fbpx

Црна Гора: Стоп за инфлацијата на доброволна основа

Зоран Радуловиќ

Владата се фали со највисок раст на БДП во Европа, криејќи дека најзаслужни за тоа се несреќниците кои доаѓаат од истокот на Европа, а не нејзината економска политика.

Од првиот понеделник во октомври, во Црна Гора на сила е акцијата „Стоп за инфлацијата 100+“, која, според најавите, ќе трае до крајот на годинава. Во договор со актуелната влада, дистрибутерите (увозниците), трговците на големо и малопродажните синџири (ги има пет во Црна Гора) на доброволна основа избраа артикли за кои ги намалија трговските маржи (големопродажни и малопродажни) на пет проценти или помалку.

Потоа, исто така доброволно, во акцијата се вклучија и некои продавници за бела техника и апарати за домаќинство, некои продавачи на автоделови, една кафеана од Даниловград (гратче во близина на Подгорица)... а се очекува наскоро сопствениците на аптеките и веледрогериите да го дадат својот придонес за намалување на цените.

Владата се фали дека тоа е најдобрата и најсеопфатна акција во регионот. „Трговците се должни да дефинираат листа од најмалку 100 производи за кои ќе ги намалат цените со утврдување максимална малопродажна и големопродажна маржа од пет проценти, додека за трговците со помалку од 100 вработени, антиинфлациската кошничка вклучува листа од најмалку 50 производи“, соопштија тие.

Без обврски и санкции

Сепак, на сите им е јасно дека трговците не се „должни“ како што напишаа од Владата, туку сè е организирано на доброволна основа (нема обврска, ниту какви било санкции), додека државата не вложила ништо во проектот од својата каса, освен ако се смета донекаде помалата наплата на данок на додадена вредност (ДДВ) во иднина, поради намалените основици по кои се пресметува ДДВ-то.

Трговците немаа обврска во кампањата да вклучат точно одредени артикли - барем по еден производ од асортиманот што го нудат - како што беше случајот во Црна Гора минатата пролет, а сега практично е во целиот регион. Листата ја креираа самите тие, а од владата велат дека немаат конечна листа на производи на попуст со ознака „Стоп за инфлацијата“, но тврдат дека се опфатени 150, а можеби и повеќе од 200 различни прехранбени, хигиенски и козметички производи (овие бројки во нивните соопштенија редовно растат без конкретни показатели), поради што граѓаните имаат прилика да остварат значителни заштеди на трошоците на кои оди најголемиот дел од буџетот на домаќинството.

Трговците, велат тие, сакаат потрошувачите да дојдат во нивните продавници и сами да се уверат што е поевтино и за колку.

„За да сфатат граѓаните дека навистина се работи за значително намалување на цените“, соопштуваат од Владата, „за пример ја зедовме антиинфлациската кошничка на компанијата ВОЛИ која во моментов има 148 производи (при што листата не е конечна и има тенденција да расте) за која потрошувачите до сега требаше да издвојат 454,71 евра, додека од 1 октомври вредноста на оваа кошничка со попустот ќе изнесува 322,07 евра. Значи, станува збор за попуст кој изнесува вкупно 29,17%, благодарение на кој потрошувачите заштедуваат 132,64 евра“.

Потрошувачите, од друга страна, тврдат дека акцијата е задоцнета, листата на производи со попуст е прекратка и дека акцијата ги опфаќа само производите кои помалку се продаваат, поради што, и обично, најчесто се наоѓале на списокот на артикли со намалена цена, за време на т.н. акции.

Пазари и бензински пумпи

Дополнително, во кампањата „Стоп за инфлацијата 100+“ не се вклучени пазарите и бензинските пумпи каде, според мислењето на многумина, се највидливи последиците од инфлацијата и брановите на поскапувања. Така, летово на пазарот во Подгорица килограм домати чинеше три евра. Толку чинат и десет домашни јајца или 2,5 килограми компири. Литар млеко чини 1,5 евра, килограм домашно сирење чини осум евра, а исто толку чини и килограм (поевтино) месо.

Јунешкиот бифтек во подгоричките месарници чини 30 евра. На приморјето, по правило цените се повисоки за 20-50 отсто. А некаде и повеќе. Така, споменатото сирење на пазарот во Котор се продава по цена од 16 евра.

На бензинските пумпи цените се претежно изедначени, по 12-те поскапувања од почетокот на годинава, за пет евра ќе ви наточат помалку од три литри гориво. Владата најави дека доколку продолжи порастот на цените, повторно ќе ги намалат акцизите (околу 55 отсто од крајната цена).

