fbpx

Европа мора да се бори против наглиот подем на екстремната десница

Филип Легреин

Политика

24.06.24

Прегледи

Откако екстремната десница освои добри резултати на изборите за Европскиот парламент, главните партии се соочени со избор – или да седат со скрстени раце и да не прават ништо или директно да се соочат со проблемот, како што се чини дека тоа го прави францускиот претседател Емануел Макрон. Да се одговори на предизвикот на блефот ставен на масата од страна на популистите претставува најголема шансa за победа затоа што ќе покаже на кој начин тие радикални политики би можеле, всушност, да имаат спротивен ефект.

Екстремно десничарските популистички партии поминаа исклучително добро на изборите за Европскиот парламент – беа први во Франција, Италија и во уште три други земји и освоија речиси четвртина од сите места во Парламентот, веднаш зад центристичката десница.

Со оглед на тоа што Европа веќе се опоравува од војната во Украина, а тука се и заканата од освојувањето втор мандат за Доналд Трамп во Соединетите Држави, стагнирачкиот животен стандард, вкочанетите системи на социјалната помош и екстремните временски прилики, сериозна закана претставуваат токму националистите. Овие партии честопати се сочувствителни кон рускиот претседател Владимир Путин и искажуваат отворено непријателски став кон зелените политики, мигрантите и институциите на Европската Унија.

Главните проевропски партии имаат три широки опции според кои би можеле да реагираат: задоволство од она што го постигнале, кооптирање или контранапад. Да почнеме со тоа како би изгледале нештата доколку работите продолжат да се одвиваат како и досега. Многу од жителите на Европа (погрешно) сметаат дека изборите во ЕУ се избори кои немаат последици. Излезноста е многу помала отколку на националните избори, а голем број од луѓето гласаа како протест и тоа честопати против владејачките партии.

Дури и во една таква констелација, про-ЕУ партиите сепак ќе имаат мнозинство во следниот состав на Парламентот. Десничарската Европска народна партија (ЕПП) која е предводена од претседателот на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, всушност, освои повеќе пратенички места.

Дополнително на тоа, постои длабока поделба кај екстремно десничарските партии и тоа во вид на две меѓусебно спротивставени парламентарни групи, а некои од нив се и независни. Тие не се согласуваат околу војната во Украина, економската политика, правата на ЛГБТК и, најважно од сè, дали да функционираат во рамките на системот на ЕУ или против него. Јасно е дека таквиот раздор го разводнува нивното влијание.

Но, задоволството од тоа дека она што е постигнато е доволно, претставува опасна работа. Центарот успеа да се одржи само затоа што е дефиниран во уште поширока смисла, при што ги опфаќа не само ЕПП и Социјалистите и Демократите (S&D), туку и класичните и социјални либерали од Обнова на Европа и Зелените. Фон дер Лајен едвај има доволно гласови во Парламентот повторно да биде избрана за претседател на Комисијата, а на тајно гласање може да се случи сè. Сето ова не оди во прилог на укажувањето дека постои силен и стабилен про-ЕУ центар, особено затоа што ЕПП ги освои овие резултати делумно и со кампањата против зелената агенда на блокот.

Уште позагрижувачки е тоа што изборите го преуредија политичкиот пејзаж во клучните земји-членки на ЕУ. И покрај неонацистичките тенденции и сомнителните врски со Русија и Кина, екстремистичката Алтернатива за Германија (AfD) заврши на второто место во Германија, пред Социјалдемократите (СПД) на канцеларот Олаф Шолц. Во Франција победи Националниот собир со 32% од гласовите, што е над двојно повеќе од гласовите на центристичките сојузници обединети околу претседателот Емануел Макрон. Ова беше крупен пораз што го натера Макрон да распише предвремени избори. Во таа смисла, двајцата најмоќни европски лидери се сериозно ослабени а блокот потенцијално е оставен без кормилар, и тоа во очи на големите економски, безбедносни и климатски предизвици.

Втора опција е да се излезе во пресрет на крајната десница, која е исход кој е заеднички на национално ниво во државите. Голем број на централно-десничарски партии ги прифаќаат наративите и политиките на крајната десница, особено во однос на миграцијата (како што прават некои централно-левичарски партии) а во неколку земји-членки тие дури и владеат заедно.

