fbpx

„НЕ“ за националност во матичните изводи

Лука Павиќевиќ

Политика

14.08.23

Прегледи

Со новото Упатство на министерот Лога, секој што сака да се запише на факултет или да учествува на конкурс би морал својата етничка припадност (неволно) да ја сподели со голем и неопределен круг лица коишто ќе ја разгледуваат апликацијата. Ризикот граѓаните да бидат изложени на дискриминација енормно би се зголемил.

Министерот за правда Кренар Лога на 29 мај 2023 година донесе ново Упатство за водење на матичните книги со кое за првпат во изводите се воведе графата „националност“. Како оправдување за својот потег, министерот ги посочи членовите 4, 11 и 13 од Законот за матичната евиденција, кои ја содржат националноста како податок кој се запишува во книгите.

Откако самоиницијативно поведе постапка, Уставниот суд на 5 јули донесе Решение за запирање на извршувањето на Упатството поради процедурални причини. Во меѓувреме, политичката партија Левица поднесе иницијатива до Судот за оценување на уставноста на Законот за матичната евиденција. На седницата одржана на 20 јули Уставниот суд не донесе одлука по овој предмет. Иако можеби јавниот интерес за темава се намали, сепак за неа сè уште чекаме конечна правна разврска.

Затоа во овој текст ќе докажам дека: (1) националноста не е уставна категорија; (2) присуството на графа за етничка припадност во матичните изводи е противзаконско бидејќи не почитува две ратификувани меѓународни конвенции; и (3) примерот на Албанија покажува дека ваков чекор го крши правото на самоопределување и негативно влијае на правата на заедниците.

Граѓански или етнички – за темелните вредности

Но, пред да преминам кон докажување на овие три тези, нужно е да се постави прашањето каков е карактерот на македонскиот Устав. Иако во неколку наврати осцилира меѓу етничкото и граѓанското, Уставот сепак е предоминантно етнички документ.

Првата темелна вредност на уставниот поредок на Републиката, утврдена во членот 8, јас ја толкувам како граѓанска. Станува збор за „основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот“. Забележете дека уставотворецот двапати употребува еднина – „човекот“ и „граѓанинот“. Значи, се говори за единка, за индивидуа и, последователно, за индивидуални права.

За споредба, втората темелна вредност е очигледно етничка. Имено, од 1991 година таа гласи: „слободното изразување на националната припадност“, а Амандманот VI од 2001 ја дополнува со точка и запирка, по што следи: „соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа“. Поради сложеноста на изразот и подоцнежната интервенција, оваа темелна вредност може да се толкува како една вредност со две компоненти, но може да се третира и како две посебни темелни вредности.

Без разлика на тоа што втората темелна вредност го всадува етничкото во Уставот и со тоа во целокупниот правен поредок, ништо во неа не ја наметнува потребата од присуството на графа за етничката припадност на граѓанинот во матичните изводи.

Со првата компонента изразувањето на националната припадност е окарактеризано како „слободно“. Уставниот судија Осман Кадриу вели дека: „Уставот налага дека законот треба да овозможи право на граѓанинот да се изјасни за националната припадност“. Ова е точно, но она што се заборава е дека правото на граѓанинот да се изјасни истовремено е право на граѓанинот да не се изјасни, односно правото на граѓаните автоматски не повлекува и нивна обврска.

Упатството на министерот Лога не овозможува право, туку наметнува обврска. Оттука, наложувањето етничката припадност да биде впишувана во изводите во никој случај не може да се опише како слободно изразување на националната припадност, што претставува несомнено кршење на оваа темелна вредност.

Од друга страна, пак, втората компонента ја сочинува соодветната и правична застапеност на сите заедници, чие спроведување го изискува токму прибирањето на етничка статистика. Судијата Кадриу предупредува од ризикот правата да останат само празни начела на хартија. Затоа мора да се каже дека државниот апарат веќе долги години нашол начин за ефектуирање на оваа темелна вредност – пописот на населението. Балансерот се темели на процентуалната застапеност на различните заедници која се утврдува со пописот, а граѓаните на пописот ја имаат можноста и да не се определат етнички. Со пописот се запазуваат двете компоненти на оваа темелна вредност.

Заклучно, не само што присуството на националноста во матичните изводи го крши слободното изразување на припадноста, туку тоа е целосно непотребно и излишно бидејќи веќе постои начин за ефективно применување на соодветната и правична застапеност.

Националноста не е уставна категорија

Внимателен и јадровит прочит на македонскиот Устав ќе открие дека уставотворецот кога говори за етничкиот идентитет употребува дури шест различни категории. Овие категории се присутни од Преамбулата па сè до членот 131.

