Бериша најави дека протестите ќе продолжат со нов собир закажан за 22 март, на кој се очекува масовен одзив. Дали тој ќе биде толку мирен колку што тој тврди, останува да се види
Од почетокот на декември, Адриатик Лапај и неговата весела група поддржувачи кампуваат пред истата канцеларија на главниот булевар во Тирана. Лидерот на центро-десничарската партија „Албанија ќе ја биде“ (Shqipëria Bëhet), Лапај, се прослави како адвокат, потоа во граѓанското општество, пред неуспешно да се кандидира на општите избори во мај 2025 година. Откако освои само едно пратеничко место во собранието од вкупно 140 места, Лапај се осврна кон протести за да го изрази незадоволството од статус кво состојбата: влада предводена од Рама веќе четири мандати, односно цели 12 години и која сè уште е на власт.
Држејќи мегафон на скалите од владината зграда на 31 јануари, Лапај го обвини Рама за вмешаност во корупција и криминал, како и за низа наводни скандали со злоупотреба на државната власт. „Секој ден што поминува ја зајакнува нивната автократија, нивната диктатура, а секој скандал што се случува го прави уште поневозможно да се соборат оние што ви го крадат животот, сегашноста и иднината денес, затоа размислете добро. Ова е битка меѓу малцинството кое ги окупираше канцелариите и ги дели буџетските пари и мнозинството кое страда,“ рече тој.
И покрај тоа што беше ослободен од одговорност од страна на полицијата во инцидентот во кој Лапај беше хоспитализиран откако греалка му падна врз главата, тој е дециден дека ќе остане додека Рама и неговата влада не бидат отстранети од власт.
„Нашиот отпор не запира… Сега е времето…“, додаде тој за време на собирот.
Но, неговите извици не наидоа на одзив, бидејќи само околу 100 луѓе се собраа за поддршка. Иако тој е сè уште присутен таму во моментот на пишувањето на овој текст, а тој и неговите поддржувачи наизменично го „окупираат“ просторот со спорадични собири, неговото движење има мала тежина или влијание врз јавното мислење. Покрај тоа, протестите на опозициската Демократска партија беа тие што ги полнеа меѓународните насловни страници, и тоа не еднаш, туку трипати.
Во декември, јануари и февруари, партијата која беше прва формирана по падот на комунизмот во 1991 година и која е предводена од бунтовниот поранешен премиер и претседател Сали Бериша, одржа национални протести на истиот булевар. Протестите брзо прераснаа во хаос кога демонстрантите фрлаа молотови коктели кон кабинетот на премиерот, а еден милитант со фантомка истрела огномет преку полицискиот кордон од, како што изгледаше, фрлач изработен по нарачка.
Во текот на трите протести, и демонстрантите и полицијата беа повредени, а голем број учесници, вклучувајќи и едно малолетно лице, беа уапсени, а некои ќе се соочат со обвиненија. Сликите станаа вирални и ги поттикнаа загрижените туристи да прашуваат во групите на Фејсбук: „Дали е безбедно да се посети Албанија во овој момент?“
Полицијата ги бранеше своите постапки како пропорционални со оглед на неколкуте илјади демонстранти, пиротехниката и маскираните лица, додека демонстрантите ја осудија несразмерната употреба на сила. Иако сè уште буквално не е пресудено кој бил во право, а кој не, додека истрагите продолжуваат, Бериша — кој и самиот е под истрага за корупција и злоупотреба на службената положба — ја планира третата рунда.
„Изјавив, и изјавувам, сега имаме една цел, отстранување на овој жесток непријател на постоењето на Албанците“, изјави Бериша за медиумите најавувајќи го следниот датум на протестот – 10 февруари. Тој додаде дека опозицијата е на „бојното поле“ за демократија и ги повика луѓето да се мобилизираат во „мирно востание против владата“.
Но, што стои зад повторното разгорување на протестите на албанската опозиција и што е тоа што ги крена на нозе нејзините лидери?
Извор: envato
За Бериша, долгогодишен непријател на Рама, позадината на оваа рунда протести започнува со изборите во мај 2025 година. Рама и неговата Социјалистичка партија победија со убедливо мнозинство, на големо разочарување на опозицијата. Уште пред да бидат изброени гласачките ливчиња, Бериша обзнани за масовното купување гласови од страна на Социјалистичката партија (СП), манипулацијата со гласовите и за „изборна кражба“.
