fbpx

Новата енергетска карта на Европа

Едоардо Кампанела

Политика

21.04.23

Прегледи
Откако започна војната на Русија против Украина, европските земји се доведоа до ситуација да мораат да ги преиспитаат своите енергетски стратегии и да обезбедат снабдување со природен гас и нафта од друго место. Економските и геополитичките влијанија од овие промени ќе бидат длабоки и истите нема да се ограничат само на Европа.

Војната во Украина целосно ја трансформира енергетската карта на Европа. Европејците сè повеќе купуваат течен природен гас (ТПГ) од Норвешка, Катар и САД, како и природен гас од производители од Северна Африка и Централна Азија, додека Русија повеќе не е најважниот снабдувач. Се менува исто така и составот на увозот на нафта во Европа со забраната на ЕУ на руската сурова и нафтени деривати, каде што станува збор за околу 2,5 милиони барели дневно (б/д).

Најголема корист од овие промени ќе има Блискиот Исток – сега ќе му се овозможи повторно да ја врати својата истакната позиција на пазарот што делумно ја загуби поради случувањата со американските шкрилци и поради глобалната транзиција кон почисти извори на енергија кои како настани се случуваа во изминатава деценија.

Од теоретски аспект, повторното исцртување на картата за нафта е полесно отколку повторното исцртување на картата за гас. Пазарот на нафта е глобално интегриран и во голема мера е ослободен од значителни бариери за меѓународниот проток на испораки на сурова нафта. Спротивно на тоа, пазарот на природен гас е регионално пофрагментиран, бидејќи гасот традиционално се транспортира преку цевководи. Ќе биде потребно огромно проширување на капацитетите за втечнување и регасификација на глобално ниво за да може пазарот на ТНГ да се направи да биде исто толку широк и ефикасен како и пазарот на нафта.

Меѓутоа, во пракса, варијабилноста на достапност на нафтата од една до друга земја е нешто што има тенденција да ја ограничи заменливоста. Двата основни квалитети според кои еден вид нафта се разликува од друга се тежината и „слаткоста“. Тешката нафта бавно испарува и содржи материјал што се користи за производство на индустриски производи како што е асфалтот. Лесната нафта бара помалку обработка и содржи поголем процент на бензин и дизел отколку тешката нафта.

Слаткоста се однесува на содржината на сулфур во сурова нафта. Средните компании и рафинериите кои транспортираат, складираат и преработуваат „кисела“ нафта имаат потреба од дополнителни способности капацитети за да го отстранат сулфурот од нивниот производ. Уралската сурова нафта, инаку водечки руски производ кој порано се испраќаше во Европа, е мешавина која може да биде и слатка и лесна, што ја прави особено погодна за производство на дизел и авионско гориво. Како еден од најголемите производители на Блискиот Исток, нафтата од Саудиска Арабија по квалитет е најблиска до онаа од Урал. Во таа смисла, еден дел од 5,5 милиони б/д кои Саудиска Арабија ги испорачува до Азија, сега може да бидат пренасочени кон Европа, додека сразмерно повеќе руска нафта ќе оди во Кина и Индија.

Ова сценарио е во согласност со целта на Европската Унија која се однесува на максимален износ на цената, што има за цел не да ја отстрани руската сурова нафта од пазарот (што би значело пореметување за економијата), туку да го ограничи износот на приходи од нафта што Кремљ може да ги обезбеди. Обезбедувањето повеќе нафта од Блискиот Исток, наместо од САД, исто така би им помогнало на европските рафинерии да заштедат некои од трошоците за преминување, бидејќи американската нафта од шкрилци генерално е премногу лесна за да ја замени руската сурова нафта во поголем обем.

Но, да споменеме дека постојат пречки за пренасочување на трговијата подалеку од Азија. Некои од нив се долгорочните договори кои ги поврзуваат азиските клиенти со производителите од Блискиот Исток и поголемата привлечност на азискиот пазар во однос на Европа, поради построгите европски стандарди за животна средина и помалиот потенцијал за раст. Дополнително, како што се засилува глобалната конкуренција за обезбедување нафта од Блискиот Исток, ценовната моќ на ОПЕК ќе се зголемува.

