fbpx

Вештачката интелигенција ќе има огромно влијание врз глобалната политика во следниве десет години

Сабин  Селими

Политика

27.03.20

Прегледи
ALB  ENG

Сабин Селими

Sabin Selimi 200x250За правилно постапување по прашањето на ВИ, потребна ни е посилна соработка помеѓу државните институции: владите, агенциите за спроведување на законот, правосудството и парламентите; приватниот сектор, академијата, граѓанското општество и општата јавност.

Јавниот дискурс за ефектите од ВИ главно беше фокусиран на стравот од нејзино надминување на човечката интелигенција и излегување од контрола, како и на загриженоста дека новите интелигентни машини ќе ги заменат луѓето во секој аспект на животот, од возење автомобили до дијагностицирање болести итн. Меѓутоа, ВИ ќе има значително влијание и врз идната глобална политика. Ќе им овозможи на владите да го припојат кон себе дигиталниот свет, обезбедувајќи алтернатива за отворените политички системи.

ВИ во името на националната безбедност

Изминатава деценија беше период во кој државите ја вклучија ВИ во своите орбити, оправдувајќи го тој потег во името на националната безбедност. Најочигледен пример за тоа беше Кина, каде настаните по ова прашање поконтроверзно се развиваат. Властите во Пекинг користат ВИ за изградба на Орвелска држава и веќе започнаа да градат систем кој користи машинско учење и алатки за надзор, со цел да ги контролаат своите граѓани на своја територија. Пекинг ќе може да цензурира одредени теми и начини на однесување со цел да овозможи слободен проток на информации за економски продуктивни активности, притоа ограничувајќи или елиминирајќи го сето она што може да им наштети на властите и на самиот систем. Исто така, ВИ е онолку добра колку и податоците до кои има пристап и како таква ќе овозможи предвидувачка контрола на потенцијалните опоненти на системот, што ќе наликува на таргетирањето потрошувачи што го прават Гугл и Амазон, но ќе биде пософистицирано и поефективно, дозволувајќи им на властите да користат податоци на начини коишто досега биле незамисливи. Сето ова претставува рана индикација за драконска дигитална иднина.

Сепак постои сè поголем интерес за технологија заснована на ВИ кај институциите надлежни за спроведување на законите и националните агенции за безбедност низ целиот свет. Распростанетата примена на ваквата технологијата за национални безбедносни прашања веројатно ќе ја зголеми зачестеноста на настани како скандалот во Мексико, во кој се откри дека владата надледувала новинари со помош на малвер (штетна/злонамерна програма што се користи при напад на компјутерски систем, анг. malware). Неодамна, во југоисточниот агол на Европа, проектот за безбеден град на кинескиот бренд Huawei во главниот град на Србија, Белград, со кој е замислено инсталирање камери способни за препознавање на лица и регистарски таблички, на стотици локации низ градот, предизвика национален бес, тврдејќи дека таквата алатка за надзор, поддржана од технологија заснована на ВИ, ќе ѝ понуди на српската влада начин да потиснува политичко несогласување. Иако ова може да биде моќна алатка за службениците одговорни за спроведување на законот, при пронаоѓање осомничени криминалци или терористи, таа исто така може да се претвори во оружје за контрола на луѓето. За креаторите на надворешната политика, овие случаи сигнализираат засилување на „противречностите на Сноуден“ и потреба за заштита на приватноста и комуникациските права на медиумите и граѓанското општество во нелибералните демократии.

Vestackata inteligencija ke ima ogromno vlijanie vrz globalnata politika vo slednive deset godiniИзвор: brinknews.com

ВИ и рамнотежата на моќта на светската сцена

ВИ, исто така, ќе влијае на рамнотежата на моќта на светската сцена. Во изминатите неколку децении, рамнотежата на глобалната моќ се одржува со концептот на нуклеарно одвраќање на земјите вооружени со нуклеарно оружје. Сега, со ВИ се јавува потенцијал за унапредување на безбедносните интереси, предизвикувајќи вжештена трка меѓу земјите, за добивање стратешка предност. Земјите веќе работат на развивање оружја засновани на ВИ, со што ќе се подобрат борбените способности, а на самиот терен ќе има помал број војници кои ќе бидат изложени на повреди или смрт. Националната стратегија за ВИ на Кина покажува колку сериозно владите ја сфаќаат оваа нова технологија, вложувајќи многу верба и напори за иднината на ВИ. Во својот говор пред три години, претседателот на Русија, Владимир Путин, рече дека земјата која ќе стекне предност во поглед на технологијата заснована на ВИ „ќе биде владетел на светот“.

