д-р Здравко Савески
„Дупката“ во ПИОМ е резултат на промената на политиките за финансирање на пензискиот систем и ако се сака таа да се намали, далеку посоодветно е решението да се бара кај факторите кои ја предизвикаа, а не, како што им е најлесно на властодршците, цехот да го плаќа обичниот човек.
Откако министерката за труд и социјална политика кажа дека Владата воопшто не размислува за зголемување на старосната граница за пензионирање, а и министерот за финансии нагласи дека не треба да се направи таков чекор сè додека не се исцрпат сите други решенија, премиерот Заев изјави дека и оваа опција е во игра. Ваквата неусогласеност на ставовите во Владата кажува многу. Но, настрана тоа, она што веќе е јасно е дека Владата сериозно размислува цехот од погрешните политики да го плати – работникот.
На јавноста ѝ се наметнуваат доста „спинови“ и дезинформации со цел да ѝ се продаде ваквото решение. Премногу ни стареело населението, имало премногу пензионери, соодносот вработени – пензионери бил неповолен, трошоците за пензиите се зголемувале, буџетските трансфери биле проблематични сами по себе, немало други решенија... Дури и од ММФ се вклучија во пласирањето дезинформации, истакнувајќи дека сме имале слична должина на животен век со ЕУ, па затоа требало да се зголеми старосната граница за пензионирање. Се креира апокалиптична слика за состојбите со цел обичниот човек полесно да го прифати префрлањето на товарот на сопствен грб.
Пензионерите и расходите за нивните пензии
Точно е дека расте бројот на пензионери. Точно е и дека растат трошоците за исплата на пензиите. Но ако се гледаат изолирано овие бројки, тогаш се запаѓа во спинот на политичките елити. Зашто, тие не ја покажуваат целата слика. За целосна претстава на работите, важно е да се види соодносот на пензионери и вработени како и учеството на расходите за пензиско и инвалидско осигурување во БДП.
Од 1991 година, бројот на пензионери континуирано расте, додека бројот на вработени опаѓа до 2003 година за потоа да бележи континуиран раст. Порастот на вработените по 2003 година приврзаниците на зголемувањето на старосната граница за пензионирање сакаат целосно да го игнорираат. Во периодот 2003-2016, бројот на вработени порасна за дури 249.063 (77,6 отсто), додека бројот на пензионери порасна за само 51.504 (20,3 отсто). Точно е дека во 1991 година соодносот на вработените и пензионерите беше поповолен, но не може да се игнорира дека во меѓувреме се применија мерки за стабилизација на состојбите. И дека во меѓувреме соодносот на бројот на вработените и пензионерите од 1,3 : 1 во 2003, се искачи на 1,9 : 1 во 2016. Ако во 2003 година имаше 775 пензионери на 1.000 вработени, во 2016 година имаше 536 пензионери. Тоа воопшто не е занемарлива разлика.
Табела 1: Број на вработени и пензионери и нивен сооднос. Извор: Извештај за работата на Фондот на ПИОМ во 2011 (9 стр.) и 2016 година (7 стр.)
Податоците од Табелата 2 покажуваат уште поголемо несовпаѓање со апокалиптичкото прикажување на работите од страна на елитите. Да, евидентен е големиот пораст на расходите за пензиско и инвалидско осигурување. Но, колку тоа може да доведе до погрешен заклучок покажува учеството на овие расходи во БДП. Овој процент не само што не се зголемил, туку бележи и значително намалување, од 15,9 отсто во 1993 година на 10,6 отсто во 2016 година.
Табела 2: Учество на расходите за ПИО во БДП. Извор: Извештај за работата на Фондот на ПИОМ во 2011 (19 стр.) и 2016 година (17 стр.)
Причините за „дупката“ во ПИОМ
Како што може да се види, соодносот на вработените и пензионерите бележи значително подобрување од 2003 година, а подобрено е и нивото на расходите за пензиското и инвалидско осигурување. Во таков контекст, тоа што има „дупка“ во Фондот за ПИОМ, односно тоа што има нужност од трансфери од централниот буџет до Фондот за ПИОМ, не може и некоректно е да се оправдува со наводната неповолна демографска структура или со наводно преголемите издатоци за пензии. „Дупката“ е резултат на промената на политиките за финансирање на пензискиот систем и ако се сака таа да се намали, далеку посоодветно е решението да се бара кај факторите кои ја предизвикаа, а не, како што им е најлесно на властодршците, цехот да го плаќа обичниот човек, работникот или пензионерот.
