Елена Гаговска
Најважно е да се запамти дека овие трансфобични наративи се комплетно погрешни: транс луѓето едноставно не претставуваат девијантна западна елита која пробува да го уништи општеството и да ги корумпира децата.
На глобално, но и на локално ниво во нашата држава, се шират неточни и трансфобични наративи за како трансродовите луѓе (луѓе со различен родов идентитет од полот кој им бил доделен при раѓање) пробуваат да ги „корумпираат децата“ и да наметнат „трансродова идеологија“ врз мнозинството. Овие наративи ги инвертираат релациите на моќ, претставувајќи ги транс луѓето како сила која го угнетува „обичниот човек“, наместо маргинализирано малцинство кое во најголемиот дел од светот сѐ уште нема основни човекови права, како адекватен пристап до здравствени услуги за медицинска транзиција и правно признавање на нивниот род.
Зголемена видливост
Во последните десетина години, трансродовата заедница се здоби со експоненцијално повеќе медиумско внимание и видливост отколку било кога во историјата. Истражување од 2019 од PRRI (Public Religion Research Institute) покажува дека 24% од американците имаат близок пријател или роднина кој е транс. Според друго истражување на IPSO (Independent Press Standards Organization), медиумското покривање на трансродови прашања во британските медиуми се зголемило цели 400% од 2014 до 2019. Не постои потполно ист тренд во македонските медиуми, но според истражувањето на Коалиција Маргини за медиумското покривање на теми поврзани со ЛГБТ заедницата и родово заснованото насилство објавено во ноември 2021, трансродовите луѓе се издвојуваат како посебна тема од интерес во медиумите.
Оваа видливост е позитивна од многу аспекти, како зголемена поддршка за човековите права за транс луѓето и нивно стекнување во одредени делови од светот. Сепак, оваа видливост не е пресликана во целосна прифатеност и интеграција на трансродовите луѓе во општеството. До одреден степен, токму оваа видливост – која беше овозможена делумно поради интернетот – според трансродовата новинарка Кејтлин Бурнс ја има направено транс заедницата поранлива на напади од десницата.
Во нејзиниот напис за Vox, Бурнс пишува како нагло се зголемила видливоста на транс заедницата за време на 2010-тите години, но и како таа со себе донесе и други опасности за заедницата. Според Бурнс, оваа видливост во голем дел се должи на глобалната распространетост на интернетот и на неколку поголеми медиумски настани како што беше јавното „аутирање“ на свиркачката Челси Менинг, односно нејзиното јавно соопштување за нејзиниот идентитет како транс жена во 2013.
Другиот голем медиумски настан беше насловната страна на Time Magazine во 2014 со Лаверн Кокс, транс актерката од популарната серија од Нетфликс „Orange is the New Black“, со зборовите: „Пресвртната точка за трансродовите луѓе: следниот фронт на граѓанските права во Америка“. Бурнс секако го спомнува и третиот голем медиумски момент: јавната транзиција на олимписката атлетичарка Кејтлин Џенер која се „аутираше“ со гламурозна фотографија на насловната страна на Vanity Fair во 2015 преку која таа му соопшти на светот дека е транс жена.
Овие високо профилни транзиции го зголемија интересот на медиумите и на публиката околу транс заедницата, но истовремено започна да се случува и конзервативен отпор против овие промени. Во гореспоменатиот напис за Vox, Кејтлин Бурнс го пишува следното за реакцијата на конзервативната десница по легализирањето на истополови бракови во САД во 2015 од страна на Врховниот суд:
„Најголемата ЛГБТК [лезбејки, геј, бисексуалци/ки, трансродови, квир] борба во законодавните тела и судовите дотогаш резултираше со катастрофална загуба за верските и културните конзервативци. Но, наместо да се спакуваат и да си одат дома, крајната десница едноставно го префрли својот фокус на нова, поранлива група - транс луѓето.“
Односно, по 2015 година драстично се зголемуваат организираните напади врз транс заедница на законодавно ниво, како на пример, обиди за носење различни закони кои би регулирале кои тоалети би можеле да ги користат транс луѓето. Во последните неколку години, исто така, сѐ повеќе десницата го проблематизираше учеството на транс спортистки во женските спортови и користењето на хормонски блокатори кај транс тинејџерите.
Увезената западна трансфобија во Македонија
Зошто е оваа неодамнешна историја од САД важна за Македонија? Заради достапноста на информации преку интернетот, истиот американски и западно-европски трансфобичен дискурс стигна и во нашата држава, загрозувајќи ги животите и достоинството на македонската транс заедница. Здружението „Од нас за нас“, Фејсбук групата „Да го зачуваме бракот и семејството“ и Фејсбук страната „Преземи одговорност“ подолго време шират дезинформации и лажни вести за сеопфатното сексуално образование (ССО) во голема мера преку трансфобични тактики кои се практично копирани од американската десница.
