Џигал: Вештачката интелигенција овозможува и персонализирана пропаганда

Интервју

09.11.26

Прегледи

Вештачката интелигенција овозможи убедливи лажни видеа, аудиоснимки, фотографии и текстови да се создаваат лесно и за многу кратко време, а изборите се моментот кога таквите содржини можат да направат најголема штета. Странските актери ретко измислуваат нови теми – многу почесто ги бараат и ги засилуваат поделбите што веќе постојат во општеството. Со Сеад Џигал, комуниколог, разговаравме за тоа како содржините создадени со вештачка интелигенција влијаат врз граѓаните, кои теми се најчувствителни во македонски контекст, како се препознава организирано странско влијание и како треба да се реагира кога ќе се појави лажно видео.

Како содржините создадени со вештачка интелигенција можат да влијаат врз граѓаните за време на избори?

– Тие можат многу да влијаат врз изборниот процес затоа што овозможуваат лесно креирање убедливи лажни видеа, аудиоснимки, фотографии и текстови за многу кратко време. Најголемата опасност не е само во тоа што граѓаните можат да поверуваат во лажна содржина, туку и во тоа што самото постоење лажни содржини може да создаде сомнеж во сè што следиме во медиумите.

На пример, лажно видео во кое кандидат навидум кажува нешто скандалозно може да влијае врз неговиот рејтинг дури и ако подоцна биде демантирано и потврдено дека е лажно. Во брзата дигитална комуникација првата информација има многу поголемо влијание од подоцнежните реакции или корекции.

Исто така, вештачката интелигенција овозможува персонализирана пропаганда, односно различни пораки да се насочуваат кон различни групи гласачи, со што тие стануваат уште поефективни во своето штетно и манипулативно влијание. Затоа проблемот не е само ширењето лажни информации, туку и штетните ефекти од манипулацијата со вниманието, емоциите и довербата на граѓаните.

dzhigal-intervju-respublica-1

Странските актери ги засилуваат постојните поделби

Кои чувствителни теми можат да ги искористат странските актери?

– Странското влијание најчесто не измислува целосно нови теми. За странските актери многу поефикасно е да пронајдат веќе постоечки проблеми и поделби во општеството и да ги засилат. Во македонски контекст, тоа најчесто се најчувствителните теми: меѓуетничките односи, прашањата поврзани со идентитетот и јазикот, односите со соседите, ЕУ и НАТО, миграцијата, корупцијата, економската несигурност, недовербата кон институциите или регуларноста на изборите.

Дали тоа може да предизвика недоверба, апатија или инциденти?

– Целта не мора секогаш да биде одредена политичка група да профитира или да победи. Понекогаш се настојува граѓаните да заклучат дека „сите се исти“, „изборите се наместени“ и „ништо не може да се промени“. Така, целта може да биде и создавање апатија, граѓанска пасивност и губење доверба во институциите.

Уште посериозна е можноста за ескалација. Ако манипулативната содржина допре до чувствителна тема и се комбинира со страв, бес или чувство на неправда, таа може да придонесе за вербални конфликти, протести, па дури и инциденти. Затоа странското влијание треба да се разбере не само како ширење пропаганда, туку и како обид за нарушување на стабилноста на една земја или заедница.

Вистината во центарот, а не лагата

Како да се разликува организирано странско влијание од партиска кампања?

– Не секоја лажна или манипулативна информација е странско влијание. Партиите можат да користат негативна кампања, пропаганда и манипулативни пораки, но тоа само по себе не докажува странска операција. Кај организираното странско влијание треба да се бара поширок модел што се повторува: кој ја произведува содржината, од каде се координира, кои профили ја шират, дали постојат координирани мрежи, дали се користат лажни профили и дали содржината е насочена кон специфични општествени теми и прашања.

Како треба да се реагира на лажно видео?

– Кај лажните видеа и текстови најважно е да не се помага нивното ширење. Медиумите и институциите не треба да го репродуцираат целото видео или да ставаат сензационален наслов во прв план. Треба јасно да кажат дека станува збор за манипулирана содржина, да објаснат како е утврдено тоа и, кога е можно, да ја објават автентичната снимка како контекст.

Тука важи едно клучно правило: демантирањето не смее да стане секундарно ширење на дезинформацијата. Наместо „да ја повториме лагата за да ја демантираме“, треба да ја ставиме вистината во центарот.

Конечно, најважната одбрана не е само технологијата за откривање лажни содржини, туку медиумската писменост и довербата во професионалните медиуми и институции. Кога на избори граѓаните повеќе не можат лесно да препознаат што е вистинито и критички да ги проверат информациите, постои опасност целиот процес на информирање и одлучување да доживее крах.

Оваа содржина е изработена од Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Сања Васиќ

Фото: Преземено од mim.org.mk