Но, меѓународните организации зазедоа поинаков став, при што ОБСЕ изјави дека изборите биле „конкурентни и менаџирани на професионален начин“, но забележа дека имало „бројни извештаи за притисок врз вработените во јавниот сектор“ и дека јавните и институционалните ресурси биле искористени како оружје во корист на Социјалистичката партија (СП). Иако некои истраги сè уште траат, локалните или меѓународните власти не пронајдоа веродостојни случаи на масовно купување гласови или изборна манипулација.
Неговите тврдења за потплатени избори продолжија во текот на целата година, придружени со неколку демонстрации во главниот град. Но, дури во есента работите добија на интензитет.
Во октомври 2025 година, заменик-премиерката на Рама и министерка за инфраструктура и енергија, Белинда Балуку, беше повикана на распит во СПАК (SPAK), специјалното обвинителство на земјата против корупција и организиран криминал. Таа им изјави на новинарите дека соработува во истрагата, за наводно мешање во јавните набавки за изградба на патишта. До ноември, беше додадено уште едно обвинение, исто така поврзано со случај на изградба на пат, а судот ја суспендираше од должност и ѝ забрани да патува во странство.
Рама побара од Уставниот суд да ја поништи одлуката, што судот и го прифати, но само додека не биде донесена конечна одлука. Обвинителите повторно поднесоа жалба на ова, а случајот сè уште е во тек.
До декември, обвинителството побара од Парламентот да ѝ го одземе пратеничкиот имунитет за да овозможи нејзино апсење. СПАК (SPAK) објави уште седум обвиненија за слични случаи со изградба на патишта кои биле потпишани од Балуку. Балуку негираше каква било вина, а мнозинството од Социјалистичката партија постојано беше против одземање на имунитетот.
Правните проблеми на Балуку се најновите во долгата низа истраги на високо ниво и апсења од страна на СПАК (SPAK), иако таа би можела да биде функционерот од највисок ранг досега. Градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, е во затвор чекајќи судење за злоупотреба на службената положба од февруари 2025 година, додека поранешниот заменик-премиер Арбен Ахметај е во бегство во Швајцарија, исто така обвинет за корупција.
Сето ова беше доволна причина за опозицискиот бунт, чии барања се јасни: итен пад на актуелната влада, отворање истраги против премиерот и неговите соработници, па дури и распишување предвремени избори.
Меѓутоа, СПАК не се ограничи само на владејачката партија. Самиот Бериша беше во куќен притвор околу една година поради корупција поврзана со злоупотреби додека беше на власт, а беше испрашуван и во врска со убиството на четворица демонстранти на 21 јануари 2011 година, во времето кога тој беше премиер. Лапај исто така беше обвинет за корупција од страна на друг лидер на опозициска партија, Агрон Шехај, кој тврди дека Лапај вршел услуги за компанија која е под истрага на СПАК (SPAK) за перење пари. Сите истраги се во тек, а и Бериша и Лапај негираат каква било вина.
Во меѓувреме, Илир Мета, поранешен премиер и претседател, кој некогаш беше со Рама, а во последно време со Бериша, се наоѓа во затвор од октомври 2024 година, кој исто така чека судење.
Функционери од пониски ешалони, вклучувајќи поранешни министри, директори и градоначалници од двете страни, во последните години се најдоа на мета на правдата. Истовремено, јавноста има најголема доверба во СПАК (SPAK) во споредба со која било друга институција и изгледа подеднакво поделена околу тоа која политичка партија ја смета за покорумпирана.
Во меѓувреме, Бериша најави дека протестите ќе продолжат со нов собир закажан за 22 март, на кој се очекува масовен одзив. Дали тој ќе биде толку мирен колку што тој тврди, останува да се види, исто како и тоа дали протестите ќе ја остварат својата цел.
Рама ја ужива поддршката на повеќе од половина од гласачкото тело, а со оглед на тоа што опозицијата се соочува со сопствени правни проблеми и нема реална, „некомпромитирана“ фигура во која гласачите би можеле да имаат доверба, секоја промена на владата или распишување нови избори изгледа малку веројатно.
Без оглед на исходот од собирот на 22 март, тешко дека тој ќе предизвика вистински промени откако ќе стивнат немирите и ќе се разедини чадот од солзавецот и молотовите коктели.
