fbpx

Свет полн со луѓе како Кашоги

Дауд Кутаб (Daoud Kuttab)

Политика

19.01.19

Прегледи

Дауд Кутаб (Daoud Kuttab)

Daoud Kuttab 200x250Злосторствата против новинарите се распространети низ целиот свет, особено во авторитарните режими. Поради суштинската важност на нивната работа, граѓаните треба да ја изразат својата поддршка за поголема слобода на медиумите и слободен говор.

Бруталното убиство во Истанбул на саудискиот новинар кој живеел во САД, Џамал Кашоги, и геополитичките последици од убиството веќе два месеца се главни наслови на вестите низ целиот свет. Но, овој случај воопшто не претставува аномалија. Всушност, според Меѓународниот институт за печат, насилството врз новинарите и неказнувањето на сторителите се „двете најголеми закани за слободата на медиумите во светот денес“.

Владите често го користат принципот на наградување, но и принципот на казнување за да одржуваат контрола над новинарите. Тие може да ги наградат новинарите поради тоа што се придржувале до официјалниот став, со помош на финансиски поткуп или други видови мито. Меѓутоа, оние кои не дозволуваат да бидат купени може да настрадаат, односно може да им биде ускратено некое основно право (како обновување на пасош), а и нивната репутација може да биде уништена.

За таа цел, некои автократски режими го имитираат американскиот претседател Доналд Трамп, нарекувајќи ги новинарите „непријатели“ кои шират „лажни вести“. Ова претставува мрачен пресврт за САД, земја која во историјата постави моќен позитивен пример со формалните и неформалните механизми за заштита на слободата на медиумите и нејзината силна култура на истражувачко новинарство.

Изрекувањето затворски казни е уште еден омилен начин за автократски режими да ги замолчат новинарите кои се осмелуваат да побараат морална реакција на проблемите. Во Египет, Махмуд Хусеин од „Ал Џезира“ поминал две години во притвор без судење. Во Обединетите Арапски Емирати, јорданскиот новинар Тајсер ал-Наџар отслужува тригодишна затворска казна, која ќе биде продолжена ако неговото семејство не успее да ја плати огромната парична казна од 136.000 американски долари што му била изречена за негова објава на социјалните медиуми. Во Турција, повеќе од 150 новинари се затворени уште од неуспешниот државен удар во јули 2016 година, со што земјата стана најголем затвор на новинари во светот.

Секако, има новинари кои морале да ја дадат и најстрашната жртва во полза на вистината. Од една страна, 73 новинари досега се убиени оваа година, а во 12 земји пет или повеќе убиства на новинари останале нерешени во 2017 година. Ова не се однесува само на земјите во кои има насилство, како Ирак, Сомалија и Сирија, туку и на демократските (и квазидемократските) земји, како Бразил, Индија, Мексико, Нигерија и Русија.

Таквите земји, кои претежно се сојузници на САД и другите западни земји, честопати не морале да платат никаква политичка или дипломатска цена за нивните постапки. Во оваа смисла, убиството на Кашоги испраќа моќна порака.

Многумина веруваат дека саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман го нарачал убиството. Сепак, од новинарите и активистите за човекови права во земјите во развој кои користат или зависат од финансиска поддршка од Саудиска Арабија љубезно (или не толку љубезно) се бара да молчат додека МБС е на турнеја низ регионот со цел да го подобри својот имиџ.

На пример, во многу арапски земји да се преземе било каква постапка или да се објави нешто што би можело да наштети на угледот на „братска или пријателска земја“ е кривично дело. Значи, додека туниските активисти за човекови права протестираа против неодамнешната посета на МБС, многу арапски активисти мораше да се воздржат од тоа, и покрај тоа што силно се противат на активностите на саудискиот лидер, само за да избегнат затвор.

Дури и некои западни земји не заземаа став. Трамп, на пример, изјави дека „дава поддршка“ на Саудиска Арабија, која е близок сојузник на САД, главно за да ги заштити големите договори за оружје со Кралството.

Меѓу ретките кои се доволно храбри да зборуваат, се палестинските новинари кои живеат под израелска окупација. Повеќе од 150 независни палестински новинари ја потпишаа Петицијата на Авааз во која се вели дека неговото убиство претставува „опасен преседан што ги загрозува животите на новинарите, нивното право на слободно изразување, слободата на новинарската работа и правото на јавноста да биде информирана“.

Петицијата не се задржува само на случајот со Кашоги, туку таа и повикува на донесување на „обврзувачки закони кои ги штитат новинарите, го гарантираат нивното право на работење на слобода и ги казнуваат оние што ќе го прекршат ова право“.

Со оглед на тоа колку се широко распространети злосторствата против новинарите и од колкава суштинска важност е нивната работа за нашите општества, барањата на петицијата заслужуваат поддршка на сите граѓани каде што слободата на медиумите е ограничена или под закана.

Дауд Кутаб, поранешен професор по новинарство на програмата Ферис при Универзитетот Принстон, е претседател на Комитетот за слобода на печатот во одборот на Меѓународниот институт за новинари. Следете го на twitter.com/daoudkuttab.

Copyright: Project Syndicate, 2018.
www.project-syndicate.org

Дауд Кутаб (Daoud Kuttab)

Дауд Кутаб, поранешен професор по новинарство на програмата Ферис при Универзитетот Принстон, е претседател на Комитетот за слобода на печатот во одборот на Меѓународниот институт за новинари. Следете го на twitter.com/daoudkuttab.