Начинот на кој ќе се користи ВИ може да има сериозни последици за глобалната политика, особено ако една земја има поголеми можности од друга, што, како резултат, може да ја промени рамнотежата на моќта. Може да се појават тешкотии за одржување на рамнотежата на моќта на одреден регион доколку некои земји вклучат технологија заснована на ВИ во својата орбита, со што би се оттргнале од историски неповолната позиција во која се наоѓале, споредено со нивните соседи. Мал број земји ќе можат да си дозволат одговорна примена на ВИ на бојното поле, бидејќи ќе има земји што нема да постапуваат одговорно по ова прашање, поради можноста да се стават себеси во стратешки неповолна позиција во однос на друга земја. На пример, во кинескиот дискурс не постои пристап кон етички прашања поврзани со таквите оружја. Производителите на оружје во Русија најавија планови за развој на оружја засновани на ВИ, како што се проектили и мали оружја. Глобалните институции и договори што обезбедуваат мир и стабилност во меѓународниот систем не се осмислени да се применуваат на систем што вклучува ВИ. Сепак, новиот консензус меѓу САД, Европската унија, Кина, Русија и други растечки сили на ВИ, за посебни норми ќе биде клучен за контролирање на претстојната трка за оружје заснованo на ВИ.

ВИ и недржавни актери

Од многу аспекти, претворањето непреносливи облици на побарувачка во преносливи инструменти, одн. секуритизацијата на дигиталниот свет е природен глобален развој со сè поголемо присуство на недржавни актери во меѓународниот систем на 21-от век. Терористички групи и криминални организации кои сакале да извршат неморални дејствија и да внесат хаос во општествата, користеле дигитални алатки за да ги постигнат своите цели на неконвенционални начини.

Најголемата закана од оружје засновано на ВИ не доаѓа од поединечни земји. Заканата ќе дојде од недржавни актери ако такви оружја паднат во нивни раце, што подразбира зголемена асиметрија меѓу националните воени и терористички групи и криминалните организации што одат напред во некои аспекти на идно војување. Недржавните актери и земјите во иднина ќе можат да водат виртуелни битки меѓу различни форми на ВИ, стремејќи се да се деактивираат едни со други со злонамерен код или дезинформација. Во време кога популизмот е во пораст и националистичката политика повторно заживува, ВИ може да се употреби за таргетирање одредени групи луѓе за тие да се потпираат на лажни информации или да се постапува спротивно на нивните интереси со значителни намерни ефекти, заканувајќи се на интегритетот на демократскиот дискурс и угледот на државните институции.

Идни чекори

За правилно постапување по прашањето на ВИ, потребна ни е посилна соработка помеѓу државните институции: владите, агенциите за спроведување на законот, правосудството и парламентите; приватниот сектор, академијата, граѓанското општество и општата јавност. Задачата е застрашувачка, но не и невозможна. Државите треба да водат сметка приватниот сектор, кој ја сноси одговорноста за дизајнирање, програмирање и спроведување на ВИ-технологии, да се придржува до стандардите за човекови права. Државите исто така треба да инвестираат во иницијативи за подигнување на јавната свест и едукација за развој на компетенциите на сите граѓани и особено насочување на младите активно да се вклучат во работата со технологиите засновани на ВИ и подобро да го разберат нивното влијание.

Новата технолошка револуција ќе наметне сериозни предизвици во однос на идејата за консолидирање на демократските институции и социјалната еднаквост, бидејќи практиките за надзор кои функционираат со помош на технологиите засновани на ВИ можат да ги ограничат граѓанските права и слободи. Во надлежност на меѓународната дипломатија е да комуницира за одговорно користење на ВИ со остатокот од светот. Треба да се размисли дали употребата на ВИ значи попаметни и иновативни влади или масовен надзор и демократии во распад? Вистината е дека во моментов одговорот е нејасен, што истовремено е загрижувачко и возбудливо. Распространетоста и развојот на ВИ и пристапот до „големи податоци“ во новата ера претставуваат морален лавиринт за владите до целиот свет.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Сабин  Селими

Сабин Селими работи за швајцарската организација за развој, Хелветас, како директор за комуникација во регионалната програма RECONOMY, финансирана од Шведската агенција за меѓународна соработка. Претходно, тој има искуство во комуникациски и советодавни работни позиции во јавниот сектор и меѓународно финансирани проекти, со искуство на Балканот. Како стипендист на Чивнинг, тој ги завршил магистерските студии по меѓународна јавна политика на Универзитетскиот колеџ во Лондон. Како добитник на претседателската стипендија (Presidential's Scholarship), тој ги завршил своите додипломски студии по економија и меѓународни студии на Американскиот универзитет во Вашингтон.