Украинските жртви се бројат во стотици илјади, а Украина ги потроши својата артилерија, противвоздушна одбрана, тенковите и другото тешко оружје. Веројатно е дека Русија ќе следи со масовна офанзива.
Влегуваме во завршната фаза на 30-годишниот американски „неокон“ дебакл во Украина. Планот „неокон“ имаше за цел Русија да биде опкружена од НАТО во регионот на Црното Море, но тој не успеа. Сега, одлуките на САД и Русија ќе бидат тие кои ќе имаат огромна важност за мирот, безбедноста и добросостојбата на целиот свет.
Има вкупно четири настани кои ги урнисаа „неокон“ надежите за проширување на НАТО кон истокот, поточно кон Украина, Грузија и понатаму. Првиот е многу директен. Украина е уништена на бојното поле, со трагични и ужасни загуби. Русија победува во војната за уништување, што е исход што беше предвидлив од самиот почеток, но што „неоконите“ и мејнстрим медиумите го негираат.
Вториот е падот на поддршката во Европа за американската „неокон“ стратегија. Полска повеќе не разговара со Украина. Унгарија долго време се спротивставува на „неоконите“. Словачка избра анти-неокон влада. Лидерите на ЕУ (Макрон, Мелони, Санчез, Шолц, Сунак и други) имаат неодобрувања кои се далеку повисоки од одобрувањата.
Третиот е намалувањето на американската финансиска поддршка за Украина. Основните единици на Републиканската партија, неколку републикански претседателски кандидати и сè поголем број на републикански пратеници во Конгресот се противат на зголемувањето на трошоците за Украина. Во предлог-законот наречен „stop-gap“ кој има за цел да ја одржи државата функционална, републиканците ја укинаа новата финансиска поддршка за Украина. Белата куќа повика на нова легислатива за помош, но ова ќе биде тешка борба.
Четвртата, и најитна од гледна точка на Украина, е веројатноста од руска офанзива. Украинските жртви се бројат во стотици илјади, а Украина ги потроши својата артилерија, противвоздушна одбрана, тенковите и другото тешко оружје. Веројатно е дека Русија ќе следи со масовна офанзива.
„Неоконите“ доведоа до огромни катастрофи во Авганистан, Ирак, Сирија, Либија, а сега и во Украина. Политичкиот систем на САД сè уште не ги повикал „неоконите“ на одговорност, бидејќи надворешната политика и понатаму се спроведува со минимален надзор од Конгресот, дури и без никаков надзор, и тоа е така до денес. Главните медиуми застанаа на страната на слоганите на „неоконите“.
Украина се соочува со ризик од економски, демографски и воен колапс. Што треба да направи американската влада за да се соочи со оваа потенцијална катастрофа?
Таа треба веднаш да го смени курсот. Велика Британија ги советува САД да ја ескалираат состојбата, затоа што Британија е заглавена во своите империјални возбудувања од 19 век. „Неоконите“ на САД се заглавени во империјалистичкиот занес. Неопходно е итно да надвладеат поладни глави.
Претседателот Џо Бајден треба веднаш да го информира претседателот Владимир Путин дека САД ќе го прекинат проширувањето на НАТО кон исток доколку САД и Русија постигнат нов договор за безбедносните аранжмани. Со ставање крај на проширувањето на НАТО, САД сè уште можат да ја спасат Украина од политичките дебакли кои се случија во изминативе 30 години.
Бајден треба да се согласи да преговара за безбедносен аранжман сличен на оној (иако без прецизни детали) на предлозите на претседателот Путин од 17 декември 2021 година. Бајден глупаво одби да преговара со Путин во декември 2021 година. Сега е време да се преговара.
Постојат вкупно четири клучеви за постигнување на договор. Прво, како дел од севкупниот договор, Бајден треба да се согласи дека НАТО нема да се прошири кон исток, но нема да го смени минатото проширување на НАТО. НАТО, се разбира, нема да толерира руски навлегувања во постоечките земји членки на НАТО. И Русија и САД ќе ветат дека ќе избегнат провокации во близина на руските граници, вклучително и провокативно поставување ракети, воени вежби и слично.
Второ, новиот безбедносен договор меѓу САД и Русија треба да го опфати нуклеарното оружје. Едностраното повлекување на САД од Договорот за антибалистички ракети во 2002 година, проследено со поставувањето на ракетите „Егис“ во Полска и Романија, беше нешто што сериозно ги разгоре тензиите, кои дополнително се влошија со повлекувањето на САД од Договорот за средни нуклеарни сили (ИНФ) во 2019 година и Руската суспензија на Договорот за нов почеток во 2023 година. Руските лидери постојано укажуваат на американските ракети во близина на Русија, сега неограничени од напуштениот Договор за антибалистички ракети, како на голема закана за националната безбедност на Русија.
Трето, Русија и Украина би се договориле за новите граници, во кои Крим во кој мнозинството од населението се Руси и областите во источна Украина во кои мнозинството од населението исто така се Руси, ќе останат дел од Русија. Промените на границите ќе бидат придружени со безбедносни гаранции за Украина, едногласно поддржани од Советот за безбедност на ОН и други држави како Германија, Турција и Индија.
Четврто, како дел од спогодбата, САД, Русија и ЕУ повторно ќе воспостават трговски, финансиски, туристички и односи на културна размена. Дефинитивно е време уште еднаш да ги слушнеме Рахмањинов и Чајковски во американските и европските концертни сали.
Промените на границите се последно средство и тоа треба секогаш да биде под покровителство на Советот за безбедност на ОН. Тие никогаш не смеат да бидат предвесник или покана за понатамошни територијални барања, на пример од Русија во однос на Русите кои живеат во други земји. Сепак, границите се менуваат, а САД неодамна поддржаа две промени на границите. НАТО ја бомбардираше Србија 47 дена додека таа не го отстапи регионот на Косово со мнозинско албанско население. Во 2008 година, САД го признаа Косово како суверена држава. САД на сличен начин го поддржаа и бунтот на Јужен Судан за да се отцепи од Судан.
Ако Русија, Украина или САД последователно го прекршат новиот договор, тоа би значело предизвикување на остатокот од светот. Како што забележа Џон Ф. Кенеди, „Можеме да се потпреме дури и на најнепријателските народи да ги прифатат и да ги почитуваат тие обврски од договорот, и само тие обврски од договорите, кои се во нивен сопствен интерес“.
„Неоконите“ на САД сносат голема вина за поткопување на границите на Украина од 1991 година. Русија не претендираше на Крим сè до соборувањето на претседателот на Украина, Виктор Јанукович, што беше поддржано од САД во 2014 година. Ниту, пак, Русија го анектира Донбас по 2014 година – наместо тоа, таа ја повика Украина да го почитува договорот Минск II поддржан од ОН, кој се заснова на автономија на Донбас. „Неоконите“ претпочитаа да ја вооружат Украина за да го вратат Донбас со сила, наместо да му дозволат автономија.
Долгорочниот клуч за мир во Европа е колективна безбедност како што се бара oд Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ). Според договорите на ОБСЕ, земјите-членки на ОБСЕ „нема да ја зајакнуваат својата безбедност на сметка на безбедноста на други држави“.
„Неокон“ унилатерализмот ја поткопа колективната безбедност на Европа со тоа што притискаше за проширување на НАТО без да ги зема предвид третите страни, особено Русија. На Европа (вклучително и на ЕУ, Русија и Украина) им е потребно повеќе ОБСЕ и помалку „неокон“ унилатерализам како решение за траен мир во Европа.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.