fbpx

Дали 2024 ќе биде новата 1933 година?

Марк Џонс

Политика

09.02.24

Прегледи

Доаѓањето на Адолф Хитлер на власт во 1933 година е прашање кое и понатаму е мошне релевантно и денес. Во многу држави во светот оваа година се одржуваат избори и, иако се забележуваат знаци на предупредување, премногу мал е бројот на коментатори, политичари и бизнис лидери кои отворено признаваат дека се гласа за прашањето на самата либерална демократија.

На 30 јануари 1933 година, Адолф Хитлер беше назначен за канцелар на Германија. За неговите поддржувачи, тоа беше ден на „национална револуција“ и на повторно раѓање. Тие веруваа дека на Германија ѝ е потребна обновувачката сила на авторитарниот моќник по изминати 14 години на либерално-демократскиот Вајмарски „систем“. Таа ноќ, кафените кошули кои ја носеа идејата на Хитлер маршираа низ центарот на Берлин за да го одбележат почетокот на новото време.

Тоа исто така беше и триумфален момент во историјата на измама на народот. Уште од самите почетоци на Вајмарската Република, нејзината политика се карактеризираше со кампањи за дезинформации, меѓу кои беше и лагата за тоа дека вајмарската демократија е дело на еврејската кабала и на социјалисти кои „ѝ забоделе нож во грб на Германија“ со цел да биде поразена во Првата светска војна.

Денес, малкумина се оние кои оспоруваат дека доаѓањето на Хитлер на власт било пресвртница во светската историја и почеток на политички процес кој ќе доведе до Втората светска војна и до холокаустот. Но, Хитлер не ја „презел власта“, како што подоцна тврдеа нацистите туку, како што објасни неговиот биограф Иан Кершо, тој беше „донесен на власт“ од мала група на влијателни луѓе.

Еден од тие луѓе беше Франц фон Папен, кој бил канцелар во 1932 година. Папен (неточно) мислел дека Хитлер и Нацистичката партија, која била убедливо најголемата партија по изборите за Рајхстагот одржани во 1932 година, ќе може да се искористат за унапредување на конзервативната агенда. Слично на тоа, германскиот претседател, поранешниот фелдмаршал Пол фон Хинденбург, сакаше да го искористи Хитлер за да ја врати монархијата.

Но, плановите на овие конзервативци набрзо биле збришани од немилосрдното раководство на Хитлер, од нацистичкото насилство и брзањето на јавноста во Германија да му се приклучи на режимот и да стане дел од ветеното национално повторно будење. Либералите и социјалдемократите кои му се спротивставиле на Хитлер биле или предмет на насилство или биле затекнати во својот оптимистички ескапизам. Колку и да станале работите лоши, тие сепак се увериле себеси дека владеењето на Хитлер на крајот ќе пропадне и дека нацистичките меѓусебни превирања сигурно ќе значат крај за новата влада.

Освен либералите и социјалистите, поширок дел од германското општество претпоставувал дека Хинденбург, кој ветил дека ќе биде претседател на сите Германци, ќе го „заузда“ Хитлер, додека други, пак, очекувале дека армијата ќе биде таа која ќе го стори тоа. Сите биле измамени од способноста на Хитлер да изгледа угледно во последните години од Вајмарската Република.

Во рок од 100 дена откако Хитлер станал канцелар, како што покажа историчарот Петер Фрицше, немилосрдната желба на нацистите за моќ веќе стана многу јасна. До крајот на летото 1933 година, германското општество беше ставено во ред. Немаше повеќе независни политички партии, синдикати или културни организации. Само христијанските цркви биле тие кои задржале одреден степен на независност.

Една година подоцна, во летото 1934 година, Хитлер наредил да бидат убиени неговите внатрепартиски ривали и, по смртта на Хинденбург на 2 август, се прогласил себеси за  германски фирер. Со тоа, неговата диктатура била заокружена а во тој период веќе биле воспоставени и функционирале првите концентрациони логори, додека економијата била ставена на воена патека.

