fbpx

Лошо поставениот процес на пристапување е штетен и за ЕУ и за Западен Балкан

Пајке Хаанс

Политика

27.07.22

Прегледи

Прагматичните решенија како што е неодамнешниот "Француски предлог“ може да изгледаат привлечно, но тие не го решаваат главниот проблем - дека членството во ЕУ се користи за принудување на конфликт поврзан со идентитет.

Во месец април оваа година, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, за време на нејзината посета на Украина која е разурната од војната, ѝ понуди на оваа земја брз пат до статусот земја кандидат за ЕУ. Овој симболичен гест ги става под сомнеж актуелните процеси на пристапување кон ЕУ и вистинското значење на статусот на земја кандидат за ЕУ.

Слично на тоа, Молдавија и Грузија формално аплицираа за членство во Унијата на 3 март 2022 година, во рамките на повиците за доделување кандидатски статус со цел да бидат охрабрени гласовите во тие земји кои се про-ЕУ. На 23 јуни 2022 година Украина и Молдавија заеднички официјално добиј акандидатски статус за ЕУ.

Во меѓувреме, регионот на Западен Балкан е заглавен во различни нивоа на глацијално пристапување. Во моментов процесот на тоа да се стане земја-членка на ЕУ се чини дека не се придвижува напред според заслугите на земјите и, како последица на тоа, Унијата парадоксално ги крши сопствените цели.

Процесот на пристапување и земјите од Западен Балкан

Да почнеме со еден краток осврт на процесот на пристапување во ЕУ и на актуелните состојби кои постојат во државите од Западен Балкан. Процесот на пристапување во Европската Унија е различен од земја до земја и од регион до регион. Започнува со склучување „Договор за асоцијација со Европската Унија“ или накратко „Договор за асоцијација“ (АА). Постојат различни форми на АА, а во земјите од Западен Балкан ова се вика „Договор за стабилизација и асоцијација или ССА.

Сите земји од Западен Балкан потпишаа Договор за стабилизација и асоцијација, почнувајќи со Северна Македонија во 2004 година и завршувајќи со Косово во 2016 година. Босна и Херцеговина и Косово се единствените држави во регионот кои не се поместија подалеку од „статусот“ на ССА.

Потоа, една земја ќе може да аплицира за членство во ЕУ. Официјален кандидатски статус' се доделува од Европскиот совет врз основа на препорака дадена од Европската комисија. Европскиот совет потоа повторно гласа за рамката за пристапните преговори со државата. Во моментов „кандидатски статус“ имаат следниве држава а во заграда е дадена годината кога го добиле тој статус: Албанија (2014), Македонија (2005), Црна Гора (2010), Србија (2012) и Турција (1999).

Од нив, Црна Гора, Србија и Турција започнаа пристапни преговори, и тоа значи отворање на сите 35 поглавја од законодавството и стандардите на ЕУ, кои потоа ќе можат да се затворат само откако земјата ќе се усогласи со целото законодавство.

Закочено проширување

Не е тајна дека ЕУ страда од тнр. „замор од проширување“ па дури и од „отпор кон проширување“, како што тврди тука Спирос Економидес. По проширувањето во 2004 и 2007 година, кога Унијата се прошири кон исток, генералниот став кон натамошното проширување се чини дека е соочен со фрустрации: само Хрватска стана членка на Унијата во 2013 година. Некои земји, особено Турција и Србија, геополитички се поставуваат поинаку, а демократското назадување во овие две држави доведува до тоа нивното пристапување сè уште да биде далечно.

Меѓутоа, другите земји од Западен Балкан се фрустрирани не поради заслугите, туку првенствено поради мошне произволни причини.

Македонија е можеби најеклатантниот пример за ветувањата на ЕУ што не се исполнија. Откако ја стекна независноста, државата се однесува прозападно, потпишувајќи договори со НАТО и ЕУ во рани фази, па дури и спроведувајќи го својот консоционален политички систем наметнат од странство под притисок на ЕУ. Во 2005 година Северна Македонија доби кандидатски статус.

Меѓутоа, поради грчкото вето, земјата не можеше да продолжи напред. Конечно, во 2018 година беше потпишан Договорот од Преспа за менување на името на државата. Потоа, Бугарија почна да става вето на започнување на пристапните преговори. Овие две вета не се однесуваат на заслугите на земјата во однос на пристапувањето во ЕУ, туку се билатерални спорови во врска со идентитетот и со историски тврдења.

Како последица на тоа, групите кои се против ЕУ во земјата добиваат сила поради недостатокот на резултати а отстапки се направени, а заморот од повторно закочениот процес на пристапување се зголемува дури и кај оние групи кои се про-ЕУ.

Во соседна Албанија, фрустрации од процесот на пристапување се во пораст: сега земјата е заедно во пакет со Македонија па поради тоа бугарското вето влијае и на Тирана. Ниту една реформа што албанската влада може да ја спроведе нема да го промени тоа. Поради спојувањето со македонскиот пристапен процес и со бугарското вето, фактичката заслуга на напредокот на Албанија (или немањето напредок) се нешта кои не се земаат предвид.

Несакани ефекти

Европската Унија, чии самопрогласени вредности и критериуми вклучуваат стабилност, демократија, еднаквост и мир сè повеќе ги поттикнува скептицизмот кон ЕУ и нестабилноста во земјите од Западен Балкан. Ова ги прекршува вредностите, целите и кредибилитетот на Унијата. Споровите за името и историјата на Македонија со Бугарија и Грција имаат потенцијално далекусежни последици во еден регион кој е полн со идентитетски и историски спорови.