Имено, станува збор за:

  1. македонскиот народ (Преамбула, членови 36, 49 и 78)
  2. дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ (Преамбула, членови 49 и 78);
  3. другите (Преамбула, член 49)
  4. национална припадност (членови 8 и 110)
  5. национално потекло (членови 9 и 54)
  6. припадност на заедница (членови 8, 48, 56, 69, 77, 78, 104, 105, 106, 109, 114 и 131)

Првите три категории се појавуваат во Преамбулата и членот 49 кој ја уредува грижата на државата за дијаспората, а македонскиот народ се јавува и во членот 36. Македонскиот народ и деловите од народи во форма на своите етноними се присутни во членот 78 во делот на составот на Комитетот за односот меѓу заедниците.

Националната припадност и националното потекло поединечно се јавуваат во само два члена од Уставот. Постои разлика меѓу овие две: додека припадноста означува лично чувство кое е предмет на промени, потеклото е неменлива фактичка состојба која ја одредиле предците на една индивидуа, а не таа самата.

Последната категорија, т.е. „припадност на заедница“ се јавува дури во 12 члена. Оваа формулација станува присутна во македонскиот уставен поредок во 2001 година со донесувањето на амандманите IV-XVIII, кои произлегоа од Охридскиот рамковен договор.

За тврдењето дека поимот „заедница“ означува етничка припадност, ставот 2 од членот 48 претставува необорив доказ. Имено, тој гласи: „Републиката им ја гарантира заштитата на етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет на сите заедници“.

Впрочем, ова е единствениот пат кога во Уставот се спомнуваат зборот „етнички“ и сите негови изведенки. Оттука, повеќе од јасно е дека уставотворецот поимот етницитет го едначи со поимот заедница.

Понатаму, синтагмата „заедниците што не се мнозинство во Република Северна Македонија“ е своевидна поткатегорија и најчесто со неа се уредува т.н. Бадинтерово мнозинство. Исто така, нашиот Устав познава и етно-расни категории, како „раса“ (членови 9, 54 и 110) и „боја на кожата“ (членови 9 и 54).

Заклучувам дека никаде во Уставот не е присутна националноста. Токму затоа националноста е вонуставна, односно неуставна категорија.

Имајќи предвид дека Законот за матичната евиденција е донесен во 1995, шест години пред 2001, нужно е да се разгледа дали категоријата „националност“ е присутна во подоцнежната легислатива. Таа не може да се најде ни во Законот за правата на заедниците кои се помалку од 20% од населението во Република Северна Македонија од 22.01.2020 година ниту пак во Законот за спречување и заштита од дискриминација од 27.10.2020 година. За споредба, во обата закона изобилуваат поимите „заедница“ и „етнички“.

Оттука, министерот Лога греши кога се повикува на одредбите во Законот за матичната евиденција кои се однесуваат на националноста. Националноста и националностите исчезнаа од македонскиот Устав и со тоа од македонскиот правен систем. „Припадност на заедница“ го замени првото, а второто стана „дел од народ“, за што сведочи и првичниот текст на Уставот.

Извор: mkd.mk

Моето толкување е дека одредбите од Законот за матичната евиденција што го содржат зборот „националност“ и, последователно, новото Упатство за водење матични книги не се во согласност со Уставот.

Присуството на етничката припадност на граѓаните во јавните исправи е противзаконско

Да замислиме едно цинично сценарио: соочени со неуставноста на Законот за матична евиденција, надлежните и Министерството за правда иницираат законски измени во Собранието и поимот „националност“ го заменуваат со „припадност на заедница“ или со „етнички идентитет“. Навидум проблемот е решен.

Сепак, дека не станува збор за едноставно прашање на номотехника сведочи и поранешната министерка за правда, професорката Дескоска, која пред некое време ја потсети јавноста дека Македонија е потписник на Конвенцијата за заштита на лица во однос на автоматска обработка на лични податоци.

Штом го има ратификувано и Протоколот за измена на Конвенцијата, кој во голема мера ја заострува заштитата на личните податоци на граѓаните, нашата држава е обврзана да ги почитува меѓународно преземените обврски и да го усогласи сопственото законодавство со нив.

Имено, членот 6 од Конвенцијата вели дека обработката на „лични податоци кои откриваат расно или етничко потекло [...] е дозволена, само во случај каде соодветни мерки за заштита се предвидени со закон, кои ги дополнуваат мерките од оваа конвенција“. Ставот 2 од истиот член појаснува дека таквите заштитни мерки ќе заштитуваат „особено [од] ризикот од дискриминација“.