Овие групи го популаризираа контрадикторниот и трансфобичен термин „трансродова идеологија“. Овој термин не само што е трансфобичен, туку нема никаква логика бидејќи не постои унифицирана идеологија во која што веруваат сите транс луѓе. Односно, не сите транс луѓе го искусуваат или пак разбираат својот идентитет на ист начин и затоа не можеме да кажеме дека постои трансродова идеологија.
Извор: sdk.mk
Несомнено, домашните и странските трансфоби го гледаат самото постоење на транс луѓето како еден вид идеологија преку која едно малцинство наводно се наметнува на мнозинството. Овие трансфобични наративи генерално ја претставуваат транс заедницата на монструозен начин, како „девијантни“ луѓе кои ги „мутилираат“ своите тела и се обидуваат да ги „индоктринираат“ децата. Овие движења, исто така, ги прикажуваат трансродовите луѓе како моќни политички актери, а не маргинализирано малцинство. Во тој контекст, во написот за Слободен Печат, Мања Величковска пишува:
[Анти-родовите движења] имаат моќ да создадат паралелна реалност во која ЛГБТИ, меѓу кои особено трансродовите луѓе, се антагонизираат и се претставуваат како недопирливи и корумпирани елити што бараат повеќе од сите останати. Превртувајќи ги и первертирајќи ги нивните позиции, тие ги претставуваат нив како опасни и надворешни непријатели кои се нови и увезени.
Дури и многу од луѓето кои коментираат на Фејсбук постот на кој беше споделен мојот напис за „трансродовата идеологија“ ги имаа токму овие идеи за транс луѓето, но и за мене како поддржувач на оваа заедница. Еден коментатор дури претпостави дека не живеам во Македонија и напиша: „Елена Гаговска остани си на запад и не се враќај тука“, имплицирајќи дека јас сум некаков „западен политички актер“ кој турка увезени идеи.
Други коментари зборуваа за како наводно преку транс луѓето се „бришеле жените“ бидејќи веќе не зборуваме за биолошки пол, туку за општествено конструиран род. Односно, многу од коментарите не се сведуваа на „традиционална“ трансфобија која потекнува од игнорантност за трансродовите прашања, туку голем дел од коментаторите имаа одредено „знаење“ за транс заедницата и нивните коментари содржеа „пософистицирана“ трансфобија која се темели на изградени трансбофични наративи од последните 6 - 7 години на десницата и анти-родовите движења за кои пишува Величковска.
Всушност, коментарите на написот ги потврдуваат стравовите дека во Македонија по патот на интернетот масовно се увезува западна трансфобија која не постоела порано на овие простори. Транс заедницата во Македонија е игнорирана и маргинализирана со години (која добива поголема видливост заради работата на транс активистите, како и двете паради на гордоста), но никогаш предходно не била мета на вакво организирано движење.
Граѓани од втор ред
Најважно е да се запамти дека овие трансфобични наративи се комплетно погрешни: транс луѓето едноставно не претставуваат девијантна западна елита која пробува да го уништи општеството и да ги корумпира децата. Транс заедницата во Македонија нема основни човекови права и е практично непрепознаена од државните органи. Сѐ уште не е донесен закон за матична евиденција кој јасно би дефинирал како транс луѓето ќе можат да го променат маркерот за пол на нивните лични документи и тие сѐ уште имаат неадекватен пристап до здравствени услуги – препреки кои имаат секојдневни ефекти врз животите на транс луѓето.
На 10 декември 2021 Медуза објави анонимно писмо на трансродов маж во кое тој објаснува со каква системска трансфобија тој се соочил и како транс мажите во Македонија во последната година се соочуваат со огромна здравствена криза откога на фармацевстката компанија Галеника им истекла лиценцата за увоз на тестостерон депо, лек потребен за медицинска транзиција за многу транс мажи. Во писмото го пишува следното:
Земајќи го ова предвид, и фактот што медицинските услуги за транс луѓето не се покриени од фондот, медицинската транзиција е речиси невозможна по „нормални“ услови. Транс луѓе речиси и да не постојат во системот, и тоа ги става во животозагрозувачка позиција. Дури и најосновна работа како наоѓање матичен лекар, нешто за што повеќето луѓе немаат потреба ни да размислат, е предизвик за транс луѓето, кои не можат да бидат сигурни дали матичниот лекар ќе го прифати нивниот родов идентитет и ќе биде способен да им понуди помош.
Транс луѓето во Македонија ефективно се граѓани од втор ред. Учење за нивното постоење во рамките на образованието, промена на законот за матична евиденција и усвојување на други политики кои би ги олесниле животите на транс заедницата не претставуваат туркање на „трансродова идеологија“, туку борба за основни човекови права која треба да е поддржана од сите кои се залагаат за егалитарно, плуралистичко и праведно општество.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.