fbpx

Урсула кон лево или Урсула кон десно?

Христијан Илиевски

Политика

26.06.24

Прегледи

Идната Европска комисија ќе има за задача да ги поправи грешките од минатото, да носи брзи и ефикасни решенија и да го поправи имиџот помеѓу европските граѓани, доколку не сака на следните европски избори, екстремната десница да стане и одлучувачки фактор за состав на мнозинството во парламентот.

На почетокот на овој месец се одржаа долго очекуваните европски избори, на кои стотици милиони граѓани на Европската Унија се изјаснија во кој правец треба да се движи континентот во наредните 5 години. Како што се очекуваше, Европската Народна Партија (ЕНП) освои најголем број на европратеници, за неколку места поголем од бројот кој го имаше во минатиот парламентарен состав, односно 189, наспроти 176 кои ги имаше до сега.

Второпласирана партија како и вообичаено беше партијата на Европските Социјалисти и Демократи, која на своето конто изгуби три пратеници споредбено со минатиот парламентарен состав.

Најголемите промени се случија во блокот на либералите и зелените кои имаат поприлично зголемен пад на поддршката, додека пак од друга страна партиите на радикалните десничари освоија доста повеќе гласови во споредба со изборите од пред само пет години, што влијаеше веднаш по објавувањето на првичните резултати.

Белгискиот премиер, либералот Де Кро поднесе оставка, а францускиот претседател Макрон го распушти собранието и повика на вонредни избори.

Коалицијата на Зелените вкупно загуби 20 места, а онаа на Либералите 21 место споредбено со минатиот парламентарен состав, додека пак коалицијата на екстремната десница доби над 35 места повеќе споредбено со мандатот 2019-2024.

Во секој случај, практично е сигурно дека владејачката структура на идната Европска комисија ќе ја сочинуваат истите партии кои ја сочинуваа и до сега, односно ЕПП, Социјалистите и Либералите, бидејќи бројките тоа им го дозволуваат.

Овие партии од левиот и десниот центар имаат заедничка заложба да ги маргинализираат екстремните партии од левиот и десниот спектар како што се комунистите и екстремните десничари, кои ги сметаат за антиевропски и ретроградни.

Она што останува како дилема е дали Урсула фон дер Лајен ќе остане на чело на Европската комисија или ќе и се случи токму тоа што таа му го направи на Манфред Вебер во 2019 година. Тогаш тој како шпицен-кандидат на ЕНП ги доби изборите, но потоа на чело на Комисијата застана фон дер Лајен, по долги и мачни преговори зад кулисите.

Ќе влијае ли официјален Рим во позадина?

На големо се шпекулира дека поддршката за втор мандат на чело на Комисијата, Урсула фон дер Лајен не ја бара само од досегашните традиционални партнери, туку оди малку пошироко, односно во т.н. „непријателски“ табор на екстремната десница, поточно кај италијанската премиерка Џорџа Мелони.

Неодамна се проширија информации дека Урсула фон дер Лајен се обидела да го „стави под тепих“ официјалниот извештај на Европската Унија во кој се критикува Италија за уназадување во полето на медиумските слободи, токму поради фактот што таа наводно бара поддршка од Рим за втор мандат како претседател на Европската комисија. Имено, истрагата на Комисијата го нагласува притисокот врз слободните медиуми во Италија откако премиерката Џорџа Мелони ја презеде функцијата во 2022 година. Иако извештајот првично бeше предвидено да се објави во овој период, тој сепак најверојатно ќе биде одложен за есен годинава, и ќе биде објавен дури откако ќе биде назначен новиот претседател на Комисијата.

Се почести се предупредувањата од одредени новинари дека во последните две години откако Мелони владее со Италија, мешањето во медиумите и тужбите насочени кон новинарите стануваат се почести. Новинарите на италијанската државна телевизија РАИ неодамна стапија во штрајк во знак на протест против обидот, како што велат тие „РАИ да се претвори во гласноговорник на Владата“.

Минатата година Европската комисија веќе ја критикуваше Италија во својот извештај за владеење на правото, конкретно за тоа како нејзиниот закон за клевета сè повеќе се користи за да ги демне новинарите.

Но, независно од овие горливи прашања, очигледно постои подготвеност некои од овие теми да се стават на страна и да се одложи Извештајот за владеењето на правото, по барање на кабинетот на Урсула фон дер Лајен, со цел таа да има поширок маневарски простор околу преговорите за составот на идната Комисија.

