fbpx

Екстремизам од реката па сè до морето

Карл Билт (Carl Bildt)

Политика

24.01.24

Прегледи

Доколку ги земеме предвид сите алтернативи, исходот кој ќе значи постоење на две држави е нешто што останува единствената остварлива опција за мир помеѓу Израел и Палестина. Иако ова решение наидува на отпор кај екстремистите од двете страни, сè уште постои можноста дека оние кои се умерени ќе надвладеат по завршувањето на борбите, под услов да имаат поддршка за тоа од САД, Европската Унија и од арапските држави.

Вкупната официјална бројка на загинати Палестинци во Газа сега е поголема од 25.000, а сè уште не се гледа крајот на воениот судир, ниту, пак, се забележува јасност на стратешките цели на Израел. Дебатите за тоа што ќе треба да се случи по завршувањето на војната добиваат на интензитет. Соединетите Американски Држави се сè погласни во својот повик за обновување на напорите кои ќе значат решение во вид на две држави, што со години е политика и на Европската Унија и на поголемиот дел од меѓународната заедница. Арапската мировна иницијатива, исто така, има за цел да формира две држави за двата народи кои живеат на подрачјето помеѓу Средоземното Море и реката Јордан.

Но, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху уште еднаш јасно се изјасни против таквото решение: „Нема да направам компромис во однос на целосната безбедносна контрола, од страна на Израел, над целата територија која се наоѓа западно од Јордан – и тоа е спротивно на постоење на палестинска држава“. Ова го потврдува сомнежот кој постои веќе подолго време: со години, политиката на Нетанјаху имаше за цел да блокира придвижување кон решение кое ќе значи постоење на две држави, и во голема мера успеа во тоа.

За жал, поборниците за решение во вид на две држави ја немаат главната позиција во сегашниот јавен дискурс, ниту во Израел, ниту на палестинските територии. Со беснеењето на војната емоциите се високи, а екстремистите од двете страни имаа постојана политичка корист од тоа. Се продлабочува чувството на меѓусебно непријателство, а малку внимание е посветено на долгорочните можности за постигнување мир. Но, тоа на крајот ќе се промени и потенцијално ќе овозможи поконструктивни форми на дискусија.

Секако, преминот од сегашната воена состојба кон иднина која ќе значи постоење на две држави нема да биде лесен. Граничните прашања ќе мора да се решат, заедно со статусот на Ерусалим (кој за двете страни е можеби најчувствителниот аспект на спорот). Големите нелегални еврејски населби на окупираната територија остануваат една од најголемите и најочигледните пречки за постигнување напредок.

Сепак, евентуалното решение во вид на две држави не е толку незамисливо, како што сугерираат критичарите. Постојат повеќе можни решенија во оваа насока. Пред неколку години, американскиот тинк-тенк RAND објави визионерски истражувачки бриф кој содржи постоење на еден „лак“ составен од палестински градови кои, со современа железница, се поврзани со Газа на југ и со пристаништето Хаифа на север.

Проблемот, се разбира, е тоа што решението за постоење на две држави не е единственото нешто што е во оптек. На двата екстремни краеви од израелскиот и палестинскиот политички спектар, претпочитаната опција е да се создаде една држава „од реката па сè до морето“. Во зависност од тоа која страна ќе преовладее, ова би била или палестинска држава која ќе ја замени (и со тоа ќе ја згасне) државата Израел или тоа ќе биде еврејска држава која ја отфрла самата идеја за постоење на палестинска држава на тоа подрачје.

Точно е дека, од теоретски аспекти, може да се замисли постоење и на една единствена држава на Евреи и Палестинци во која и двата народи ќе живеат во мир и во рамки на демократски политички систем кој ќе гарантира еднакви права за сите. Меѓутоа, во пракса, веројатно ќе бидат потребни векови за да се постигне таков исход. Бидејќи немаме толку време, тоа и не претставува релевантно решение.

Верзијата на Хамас „од реката па сè до морето“ исто така не е нешто ново. Не само што Израел има право да се брани, туку неговото постоење е цврсто поддржано од меѓународната заедница, како и од голем дел од арапскиот свет. Иако военото крило на Хамас продолжува да ја застапува својата фанатична опција, неговите политички лидери понекогаш зборуваат за прифаќање долгорочен прекин на огнот („худна“), што подразбира де факто признавање на „ционистичкиот ентитет“.

Екстремната израелска верзија на „од реката па сè до морето“, која сега јасно е фаворизирана од елементи на владата на Нетанјаху, повикува на мерки за тоа повеќе од пет милиони Палестинци кои живеат во Газа и на Западниот Брег да бидат „охрабрени“ да си заминат. Со оглед на тоа што има уште малкумина кои и понатаму се лишени од политички права, резултат од тоа ќе биде држава која е изградена врз комбинација на етничко чистење и експлицитен апартхејд. Но, ваквиот тек на работите најверојатно ќе доведе до повторни изливи на насилство и конфликти, што ќе го втурне регионот во уште поголем хаос.

Додека Нетанјаху го изразува своето противење на решение во вид на две држави, тој дури ни оддалеку не посочи каков, всушност, исход би сакал да види. Поради непостоење на насока и поради запаѓањето од една во друга криза, Нетанјаху (намерно или не) го насочува Израел по патеката на една држава, што е решение кое е фаворизирано од неговите најекстремни сојузници, и на тој начин уште повеќе се оддалечува од евентуалниот мир.

Со оглед на тоа кои се алтернативите – кои не можат ниту да се наречат „решенија“ – исходот во вид на постоење на две држави останува единствената остварлива опција за постигнување мир. Откако ќе завршат сегашните борбени дејствија (и тоа колку побрзо, толку подобро), сите дипломатски напори за обнова ќе треба да се концентрираат на враќање на регионот на патеката која ќе води кон постоење на две држави.

Секако дека ќе има отпор кај екстремистите од двете страни кои скандираат „од реката па сè до морето“, но надежта е дека умерените сили кај секоја од страните на крајот ќе надвладеат и тоа со поддршка од клучните играчи како што се САД, ЕУ и арапските држави. Тие, и само тие, можат веродостојно да тврдат дека знаат кој е патот кој ќе води кон остварување на траен мир.

Авторски права: Project Syndicate, 2024. www.project-syndicate.org Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Карл Билт (Carl Bildt)

Карл Билт е поранешен министер за надворешни работи на Шведска од 2006 до 2014 година и премиер од 1991 до 1994 година, за време на кој мандат преговараше за пристапувањето на Шведска во ЕУ. Како угледен меѓународен дипломат, тој беше специјален пратеник на ЕУ во поранешна Југославија, висок претставник за Босна и Херцеговина, специјален пратеник на ОН на Балканот и копретседавач на Дејтонската мировна конференција. Тој е копретседавач на Европскиот совет за надворешни односи.