fbpx

Најсилната армија во Европа?

Славомир Сиераковски

Политика

01.09.23

Прегледи

Како одговор на војната на Русија во Украина, популистичката влада на Полска започна наизглед голема програма за преоружување. Меѓутоа, и покрај сите најавени планови за набавка на најсовремени оружја од Соединетите Американски Држави и Јужна Кореја, се чини дека многу малку се размислувало за плановите за одбрана на земјата.

Сè повеќе се верува дека Полска наскоро ќе ја има најсилната војска во Европа. Полската владејачка партија, Право и правда (ПиС), не пропушта ниту една можност со фанфари да ја соопшти оваа порака дома, а сè почесто се слуша како одекнува и во странство. Но дали е вистина?

Тврдењето во голема мера се потпира на досега невидените набавки на оружје на владата на ПиС и плановите за проширување на армијата на 300.000 војници до 2035 година. Според новиот закон за државна одбрана, воените трошоци треба да достигнат 3% од БДП оваа година - цел процентен поен над она што се очекува од членките на НАТО, генерално. Јарослав Качињски, де факто лидерот на Полска, кој формално ја извршува функцијата вицепремиер, јавно размислува за долгорочна цел од 5% од БДП.

Како одговор на сеопфатната инвазија на Русија на соседна Украина, Полска ја проширува својата војска - којашто моментално се состои од 128.000 активен персонал и околу 36.000 војници за територијална одбрана - и купува оружје за да ја зајакне својата одбрана и да ги надополни своите резерви. Полска ѝ донираше на Украина толку многу авиони, тенкови, пушки, борбени возила и друга опрема што, без брзо обновување на залихите, би била на пат да изгуби речиси речиси половина од своите одбранбени капацитети.

Додека секоја влада од формирањето на Третата Полска Република во 1990 година потрошила колку што можела на војската, владата на ПиС користи посебен фонд вон рамките на државниот буџет (во банка во државна сопственост) за финансирање набавки на оружје со задолжување. Се користат два добавувачи: САД и Јужна Кореја, чија опрема е компатибилна со НАТО и може да се набавува од редовно производство.

За да ја заврши својата планирана воена експанзија, на Полска ѝ се потребни 1.682 тенкови, 3.074 пешадиски борбени возила и оклопни транспортери, 1.008 артилериски системи (не сметајќи ги минофрлачите) и 648 повеќецевни ракетни фрлачи. Исто така, цели кон тоа да има 160 борбени авиони во функција - значително зголемување од неодамнешниот број од 48 F-16-ки, десетина советски Mig-29-ки (кои се испратени во Украина) и уште дванаесет Su-22-ки, кои се сè потешки за одржување. За таа цел, купени се 32 повеќенаменски авиони F-35А и 48 лесни авиони за борбена обука FА-50 и нарачани се 96 хеликоптери АH-64Е Апачи.

Иако Полска веќе има 233 тенкови Leopard 2, таа исто така нарачала 366 тенкови М1 Abrams и 180 тенкови К2 - уште едно значително зголемување на сегашната понуда од 14 Abrams и 28 К2-ки. Планот е да се нарачаат уште 820 корејски тенкови К2/К2ПЛ, со што оклопната дивизија ќе достигне 1.599 единици. И тие ќе бидат придружени со 212 дополнителни хаубици K9A1 и уште 460 K9A1/K9PL.

Во серијата набавки на Полска, исто така, вклучени се договори за 20 американски HIMARЅ (артилериски ракетни системи со висока мобилност) (од кои седум се веќе во земјата) и 218 фрлачи K239 Chunmoo, покрај неодамна објавените набавки на 70 дополнителни фрлачи K239 и 486 дополнителни HIMARЅ (повеќе отколку што САД досега произвеле). Сето ова ќе доведе до бројка од 794 ракетни фрлачи во полскиот арсенал.

Овие најави несомнено изгледаат импресивно, што е токму и намерата на владата на ПиС. Не е важно што планираните набавки се направени без владини тендери, од слаба преговарачка позиција и без обврски за компензација за изведувачите. Во нормални услови, купопродажните договори ќе имаа многу подобри услови за заштита на интересите на полските даночни обврзници и полската одбранбена индустрија.

Уште полошо е што ПиС веќе има лошо искуство во овој домен. Претходно во своето владеење, таа ги откажа договорите за осум ракетни системи за противвоздушна одбрана Patriot и десетици хеликоптери Caracal, што ги влоши полско-француските односи. Качињски, исто така, импулсивно ги отпушти клучните генерали поради параноичното верување дека тие му се лојални на неговиот претходник и политички ривал, поранешниот премиер Доналд Туск.

Дополнително, останува да се види како Полска ќе ја набави муницијата за 794 ракетни фрлачи и стотици тенкови. Воениот медиум Defense24 пресметува дека трошоците во текот на следната деценија ќе достигнат една милијарда злоти (250 милијарди долари), при што основната опрема сочинува само 25-33% од вкупниот износ. Владата не ги зела ни предвид дополнителните трошоци за инфраструктура, персонал, обука, придружна опрема и сервисирање.

Меѓутоа, тенковска дивизија значи повеќе од само тенкови. Има и стотици технички, командни, извидувачки, комуникациски, воено-инженерски и санитарни возила. Секоја дивизија мора да биде вооружена со повеќеслоен систем за противвоздушна одбрана кој се состои од радиолокациски станици и ракетни фрлачи на противвоздушни проектили со различни дострели. Само за логистичките операции и секојдневните активности за обука ќе бидат потребни стотици камиони и теренски возила.

Полските генерали предупредуваат дека пред да настапи тековниот бран на набавки не била направена сеопфатна одбранбена стратегија. И, како што истакнаа многу коментатори, чиста глупост е да се поткопува домашната индустрија за оружје во Полска со нејзино исклучување од редовната тендерска постапка. Оружјето од полско производство – како што се оклопните транспортери „Росомак“, хаубици „Краб“ и пешадиските возила „Борсуки “ – добро функционираа во Украина, а украинската војска веќе нарача повеќе.

Секако, полскиот генерал Роман Полко ги поддржува неодамнешните набавки на опрема, образложувајќи дека Полска е во поинаква ситуација од Украина и затоа треба поинаку да ја подготви својата одбрана. „Претпоставуваме колективна одбрана (во рамките на НАТО)“, објаснува тој, „но имајте на ум дека мора да бидеме подготвени да го одбиеме првиот удар. За Буча [местото на рускиот масакр на Украинците] да не се повтори во Полска“.

Но, другите се покритични. Според Миечислав Гоцул, пензиониран генерал кој претходно служеше како началник на Генералштабот на армијата од 2013 до 2017 година, „Само лудак може да каже дека армијата во мирнодопски услови треба да брои 300.000 војници“.

Додека Полска започна импресивен и амбициозен план за проширување и модернизација на својата војска, таа и понатаму е целосно неподготвена да го користи. Всушност, не е ни јасно како владата ќе ги финансира овие првични набавки или приемот и обуката на уште 150.000 војници. Доколку Качињски и неговите колеги антигермански, антизападни популисти би биле сериозни во врска со одбраната на Полска, тие помалку би се фокусирале на претенциозни набавки, а повеќе на поправање на стратешките сојузи што ги разнишале.

 

Авторски права: Project Syndicate, 2023. www.project-syndicate.org

Славомир Сиераковски

Славомир Сиераковски, основач на движењето Krytyka Polityczna, е виш соработник во Германскиот совет за надворешни односи.