Речиси година и пол слушаме само „уставни измени, уставни измени, уставни измени“, а во меѓувреме назадуваме на повеќе полиња како владеење на право, борба против корупција, образование, економија...
Македонија треба да се смета за феномен на европската политичка сцена како држава која е кандидат за членство во Европската Унија најдолг временски период, речиси 19 години, а причината за тоа да не се реформите, туку непринципиелните блокади прво од соседна Грција, а потоа и од соседна Бугарија.
Навистина е жално како од држава која беше во ист пакет со Хрватска во далечната 2005г., станавме држава од која младите масовно се иселуваат, а една од посакуваните дестинации е токму нам блиската Хрватска, која сега има повеќе од двојно подобар стандард од нас. Ете како две декади можат да го променат целокупниот развој на една држава.
Вредеа ли компромисите?
Се чини дека што и да направи Македонија, за нејзе патот кон Европската Унија ќе биде трнлив, бавен, мачен, дури и невозможен. Во изминатите три децении, оваа држава промени знаме, устав, име и ги голтна сите горки кнедли кои се бараа од неа, а не се бараа од други држави, за на крајот повторно да не може да го направи ниту минималниот пробив кој е неопходен за придвижување кон ЕУ, односно да отпочне со преговорите.
Прифаќањето на т.н француски предлог од страна на македонската влада минатото лето, е потег со кој не се согласуваат повеќе од 80% од Македонците. Една од причините е националистичката реторика од повеќе политички субјекти од Бугарија по однос на фактот дека не признаваат македонски етникум и јазик, а другата е бугарската уцена, Македонија да го промени својот Устав со цел да се внесат етничките Бугари во Преамбулата на истиот. За очекување е дека под притисок и диктат, ниту обичниот македонски граѓанин, ниту опозицијата во Парламентот на Македонија нема да го прифатат тоа.
По се изгледа дека прифаќањето на францускиот предлог, без да се има дијалог со опозицијата и обезбедено двотретинско мнозинство, не само што го закочи европскиот пат на Македонија, туку и ја контаминираше целата политичка сцена во државава, направи длабока поларизација во општеството, ги разочара граѓаните и не дефокусираше од реалните проблеми со кои се соочуваме, како што се корупцијата, борбата со организираниот криминал, реформите, економија,та инвестициите и сл.
Речиси година и пол слушаме само „уставни измени, уставни измени, уставни измени“, а во меѓувреме назадуваме на повеќе полиња како владеење на право, борба против корупција, образование, економија, нешто што е забележано и во последниот извештај од Европската Комисија.
Внатрешни реформи во Европската Унија!?
Дополнително на билатералните проблеми кои Македонија ги има(ше) со соседите, ситуацијата околу нашето пристапување кон ЕУ е комплицирано и по други основи, земајќи го предвид фактот дека во Унијата постои замор од проширувањето, а фокусот е ставен на длабоки реформи во самата Унија.
Извор: freepik.com
Добар дел од европските челници велат дека за да биде подготвена за нов пакет членки, Унијата прво треба внатрешно да се реформира, со посебен фокус на промена на начинот на одлучување, бидејќи правото на вето кое го има секоја земја членка очигледно предизвикува многу главоболки во Брисел, а најчесто тие вета се ставаат од не баш рационални причини.
Искуството со големото проширување во 2004 година, како и она со Бугарија и Романија во 2007 година, скапо ја чини Унијата, бидејќи голем дел од внатрешните проблеми со кои се соочуваат, како корупција, криминал, непринципиелни уцени и блокади, доаѓаат токму од дел од тие членки, а ние тоа најдобро го почуствувавме на сопствена кожа изминатите 3-4 години со проблемот кој официјална Софија го создаде во односите со Македонија.
Нов бран проширување до 2030-та година?
Се почесто слушаме за планот на Европската Унија таа да ги спроведе неопходните внатрешни реформи и со тоа практично да биде подготвена за прием на нови земји членки до 2030 година. Но, вистинското прашање е дали тоа навистина ќе се случи и дали постои расположение кај помалите земји членки да се откажат од правото на вето и другите привилегии со цел да придонесат кон „големата слика“, односно реформирање на Унијата?!