Имајќи предвид дека изводите од матичните книги (скоро) секогаш се бараат на уписите на факултет, при вработување во јавна установа, па дури и за учество на конкурси и натпревари, и дека членот 1 од Законот за матичната евиденција ги дефинира овие изводи како „јавни исправи“, повеќе од јасно е дека моментално не постои механизам за заштита од ризикот од дискриминација.

Напротив, со новото Упатство на министерот Лога, секој што сака да се запише на факултет или да учествува на конкурс би морал својата етничка припадност (неволно) да ја сподели со голем и неопределен круг лица коишто ќе ја разгледуваат апликацијата. Ризикот граѓаните да бидат изложени на дискриминација енормно би се зголемил.

Понатаму, на 19 јули медиумите јавија дека Државната антикорупциска комисија отворила сериозни сомнежи за трговија со милиони лични податоци на граѓаните. Овие лични податоци се наоѓале токму во матичните книги, а ризикот настанал како резултат на дигитализацијата на работењето на Управата за водење на матичните книги. Оттука, во ситуација на „пробиени матични книги“, секој македонски граѓанин има право да се сомнева дека институциите ревносно ќе ја штитат неговата приватност и самиот него од дискриминација.

Запрашан дали граѓанинот ќе може во изводот на венчани да пријави различна националност од таа на неговите родители во изводот на родени, министерот Лога за „ТВ Сител“ изјави: „Не верувам дека го има тоа право бидејќи ќе треба и постапка за тоа“ (7:34-7:42).

Оваа изјава се коси со членот 9 од Конвенцијата, кој му го гарантира правото на секој поединец „на барање, да добие, бесплатно и без преголемо задоцнување, исправка или бришење […] на таквите податоци ако ти се обработуваат или биле обработувани спротивно на одредбите на оваа конвенција“.

За да се долови колку сериозно Советот на Европа ја сфаќа сензитивноста на личните податоци во поглед на етничката припадност, важен е членот 11 кој забранува „исклучок од одредбите утврдени во ова поглавје“, освен за неколку члена. Иако дел на второто поглавје, членот 6 не е дел на овие исклучоци!

Во македонскиот правен поредок, меѓународните конвенции се над законите, но под Уставот. Оттука, тврдам дека присуството на етничката припадност на граѓаните во изводите од матичните книги е противзаконско, бидејќи се коси со горенаведената Конвенција.

Македонија е потписничка и на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, која му го гарантира правото на секој граѓаник да биде или да не биде дел на национално малцинство – т.е., во македонскиот случај, да биде или да не биде дел на одредена заедница.

Во тој поглед, уставниот судија Дарко Костадиновски е апсолутно во право кога ќе каже дека „изјаснувањето за националноста не може да биде обврзувачко“. За жал, Упатството на министерот Лога целосно им го одзема правото на граѓаните да не се изјаснат за својата етничка припадност и како такво се коси со Рамковната конвенција.

Исто така, Советодавниот комитет за Рамковната конвенција издава поединечно мислење за секоја земја-членка. Во Петтото мислење за нашата земја, донесено на 18 мај 2022 година, нема ниту една препорака која се однесува на изводите од матичните книги во насока на унапредување на правата на заедниците.

Министерот Лога честопати се повикува на тоа дека „етничката припадност се злоупотребувала при вработување“ и вели дека ова е причината зад носењето на новото Упатство (6:10). Мислењето на Советодавниот комитет во точка 128 ги нотира случаите на промена на етничка припадност за зголемување на веројатноста за вработување, но овие случаи не се споменуваат во препораката во точка 130, што говори дека Комитетот не мислел дека се толку многу важни.

Ако нема слух за Советодавниот комитет, министерот за правда може да го послуша својот колега, министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу, којшто за „Слободен печат“ изјави дека злоупотребата на балансерот „не е честа и дека е на индивидуално, а не на институционално ниво“. Господинот Лога пак најавува можност за отворање на „кривични постапки за лажно пријавување“.

Заклучно, присуството на графата за етничка припадност – била таа „националност“ или „заедница“ – во матичните изводи е противзаконско бидејќи не почитува две законско-ратификувани меѓународни конвенции, а нејзиното воведување е мотивирано од изолирани случаи за чија широка распространетост нема силни докази.

Да не ги повторуваме туѓите грешки

Уставниот суд побарал мислење од Венецијанската комисија. Според неа, во ниту една држава нема задолжително изјаснување за етничка припадност во матичните изводи. Единствени држави кои имаат графа за националност се Србија и Хрватска, но таму изјаснувањето е опционално.