Овој период од историјата веќе станува мошне релевантен и во денешен контекст. Стотици милиони луѓе ќе гласаат на избори оваа година, и иако се забележуваат знаци на предупредување, мал е бројот на коментатори кои се подготвени да кажат гласно дека 2024 година можеби е новата 1933 година.

Замислете како ќе изгледа светот за една година од сега, кога дезинформациите ги симнуваат демократските мнозинства ширум светот. Претседателот Доналд Трамп ја прекинува поддршката на САД за Украина. НАТО повеќе не е организацијата која ги ограничува соништата на Владимир Путин за создавање на нова руска империја во Источна Европа. Критична маса на екстремно десничарски партии во Европскиот парламент го блокира единствениот европски одговор. Полска, Естонија, Литванија и Летонија се препуштени сами на себе. Откако војната во Газа се проширува во регионален конфликт, Путин ја искористува можноста да започне уште еден блиц во кој се користат ракети со долг дострел. И средe целиот тој хаос, Кина се одлучува да го заземе Тајван.

Изгледите за 2024 година се толку мрачни што многумина одбиваат и да размислуваат за нив. Исто како што либералите во 1933 година предвидувале дека Хитлер брзо ќе пропадне, ваквите желби денес се она што ни го заматува расудувањето. Ние месечариме (да ја употребиме метафората на Кристофер Кларк на почетокот на Првата светска војна) во нов меѓународен поредок.

Во својот маестрален двотомен историјат на периодот помеѓу двете светски војни, Зара Штајнер ја нарекува 1929-33 година како „години на шарки“, кога идеализмот во меѓународните односи бил заменет со „Триумфот на темнината“. Но, во 1926 година, изгледало како либералите да победуваат: францускиот министер за надворешни работи Аристид Бриан и неговиот германски колега Густав Штреземан го споделија Нобеловата награда за мир за нивната работа на француско-германското помирување а Германија се приклучи на Лигата на народите. Се чинеше дека екстремниот национализам е изолиран само во Италија под водство на Мусолини.

Соочени со денешниве глобални кризи, не постои простор за оптимизам. Ние сме, потенцијално, во уште една таква „година на шарки“. Ако либералите дејствуваат сега и веднаш, тие сепак ќе имаат можат да превладеат.

Да укажеме на еден ветувачки знак – стотици илјади Германци неодамна излегоа на улиците да ја поддржат демократијата и различноста и да ја осуди екстремната десница. Но, демонстрациите во една земја не се доволни. На германските либерали неопходно е да им се придружат и други низ целиот европски континент и само демонстрации на едно таквo ниво (цел континент) би испратиле моќна порака. Чувството на итност мора да се проширува и кон горните слоеви, особено кај деловните лидери како што е извршниот директор на „JPMorgan Chase“ Џејми Димон, кој, за да го заштити својот влог, веќе започна да му се умилкува на Трамп.

Не толку одамна, европските лидери се собраа на едно место и направија сè што беше потребно да се спаси еврото, затоа што препознаа дека неуспехот на единствената валута ќе стави и крај на самата Европска Унија. Европејците сега мора да постапат со истата итност за да се справат со овогодинешните закани. На ЕУ ѝ треба план за свет во кој нема да постои НАТО. Потребни ѝ се нови алатки за да се справи со лидерите на земјите-членки како што се унгарскиот премиер Виктор Орбан и словачкиот премиер Роберт Фицо, кои и двајцата попрво би ја бакнале раката на Путин отколку да ја бранат демократијата. Едноставно е неприфатливо Орбан сè уште да има можност за вето во одлучувањето во ЕУ.

Политичката мобилизација во САД е една голема променлива. Противниците на Трамп мора да ги остават настрана разликите и да се обединат зад претседателот Џо Бајден. Премногу добро знаеме каде може да нè доведат неединството и наивниот оптимизам.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Марк Џонс

Марк Џонс е асистент професор по историја на Универзитетскиот колеџ во Даблин и автор на „1923: Заборавената криза во годината на Хитлеровиот пуч“ (Basic Books, 2023).