Зад дезинформациите и „лажните вести“ во Црна Гора често стои подлабок проблем: анонимни кампањи на таргетирање што ги преземаат домашни политичари, медиуми и друштвени мрежи. Додека Европа го препознава СММИ како закана за демократијата, црногорските институции и натаму главно реагираат доцна, делумно или воопшто не реагираат.
Порталот се појави пред изборите. Немаше познати автори, уредници, импресум, ниту јавно објавена информација за неговите сопственици. Објавуваше списоци на луѓе што ги означуваше како соработници на странски служби, предавници или лица поврзани со криминал. Текстовите се споделуваа по друштвените мрежи, а потоа се преземаа и во политичката арена, како оружје во полемиките. По изборите, порталот исчезна. Години подоцна, јавноста сè уште со сигурност не знае кој го осмислил, финансирал и користел за политичка дискредитација на неистомислениците.
Така изгледаше „Удар“, анонимниот сајт што во Црна Гора беше покренат пред парламентарните избори во 2020 година, еден од најпредизвикувачките моменти во црногорската политика, кога, по повеќедецениското владеење, од власта падна Демократската партија на социјалистите (ДПС).
Улогата на „Удар“ не беше само да објавува спорни содржини. „Удар“ произведуваше атмосфера. Во предизборниот момент, луѓето ги означуваше како безбедносна закана, како соработници на странски центри на моќ или како непријатели на државата.
Порталот, иако згаснат набргу по изборите, остана пример како манипулативните наративи и дезинформациите функционираат во практиката. Честопати првично претставени како одбрана на државата, народот, верата или идентитетот, тие брзо стануваат политичко оружје за пресметка со неистомислениците штом ќе ги преземат домашните актери: политичари, медиуми, анонимни портали, дигитални мрежи…
„Се работеше за валкана предизборна кампања спроведувана од страна на поранешниот режим, во која директно беа вклучени службеници на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), со цел лична и професионална дискредитација на политичките неистомисленици“, вели за Рес публика Филип Аџиќ, поранешен министер за внатрешни работи во 43. Влада на Црна Гора.
Аџиќ беше еден од оние што ги таргетираше „Удар“.
Во Црна Гора за странското мешање, дезинформациите и хибридните закани најчесто се зборува во текот на некоја политичка криза, и тогаш проблемот се опишува драматично, како напад врз државата, европскиот пат, демократијата или стабилноста. Но, штом кризата ќе стивне, изостанува она што би морало да биде најважно: јасен и координиран институционален одговор на таквите закани.
Црна Гора нема доволно видлив систем што би следел како настануваат манипулативните наративи, кој ги презема, преку кои медиуми и дигитални канали се шират и кога прераснуваат во организирани кампањи на таргетирање. Реакциите најчесто се задоцнети, парцијални или препуштени на професионалните медиуми, граѓанското општество и платформите за проверка на факти.
На тој проблем со години укажуваат и извештаите на Европската комисија (ЕК). Во Извештајот за Црна Гора за 2024 година, од ЕК ѝ препорачаа на државата да вложи дополнителни напори за да го стесни просторот за „странско мешање и манипулација со информации, вклучувајќи дезинформации“, како и да гради отпорност на хибридните закани со усвојување стратегија за спротивставување на хибридните закани и придружен акциски план.
Истата препорака е повторена и во Извештајот за 2025 година.
Со други зборови, проблемот е препознаен, но очигледно е дека Црна Гора странските манипулативни наративи сè уште не ги третира како системски предизвик што бара поврзување на медиумската политика, сајбер-безбедноста, правосудството, регулаторите, образованието, изборниот систем и граѓанското општество.
Рес публика за потребите на овој текст се обрати до Министерството за култура и медиуми на Црна Гора и до Агенцијата за сајбер-безбедност. Бројните прашања се однесуваа на тоа дали државата има механизам за препознавање и следење на странското манипулирање и мешање во информацискиот простор, односно СММИ, и како институциите ги разликуваат таквите појави од обичните дезинформации, политичката пропаганда или говорот на омраза.
До објавувањето на текстот, одговори не пристигнаа.
СММИ не е само лажна вест
СММИ не се сведува само на „лажни вести“. Станува збор за поширок образец на манипулативно однесување што може да ги загрози вредностите, политичките процеси и довербата во институциите. Според дефиницијата што ја користи Европската служба за надворешни работи (EEAS), СММИ е претежно незаконски или не нужно незаконски образец на однесување што може негативно да влијае врз вредностите, процедурите и политичките процеси, а е манипулативен, намерен и координиран. Актерите можат да бидат државни, недржавни или нивни посредници.