Потребата од зголемен трансфер на буџетски средства од централниот буџет се јави поради две главни причини. Првата е трансформацијата на пензискиот систем во систем со три столбови. Со воспоставувањето на вториот столб значително се намали приливот во државниот пензиски фонд по основ на придонеси од плата. Според важечките законски одредби, за вториот столб се одвојуваат 6 отсто од придонесот, а останатиот дел оди во државниот пензиски фонд. Не може да се очекува Фондот на ПИОМ целосно да се финансира од изворни приходи во ситуација кога една третина од изворниот прилив не завршува кај него. Во врска со ова, од УПОЗ дадоа корисен предлог, делот од придонесот што се издвојува за приватните пензиски фондови да се намали на 4 отсто, со што ќе се обезбеди дополнителен прилив од 2 отсто во државниот пензиски фонд.
Втората причина за т.н. дупка во државниот пензиски фонд е намалувањето на стапката на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување. Таа од 2010 година изнесува 18 отсто од бруто платата. Во однос на висината на оваа стапка пред 2009 година, кога беше 21,2 отсто, намалувањето изнесува незанемарливи 15 отсто („Богатството и сиромаштијата во Македонија“, 25 стр.). Покрај тоа, во 2008 година се воведе максимална основица за уплата на придонесите, со која сите оние што земаа над четири просечни плати, ја добија привилегијата да плаќаат придонеси не на целата плата, туку само на износот до четири просечни плати. Оваа мерка дополнително ги збогати најбогатите, а придонесе и за намалување на изворните приходи во Фондот на ПИОМ.
Пак ли на грбот на работникот?
Добро е да се потсети дека, не така одамна, веќе беше повишена старосната граница за пензионирање. За мажите, во периодот 1994-2001 година таа беше повишена за четири години, од 60 на 64, а за жените, во периодот 1994-2007 година за дури седум години, од 55 на 62 години („Обезвреднување на трудот“, 92 стр.). Уште една жртва беше приложена на олтарот на стабилизацијата на пензискиот систем: беше целосно укинато правото на старосна пензија само врз основа на стаж (40 години за мажи и 35 години за жени) и без оглед на возраста (исто, 91 стр.). Тоа особено ги погоди градежните работници. Иако поради работењето во неповолни услови и во лето и во зима, им се скратува животот, па периодот за кој користат пензија им е мал, и кога работат над 40 години, принудени се да работат до 64-та година за да одат во пензија.
Настрана тоа, треба да се има предвид дека повишувањето на старосната граница ќе биде контрапродуктивна мерка, од аспект што ќе ја влоши состојбата со невработеноста, особено кај младите, и состојбата со продуктивноста на трудот, особено во реалниот сектор. Со бастуни ли ќе работат луѓето на машина? Ниту очекуваната должина на животниот век во Македонија е слична со ЕУ (во ЕУ е 80,6 години, а во Македонија цели пет години помалку – 75,5 години), ниту квалитетот на животот може да се споредува. А кога сме кај споредбите со ЕУ, просечниот век на користење на пензиите во Македонија е не повеќе од 16 години, додека европскиот просек е нешто над 20 години. Зошто експертите од ММФ не ја повлекоа оваа паралела помеѓу Македонија и ЕУ?
Што ѝ е на располагање на власта?
Власта располага со повеќе начини како да се справи со зголемениот трансфер на буџетски средства до Фондот за ПИОМ. Иако милува да тврди дека состојбата била доста сериозна, досега мошне пасивно се однесуваше кон изнаоѓањето решенија. Вети прогресивно оданочување, што ќе обезбеди дополнителни буџетски средства, кои можат да се искористат и за финансирање на Фондот на ПИОМ. Вети, но некако не и се применува мерката. Вети дека ќе ја укине максималната основица за уплата на придонесите. Вети, но наместо тоа, само ја коригира.
Останатите предлог мерки вклучуваат: отворање нови работни места, враќање на претходната висина на стапката на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување, зголемување на процентот од придонесот што оди во првиот столб на сметка на процентот што оди во вториот столб, укинување на привилегирањето на странските инвеститори во однос на плаќањето придонеси, намалување на бројот на прикриени работни односи, за кои не се плаќаат придонеси. А, зошто да не, и намалување на бројот на пратеници во Собранието и на министри во Владата. При ваков спектар на мерки, повторно товарот да му се нагрне на работникот и тој дополнително да работи заради немањето политичка волја на друг начин да се реши проблемот – тоа ќе претставува уште едно газење на Уставот на РМ дека станува збор за социјална држава.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.