Извор: pixabay.com

Потенцијалот за слични вакви конфликти во иднина со другите потенцијални членки не се добар знак за стабилноста на Балканот. Слично на тоа, казнувањата поради прилично произволни причини (пр. грчко и бугарско вето) се нешта кои влијаат негативно на политичкиот капитал за реформи во државите кандидати. Очајно потребните реформи против корупцијата, покровителските мрежи и зајакнувањето на судството на државите кандидати им наштети на политичките елити кои имаат и влијание и пари со сегашнава статус кво ситуација.

Зошто да поминувате низ опсежни и потенцијално болни реформи кога во подоцнежна фаза ионака ќе добиете вето од причини кои не зависат од вас? Зошто народот би поддржал лидер кој е про-ЕУ, или таква партија, кога пристапувањето е навидум невозможно?

Неуспехот да се интегрира Западен Балкан во орбитата на ЕУ ќе го остави регионот отворен на руско и кинеско влијание. Србија се чини е повеќе заинтересирана да ги задржи своите врски со Русија наместо да се приближи до Унијата а Црна Гора се соочува со реален ризик да западне во должнички замки на Кина. Регионалното влијание на овие геополитички противници на ЕУ може да претставува вистинска геополитичка закана токму во предворјето на Европа.

Овие прашања не се важни само за земјите од Западен Балкан, туку тие добиваат и ново значење со скорешното доделување кандидатски статуси на Украина и Молдавија. Со оглед на тоа што се бара да се даде статус на кандидат за да се охрабрат прореформските субјекти во овие земји, ист таков нејасен и долготраен процес на пристапување може на долг рок да им наштети на реформите и на проевропското расположение.

Особено затоа што во некои од основните параметри како што се демократија и корупција сè уште има многу да се работи: индексот на демократија сè уште ја класифицира Украина како „хибриден режим“ а индексот на транспарентност на корупцијата ја позиционира оваа земја на 122 место (помеѓу Габон и Есватини).

Нејасно е како Украина и Молдавија, инаку две држави кои немаат целосна контрола врз својата територија а во едната од нив во тек е војна, ќе ги спроведат далекусежните реформи. Во овој поглед, изгледа дека претстои долготрајно патување кое е потенцијално фрустрирачко за нивното население исто толку како и патувањето на земјите од Западен Балкан.

Има и други начини

Влезот во Европската Унија не е некое неотуѓиво право на државите кандидати. Важно е тие да ги спроведат потребните реформи за да можат да се усогласат со стандардите на ЕУ и да ги споделуваат вредностите на ЕУ. Да се ​​дозволи влез на „неподготвени“ држави во ЕУ од геополитички причини е кратковидо решение. Тоа се докажува преку примерот на демократското назадување на Унгарија и Полска; со тоа што Будимпешта сега сериозно го нарушува интегритетот на одговорот на Западот на војната во Украина.

Позициите на земјите-кандидати од Западен Балкан и од Источна Европа во однос на одредниците како што се корупцијата и демократијата покажуваат дека има уште работа во многу аспекти.

Од овие причини, решение би можеле да бидат идеите како што се дозволувањето на Украина да стане дел од ЕЕА пред да оствари полноправно членство или нејзино интегрирање во Европскиот зелен договор кој би овозможил на Украина да има пристап до значителни средства, покрај тоа што ќе ја спречува емисијата на јаглеводородите.

Слична ваква делумна интеграција на земјите од Западен Балкан ќе го зачува влијанието на ЕУ во регионот и ќе го помогне да се задржи јавното мислење во земјите-кандидати без да се откаже од принципот на пристапувањето кон Унијата кое е засновано на заслуги. Тоа дава победа што политичарите можат да ја „продадат“ во своите земји, наместо празното ветување за кандидатски статус.

Неконструктивното вето во врска со историјата и идентитетот не треба да има место во процесот, ниту пак заедничкото спојување на земјите-кандидатки на нивниот пат кон ЕУ, бидејќи го трга настрана пристапот кој е заснован на заслуги.

Прагматичните решенија како што е неодамнешниот "Француски предлог“ може да изгледаат привлечно, но тие не го решаваат главниот проблем - дека членството во ЕУ се користи за принудување на конфликт поврзан со идентитет. Во Македонија предлогот беше жестоко протестиран, а имаше и меѓуетнички препукувања, и тоа може да ја загрози консоционалната меѓуетничка рамнотежа на мултиетничката држава.

Не е јасно каков ќе биде исходот (откако Владата го усвои предлогот, на 19 јули Македонија ја комплетираше фазата за отворање на преговорите за пристап) од овие настани. Она што е јасно, сепак, е тоа дека или ЕУ дополнително ќе ја загрози својата позиција преку конфликти поврзани со идентитети на Балканот или пристапувањето на земјите од Западен Балкан повторно ќе се замрзне.

Ниту една од овие опции не е атрактивна ниту конструктивна.

И на крај, со дозволувањето на земјите-кандидати да отворат поглавја и да започнат преговори, на овие земји им се овозможува поголема слобода за реално спроведување на многу потребните реформи. Неуспехот да се спроведат овие реформи ќе биде само на сметка на таа земја. Политичарите нема да можат да се повикаат на вето, но ќе мора да донесат вистинска промена која е потенцијално штетна за нивните интереси, или да се смета дека ја попречуваат кандидатурата за ЕУ.

Со други зборови, тоа ќе го врати процесот на пристапување заснован на заслуги.

  Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Пајке Хаанс

Пајке Хаанс е студент по Човечка географија на Универзитетот Радбауд во Холандија и негува интерес за политиката и културите на Западен Балкан особено. Претходно има работено на истражување во Македонија и моментално ја завршува својата теза за македонскиот консоционален систем и консоционализам како метод за решавање на конфликти.