Светски трендови на поскапувања ќе има и понатаму, но колкави ќе бидат, најмногу зависи од државата и од тоа, какви одлуки ќе се донесе.
Последните неколку месеци, се чини дека цените растат преку ноќ. Причините за ова се многубројни. Намалувањето на енергијата произведена од јаглен, релативно ниското производство од ветерните централи во Европа, брзиот пораст на пазарите во изминатиот квартал и енормниот пораст на цената на природниот гас на светските берзи, како и болестите на животните и намалувањето на бројот на животни придонесоа за зголемување на цената на храната, а особено на месото и млечните производи.
Се стравува дека скокот на цените на житарките, маслодајните семиња и другите суровини ќе предизвикаат уште побројни поскапувања на храната во продавниците, што би го загрозило животниот стандард на граѓаните. Рафтовите се полни со производи, ама сè е поскапено.
Кога ќе замрзнат цените на храната?
Со оглед на многукратното зголемени трошоци на суровините во производните процеси и прекинот на производството и отпуштање на вработените, постои ризик од стимулирање на сива економија со што ќе се формираат цени многу повисоки од реалните и тоа ќе предизвика несигурност во квалитетот на истите.
Цените на храната веќе се на највисоко ниво во последните 10 години. Тие ќе останат високи и во 2022 година, како што покажува најновиот извештај на холандската банка Рабобанк.
Според изјавата на премиерот Ковачевски во 2021 година, дадени се задолженија сите енергетски капацитети, во Битола, Осломеј и Неготино, да бидат пуштени во употреба, потенцирајќи дека државата нема да дозволи ценовен шок.
Домашните компании од преработувачката индустрија се соочуваат со зголемување на цените на суровините. Во октомври 2021, основните производни трошоци на фармерите им се зголемени за 70 – 80 отсто, а исто така поскапени се и енергенсите. За 10-11 отсто се зголемени директните трошоци во млечната индустрија. Слична е ситуацијата и во месната индустрија. Сите се залагаат за плаќање по квалитет, но засега ваквата трансформација оди бавно. Цените на житарките и маслодајните семиња се драстично поскапени и тие се повисоки за 20-100 отсто во однос на минатата година.
Извор: freepik.com
Најголем пораст на цените, од 3.9% на месечно ниво, е забележан кај млечните производи во март 2021. Според статистиката, цените на храната во третиот квартал на 2021 година остварија годишен раст од 3,6 отсто.
До крајот на 2021 година брашното поскапе 20 отсто за 12 месеци. Во исто време, цената на увезеното српско брашно, од 212 евра за тон во 2020 година, се зголеми на 280 евра оваа година, пораст од 68 евра.
Стопанската комора смета дека се наметнува потреба од интервенција на државата во делот на субвенции. Во таа смисла предлага, наместо на производителите, поддршката да се дава на преработувачите, но тоа да биде контролирано.
Возењето автомобил полека станува луксуз
Според Народната банка, растот на цената на нафтата е одраз на намаленото ниво на залихи на нафта во САД. Гледано на годишна основа, цената на нафтата забележа значителен раст од 69,5 отсто, што во најголем дел се должи на ниската основа од претходната година.
Извор: nbrm.mk
Според домашните и светските економисти, следната година се очекува забавување на инфлацијата – но ризиците остануваат и движењата ќе зависат од повеќе фактори.
Со најновото поскапување на горивата, автомобилите за мнозинството граѓани во Македонија стануваат луксуз. Безоловниот бензин ја надмина границата од 80 денари за литар, а дизелот отиде над 71 денар.
Во 2016, дизелот се продаваше за 39 денари за литар, Еуросупер БС-95 за 57 денари, а Еуросупер БС-98 59 денари за литар.
Во цената на горивата влегуваат и 22 денари акциза кои одат во државниот буџет, но засега од Владата молк за тоа дали се планира намалување на акцизата на горивата. Освен акцизата, со секој литар гориво се плаќаат речиси 5,5 денари трошоци за работење преку склад и трговска маржа, 0,75 за транспорт, за животна средина 0,80 и за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати речиси 1 денар.
Извор: alfa.mk
Ублажување на ударот од зголемување на цените
Според експертите, потребно е Владата и НБРМ да се подготват со симулации и предвидувања, бидејќи цените и понатаму ќе растат над прогнозите. Потребно е НБРМ да го подигне степенот на следење на потребата од активирање монетарни алатки за одржување на ценовната стабилност. Соодветно и Владата треба да се подготви со фискални мерки за амортизирање на ударот на новите цени на основните производи.
Наместо замрзнување на цените на основните производи, потребно е да се размисли и да се применат мерки за интервенција од стокови резерви. Проблемите со примарното производство, преработката и зголемувањето на нивните цени, треба да се решаваат на двата фронта кои често не се усогласени, како од страна на Министерството за земјоделство, така и од Минстерството за економија.
Решенија кои би го ублажиле ударот од ценовниот шок се навремена инвестиција во сопствено производство на енергија со цел намалување на ранливоста на фирмите од тековните, но и од идните ценовни шокови на пазарите на електрична енергија. Потоа замрзнување на цената на гасот и струјата, замрзнување на цените на енергенсите, основните прехранбрени производи, суровините како и пуштање на државните резерви во оптек. Во делот на домашното производство може директно преку субвенции на одредени производи да се влијае на цената. Во делот на трговијата на големо и мало потребно е да се намалат маржите за малите и големите маркети.
Србија, на пример, ги замрзна цените на основните прехранбени производи, но ја замрзна и цената на гасот, на струјата, пушти стокови резерви во оптек, го поевтини брашното. Хрватската влада исто така донесе одлука да ги замрзне цените на горивата, а со тоа и да ги ослободи граѓаните од овој ценовен шок.
Светски трендови на поскапувања ќе има и понатаму, но колкави ќе бидат, најмногу зависи од државата и од тоа, какви одлуки ќе се донесе.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.