во Белград – Спутник Србија (Sputnjik Srbija).

Германскиот новинар Томас Бреј, специјалист за Југоисточна Европа, во својата анализа на студијата на случај тврди дека ситуацијата на Балканот е поразлична отколку на Запад, бидејќи руските наративи полесно се вкоренуваат тука, со оглед на фактот што српските политички елити во Србија и во Босна и Херцеговина традиционално одржуваат блиски врски со Москва и во голема мера го контролираат медиумскиот пејсаж. На ова се надоврзува и хроничното недоволно финансирање на печатените и на електронските медиуми, што ја прави бесплатната руска содржина уште попривлечна.

Дека трендот е непроменет покажува и анализата на извештаите на руските медиуми за време на кампањата за предвремени избори за претседател на босанскиот ентитет РС, распишани откако Судот на Босна и Херцеговина му забрани на Додик политичко дејствување во траење од шест години. Порталот Raskrinkavanje наведува дека RT Balkan и Sputnik Srbiјa „ги ставиле сите карти на кандидатот на СНСД, повторувајќи ги истите тврдења врз кои Милорад Додик го изгради својот изборен наратив“.

Како руската пропаганда станува „домашна вест“

Руските наративи не остануваат само во руските медиуми. Додека руските медиуми несомнено ја поддржуваат владејачката елита во босанскиот ентитет РС, од друга страна, домашните медиуми, под силно политичко влијание на СНСД на Додик, емитуваат содржини од руските медиуми, претставувајќи ги како веродостојни и точни информации, а не како пропаганда.

РТРС, јавен сервис кој треба да биде во служба на сите граѓани, честопати дејствува како клучен домашен канал за репродукција и легитимирање на наративите од Москва.

Така, РТРС често зема вести од руските државни медиуми за војната во Украина и односите на Москва со ЕУ и САД и ги емитува во речиси оригинална форма. Во оваа содржина особено доминираат објави за Владимир Путин и за руските потези, додека практично нема критички коментари за нив.

Вести како оваа за Путин кој вели дека „ние не се закануваме на никого, но треба да бидеме подготвени да им се спротивставиме на сите агресивни дејствија“ се објавуваат редовно, а руските наративи станаа составен дел од уредувачката политика на РТРС.

Според неодамна објавена 10-минутна сторија, „желбата на официјален Брисел по секоја цена да ја стави Европската Унија во фокусот на руско-украинскиот конфликт сè повеќе ја дестабилизира нејзината економија и го ослабува стандардот на нејзиното население од ден на ден“.

Слична е ситуацијата и со другите сродни медиуми – од Alternativnа televizijа, преку Glas Srpske, до новинската агенција SRNA.

Соработка на кинеските и домашните медиуми

Кинеското медиумско влијание има поинаков пристап. Не се користи агресивна политичка реторика, туку се работи на суптилно претставување на Кина како префериран економски партнер, како на локално ниво во БиХ така и пошироко во регионот.

Пекинг неодамна значително инвестираше во зајакнување на своите главни државни медиуми за да изгледаат професионални и глобално конкурентни, а во 2018 година дополнително ги централизираше преку China Media Group.

Што се однесува до Западен Балкан и БиХ, кинеските CGTN и CCTV се присутни како дел од понудата на регионалните кабелски оператори, додека содржината на кинеската агенција Xinhua редовно се објавува во локалните медиуми, што е исто така резултат на потпишаните договори за соработка со агенциите од БиХ Patria, FENA, SRNA.

Државниот јавен радиодифузен сервис BHRT, исто така, со задоволство соработува со кинеските медиуми, па така, на пример, пред неколку години, на програмата на оваа телевизиска станица беа емитувани 52 епизоди од серијата „Тој прекрасен Пекинг“, во соработка со Beijing TV и Здружението „Босанско-кинеско пријателство“.

Ова резултира со претежно позитивни вести за Кина во повеќето мејнстрим-медиуми во БиХ, во двата ентитета. Ова не ги вклучува истражувачките медиуми, кои во последните неколку години интензивно пишуваат за сомнителни кинески зделки во БиХ.

Ослабена медиумска сцена

Во последната година, медиумската сцена во БиХ е значително ослабена. По повлекувањето на УСАИД, некои независни редакции се соочија со сериозни финансиски проблеми, што резултираше со отпуштања на новинари, Ал Џазира Балканс (Al Jazeera Balkans) и Гласот на Америка беа затворени, а иднината на Радио Слободна Европа е неизвесна.

Според одредени проценки, ова отвора простор за проширување на руското и на кинеското влијание. А што ова значи во контекст на БиХ и регионот, беше сумирано во интервјуто на германскиот новинар Томас Бреј:

„Руската пропаганда ја искористува нестабилната политичка ситуација низ целиот регион. Меката моќ на Кремљ е концентрирана околу редакциите на Спутник и РТ во Белград. Оттука, руските наративи се шират на јазиците на поединечните нации. Целта е да се докаже наводната супериорност на автократските руски и кинески системи над парламентарната демократија. Русија и Кина моментално градат нов светски поредок во кој Европа повеќе нема улога. Русија се претставува како заштитник на христијанското семејство од женствените и либертаријанските ЛГБТК општества на Западот. Според оваа пропаганда, само економските системи на Русија и Кина имаат иднина, додека западниот капитализам е на работ на колапс. Ваквите наративи наоѓаат плодна почва, особено кај населението со помалку формално образование и кај оние што живеат во провинциски области лишени од контакт со странци “.

Дино Цвико

Дино Цвико е новинар од Сараево кој работел во Al Jazeera Balkans, онлајн магазинот Журнал, порталот Пратимо тендере и Федералната телевизија. Тој е коавтор на документарните филмови „Братство“ и „Партиски армии“, како и автор на филмот „Борба за живот: Системот против онколошките пациенти“, за кој во 2024 година ја доби регионалната награда CEI SEEMO за исклучителни достигнувања во истражувачкото новинарство во категоријата млади професионални новинари.