проф. д-р Никола Поповски
Како мала земја со мало население и економија ние не смееме да дозволиме да останеме сами и сами да се справуваме со сите проблеми што се надвиснуваат над нас и над светот. Тоа го наметнува прашањето за наше интегрирање во оние организации каде што сметаме дека ќе бидеме економски, безбедносно и политички позаштитени отколку да сме сами.
Ако денес ги прашате најдобрите познавачи на светската економија за тоа во кој правец и со какви перформанси можеме да очекуваме дека таа ќе се развива, не треба да се очекуваат ни приближно слични одговори. Тие се во дијапазонот од претпоставки дека долгорочните глобални трендови од последниве две-три децении тешко ќе можат да се променат, па сè до оние што предвидуваат нова просперитетна ера или сосема спротивно, неизвесна и вознемирувачка иднина на нестабилност. Ако ги читате аргументите на сите, се добива впечаток дека, повеќе или помалку, сите се во право.
Глобалната економија пред крстопат
Причините за ваквата состојба се многубројни. Прва се различните концепции за иднината на економските односи во светот при што на една страна се поларизираат САД со својата протекционистичка и иако делува апсурдно, изолационистичка политика. Обидите за надминување на сè поголемите дефицити на трговската и тековната сметка на САД со воведување висока и ригорозна заштита на домашниот пазар се сè поголеми. Другите моќни економии во светот (ЕУ, Кина, Јапонија) сега се противат на таквата политика, но се принудени да воведат идентични контра-мерки. Тоа секако нема да биде во корист на развојот на светската економија.
Втора причина се сè уште присутните последици од големата светска економска криза во 2008-2009 година која доведе до намалување на неколку важни претпоставки и двигатели на глобалната економија, а тоа се растот, светската трговија, странските директни инвестиции (СДИ), каматните стапки, но и до раст на фискалните дефицити и јавниот долг. Очекувањата се дека овие проблеми нема брзо да се надминат и сè уште ќе претставуваат ограничувачки фактори на глобалниот раст. Само да наведеме еден пример: јавниот долг во земјите на ЕУ драстично се зголеми во времето на кризата, но потоа не се врати на претходното ниво и остана на многу високо ниво од околу 87 отсто во еврозоната и 82 отсто во ЕУ-28. Слични се тенденциите и со јавниот долг во САД и Јапонија.
Трето, глобалните воени кризни жаришта (Сирија, Либија, Украина и др.) од една и дезинтеграциските процеси во светот (однесувањето на САД кон НАФТА и Брегзитот се најдобар пример) од друга страна, предизвикуваат големи бранови од десетици милиони багалци и мигранти што ги вознемируваат и предизвикуваат економиите во светот, пред сè оние на ЕУ и САД. Во овие случаи државите и нивните економии немаат стандардни инструменти за своја заштита, па затоа најчесто преземаат ад хок мерки, иако се чини дека мигрантските процеси ќе се забрзуваат и бараат трајни инструменти и мерки за справување со нив.
Четврто, глобалните економски трендови сигнализираат спротивставени тенденции. Економскиот раст полека се нормализира но тој се соочува со бројни закани меѓу кои заострување на условите за финансирање на финансиските пазари што се должи на нормализирање на монетарните политики на најголемите економии, а со тоа и зголемување на каматните стапки; намалување на капиталните текови и странските директни инвестиции (СДИ) во светот; зголемување на цените на основните производи, особено нафтата; и друго.
Петто, со излегувањето на В. Британија од ЕУ во март 2019 година економската позиција на ЕУ во светот ќе се промени. Тоа е важно бидејќи ЕУ, заедно со САД сега претставува близу половина од вкупната светска економија, односно околу 43 отсто од неа. Во рамките на ЕУ, чиј што БДП во 2017 година изнесува околу 15.300 милијади евра, економијата на В. Британија учествува со околу 2.340 милијарди евра или 15,3 отсто. Нејзиното напуштање ќе ја сведе економијата на ЕУ на околу 13.000 милијарди евра со што таа ќе ја изгуби рамнотежата во однос на САД. Нејзиното евентуално идно проширување со сите шест економии од Западен Балкан не може да надомести ниту 100 милијарди евра дополнителен БДП годишно за да ја компензира загубата од 2.340 милијарди евра од економијата на В. Британија. Тоа на долг рок сериозно може да се одрази на конкурентската моќ на европската економија.
Вакви предизвици има уште многу. Некои од нив се акутни, како на пример ескалацијата на трговскиот протекционизам меѓу развиените и трговски моќни економии во светот и висината на јавниот долг, а други се хронични, како на пример глобалната деградација на природната средина и загадувањето, но и многу нееднаквата дистрибуција на доходите во светот помеѓу регионите и државите, но и во рамките на секоја држава и регион посебно.
