fbpx

Токсичните актери на политичката сцена во Бугарија

Радосвета Василева

Политика

10.02.23

Прегледи

За да се вратат демократијата и владеењето на правото во Бугарија, неопходно е да се издвојат настрана сите токсични актери – од оние кои нанесоа штета на владеењето на правото во земјата до отровните имитатори што ја преплавуваат политичката сцена.

По неуспехот на четириесет и осмото Народно собрание (10 октомври 2022 година– 2 февруари 2023 година) да избере влада, Бугарија сега се движи во насока на нови предвремени парламентарни избори предвидени за април 2023 година. Тоа ќе бидат петти по ред избори во период од две години. Во таа смисла, странските аналитичари истакнаа дека „кризата“ е „новиот статус кво“ во Бугарија.

На прв поглед, фактот што една земја не успева да избере постојана и редовна влада две години и се втурна во една бескрајна спирала на парламентарни избори може да изгледа вознемирувачки. Сепак, не треба да се заборави како започна оваа криза – со желбата да се стави крај на стабилното автократско владеење на Бојко Борисов, што беше поттикот за масовните антикорупциски протести од 2020 година.

Јасно е дека, кога ќе биде оспорена, автократијата ќе ги употреби сите можни механизми за да си го обезбеди својот опстанок - од саботирање на фер изборите, пренасочување на гласовите преку новоформираните лажни опозициски партии, до обид да ги убеди странските актери да извршат притисок врз вистинската опозиција да соработува со партијата ГЕРБ на Борисов.

Оттука, имајќи ги предвид особеностите на контекстот во Бугарија, оваа криза е она многу потребно чистилиште и можност да се разграничат вистинските предвесници на промени од измамниците – и да се извлечат тешки поуки.

Но, за кого се наменети лекциите? Прво, ние, бугарските граѓани, треба да сфатиме дека цинизмот на бугарската политичка сцена достигна нови височини и притоа треба да внимаваме на волците кои тврдат дека го смениле својот карактер. Второ, бугарските политички партии посветени на напорите за борба против корупцијата и на реформите поврзани со владеењето на правото треба да го подигнат својот влог - автократијата нема да соработува во активностите за нејзино расклопување.

Конечно, евроатлантските партнери на Бугарија треба да бидат свесни дека со поддршката на Борисов тие не само што ја урнисуваат својата репутација во очите на критичката бугарска јавност туку исто така им задаваат и удар на конкретните вредности за кои тие се залагаат.

Како дојдовме до предвремени парламентарни избори во октомври 2022 година?

За да може да се разберат последиците од предвремените парламентарни избори кои беа организирани во октомври 2022 година, потребно е да навлеземе во околностите што доведоа до тоа:

Автократ кој не сака да си замине

Во 2020 година во Бугарија се случија масовни протести против корупцијата на режимот на Бојко Борисов и генералниот обвинител Иван Гешев. Борисов се обиде да се потпре на голем арсенал на трикови во обид да ја измами јавноста и да спречи предвремени парламентарни избори – од солзи во јавните говори, преку реконструкција на Владата, до лажен предлог за донесување нов Устав. Иако тој навистина успеа да избегне предвремени избори, на редовните парламентарни избори одржани во април 2021 година, неговата партија ГЕРБ беше непријатно изненадена – беше прва, но немаше доволно места во парламентот за да избере влада.

За жал, и опозицијата беше во тешка позиција бидејќи немаше доволно пратенички места за да може да избере влада, така што предвремените парламентарни избори во јули 2021 година беа неизбежни.

Феноменот на „отровна имитација“

Во времето на редовните избори кои се одржаа во месец април 2021 година, најголемата нова опозициска партија која влезе во парламентот беше „Има таков народ“ (ИТН) на Слави Трифонов. Меѓутоа, она во што мнозинството бугарски граѓани не се сомневаа е тоа дека оваа партија е во улога на „отровна имитација“. Кај печурките, на пример, постојат отровни имитации на печурки кои се јадат и кои лесно може да се помешаат со печурките за јадење.

Кога станува збор за политичките партии, има партии кои се обидуваат да се прикажат како опозициски партии, но во реалноста и зад сцената тие се токсично зависни. Се чини дека се формирани со единствена цел да „крадат“ гласови.

Занемарувајќи го ова, многумина од оние кои сакаа да видат некои позитивни промени во Бугарија, гласаа за ИТН на предвремените парламентарни избори во јули 2021 година. Тогаш, всушност, ИТН за прв пат ги покажа своите вистински бои. Тие избија на прво место со 65 места во парламентот. Иако во такви случаи на горчливо-слатки победи, стандардна практика е да се преговара за коалициска влада, Слави Трифонов упати непријатна понуда „земи или остави“ за влада составена од наводни експерти... преку неговиот ТВ канал.