Одговорот сите потајно го знаеме, а тој е негативен, иако оние наши политичари кои се себе-декларираат за про-ЕУ го тврдат спротивното, најверојатно водени од тесно-партиски причини и недостаток на други аргументи и конкретни резултати во работењето.
Имено, голем број од помалите држави стравуваат дека секогаш би биле надгласувани, а постои голем страв дека Франција и Германија би добиле уште подоминантна улога од таа што ја имаат сега.
Од друга страна пак, може да бидеме сведоци на комплетно рекомпонирање на Унијата, односно Унија во повеќе „кругови“, сочинета од тесен круг на најмоќните земји членки, следени од друг круг на членки кои имаат придобивски од внатрешниот пазар на ЕУ и трет последен, надворешен круг, базиран на Европската Политичка Заедница промовирана од францускиот Претседател Емануел Макрон минатата година. Заедница каде освен членките на ЕУ, членуваат и земјите од Западен Балкан, Источното Партнерство, Велика Британија, Норвешка и Швајцарија.
Но, треба да се напомене дека Европската Политичка Заедница е само простор каде разговараат лидерите од горенаведените држави, без притоа да има воспоставени структури и тела, гласање, договори и сл.
Што да очекуваме понатаму?
Темата за уставните измени која ја слушавме од минатото лето, полека изумира, а политичките партии во Македонија се веќе во период на пред-кампања за парламентарните и претседателските избори кои ќе се одржат на пролет идната година. Несомнено е дека нашиот европски пат ќе остане закочен барем една година, имајќи ги предвид европските избори идната пролет, како и комбинациите за состав на нова влада во Македонија.
Се поизвесно е дека на политичката сцена во Македонија ќе има два големи блока, едниот сочинет од владејачките партии ДУИ, Алијанса за Албанците и СДСМ, кои најверојатно ќе настапат со заеднички листи под слоганот „Европска Коалиција“, а другиот сочинет од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за „Обнова на Македонија“ кои се чини дека ќе однесат огромна победа на изборите, имајќи ги предвид анкетите каде сите три владејачки партии заедно, не можат да го достигнат рејтингот на опозицијата.
Дополнително на тоа, опозициските партии на Албанците во Македонија, здружени во „Европски сојуз за промени“ ќе претставуваат голема закана за ДУИ и нивното претендирање да останат на власт по изборите. Партиите на Максим Димитриевски и Димитар Апасиев исто така се очекува да освојат одреден број на пратеници.
Политичката слика во 2024 многу ќе потсеќа на онаа во 2006-та година каде ВМРО-ДПМНЕ како опозиција ги доби изборите, а состави влада со НСДП (новоформирана партија која изворно потекнува од СДСМ) и ДПА која имаше помалку пратеници од ДУИ. Сега во улогата на НСДП може да биде Максим Димитриевски со движењето ЗНАМ – „За Наша Македонија“, а во улога на ДПА, може да бидат Демократското Движење на Изет Меџити, БЕСА на Биљал Касами и Алтернатива на Африм Гаши кои настапуваат на заеднички опозициски листи.
Пост-изборие
Независно од исходот од изборите, идната влада ќе има огромна задача пред себе да ја извади државата од сите кризи во кои се наоѓаме, како економска, здравствена, енергетска, образовна итн., а секако, жешкиот костен и потребата за промена на Уставот со цел отпочнување на преговорите со Европската Унија ќе остане. Прашање е само што Македонија може да „избоксува“ за возврат за да се амортизира незадоволството од промената на Уставот. Факт е дека Македонија ништо не доби со францускиот предлог, а прифати СЕ.
Европската Унија, како гест на добра волја, би можела да даде писмени гаранции дека Македонскиот идентитет и јазик се загарантирани, а идната македонска влада треба да размисли да побара дополнителен финансиски пакет мерки за нашата држава, имајќи ги предвид сите отстапки кои до сега ги имаме направено без притоа да добиеме ништо.
Европската Унија треба да расчисти самата со себе и да настапи отворено и искрено кон Македонија, без двојни аршини, бидејќи само така може да имаме здрав однос, да знаеме што се бара од нас, да знаеме што да очекуваме и најважно, да знаеме што точно да правиме.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.