Извор: Project Syndicate
Перспективите се неизвесни
Развојот на светската економија станува неизвесен. Сите се надеваат дека тој ќе биде оптимистички, но сите преземаат де факто мерки за да го направат невозможен. Едни земји тоа го прават со непланско и од аспект на утрешнината неодржливо користење на своите природни ресурси за да имаат економски благодети денес, со што ги намалуваат перспективите за одржливост на глобалната економија на долг рок. Други тоа го прават со својата прикриена политика на стимулирање на емиграцијата на сопственото население и работната сила, бидејќи процениле дека во нивната земја тие не можат да им обезбедат работа и пристоен живот или безбеден опстанок, со што создаваат структурни економски, но и политички проблеми во земјите на имиграција, кои пак, од своја страна, сè помалку се спремни да бидат оние што тие проблеми ќе ги решаваат. Трети, во кои, за жал, спаѓаат и некои од сега развиените економии со висок доход, се обидуваат да ги решаваат своите проблеми на опаѓачката продуктивност и губењето на конкурентските предности што ги имале во меѓународната трговија со воведување протекционистички мерки што имаат чиста економска природа и нив ги прикажуваат како мерки од областа на националната безбедност. Четврти, користејќи ја состојбата на немањето униполарно, биполарно или мултиполарно глобално лидерство и состојба во која несогласувањата меѓу големите економски и воени сили се нагласени (несогласувањата постојат во рамките на Г-7, во рамките на ЕУ, на релација Русија-САД, НАТО-Русија, Кина-САД, Русија-ЕУ, а во последно време и САД-ЕУ) се обидуваат да создадат некаква своја економска или воена предност. Тоа предизвикува воведување различни и растечки трговски, финансиски и/или воени санкции кон разни држави во светот, што не води кон подобри трговски врски и економски перспективи во светот.
Како резултат на претходното веќе имаме состојба во која некои важни глобални организации, на пример, Светската трговска организација и некои важни иницијативи, на пример, Париската спогодба за климатските промени од април 2016 година се наоѓаат пред колапс или имаат проблеми да функционираат според начелата врз кои почиваат.
Ваквата поделеност и спротивставеност во светот по хоризонтална и вертикална основа не обезбедува изгледни шанси за идна економска благосостојба. Поизгледно е дека економиите уште повеќе ќе страдаат од разни глобални економски и неекономски влијанија врз нив и дека ќе се борат со сè понеизвесна иднина.
Како да се прилагодиме?
Македонија е мала земја со мало население и мала економија. Всушност, во глобални рамки, по сите овие основи таа е лилипутанска. Во немирните води на влошување на глобалните односи и нарушување на глобалните економски перспективи таа мора точно да знае што треба да прави и како тоа да го прави. Нормално, тоа што за нас е објективно зададена глобална состојба треба да се прифати како таква и да се обидеме што побрзо да се прилагодиме на тоа. Прво, како мала земја со мало население и економија ние не смееме да дозволиме да останеме сами и сами да се справуваме со сите проблеми што се надвиснуваат над нас и над светот. Тоа го наметнува прашањето за наше интегрирање во оние организации каде што сметаме дека ќе бидеме економски, безбедносно и политички позаштитени отколку да сме сами. Нашата економија секако дека ќе биде подобра, поиздржлива на надворешни шокови и попредвидлива доколку се наоѓа во групација на земји и економии што взаемно соработуваат врз основа на многу заеднички и цврсти, а за нас прифатливи начела. Се чини дека во моментов тоа е ЕУ.
Второ, независно од тоа ние мораме да ги направиме сите можни напори за функционирањето во рамките на некоја поголема интеграција или доколку сме принудени и без неа, да биде подобро. Сè што во моментов нè прави слаби на надворешните влијанија треба брзо и ефикасно да се надминува. Такви чекори се можни. На пример, контролата врз јавниот долг и неговото зголемување треба ефикасно да се воспостави за да не сме премногу и прекритично зависни од условите за негово враќање и од движењето на каматните стапки на меѓународните финансиски пазари; фискалната дисциплина и особено контролата врз јавните трошоци треба да се зголеми; монетарната политика и контролата врз финансискиот сектор да остане релативно строга; нивото на девизните резерви стриктно да се одржува, па дури и благо да се зголемува заради состојбата на глобалните пазари; економската регулатива врз некои клучни сектори во економијата (финансискиот, индустрискиот, контролата на квалитетот и сл.) да се прилагодува според највисоките европски и светски стандарди; пазарот на работната сила да се либерализира и да се направи поефективен што е можно повеќе; искоренување или барем апсолутно цврста борба со корупцијата да се воспостави брзо; и многу други слични активности.
Само така ќе можеме да сметаме дека во турбулентното и нестабилно глобално и регионално економско и вкупно опкружување ќе можеме да извлечеме максимум во секое време и нема да бидеме некритички и претерано зависни од надворешните удари.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.