проф. д-р Светомир Шкариќ
Треба да се создава хармонија меѓу човекот и граѓанинот, а не да се копаат нови ровови помеѓу нив. Одлуките на советите на општините за одржување референдуми против мигрантите го прават второто со цел опозицијата да победи на локалните избори. Се шири страв од нешто што реално не постои, бидејќи престој досега побарале не повеќе од десетина мигранти. Македонија не смее да се однесува на ист начин како и државите што подигаат високи sидови и што покажуваат нецивилизациски однос кон мигрантите. Тоа е спротивно на нејзиниот хоспиталитет и на визијата за Европската унија како космополитска држава кон која тежнее.
Барањето да се гласа на локалните рефередуми против мигрантите значи меѓусебно спротивставување на граѓанинот и човекот. Тоа претставува кршење на најмалку пет члена од Уставот на РМ во кои изречно се зборува само за човекот како носител на правата (чл.10, 11, 12, 41, 43). Уште погрубо се кршат Универзалната декларација за правата на човекот на ООН и Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи на Советот на Европа. Во наведените документи фигурира човекот, а не граѓанинот.
Граѓанинот спроти човекот
Поимот „човек“ во уставното право е поширок поим од поимот „граѓанин“. Првиот поим ги опфаќа сите човечки суштества, а вториот само државјаните на одредена земја. Од природата на човекот извираат природните права, а од волјата на државниот империум правата на граѓанинот. Првите се стари и трајни, а вторите нови и променливи права. Опстојуваат заедно по донесувањето на Декларацијата за правата на човекот и граѓанинот од 1789 година, кога првпат е прогласено братството меѓу луѓето.
Станува збор за две огледала на еден ист свет, со таа разлика што човековите права се универзални, а граѓанските се национални. Првите се столб на Европската унија и на светската заедница што се гради, а вторите основа на националната држава која е во фаза на исчезнување, по четири столетија на доминација на меѓународен план.
Во таков контекст, историјата на човекот е позначајна од националната историја. Првата ги отсликува универзалните вредности, особено алтруизмот, соработката, пријателството и гостопримството, а втората тежиштето го става врз моќта, себичноста, дискриминацијата и омразата кон другите. Тоа го забележал најверодостојно Рабиндрант Тагоре како сведетел на Првата светска војна, откако ги видел разурнувањата и човечките жртви во Европа. Забележал дека виновник за жртвите е национализмот кој извира од нацијата како „организирана себичност“ и како „тесна обувка“ што ја носат само националистите, констатирајќи со цврсто убедување дека „нацијата е најголемото зло за самата нација“.
И имигрантот е човек
Секој што ја видел реката мигранти од април и јуни 2015 година и да сака не би можел да го запре срцето да не трепери од возбуда или да не сочуствува длабоко со несреќата на тие луѓе. А не би можел и да не се запраша - зарем е можна таква трагедија во денешно време, на луѓе што доаѓаат дури од Сирија?
Возот во Гевгелија е преполн со исплашени деца, загрижени мајки и возрасни луѓе. Мајка со мало дете гледа замислено преку прозорецот кон главната улица на градот и размислува што се случува. Мигрантите не бараат ништо друго, освен заштита од бомбите што паѓаат од авиони и топови во нивната земја. Оставени се сами на себе, без млеко, леб и лекови. Другите што не можеле да влезт во возот бараат велисопед или пеш да појдат кон север. Спијат на отворено место, на пат или во шума, капнати од умор, но без омраза. Мафијата им ги краде телефоните, ранците и парите. Се движат кон Западна Европа, во потрага за среќа, слично на мигрантите од Европа во XVI век кога ја населувале Северна Америка.
И претците на Стив Џобс биле мигранти од Сирија. Да не биле примени во Америка, денес светот би бил посиромашен за еден од најголемите визионери и гении што ги запозна современиот свет. А не би постоел ни „ЕПЛ“ со своите комјутери и мобилни телефони кои светот го направија подобро место за живеење. Такви визионери постоеле веројатно и меѓу сириските мигранти што десет дена патувале низ Македонија, од Грција кон Србија. Тоа не го гледаат противниците на мигрантите.