Веќе е видлива зголемената улога на Блискиот Исток во снабдувањето со нафта во Европа. Европа порано беше нето увозник на руски нафтени деривати, особено на дизелот што се користи за напојување на автомобили, камиони, бродови, градежна и производствена опрема и многу повеќе. Оттука, до почетокот на 2023 година, инвеститорите беа мошне засегнати од тоа дека Европа ќе доживее исцрпувачки недостиг на дизел гориво откако забраната на ЕУ за руските производи стапи на сила во февруари. Но, досега, европската стратегија за диверзификација на понудата се покажа како ефикасна.

Стратегијата има многу непостојани варијабли. На пример, минатата година Германија потпиша договор со Абу Даби за набавка на дизел во количества кои се еднакви на околу две третини од претходниот увоз од Русија. Но, според Управата за енергетски информации, најголемиот пораст во увозот на дизел во Европа потекнува од Саудиска Арабија. Заклучно со февруари, испораките се зголемија на 202.000 барели на ден, што е повеќе од просечните 68.000 барели на ден во периодот помеѓу октомври 2021 и септември 2022 година. Улогата на Турција, исто така, веројатно ќе се зголемува. Бидејќи не е членка на ЕУ, сè уште ѝ е дозволено да увезува руски дизел во рамките на ценовната граница. Овој увоз може да се искористи за задоволување на домашната побарувачка додека турскиот дизел се извезува во Европа.

Во иднина, ако зелената транзиција навистина биде засилена ако и доведе до намалување на глобалната потрошувачка на нафта, пазарниот удел и моќта на цените на производителите од Блискиот Исток ќе се зголемат. Бидејќи нивните производствени трошоци се меѓу најниските во светот, намалувањето на побарувачката на нафта би значело дека ценовно ќе бидат истиснати најмалку оние производители кои се најмалку економични во своето производство, како оние од Северна Америка.

Овие промени на нафтената карта на Европа означуваат значителна геополитичка промена. На некој начин тие претставуваат враќање на ситуацијата од пред четири децении. Европа беше главен потрошувач на природен гас во 1980-тите токму затоа што тоа сакаше да ја намали својата изложеност на Блискиот Исток, по нестабилноста предизвикана од нафтените шокови кои се случија во 1970-тите година. Поради тоа, блискоисточната нафта сè уште учествува со помалку од 20% во вкупниот европски увоз на нафта.

На истиот начин, зголемената зависност од нафта која потекнува од Блискиот Исток ќе ја направи Европа многу поранлива на геополитичките тензии во регионот. Покрај донесувањето соодветни стратегии за хеџинг – како во однос на диверзификација на снабдувањето така и во однос на дипломатски ангажман - Европејците исто така мора да се подготват да се справат со зголемувањето на кинеското влијание во регионот. Кина посредуваше во дипломатско зближување помеѓу Иран и Саудиска Арабија и тоа само минатиот месец; и како главен увозник на нафтата од Блискиот Исток, таа ќе се обиде да ја искористи својата нова геополитичка улога за да ја насочи динамиката на пазарот во своја полза.

Во таа смисла, променливата енергетска карта на Европа ќе има глобални импликации. Кога Америка го објави своето стратешко „свртување кон Азија“ во 2011 година и стана повеќе енергетски независна со експлоатација на нафта од шкрилци и гас, релевантноста на Блискиот Исток беше значително намалена.

Иако ОПЕК беше принуден на непријатниот Сојуз на ОПЕК + Русија, загриженоста за климатските промени ги принуди земјите од Блискиот Исток да почнат да ги преиспитуваат своите економски модели, со огромни социјални и политички последици. Сега, регионот најверојатно ќе се врати во центарот на енергетската карта, барем на краток и среден рок. Дали ќе ја искористи можноста да постави темел за долгорочна стабилност, останува да видиме.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Едоардо Кампанела

Едоардо Кампанела e виш соработник во Центарот Мосавар-Рахмани при Кенеди Школата на Харвард, и е коавтор (со Марта Дасу - Marta Dassù) на Anglo Nostalgia: The Politics of Emotion in a Fractured West (Oxford University Press, 2019).