Службениците за млади во институциите треба поефикасно да комуницираат со младите преку проактивен пристап и адаптиран јазик, додека институциите треба да дадат поддршка и простор за да се обезбеди поголема препознатливост на позицијата службеник за млади.
Службеник за млади е лице вработено во институција кое е назначено од раководителот на истата, да комуницира, помага и активно да придонесува за младите.
Оваа обврска произлегува од Законот за младински политики и младинско учество и во голем процент е исполнета, но во пракса, ефикасноста ја нема. Тоа се должи на несоодветната комуникација на службениците за млади, потценувањето на позицијата од раководителите на институциите и непрепознавањето на потребата - младите да имаат лице кое ќе зборува на „нивен јазик“, ќе одговара на нивните прашања и барања и навремено ќе ги информира за сите прашања од нивни интерес.
За да се придонесе за подобрена и поефикасна комуникација на службениците за млади, во рамки на иницијативата „Службеник за млади - мост меѓу младите и институциите“, неформална група на млади лица од партиите СДСМ, ВМРО ДПМНЕ, ДОМ, ДУИ и еден граѓански активист, со поддршка на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), а во рамки на програмата Институт за напредно политичко лидерство (АЛПИ), изработи Документ со насоки за ефективна комуникација на службениците за млади.
Целта на овој документ е да им помогне на назначените службеници во општините и во државните институции во нивната комуникација со младите, но и со сите граѓани кои се обраќаат на институцијата во врска со младински прашања.
Законот за младинско учество и младински политики определува назначување службеник за млади како обврска на институциите и повеќе од 90% од институциите назначиле службеник. Обврските на службениците за млади не се јасно дефинирано со донесениот Закон и истите се детализирани со одлука на Влада.
Врз основа на наведената одлука институциите изработуваат решенија со конкретни обврски кои се доделуваат на назначените службеници за млади.
Сепак, самиот Документ констатира дека дополнително треба да се детализираат обврските преку измени на Законот за младински прашања и младински политики и преку одлуки на Влада и институциите засебно со цел појасна слика за работата на службениците и нивна поголема препознатливост кај младите.
Што содржи Документот?
Документот содржи препораки: како, каде и кога службеникот за млади да комуницира со младите и со пошироката јавност. Документот со насоки дава јасни препораки за службениците за млади, но и содржи дел каде што се наведени препораки за институциите и препораки за младите.
Овие аспекти од содржината го прават овој документ сеопфатен и истовремено, ја појаснуваат работата на службениците за млади ширум државата.
Во своите препораки авторот Драган Атанасов од Сојуза за младинска работапоаѓа од важноста на комуникацијата во работата на еден службеник за млади. Комуникацијата е основа на работата на службеникот и покрај тоа што природата на работата во одделни институции се разликува. Одлуката на Владата ја потенцира важноста на комуникацијата, а службеникот претставува лице за информирање на младите, информирање на сите граѓани за младински прашања и комуникација со форми на младинско организирање.
Извор: freepik.com
Оттука и документот кој е предмет на овој текст е од особено значење затоа што конечно, комуникацијата е предмет на анализа, а не е дел од одреден пообемен документ како што е Прирачникот за локални младински совето на Мисијата на Обсе во Скопје во кој полето на комуникација е само едно поглавје.
Како еден службеник за млади да комуницира со младите?
Службеникот треба да го прилагоди јазикот на начин кој е разбирлив за младите и да одговара на комуникациските стилови и потребите на младите. Тоа вклучува разјаснување на одредени термини кои за младите се апстрактни, а се користат во административниот јазик, потоа, паметен избор на каналот врз основа на претходно истражување за процентот на користење на младите за тоа каков тип на канали користат и фокус на дигиталниот начин на комуникација.
Институцијата и службеникот треба да создадат наратив кој е ориентиран кон младите. Тој наратив подразбира дефинирање на аспектите од работата на институцијата која е од интерес на младите и треба да биде комунициран на соодветен јазик кој е разбирлив за младите, преку соодветна алатка, односно канал – конкретна социјална мрежа или физичко пристапување на младите.
Документот со насоки за ефективна комуникација на службениците за млади оди понатаму и во детали констатира дека младите комуницираат се’ повеќе дигитално, користат социјални мрежи, а помалку одоговараат на телефонски повици, СМС пораки или сретнување очи во очи на „непознат“ терен во локалната самоуправа или институцијата.
Институциите се’ уште се ригидни во комуникацијата и не ги прилагодуваат своите комуникации за тие да стигнат до младите, но и користењето на административен јазик е пречка во комуникацијата на линија институција – млади.
Каде да комуницираат младите?
Авторите на документот со насоки се повикуваат на неименувани младински работници и на младински организации на нивните тврдења кои велат дека најефикасен начин да се комуницира со младите е преку пристапување кон нив, наспроти очекувањето - младите да пристапат во канцеларија или на настан со одредена физичка локација.
Што значи ова? Според констатацијата, најефикасен начин за да се „извлече“ размислување, коментар и учество на младите е да им се пристапи во нивните средини, во круговите во кои се движат.
Комуникацијата и пристапувањето кон младите не мора да е физичка. Имајќи предвид дека комуницирањето кај младите е доминантно дигитализирано, пристапувањето може да се остварува преку социјални мрежи, Вибер групи и сл.
Просторите за млади, како што се канцелариите за млади, треба да се направат подостапни и попријателски за младите преку тековно одржување, промоција и одржување на настани од интерес на младите, за тиe да станат „нивни“ простори. На тој начин овие простори за млади ќе ја имаат изворната улога, а тоа е исклучиво да се места каде што ќе функционира оваа група на граѓани.
Кога да комуницира службеникот?
Службеникот за млади, препорачува Документот, не смее да биде само реактивен и да чека барање, порака или телефонски повик од младите. Службениците треба да пристапуваат кон младите, да ги информираат за нивните права и обврски и сo тоа да поттикнат комуникација. Клучно е институцијата да обезбедува навремени информации, а службеникот стратешки да пристапува во самоиницијативната комуникација со младите.
На крајот на Документот, со насоките за ефективна комуникација на службениците за млади, се даваат препораки за младите, за младинските организации и за раководствата на институциите како поддршка на службеникот кои се однесуваат на подобрување на меѓусебната комуникација.
Во основата на работата на еден службеник за млади е комуникацијата и таа е заедничка за сите назначени службеници. Од тој аспект се изработи овој документ, со цел да им помогне на овие луѓе во институциите, да придонесе кон имплментација на активности во интерес на младите и на одредбите од Законот за младинско учество и младински политики.
Позицијата - службеник за млади е една одредба од Законот за младинско учество и младински политики чија реализација е исклучиво висока. Но, досега нивната работа е невидлива за јавноста која ја сочинуваат младите, а голем дел од службениците се назначени само декларативно.
Од ова произлегува и потребата за креирање на документот што е предмет на оваа анализа кој ќе им помогне на службениците да станат вистински застапници на младите.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.