Извор: securingdemocracy.gmfus.org

Ваквото „флертување“ на фон дер Лајен може да ја донесе во доста незавидна позиција, имајќи предвид дека сè уште постоечките коалициони партнери на ЕНП, односно Социјалистите и Либералите се 100% против било каква соработка со Мелони и нагласуваат дека доколку постои било каков вид на соработка со неа, фон дер Лајен би можела да ја загуби нивната поддршка за челната позиција на ЕК, правејќи за неа ситуација на меч со две острици.

Мелони во подем

Од друга страна, треба да се согледа и перспективата на Мелони, и што таа очекува од овој потенцијален договор. Она што изгледа извесно е дека Мелони во овие преговори очекува да добие навистина висока позиција во рамките на самата Комисија и да има свој човек во еден од клучните ресори на истата. Како најверојатни опции се споменуваат позиции поврзани со финансии и трговија, одбрана, како и потпретседателското место во Комисијата.

Неизбежно беше главните позиции во рамките на ЕУ да се претворат во  пазарења и борба за тоа кој ќе добие најголем дел од колачот во постизборните математики.

Мелони гледа одлична можност за пресметка со групата на Социјалистите и онаа на Либералите, каде спаѓа и францускиот претседател Макрон, имајќи предвид дека нејзината политика е во подем, а нивната во стравичен пад, па оттука се обидува да избоксува поповолна позиција за италијанските интереси во Европската Комисија, на сметка на француските (Макроновите).

Старо-нов договор?

За сега, фон дер Лајен ја има поддршката на својата група, ЕНП, и доста е веројатно да добие поддршка и од германскиот Канцелар Олаф Шолц (Група на Социјалисти и Демократи), со што практично ќе и остане да комплетира уште едно делче во сложувалката, односно да го пронајде третиот партнер со чијшто гласови и официјално ќе биде реизбрана за Претседател на Европската комисија.

Од оние информации кои доаѓаат од француските познавачи на европската политика, може да се заклучи дека веројатно е Макрон да ја даде поддршката за втор мандат на Урсула фон дер Лајен, но тоа нема да биде бланко поддршка, имајќи го предвид фактот дека Макрон изгуби катастрофално на европските избори и освои само половина од гласовите во однос на радикалната десница предводена од Ле Пен.

Затоа, тој ќе бара начини како да се ревитализира и да се врати на победничката траекторија преку добивање на една од клучните функции во рамките на Европската комисија.

Кога би се сублимирале впечатоците од пост-изборната констелација на силите, може да се заклучи дека ќе имаме реприза на коалицијата која ја водеше Унијата во периодот 2019-2024. Но, овој пат со многу повеќе предизвици, замор, и главоболки, бидејќи силите кои орбитираат десно и екстремно десно стануваат се подоминантни и посимпатични за голем број Европејци.

(Не)предвлидлива индина?

Идната Европска комисија ќе треба да се справи со огромни предизвици, како што се финансиските реперкусии од руската инвазија во Украина, враќање на единството во редовите на ЕУ, веројатното намалување на средствата за „Зелениот договор“ и потребата за реалоцирање на средства во други сфери, закоченото проширување, миграцијата, зголемувањето на капацитетите на европската одбрана и зајакнувањето на трансатлантската соработка, како и повеќе други предизвици од економски и безбедносен карактер.

Тромавоста и бавниот начин на справување со проблемите на европското водство предизвикаа пад на поддршката на левиот спектар и пораст на екстремно десниот, токму поради тоа што радикалната десница е позната по радикални и брзи мерки.

Нивната платформа е базирана на само неколку точки, а доминира една, илегалната миграција и кревката безбедност на Европа – тема на која Ле Пен, Мелони, австриските радикални десничари, германската АфД и други порадикални сили остварија одлични резултати во своите земји и предизвикаа паника кај поумерените сили.

Идната Комисија ќе има задача да ги поправи грешките од минатото, да носи брзи и ефикасни решенија и да го поправи имиџот помеѓу европските граѓани, ако не сака на следните европски избори екстремната десница да стане и одлучувачки фактор за состав на мнозинството во парламентот.

Односно, бројката на екстремно десни европратеници да стане толку голема што би оневозможила формирање на трипартитна коалиција како до сега (ЕНП, Социјалистите и Либералите), па оттаму групацијата на ЕНП да биде принудена да го бара својот партнер на десно, отколку на лево.

Христијан Илиевски

Христијан Илиевски е Млад Амбасадор на ГЛОБСЕК (GLOBSEC) за Западен Балкан.