На ниво на ЕУ, прагматичарите тврдат дека некои екстремно десничарски партии би можеле да бидат внесени во конзервативниот мејнстрим. Го забележуваме додворувањето на италијанскиот премиер Џорџа Мелони од страна на фон дер Лајен, која (Џорџа) се етаблира како традиционална конзервативка и покрај неофашистичките корени на нејзината партија Браќа на Италија (FdI), и која го подигна својот профил работејќи заедно со институциите на ЕУ наместо против нив (ова е стар трик: по конфликтот со властите на ЕУ што за малку ќе доведеше до исфрлање на Грција од еврозоната во 2015 година, нејзината цврсто-левичарска Влада на Сириза беше, на крајот, „намамена“ во про-ЕУ кампот.)

Ризикот тука е екстремната десница да го кооптира десниот центар, наместо да се случи обратното. Да размислиме само како пристапот на ЕУ кон барателите на азил се промени од тогашната политика на добредојде на германската канцеларка Ангела Меркел во 2015 година до речиси универзално присутно непријателство кое постои сега. Згора на тоа, екстремно десничарските партии можат да добијат на сила како што се нормализираат нивните ставови – нешто што се потврди со победата на Партијата за слобода (PVV) на Герт Вилдерс на минатогодишните општи избори во Холандија.

Прифаќањето, пред сè, на крајната десница може спектакуларно да резултира со контраефект. Имено, партијата Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан еднаш имаше места во ЕПП а сега тој е про-Путински отпадник кој со презир се однесува кон владеењето на правото и демократските права. И додека Мелони може да биде пријатен соработник за некои центристи, се чини дека никој не сака да соработува со Националниот собир на Франција, а уште помалку со германската AfD.

Сето тоа ја внесува во игра третата опција: борба против крајната десница. Макрон се одлучи да го следи овој курс со распишување на предвремени парламентарни избори. Ваквиот потег се смета за коцкање во кое влогот е голем, со оглед на непопуларноста на Макрон и на непријателското расположение на електоратот. Франција би можела да избере екстремно десничарски премиер во вториот круг од гласањето кој е предвиден за следниот месец. Во тој случај, Макрон би станал скорешен бивш претседател, со неговите преостанати три години од мандатот.

Сепак, неговата позиција во секој случај беше сериозно ослабена а неговата владина коалиција, која нема парламентарно мнозинство беше соочена со ризик да го загуби гласањето за недоверба. Распуштајќи го Националното собрание, Макрон повторно ја презема иницијативата и отвора два можни правци за поразување на крајната десница.

Како прво, кампањата би можела да го насочи вниманието на гласачите кон екстремно десничарската закана, која би можела да му помогне на Макрон да обезбеди парламентарно мнозинство составено од леви и десни партии, при што сите се обединети во желбата да се оневозможи доаѓањето на Националниот собир на власт. Со оглед на непопуларноста на Макрон, ова изгледа малку веројатно.

Поверојатно е сценарио според кое Макрон би можел да ја „намести“ екстремната десница да не успее. Популистите имаат тенденција најдобро да се претставуваат тогаш кога се аутсајдери кои ги предизвикуваат етаблираните партии, а притоа не сносат одговорност. Забележете, само, како конзервативците во Обединетото Кралство, откако го исполнија своето ветување за Брегзит, се соочија со последиците од таквата реалност а популарноста на PVV на Вилдерс веќе се стопи откако таа партија е во владата.

Доколку Националниот собир освои мнозинство или доколку предводи поширока десничарска коалиција, најверојатно ќе се соочи со суровата одговорност на тоа да се биде на власт - како што се тешките фискални одлуки и тоа дали и како да се соработува со институциите на ЕУ.

Ублажувањето на нејзините тврдокорни политики би можело да ја еродира нејзината предност која ја има во однос на естаблишментот а донесувањето на таквите политики би можело да ја втурне земјата во криза. Во секој случај, ова може да ја поткопа популарноста на неговата лидерка, Марин Ле Пен, пред нејзиното веројатно кандидирање за претседател на државата. Подобро е да има екстремно десничарски премиер во 2024 година отколку екстремно десничарски претседател во 2027 година.

 

Филип Легреин

Филип Легрен е виш визитинг соработник во Европскиот институт на Лондонската школа за економија, основач на Мрежата за отворена политичка економија (OPEN), и колумнист за Project Syndicate, Foreign Policy и други меѓународни медиуми.