Тоа е важна разлика. Дезинформацијата е само еден дел од проблемот. СММИ вклучува и анонимно пласирање обвинувања, координирано засилување на пораки, таргетирање на поединци и заедници, прикриено политичко огласување, мрежи на профили, манипулација со идентитетот, злоупотреба на кризи и домашни актери што странските или регионалните наративи ги преведуваат во локални поделби.
Токму тоа е црногорскиот проблем.
Директорката на Институтот за медиуми на Црна Гора (ИМЦГ) Оливера Николиќ предупредува дека црногорскиот медиумски и дигитален простор не е ранлив само поради дезинформациите во потесна смисла, туку поради поширокиот образец на манипулација во кој „легитимната критика се заменува со етикетирање“, правната или политичката расправа се претвора во идентитетски судир, а лицето или групата што изнесува став се претставува како „непријател, предавник, странски платеник, антисрбин, комита, соработник на службите или закана за државата и народот“.
Во таков простор, вели Николиќ, најголемиот проблем не е само тоа што постојат лажни тврдења, туку тоа што координираните кампањи честопати не се препознаваат веднаш како кампањи.
Од правна критика до обвинување за предавство
Николиќ како пример ги наведува нападите врз извршната директорка на Акцијата за човекови права (HRA) Теа Горјанц Прелевиќ по критиките на Темелниот договор со Српската православна црква (СПЦ) во 2022 година.
Од HRA тогаш изнесуваа правни забелешки на текстот на договорот, укажувајќи на прашањата за неговата усогласеност со Уставот, законите и секуларниот карактер на државата. Тоа беше легитимна јавна критика, а предмет на расправата беше конкретен документ и неговите правни ефекти. Меѓутоа, дел од јавниот простор не одговори на правните аргументи, туку критиката ја преведе во идентитетски напад врз СПЦ, православието, Србија и Србите.
Таргетирањето не мора да биде насочено само кон поединци, туку и кон цели заедници.
Тоа се виде во почетокот на октомври 2025 година во Подгорица, по насилниот инцидент во кој, според првите информации од Управата на полицијата, црногорски државјанин беше прободен, а за нападот се сомничеа странски, односно турски државјани. Подоцна се испостави дека лицата што беа доведени во врска со инцидентот воопшто не се државјани на Турција. Меѓутоа, штетата веќе беше направена. На друштвените мрежи и на одделни портали веќе се проширија непроверени тврдења, што ги изнесуваа и политичари и поединци што себеси се сметаат за граѓански активисти, но и пораки во кои турските државјани во Црна Гора беа претставувани како безбедносна закана.
Така еден локален инцидент прерасна во повод за колективно обвинување, притисок и непријателство кон цела заедница, што резултираше дури и со некои сериозни политички реакции, како воведувањето визен режим за државјаните на Турција, но и со физички напади врз Турците и врз нивниот имот во Црна Гора. Мнозина, по овие случувања, се отселија. Овој случај покажува како дезинформацијата за кратко време може да произведе незамисливи последици.
Сличен образец, но во идеолошка насока, Николиќ гледа во филмот „Референдум: Приказна за измислената слобода“, што беше емитуван пред прославата на Денот на независноста на Црна Гора на 21 мај, на телевизиите Адриа и Прва. Филмот предизвика бројни полемики во јавноста и е проблематичен затоа што авторите расправата за референдумот од 2006 година не ја водеа преку факти, политички контекст и последиците од тој процес, туку црногорската независност и идентитет ги претставија како нелегитимни и вештачки, со бројни навреди и лажни конструкции изнесени во филмот.
Црна Гора со години е изложена на различни надворешни влијанија: руски, српски, американски, кинески, европски, регионални, идеолошки, верски, економски, но и на пошироки антизападни и авторитарни наративи што кружат низ дигиталниот простор. Сепак, тие влијанија не би имале иста сила без домашните актери што ги преведуваат на јазикот на локалните поделби.
Така странскиот наратив во Црна Гора ретко останува „странски“. Тој се приспособува на домашниот контекст. Пораката за загрозеноста на еден народ станува напад врз политичките противници. Приказната за странските платеници станува напад врз невладините организации и независните медиуми. Наративот за заштита на традицијата станува оружје против жените, малцинствата или ЛГБТИК+ заедницата. Безбедносниот речник станува начин луѓето да се обележат како соработници на службите или непријатели на државата, без докази.
Штетата од таргетирањето честопати останува и по демантот. Кога некој доволно пати ќе се означи како предавник, странски платеник или соработник на службите, дел од јавноста почнува таа етикета да ја доживува како „можност“, дури и кога нема докази. Тоа е целта на таквите кампањи: не мораат да го докажат обвинувањето, доволно е да произведат сомнеж.
