Од предводник на протестите против наместените парламентарни избори во 2011 година, преку истрага за корупција кај руските елити, па до обид да се собори претседателот Владимир Путин, Алексеј Навални беше неуморен во својата речиси дведецениска кампања против корупцијата во и околу Кремљ. Путин одговори на тоа како и секој друг руски деспот.
Уште во 2013 година, кога критичарот на Кремљ Алексеј Навални се соочуваше со лажни кривични пријави, се потсетив кога мојот прадедо, советскиот водач Никита Хрушчов, ја спореди Русија до када полна со тесто. „Ја спушташ раката во кадата, до дното“ и „кога ќе ја извадиш раката, останува мала дупка“. Но потоа, „пред твоите очи“, тестото се враќа во првобитната состојба - „сунѓереста, надуена маса“. Смртта на Навални во оддалечената казнена колонија на Арктикот по повеќе од една деценија докажува дека работите речиси воопшто не се промениле.
Затворот во кој загина Навални е особено брутален. Го нарекуваат „Поларен волк“. Станува збор за ладен гулаг кој е наменет за насилни криминалци. Но, Навални (застапник и блогер за борба против корупцијата) не беше познат по тоа дека користи насилни методи. Во 2013 година, тој се спротивставуваше на наместените обвиненија за проневера, и пресудите што го испратија во „Поларниот волк“ во 2021 година беа за прекршување на условно пуштање на слобода, измама и непочитување на судот. Додека бил во затвор, му била наметнати и други фабрикувани обвиненија, вклучително и поддршка на екстремизам.
Вистинското злосторство на Навални, се разбира, беше тоа што му се спротивстави на претседателот Владимир Путин. Од предводник на протестите против фалсификуваните парламентарни избори во 2011 година, преку истражување на корупцијата кај руските елити па до обиди да се собори Путин (на претседателските избори од кои властите го исклучија од трката), тој беше неуморен во неговата речиси дведецениска кампања против Путин и неговиот круг. Многуте правни постапки беа судења во стилот на Сталин – целта беше да се прикаже илузија на правдата, а истовремено критичарот од висок профил да биде отстранет од гласачките ливчиња и телевизиските екрани.
Но, додека судењата од времето на Сталин либерално ја користеа смртната казна (како и гулазите), ниту еден случај против Навални, колку и да е измислен, не го гарантираше тоа - барем не официјално.
Руските затворски служби тврдеа дека Навални изгубил свест додека бил во прошетка и не можел да биде реанимиран, и покрај најдобрите напори на итната медицинска помош. Но, Навални не изгледаше „лошо“ претходниот ден, кога учествувал на онлајн судска постапка, или ден пред тоа, кога бил посетен од неговиот адвокат. Ова не значи дека смртта на Навални била дефинитивно директен удар, нарачано од самиот Путин; животот во „Поларен волк“ би го уништил сечие здравје. Но, директно или индиректно, токму Путин го уби Навални.
И ова не беше прв обид за негово убиство. Во летото 2020 година, Навални беше отруен со нервен агенс Новичок (создаден во Советскиот сојуз) и со хеликоптер бил пренесен во Берлин за да се опорави. Тој знаеше дека враќањето во Русија ќе значи уште повеќе политички мотивиран прогон, како она на поранешниот извршен директор на „Јукос“, Михаил Ходорковски и на панк-рок агитаторите Пуси Рајот. Тој дури знаеше дека може да биде убиен, како Борис Немцов, Ана Политковскаја и безброј други. Но, тој избра да се врати во Русија и да продолжи да се соочува со Путин.
Навални беше уапсен веднаш по слетувањето во Москва. На протестите кои следеа, десетици илјади Руси излегоа на улиците барајќи негово ослободување, што само го засили ставот на Кремљ во врска со него – како закана што мора да се неутрализира. Во судењата што следеа едно по друго, ниту еден државен орган не се осмели да го употреби неговото име, нарекувајќи го „германски пациент.“ Тоа беше како да живеете во универзумот на Хари Потер, каде што страшниот Лорд Волдеморт се нарекува „оној што не смее да биде именуван“.
Кога пишував за епизодните судења на Навални во 2013 година, сугерирав дека Русија можеби напредува, иако тоа се случува бавно. Не знаев дека овој период подоцна ќе биде запаметен како „вегетаријански времиња”, кога независните медиуми се потиснати, но не и забранети, јавниот протест се казнува, но не со долги затворски казни, а непријателот на Кремљ од висок профил како што е Навални можеше да продолжи да води антикорупциска фондација и да зборува против неправдата. Но, откако се случи целосната инвазија на Русија на Украина во 2022 година, Кремљ стана вистински „месождер“.
Од почетокот на инвазијата, иницирани се речиси 300 случаи само по основ на „дискредитација на руските вооружени сили.“ Во денешно време, сè што е потребно за да ве изнесат на суд Русија е да рецитирате антивоена песна. Трагедијата на деспотот е што борбата никогаш не завршува. Колку повеќе ревијални судења одржува режимот, толку повеќе ќе мора да се одржува за да ги држи луѓето под контрола. Колку повеќе луѓето трпат репресија, толку повеќе репресија е потребна за да се избегне реакција. Колку повеќе крв се пролева, толку повеќе крв треба да се пролее.
Нема крајна точка - нема финиш - за авторитарен човек како Путин. Тој мора да ја задржи власта денес, а потоа да го повтори истото тоа и утре. Затоа, разумно е да се претпостави дека во пресрет на следните лажни претседателски избори во Русија следниот месец, толеранцијата на Путин кон несогласувањата е на најниско ниво досега.
Да, се очекува изборите да течат без проблеми, а смртта на Навални веројатно привлече повеќе внимание отколку што привлекоа внимание неговите изјави од затворот; можно е убиството да било индиректно. Но, истата логика би важела и за труењата на руско-британскиот двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија две недели пред претседателските избори во 2018 година. Ниту една од жртвите не претставуваше непосредна закана за Путин, а нивната смрт привлече големо негативно меѓународно внимание. Но, Путин требаше да испрати порака: непријатели, внимавајте!
И тестото повторно ја полни кадата.
Авторски права: Project Syndicate, 2024. www.project-syndicate.org