За да биде навредата дополнителна, некои од познатите лица што тој ги предложи имаа јасна поврзаност со статус квото на Бугарија (вклучувајќи ги и поранешните контроверзни влади), додека некои од новите лица беа вмешани во сопствените скандали. На пример, предложениот министер за правда на Трифонов, Петар Илиев е прогласен за виновен за плагијат од страна на Универзитетот во Софија.

Извор: balkaninsight.com

Наивниот фаустијански договор на Кирил Петков

Активностите на ИТН дополнително ја продолжија агонијата и го отворија патот кон нови предвремени парламентарни избори во ноември 2021 година. Тие ги мотивираа и другите кои беа уморни од ваквите злоупотреби на довербата на јавноста да се кандидираат за функции. Кирил Петков и Асен Василев, министри во првата преодна влада назначена од Румен Радев во 2021 година, ја основаа својата политичка организација „Ќе ја продолжиме промената“ (ПП) во септември 2021 година.

ПП победи на изборите во ноември 2021 година и освои 67 места во парламентот. Посветени на формирање антикорупциска влада, тие направија фаустијански договор. Имено, ПП постигна договор за коалициска влада предводена од Кирил Петков со Демократска Бугарија (ДБ), Бугарската социјалистичка партија (наследникот на Бугарската комунистичка партија) и... ИТН. Фактот дека овие партии припаѓаат на различни делови од политичкиот спектар и тешко се поднесуваат заедно веќе укажуваше на тоа дека е можно владата да биде нестабилна. Уште полошо, учеството на ИТН предизвика загриженост од тоа дека во коалицијата е присутен и тројански коњ.

Можеби затоа што бил свесен дека нема многу време, Петков презеде брзи чекори за да ги разоткрие коруптивните практики на клучните институции на автократијата на Борисов. Иако тој сигурно беше запознаен со ризиците кои ова би можело да ги донесе, веројатно не се сомневаше дека ќе се случи едно нешто –  државен удар против неговата влада!

Преку арогантен потег, ИТН ги здружи силите со ГЕРБ на Борисов, ДПС (сојузникот на ГЕРБ зад завесата) и екстремната десница и проруска „Преродба“ за поддршка на гласањето за недоверба против владата на Петков. Не само што ова стави крај на антикорупциските напори во Бугарија, туку ја втурна земјата кон нови, непотребни предвремени парламентарни избори во октомври 2022 година.

Последици од изборите во октомври 2022 година

Веднаш откако бугарската Централна изборна комисија ги објави резултатите од  парламентарните избори во октомври 2022 година, беше јасно дека 48-то Национално собрание ќе биде толку расцепкано што шансите за формирање на редовна влада беа мали. Исто така, беше очигледно дека Бугарите може да очекуваат и случување на уште поциничен политички театар.

Анатомија на 48-то Народно собрание

Иако на прво место и технички можеше да тврди дека победи на овие избори, партијата ГЕРБ на Бојко Борисов доби 67 пратенички места. Во меѓувреме, ПП и нејзиниот најблизок сојузник ДБ добија, соодветно, 53 и 20 места. ДПС доби 36 места, Преродба – 27 места, а БСП – 25 места. На изненадување на многумина, бугарската Подем, нова партија основана од Стефан Јанев во 2022 година, исто така влезе во парламентот со 12 места. Јанев беше привремен премиер на претседателот Румен Радев во 2021 година.

Единствената добра вест од изборите во октомври беше тоа дека ИТН си ја доби својата правда по целата штета што ја нанесе: не успеа да освои пратенички места!

Најдобрите планови на ГЕРБ

Изборот на влада во Бугарија е прашање на едноставна математика – потребни се 121 од 240 места во парламентот. ПП и нејзините коалициски партнери во владата на Петков (ДБ и БСП) заедно имаа вкупно 98 места. Во меѓувреме, ПП имаше јасен став дека соработката со ГЕРБ не доаѓа предвид, затоа што ПП се појави на политичката сцена за да ѝ се спротивстави на автократијата на Борисов.