Тој механизам се виде во случајот со турските државјани, кога неточната или непроверената информација за нивната наводна одговорност брзо се вклопи и во поширокиот антимигрантски наратив, но и во наративот за странците како безбедносна закана.
Случајот Милош Меденица
Милош Меденица, синот на поранешната претседателка на Врховниот суд и некогашна врховна државна обвинителка Весна Меденица, последниве месеци е многу присутен во црногорскиот јавен простор, не само како актер во еден од најважните правосудно-криминални предмети во земјата, туку и како лице што се огласува во видеоформати на друштвените мрежи, коментира политички, правосудни и безбедносни теми и влегува во расправи за состојбата во безбедносниот систем на Црна Гора.
Милош Меденица во јануари 2026 година првостепено беше осуден на над 10 години затвор пред Вишиот суд во Подгорица за создавање и водење криминална организација што се занимавала со трговија со наркотици, шверц на цигари, поткупување и недозволено држење оружје. Во истиот предмет и неговата мајка исто така првостепено е осудена на 10 години затвор. Таа е ослободена од обвиненијата за создавање криминална организација, но е осудена за противзаконско влијание, примање мито и влијаење врз судските одлуки.
Меденица избега од куќниот притвор на денот кога му беше изречена пресудата пред Вишиот суд во Подгорица. Оттогаш ѝ се обраќа на јавноста преку видеоснимки и објави на друштвените мрежи, коментирајќи ја работата на полицијата, обвинителството, безбедносниот сектор и политичките актери. Неговите обраќања предизвикаа дополнително внимание, бидејќи не доаѓаат само од обичен бегалец од правосудните органи, туку од лице првостепено осудено во предмет што го отвори прашањето за врските меѓу криминалот, правосудството и институциите на моќта.
Меѓутоа, по првата објавена видеоснимка, полицијата соопшти дека станува збор за содржина што може да се набљудува во контекст на хибридно дејствување и обид за дестабилизација на безбедносниот систем. Од полицијата оценија дека содржините на Милош Меденица се создадени со вештачка интелигенција, дека тој дејствува како „бот“ и дека е дел од координирана кампања.
Проблемот е, меѓутоа, што за таквите тврдења на јавноста не ѝ беа претставени јасни форензички докази: не беше покажано кој евентуално управува со неговите профили, дали содржината е автентична или технички обработувана, дали постои мрежа на координирано ширење и врз основа на што се заклучува дека станува збор за организирана информативна операција.
Токму овој случај отвора простор за она што во современите расправи за дезинформациите се нарекува liar’s dividend, ситуација во која самата можност за манипулација станува корисна за оние што сакаат да избегнат одговорност.
Кога институциите без јасни докази некоја содржина ќе ја означат како дел од хибридно дејствување, а на јавноста не ѝ покажат врз основа на што дошле до тој заклучок, се отвора опасен простор: секоја автентична објава може да биде прогласена за монтажа, секој непријатен навод, за „операција“, а секое прашање, за обид за дестабилизација.
Во случајот на Милош Меденица тоа е особено видливо.
Слика: envato.com
Европа гледа пошироко од проверката на факти
Европската практика последниве години сè повеќе тргнува од тоа дека борбата против дезинформациите не може да се сведе на проверка на поединечни тврдења. Проверката на факти е важна, но не е доволна.
Европската комисија во Извештајот за 2025 година посебно наведува дека Црна Гора треба да го засили институционалниот одговор на дезинформациите и говорот на омраза, во согласност со Националната медиумска стратегија за периодот од 2023 до 2027 година, за да се заштитат медиумските слободи, плурализмот и интегритетот на информацискиот простор. Од ЕК предупредија дека Црна Гора мора да обезбеди ефикасна примена на медиумските закони усвоени во 2024 година и да ја заштити независноста на регулаторот за аудиовизуелни медиумски услуги.
Европскиот пристап вклучува следење на координираните мрежи, транспарентност на политичкото огласување, одговорност на дигиталните платформи, пристап до податоци за истражувачите, заштита на изборите, зајакнување на медиумската писменост и соработка меѓу регулаторите, граѓанското општество, медиумите и безбедносните институции.
Digital Services Act, односно европскиот Акт за дигитални услуги, затоа воведува посебни обврски за многу големите онлајн-платформи. Тие мораат да ги проценуваат и ублажуваат системските ризици, вклучувајќи ги ризиците по јавната расправа, основните права, изборните процеси и јавната безбедност.