Историјата на присуството на етничките класификации и графи во личните документи и јавните исправи е негативна, поразителна и опасна. Таа секогаш води кон поделби на општеството.

Иако не верувам дека постојат сериозни шанси такви темни сценарија да се случат во Македонија, мора на ум да го имаме примерот на соседна Албанија каде бележењето на етничката припадност во матичните книги негативно влијаело токму на правата на помалку бројните заедници.

Имено, порано во Албанија заедниците биле поделени во две категории: „етно-религиски“ и „национални“. Дел на тогашните национални малцинства (Грците и Македонците) пак живееле во општини каде што биле мнозинство од населението, односно во т.н. „малцински зони“.

Правото да се биде припадник на немнозинска етничка заедница можело да биде остварено само во овие зони. Во матичните книги се бележела етничката припадност на граѓаните, а Законот за пописот во 2011 година предвидувал казни ако искажаната етничка припадност се разликувала од таа во книгите. Затоа околу 14% од населението одбило да одговори на ова прашање.

Ваквите пописни политики на барање докази за нечија етничка припадност се остро критикувани во Четвртото мислење за Република Албанија (2018) на Советодавниот комитет за Рамковната конвенција. Препораката бр. 33 „ги повикува властите да не го условуваат признавањето на етничката припадност на лицето кое тврди дека има припадност кон национално малцинство со поднесување ‘доказ’ од архивска или матична книга за припадност на национално малцинство“. Употребата на вакви „докази“ е спротивна на принципот на слободното самоопределување.

Препораката бр. 45 пак бара носење на Закон за пописот во 2021 година каде што „собирањето податоци треба да се заснова на слободното самоопределување на припадност кон национално малцинство. Таквиот пристап би ги спречил сите ‘неточни’ одговори“.

Три години подоцна Владата на Албанија го поднела својот Петти извештај до Советодавниот комитет со кој гарантира дека новата легислатива целосно го гарантира правото на самоопределување. На пример, на 26 ноември 2020 година, Албанското собрание донело нов Закон за попис.

Ставот 2 од членот 4 на овој Закон востановува дека пописниот прашалник може да содржи прашања за етничката припадност, јазикот и вероисповедта на граѓанинот, но и дека одговорите се базираат на правото на самоопределување. Се дава и правото прашањето да не се одговори.

Во членот 21 – со кој се уредуваат казните и глобите – очигледно е наведено дека кој било исказ од став 2 член 4 не може да се толкува како прекршок и оттука не е подложен на глоба. Меѓутоа, загрижени од одредбите кои сè уште предвидуваат проверка на точноста на податоците, политичката партија на Македонците во Албанија МАЕИ Законот го нарече „дискриминаторски“.

Бидејќи Петтото мислење на Советодавниот комитет во моментов не е објавено, предвид ќе го земам Извештајот на Европската комисија за Албанија од 2022 година. Извештајот препорачува во 2023 година „да се донесат закони“ кои ќе го гарантираат и ќе го овозможат „правото на самоопределување“ (стр.17 и стр.26), а Европската комисија бара и одложениот попис за 2023 година да биде спроведен „во согласност со меѓународните стандарди“ (стр.36).

Македонските институции, доколку доследно го анализираат примерот на соседна Албанија, можат да научат дека нам експерименти од типот кои ги предлага господинот Лога не ни се потребни.

На потег се Уставниот суд и Собранието

Имајќи ги предвид сите горенаведени аргументи, заклучувам дека Уставниот суд треба да го поништи Упатството за водење на матичните книги и да ги укине спорните делови од Законот за матичната евиденција, кои го содржат зборот „националност“, оти таква категорија во Уставот нема да најдат.

Водејќи се од двете меѓународни конвенции погоре посочени, но и од Законот за заштита на личните податоци којшто ја вбројува етничката припадност меѓу „посебните категории на лични податоци“, пратениците ќе треба да иницираат измени на Законот за матичната евиденција.

Тие можат да бидат смели во својот зафат и целосно да ја исфрлат етничката статистика од матичните книги, но за да се решат правните проблеми за кои зборував, ќе биде доволно Собранието јасно да одреди кои податоци ќе се впишуваат и во матичните книги и во изводите, а кои само во изводите.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Лука Павиќевиќ

Лука Павиќевиќ е студент на Универзитетот „Харвард“. Истражувач и активист. Особен интерес му причинуваат прашањата од областа на политиката, правото, филозофијата и образованието.