Нив не ги допира ни Кантовиот императив за гостопримството меѓу луѓето. Кант порачува дека секој човек има право да биде примен гостољубиво на било кое место на земјината топка. Тој тоа не го сфаќал како филантропија, туку како право на секој човек. Човекот не смее да биде примен непријателски или нетрпеливо од оние каде што доаѓа. Правото на посета на секое место им припаѓа на сите луѓе како човечки суштества, а не само на оние што живеат подолго време на едно исто место и што се чуствуваат како припадници на одредена нација. Имануел Кант во неговата книга „Вечен мир“ пишува: „Никој нема поголеми права да биде на едно место на Земјата отколку другите.“
Извор: ТВ ТЕРА
Македонија покажува солидарност со Стратегијата за мигрантите
Радува фактот што Кантовиот императив провејува низ повеќе одредби од „Стратегијата за интеграција на бегалци и странци во Република Македонија 2017-2027“ на Владата на Република Македонија од септември 2017 година. Тоа е нешто најдобро што можело да ѝ се случи на Македонија од нејзиното осамостојување до денес. Подобра слика за Македонија не може да има. Со стратегијата таа ја покажува својата солидарност кон другите кои се во мака. Излегува од сопствената лушпа и нуди гостопримство, иако е сиромашна земја.
Се предлагаат едноставни и скромни дела. Во рок од десет години да се изградат станови за мигрантите, да имаат право на вработување, да се запишат во основно училиште и на универзитетите и да го добијат македонското државјанство, ако одлучат да останат во земјата и да се интегрираат во неа. Да живеат како слободни луѓе, без гетоизација.
Им се дава тоа што им беше дадено на македонските бегалци од источно-европските земји по Граѓанската војна во Грција (1946-1949). Таа солидарност не смее да се заборави кога се во прашање мигрантите. А не смеам ни јас да го заборавам споменот за припадниците на ДАГ кога слободно ја поминуваа грчко-југословенската граница и како боси и гладни бараа помош од селаните пред мојата родна куќа во Дојран. Тоа е првиот спомен што го чувам уште од 1947 година.
Наместо поддршка на Стратегијата, се случува отпор кон неа. И тоа од оние од кои најмалку би требало да се очекува. Советите на 14 општини донесоа одлуки за одржување на локални референдуми против населувањето на мигрантите на македонската територија. Референдумите се намерно темпирани за 15 октомври, на денот кога се закажани локалните избори, со цел мнозинството во советите да добие поголема поддршка, да не стане малцинство.
Сепак, референдумите нема да се одржат на наведениот датум, затоа што Државниот инспекторат за локална самоуправа донесе одлука за запирање на одлуките на општинските совети. Референдумите можат да се одржат дури по одржувањето на локални избори. Ако тоа се случи, тогаш сликата ќе биде појасна. Ќе се види колку Македонија е гостољубива и колкав број националисти има во земјата.
Договорот со Бугарија гледа во иднината
Радува и фактот што пријателството извира и од Договорот помеѓу Република Македонија и Бугарија од јули 2017 година. Во Договорот на повеќе места се споменува пријателството, заедно со добрососедските односи и соработката на двете држави. Се зборува и за заедничката историја и за зедничко чествување на зеднички историски настани. Се зборува за тоа што луѓето ги поврзува, а не за тоа што ги дели и спротивставува едни на други.
Договорот ги обврзува двете држави да не пројавуваат територијални претензии една спрема друга, да не поддржуваат дејствија насочени против другата земја кои имаат непријателски карактер, да не вршат субверзивни дејства и да не поттикнуваат насилство и омраза. Да гледа во иднина, а не во минатото, да се борат за европски вредности и за „единствена Европа“.