Тука е и пазарот на недвижности и закуп на станови, каде цените навистина подивеа, а државата нема ни основен регистар на потстанари (и закуподавци), па тие беспомошно креваат раменици на аномалиите што секојдневно се евидентираат. Месечната наемнина за гарсониера / еднособен стан изнесува најмалку 60 – 80 проценти од минималната плата (450 евра). За да изнајмите двособен, наместен стан на подобри локации во Подгорица или на приморјето, треба да издвоите повеќе од просечната плата во земјава (околу 800 евра). Често оди и до плата и пол.

Извор: freepik.com

Експертите сметаат дека постојат три основни причини за растот на сите цени на стоките и услугите во Црна Гора.

Улогата на странците

Глобалните настани - од пандемијата на корона вирусот до војната во Украина – ги отежнаа и поскапија производството и транспортот. Ова е највидливо кај храната и енергенсите. Црна Гора генерално не користи природен гас, па затоа беше поштедена од такви ценовни шокови. Цените на струјата се практично исти последните три години, иако се најавува нејзино поскапување од Нова година.

Но, храната претставува проблем. Според септемвриските податоци на државната Управа за статистика (MONSTAT), цените на храната се зголемени од 2019 година за повеќе од 44 отсто. Бидејќи домашното производство покрива само 15 проценти од потрошувачката, очигледно е дека локалните цени доминантно зависат од оние на поголемите пазари и берзи. Плус цените за транспорт, кои исто така растат.

Оттука, во Подгорица сè почесто се прават споредби со цените во Виена, Рим, Барселона. Овие споредби покажуваат дека црногорските потрошувачи плаќаат повеќе за исти производи. Меѓутоа, регионалните споредби (Србија, Хрватска, во помала мера Босна и Херцеговина) покажуваат дека цените во Црна Гора се на исто ниво, ако не и незначително пониски. Како втора причина за порастот на цените во Црна Гора се наведува домашната инфлација на еврото.

Имено, од почетокот на 2022 година, со пакетот административни мерки на претходната влада (укинување на придонесите за вработените и работодавачите за задолжително здравствено осигурување и префрлање на тие средства на нето платата), минималната плата е зголемена за 100 отсто (од 225 на 450 евра), а просечната плата од 550 на 700 Во иста насока продолжи и актуелната Влада, па, благодарение на покачувањето на платите на буџетските корисници, просечната плата во Црна Гора во август беше повисока од 800 евра. Пораснаа и пензиите. Загарантираната (минимална) од 145 на 288, а просечната - до нешто над 400 евра.

Бидејќи вработените и пензионерите трошат најголем дел од приходите на храна, зголемувањето веднаш се одрази на побарувачката на пазарите и мегамаркетите. Тоа набрзо ги поттикна домашните производители да ги зголемат цените на своите производи.

И не беше тука крајот: политичките конфликти во Турција, потоа војната во Украина, доведоа повеќе од 100 илјади (околу 20 отсто од локалното население) Турци, Украинци и Руси во Црна Гора. Некои работат тука - основани се повеќе од 1.000 ИТ компании, чии сопственици се доскорешни жители на Украина и Русија, како и непознат број трговски и услужни компании - некои ги трошат своите претходно заработени пари. Генерално, овие пари извршија дополнителен притисок врз растот на цените, особено на пазарот на недвижности.

Така ја добивме следната ситуација: пролетта 2018 година, кога просечната плата во Црна Гора беше 510 евра, храната неопходна за опстанок на едно четиричлено семејство (т.н. минимална потрошувачка кошничка, т.е. количина на храна потребна за неопходниот внес на калории) чинеше 256 евра. Поточно, половина од тогашната плата. Овој јуни, истата храна чинеше 387 евра. Повторно, речиси половина од просечната плата. Тие 3-4 проценти го претставуваат постигнатиот напредок во однос на животниот стандард на просечниот жител.

Додека владата се фали со највисок раст на БДП во Европа, прикривајќи дека најзаслужни за тоа се несреќниците кои доаѓаат од истокот на Европа, а не нејзината економска политика.

 

Текстот е објавен како дел од иницијативата „Приказни од регионот“ која ја спроведуваат Рес публика и ИКС, во соработка со партнерите од Косово (Sbunker), Србија (Autonomija), Босна и Херцеговина (Анализирај.ба), Албанија (Exit News), и Црна Гора (PCNEN), во рамки на проектот „Користи факти“ кој се реализира од ИКС, со поддршка на Британската амбасада во Скопје.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Зоран Радуловиќ

Зоран Радуловиќ е новинар од Црна Гора кој работи во политичкиот неделник Монитор од Подгорица.