Во меѓувреме, пред ГЕРБ беа исправени две главни опции. Едната беше да ги разоткријат своите сојузи зад завесата и да формираат мешовита коалиција со ДПС, Преродба и Бугарски подем - идеја која е јавно поддржана од водачот на Бугарски подем. Овие јавни изјави, сепак, само ги подгреаја сомнежите дека Бугарски подем е само уште една отровна камуфлажа на политичката сцена - потчинувањето кон ГЕРБ беше мошне впечатливо. Мешовитата коалиција беше секако помалку преферирана опција за Борисов имајќи ги предвид неговите постојани напори да ја прикаже ГЕРБ како партија што ги поддржува евроатлантските вредности - како може тој да се ракува со проруска партија (Преродба) и со руско-неутрална партија (Бугарски подем)?

Така, Борисов ја избра втората опција – да прави евтин театар, кој беше наменет не толку за граѓаните, колку за евроатлантските партнери на Бугарија кои беа загрижени за небулозната состојба во бугарската политика.

Злоупотреба на евроатлантизмот од страна на ГЕРБ

Набргу по изборите во октомври 2022 година, Борисов повика на формирање на евроатлантска влада. Од бугарска перспектива, ова беше прилично трагикомична работа од неколку причини.

Прво, Бугарија е членка на НАТО од 2004 година. Второ, единствената партија претставена во парламентот која има анти-НАТО став е Преродба. Трето, владеењето на правото и напорите за борба против корупцијата се главни евроатлански вредности, кои режимот на Борисов постојано ги напаѓаше додека беше на власт. Четврто, режимот на Борисов има историјат на правење услуги за Русија по наметнувањето на американските санкции во 2014 година а поврзани со Украина.

ПП и ДБ, кои Борисов првенствено сакаше да ги намами во стапица, одбија да ја играат играта на ГЕРБ. Од тие причини, партијата на Борисов ја промени стратегијата откако од претседателот Радев го доби првиот мандат да состави влада. ГЕРБ го искористи трикот на ИТН од јули 2021 година - направи понуда „земи или остави“ во вид на владин состав во кој има наводни експерти.

Многу од овие имиња ѝ беа добро познати на бугарската публика, но не нужно во позитивно светло. Ова покажува дека целта на целава активност не била да се влее доверба дома, туку дека ГЕРБ само сакал да ги измами бугарските евроатлантски партнери дека прави сè за да формира влада, но „лошите момци“ од ПП и ДБ не сакале да ги поддржат овие нивни извонредни напори. Би можеле да се посомневаме дека ГЕРБ се надевал дека ПП и ДБ ќе бидат под притисок од странство да соработуваат со нив.

По очекуваниот неуспех на мандатот на ГЕРБ, Радев ѝ го предаде вториот мандат на ПП, а третиот на БСП. Тоа беа само формалности, бидејќи фрагментацијата и поларизацијата на парламентот кои произлегоа од изборните резултати јасно покажаа дека новите предвремени парламентарни избори се само прашање на време. Сепак, во текот на овие активности, театарот на ГЕРБ продолжи и понатаму. „Сè уште има шанса за формирање евроатлантска влада“ кажа Борисов, пред Радев да го додели последниот мандат, бесрамно потврдувајќи ја со тоа подготвеноста на ГЕРБ да биде дел од идната влада.

Што е следно?

За да може да се јаде пченицата, неопходно е да се отстрани плевелот. На сличен начин, за да може да се обноват демократијата и владеењето на правото во Бугарија, неопходно е да се тргнат настрана сите токсични актери – од оние кои му нанесоа штетата на владеењето на правото во земјата па до отровните имитатори што ја преплавуваат политичката сцена.

ГЕРБ можеби привремено е далеку од извршната власт, но не е тајна дека во сите клучни бугарски институции сè уште доминира нивниот сојуз зад завесата со ДПС. Потребни се големи реформи за да можеме да се вратиме на минимум нормалност. Затоа, одлучувачки ќе бидат парламентарните избори во април 2023 година.

Бугарите знаат со кого си работат – крајно време е и бугарските евроатлантски партнери да сфатат дека ГЕРБ не се такви какви што се претставуваат.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Радосвета Василева

Радосвета Василева е бугарски правник чии истражувачки интереси ги опфаќаат правото на ЕУ и компаративното јавно и приватно право. Автор е на бројни написи за академски списанија и мислења за медиуми, како што се Еуроњуз, ЕУобсервер, Нова Источна Европа, Брисел Тајмс и други. Василева има личен блог [radosvetavassileva.blog] посветен на владеењето на правото во Бугарија. Таа е доктор на правни науки при Универзитетскиот колеџ во Лондон (Велика Британија), магистер по право при Универзитет Париз 1 Пантеон-Сорбона (Франција) а додипломските студии ги завршила на насоката по меѓународни односи при Универзитетот Тафтс (САД). Во моментов таа е ангажирана како Визитинг Истражувач на Универзитетот Мидлсекс во Лондон.