Со други зборови, не се прашува само дали некое тврдење е точно. Се прашува и кој го пласирал, кој го платил, кој го засилил, зошто се појавило токму во определен политички момент, преку кои канали се ширело и кому му користело.
Многу истражувања потврдуваат дека манипулативните кампањи не можат да се разберат ако се посматра само еден портал или една друштвена мрежа. Студијата за координираните информациски операции пред американските избори во 2024 година покажа дека координацијата честопати ги преминува границите на платформите, Икс, Фејсбук и Телеграм, и дека таквите мрежи можат систематски да шират нискокредибилни, пристрасни и заговорнички содржини.
Поновите истражувања за СММИ предупредуваат и дека манипулативните активности дејствуваат низ различни општествени сфери и информациски простори, поради што е сè потешко да се даде координиран одговор.
Тоа значи дека проблемите како „Удар“ во иднина веројатно ќе бидат пософистицирани, побрзи и уште потешки за докажување. Анонимниот портал може да биде заменет со мрежа на профили, Телеграм-канал, ТикТок-содржини, визуали генерирани со вештачка интелигенција или координирани коментари.
Но логиката останува иста: да се таргетира, да се дискредитира, да се произведе сомнеж и, на крајот, да се избегне одговорност.
Во регионот и пошироко, слични обрасци
Западниот Балкан е погодно тло за СММИ, бидејќи општествата се политички поларизирани, институциите честопати се слаби, медиумите се економски ранливи, а дигиталниот простор е поврзан преку јазикот и регионалните платформи.
Наративите што ќе настанат во една земја брзо ги преминуваат границите.
Во Србија манипулативните наративи честопати се шират преку таблоиди, телевизии со национална фреквенција и мрежи на портали. Во Босна и Херцеговина дезинформациите и странските влијанија се преплетуваат со етничките поделби и сецесионистичките политики. Во Северна Македонија искуството од политичките кризи и референдумот покажа колку дигиталните кампањи можат да влијаат врз довербата во институциите и демократските процеси.
Црна Гора ги дели сите тие ранливости, но има и дополнителен проблем: мало е општество во кое дигиталната кампања брзо се прелева во реалниот живот, па така, кога некој ќе биде таргетиран на портал или на друштвените мрежи, последиците се чувствуваат на работа, во семејството, во соседството, на улица. Затоа во црногорскиот контекст таргетирањето честопати е полично, подиректно и поопасно.
Европските примери покажуваат зошто ваквите кампањи повеќе не можат да се третираат како маргинални онлајн-инциденти. Во Романија во 2024 година беше поништен вториот круг од претседателските избори по сомнежите за странско мешање и манипулација преку ТикТок, алгоритамско засилување и мрежи на инфлуенсери. Француската државна агенција задолжена за откривање и анализа на странското дигитално мешање и манипулацијата со информации на онлајн-платформите, Вигинум (Viginum), тој случај го опиша како пример за „астротурфинг“ кампања, односно создавање привид на спонтана масовна поддршка преку координирани активности на помал број профили.
ЕУ, соочена со кампањи како рускиот „Doppelganger“, во кој беа копирани страниците на познати медиуми заради ширење антиукраински и антизападни наративи, најави и зајакнување на координацијата преку Европскиот центар за демократска отпорност. Целта е земјите членки и земјите кандидатки подобро да разменуваат предупредувања и знаење за странските манипулативни операции.
Николиќ предупредува дека медиумите не смеат некритички да пренесуваат тврдења дека некој е „соработник на службите“, „странски платеник“ или „предавник“. Таквите тврдења не смеат да бидат пренесени како обична политичка изјава. Тие бараат докази, одговор од другата страна и јасно уредничко оградување.
Црногорските институции главно реагираат дури кога ќе се појави конкретна закана, навреда, тужба или кривична пријава. Но манипулативните кампањи не функционираат само преку поединечни инциденти. Тие функционираат преку повторување, координација и ширење.
Затоа е неопходно да се следи целиот синџир: кој го произведува наративот, кој го финансира, преку кои канали се шири, кој политички го користи и каква штета произведува за поединците, заедниците и демократскиот процес.
Одговорот на ваквите кампањи мора да почне од транспарентноста, јавноста мора да знае кој стои зад медиумите и порталите што влијаат врз неа. Еднакво е важно да се следи како се шират наративите, бидејќи манипулативните пораки ретко остануваат во еден медиум, туку патуваат од политичките изјави и порталите до телевизиите, друштвените мрежи и коментарите. Посебна одговорност, нагласува таа, имаат јавните функционери, бидејќи слободата на говорот не може да биде изговор за означување на неистомислениците како непријатели.