Договорот е насочен кон доброто, а не кон лошото, кон емпатија и омраза, кон взаемна помош, а не кон взаемна борба. Взаемната помош е фактор на еволуција и води до повисок степен на свест и напредок. И обратно, взаемната борба води кон регрес и взаемно уништување. Тоа треба да го имаат на ум историчарите од обете страни кога го вреднуваат минатото и кога треба да ја откријат заедничката историја.
Со симпатии кон Бугарија гледам и јас уште по првата моја посета на таа земја, кога како студент учествував во работата на Конференцијата за соработка на студентите од Балкан, Јадран и Кипар што во април 1964 година се одржа во Софија. Уште поблагонаклонето гледам по разговорот со бугарските академици Стефан Воденичаров и Дамјан Дамјанов во Софија во септември 2016 година. Не ми пречи ни тоа што моето семејство во април 1941 година требаше да ја доживее судбината на сириските мигранти, да биде протетрано од Македонија во Далмација или во Црна Гора каде што се родени моите родители.
И бугарските војници не беа сите националисти. Меѓу нив имаше и луѓе со широки погледи. Да немаше такви не би се склучиле три успешни брака со девојки од моето село, со една Босанка и две Далматинки. Таква ширина треба да покажат и историчарите - да бидат политисторици, како Вадим Кожинов и Лазар Колишевски.
Космополитска Европа
Единствена Европа може да биде само космополитска Европа. Тоа е Европа што се раѓа од сопственото минато, од војните и холокаустот. Таа е противтежа на националистичка Европа, на онаа во која доминира моќта на големите нации и принципот - ние или вие! Националистичка Европа како што ја замислуваат Марин Ле Пен, Герт Вилдерс и Виктор Орбан.
Во светот на глобални ризици и опасности, космополитизмот е неопходен, а не национализмот. Поделбата на внатрешни и надворешни работи, на национални и меѓународни проблеми, на наши и нивни поддржувачи нема одамна основа ниту поддршка од големите умови. Локалното одамна стана глобално и обратно. Во такви услови, националните држави не ја играат веќе главната улога ни на домашен ни на светски план туку другите фактори кои не се под нивна контрола.
Космополитизмот го пренасочува националниот егоизам кон европската солидарност, а мултикултурализмот кон интеграција, а не кон гетоизација. Станува збор за единствена Европа, која не може да биде ни федерација ни конфедерација. И првиот и вториот облик се национални визии во кои не може да се вклопат разноликоста на Европа и нејзините вредности кон кои тежнее во иднина. Таа наликува на птица во лет со пердуви од различни бои и нијанси.
Космополитска Европа се засновува врз вредности на човекот, а не врз вредности на националната држава. Таа го поддржува единството, но не и поделбите. Уште помалку го поддржува сепаратизмот и егоизмот. Тоа не го сфаќаат каталонските националисти кога бараат од ЕУ да им помогне во борбата за нивно отцепување од Шпанија.
Не станува збор за европски „безбоен космополитизам“, за нешто што е без национална содржина. Космополитизацијата на Европа го опфаќа и националното, но и тоа што е друго, што не е национално. Станува збор за нова логика која го вклучува националното, но како опозиција на она што е општочовечко, што треба да доминира во иднина.
Урлих Бек космополитизмот го смета за закономерност на Европа, за нејзина нужност и предност. Тој го шири космополитизмот и врз политиката и врз власта, отварајќи можност за создавање космополитска држава на целиот европски континен. Таквиот концепт е излез од постојната криза во која моментално се наоѓа ЕУ: „Поимот на космополитска држава ја одразува европската стварност“.
Космополитска Европа покажува поголема ширина кон мигрантите од националните држави. Покажува поголема ширина и од САД во која нејзините судови водат тешка борба со трамповиот национализам. Брзо ќе се види дали Врховниот суд на САД ќе ја укине забраната за влез на мигранти во таа земја меѓу кои се и мигрантите од Сирија. Ќе се види дали Врховниот суд ќе застане на страната на претседателот Трамп или на страната на големиот Кант.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.