Црна Гора официјално ги започна преговорите со Европската Унија (ЕУ) на 29 јуни 2012 година и на тој пат, како и остатокот од Европа и светот, не беше и сè уште не е отпорна на моќта на пропагандата, дезинформациите и лажните вести.
Црна Гора, како држава која е во процес на преговори со ЕУ, ја усогласува својата надворешна политика со ЕУ. А откако започна војната во Украина, бројот на дезинформации порасна, па на порталот на Радио телевизија Црна Гора (РТЦГ) беше објавена дезинформација дека Црна Гора го протерала рускиот амбасадор, а не руски дипломат - што всушност била вистинската вест. Веста потоа беше променета. Истата вест беше објавена и на Фејсбук-страницата „Мојковчаки фантом“ и наиде на остри реакции од јавноста.
Една од последните вести што ја разбранува јавноста е информацијата дека ЕУ ги враќа визите за црногорските граѓани. Таа информација беше погрешно протолкувана при посетата на претставничката на ЕУ Тања Фајон, во јануари. Информациите од порталот Voice of Montenegro за наводната одлука на ЕУ да воведе визен режим за Црна Гора предизвикаа остри коментари од граѓаните на социјалните мрежи и голем број негативни реакции. Од Канцеларијата на ЕУ во Црна Гора тогаш ја демантираа таа информација.
Повикувајќи се на усогласувањето на безбедносната и надворешната политика на Црна Гора на патот кон ЕУ, порталот Dan објави текст во кој се повикува на Министерството за надворешни работи, од каде наводно изјавиле дека Црна Гора треба целосно да се усогласи со одлуките на ЕУ, вклучително и со суспензијата на Договорот на ЕУ за визно олеснување со Русија. Тоа би значело дека процесот на доаѓање на Русија во Црна Гора ќе биде покомплициран, но не и забранет.
Во еден напис на порталот Srbin info насловот е: Авети без образ: Црна Гора сака да им забрани на Русите влез во земјата
Да појасниме, суспензијата на Договорот значи дека руските граѓани повеќе нема да уживаат привилегиран пристап до ЕУ, на пример за туристички и рекреативни цели. Тие ќе се соочат т.е. се соочуваат со подолг, поскап (од 35 до 80 евра) и потежок процес на аплицирање за виза, како и со повеќе ограничувања за визи за повеќекратни влезови.
Две од клучните поглавја со кои Црна Гора кубури во процесот на пристапување во ЕУ се 23 и 24, односно напредокот во борбата против криминалот и корупцијата. Владата неодамна го објави Предлог-законот за конфискација на имот, кој наиде на голем број коментари и критики од стручната и лаичката јавност. На порталот Борба е објавен текст под наслов: „Европската комисија (ЕК) вчера го поддржуваше Законот за потеклото на имотот, а денеска бара да се преиспита: „Потребно е да се направат јавни консултации“.
Во текстот се наведува дека ЕК прво го поддржала Законот, а потоа, како што кажува и самиот наслов, го сменила мислењето и наредила преиспитување.
Извор: freepik.com
И покрај горенаведените тврдења, нема докази кои укажуваат на тоа дека ЕК го сменила мислењето во однос на Законот за конфискација на имот.
Законот не ги препознава лажните вести
Земјите од Балканот и Југоисточна Европа се најранливи кога станува збор за лажни вести и дезинформации, според Индексот на медиумска писменост за 2022 година. Ова може да се види на индексот на Балканската иницијатива за слободни медиуми, каде Црна Гора е на 35. место.
Правната рамка на Црна Гора не нуди дефиниција за лажни вести, додека Кривичниот законик го содржи делото „предизвикување паника и неред“. Во државата функционира и Медиумскиот совет за саморегулација - независно саморегулаторно тело кое ја следи работата на печатените, електронските и онлајн медиумите.
Неколку приватни, најчитани медиуми имаат свој омбудсман. Улогата на омбудсманот е да ги штити правата на граѓаните и да постапува по нивните жалби и приговори. Мислењето содржи и препорака што треба да се направи за да се отстрани повредата, како и рок за нејзино отстранување.
Опцијата секој медиум да има свој омбудсман, во принцип, не е лоша. Меѓутоа, дел од јавноста секогаш може да ја доведе во прашање независноста на омбудсманот во однос на раководството, во зависност од постапувањето по одреден приговор.
Медиумската стратегија ставена на чекање
Црна Гора за првпат подетално ги обработува овие проблеми во документот „Медиумска стратегија“ за периодот од 2022 до 2026 година, чиј нацрт беше објавен во март минатата година. Сепак, нема конкретни предлози или прецизни механизми за борба против спорните медиумски содржини.
„Најдобрата европска практика укажува на тоа дека не може да се бориме против овој проблем само со репресија или регулација, туку е неопходен минимален консензус во новинарската заедница“, се вели во владиниот документ, кој допрва треба да се усвои. Медиумската стратегија, која се најавуваше подолго време, сè уште е „на чекање“. Ниту актуелната влада, која ја загуби довербата во парламентот во август минатата година, се чини дека не е премногу посветена на изработката на тој документ.
Кога станува збор за подготовката на новиот Закон за медиуми, директорот на Директоратот за медиуми во Министерството за култура Неѓељко Рудовиќ изјави дека новиот Закон предвидува новини во борбата против дезинформациите така што се поттикнува саморегулацијата.
Според Рудовиќ, саморегулацијата е првата и најважна инстанца која се занимава со проблемот на дезинформациите, со тоа што ги деконструира и укажува на медиумите и новинарите кои ја злоупотребуваат новинарската професија, не ја почитуваат етиката и шират лажни вести.
Висок процент на согласност за влез во ЕУ
Со години, сите анкети во црногорско општество, кое обично е прилично поларизирано, укажуваат на високо ниво на согласност кога станува збор за приемот на земјата во ЕУ. Приклучувањето на Црна Гора во ЕУ е една од главните цели на речиси сите политички парламентарни партии и единствената точка што ги обединува и левицата и десницата. По пандемијата на коронавирусот и војната во Украина, се чини дека дезинформациите никогаш не биле позастапени во јавноста, особено што се шират уште побрзо и полесно благодарение на социјалните мрежи.
Од година во година, ЕУ сè повеќе ја проблематизира појавата на дезинформациите и преку различни стратегии и проекти им помага на земјите членки како и на кандидатите во сузбивањето.
Во Црна Гора од оваа година медиумската писменост е изборен предмет во основните училишта, што претставува солидна основа за генерациите уште од најрана возраст правилно да ги филтрираат медиумските содржини.
Секој кој е на власт во државата би морал да ја вброи меѓу приоритетите и борбата против дезинформациите и лажните вести. Дезинформациите ја нагризуваат довербата во медиумите, но и во институциите. Без силни институции нема владеење на правото, а во крајна линија, без владеење на правото нема влез во ЕУ.
Текстот е објавен како дел од иницијативата „Приказни од регионот“ која ја спроведуваат Рес публика и ИКС, во соработка со партнерите од Косово (Sbunker), Србија (Autonomija), Босна и Херцеговина (Анализирај.ба), Албанија (Exit News), и Црна Гора (PCNEN), во рамки на проектот „Користи факти“ кој се реализира од ИКС, со поддршка на Британската амбасада во Скопје.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.