Реалноста е дека сегашната ситуација се подготвуваше подолг временски период а причината за забраната е подлабока од прободувањето на ученик со нож.
Неколку стотини главно опозициски поддржувачи на Демократската партија се собраа пред канцеларијата на албанскиот премиер Еди Рама во саботата (15 март) за да протестираат против одлуката за забрана на TikTok во времетраење од најмалку една година. Локалните медиуми, кои интервјуираа некои од присутните, посочија дека некои од нив и немале сметки на ТикТок туку се присутни со цел да го поддржат партискиот лидер Сали Бериша.
Одлуката на Рама да ја забрани оваа платформа, која беше објавена во декември 2024 година и која стапи на сила на 13 март 2025 година, има широка поддршка од сите партии, па дури и од корисници на оваа апликација. Податоци добиени од неформалното истражување на Еуроњуз кое ги опфати социјалните медиуми на Албанија констатираше дека 93% од 4.600-те испитаници имаа став за забрана на ТикТок.
Апликацијата и понатаму беше достапна на 13 март, но во деновите кои следеа потоа можноста на корисниците да прикачуваат содржини, да разгледуваат и да коментираат постепено се намалуваше. Властите одговорија дека ќе бидат потребни околу 10 дена за целосно блокирање на десктоп верзијата и на мобилната верзија на оваа апликација.
Во меѓувреме, преземањата на VPN софтвер многукратно се зголемија, а се слушаат и гласини дека државата наскоро би можела да ги забрани и VPN решенијата и да направи нивното користење да се казнува со затвор од времетраење од три години.
Но, што е она што ја поттикна оваа забрана? Меѓународните медиуми известуваа на мрзелив начин и посочуваа дека единствената причина за тоа е убиството на ученик кое се случи во ноември 2024 година, без притоа да навлезат подлабоко во суштината на проблемот. Реалноста е дека сегашната ситуација се подготвуваше еден подолг временски период.
Во февруари минатата година, албанската влада ги повика социјалните медиуми, вклучително и ТикТок, да ги спречат нелегалните активности кои се случуваат на нивните платформи, како што се одмазднички порно снимки, малтретирање и олеснување на трговијата со луѓе и шверц. Тие повикаа на воведување построги мерки и на зголемување на капацитетот за следење, особено во делот на албанскиот јазик.
Околу 12.000 Албанци илегално, со мали чамци, го преминаа Каналот кон Обединетото Кралство во 2022 година и бараа азил веднаш по пристигнувањето. Ова предизвика дипломатска војна на зборови меѓу Лондон и Тирана, а британските таблоиди дивееја со сензационалистички наслови за албанските криминалци кои ја нападнаа нивната земја.
Истрагите кои беа направени покажаа дека мнозинството од оние што го оствариле ваквото опасно преминување биле намамени тоа да го направат од рекламите кои се објавени од криминални групи на социјалните мрежи, вклучувајќи го и ТикТок. Овие реклами ветувале безбеден премин, работа, сместување и подобар живот во замена за илјадници фунти.
Британските власти објавија план за искористување на социјалните медиуми во борбата против трговците со луѓе и објавија пораки во кои се молат Албанците да останат дома или дојдат во Обединетото Кралство но на легален начин. Албанската влада жали што платформите дозволуваат такви активности и укажа дека казните се минимални.
Во јануари 2024 година, ТикТок повторно беше на насловните страници, овој пат поради самоубиството на Бедрие Лока, мајка на четири деца. Беше објавено дека некој отворил сметка на нејзино име и објавил фотографии од неа, придружени со понижување и навредливи коментари и пишувања. Исто така беше кажано дека нејзиниот сопруг насилник можеби бил оној кој ја отворил таа сметка. Се покажа дека Бедрие ја пријавила ТикТок сметката во полиција, но ништо не било преземено.
Еден месец подоцна, Сибела Абедини се самоубила откако на ТикТок биле споделени интимни фотографии, и тоа од некој со кој имала сексуална врска. Човекот бил уапсен, но веќе беше доцна, па поради социјалните мрежи беше загубен уште еден човечки живот.
Двата инциденти предизвикаа бес во јавноста, протести и се бараше да се преземат мерки против ТикТок. Ваквото расположение се заснова на растечкото чувство на загриженост во однос на содржината која се објавува на социјалните медиуми, особено во смисла на тоа како тие содржини влијаат на младите и на нивното ментално здравје.
Во февруари, Еди Рама се сретна со заменик генералниот директор на ТикТок, Тео Бертрам, и во објава на Фејсбук посочи дека разговарале за неодамнешните случувања и за потребата од борба против незаконското постапување на оваа платформа.
„Разговаравме со цел да се добие целосна претстава за тоа што неодамна се случуваше во Албанија, како и за потребата од поголема будност против насилство, уцени и говор на омраза на интернет. Се запознавме исто така и со мерките што се преземаат од страна на компанијата за зголемување на степенот на модерирање на пораките на албански јазик“, објави Рама.
Дополнително, министерот за внатрешни работи во тој период Таулант Бала објави дека се сретнал со Јакуб Олек, тогашниот директор за јавна политика и владеење за Централна и Источна Европа и за медиумите изјави дека ја споделил загриженоста за неодамнешните настани и побарал постојан контакт со државната полиција на Албанија.

Извор: unsplash.com
Министерот исто така побарал од ТикТок пожестоко да реагира во однос на случаите кои беа пријавени од властите.
Заменик-министерот за внатрешни работи Бесфорт Ламалари, исто така, потврди дека се во тек разговори со ТикТок и други субјекти: „Не можеме да чекаме да ни се случи следна жртва“.
Во периодот до месец август, Управата за медиуми на Албанија објави дека воспоставила механизам со кој граѓаните може директно да го пријават прекршувањето на законот, и потоа она што се смета за нелегално ќе биде проследено до ТикТок од страна на Управата. Во текот на годината продолжија обуките и соработката помеѓу ТикТок и албанските власти, при што од оваа платформа беа отстранети стотици видеа.
Заклучно со декември 2024 година, до АМА беа поднесени вкупно 743 поплаки за нелегална содржина (со исклучок на пиратерија) од кои 291 беа прогласени за нелегални од страна на властите. Околу 286 од нив беа отстранети од ТикТок а дополнителни 1.505 беа отстранети поради пиратски содржини.
Со сигурност може да се каже дека пред 2024 година, расположението против ТикТок веќе беше во полн замав и истото продолжи да се зголемува во текот на годината. Албанската влада веќе имаше сеопфатен дијалог со оваа платформа во врска со потребата од тоа таа подобро да се справува со нелегалната содржина и несоодветното однесување, што вклучува малтретирање и поттикнување насилство. Дополнително на тоа, зад нив застана и мнозинството од јавноста, и тоа беше една од ретките работи која ги обедини двете страни на политичкиот спектар во Албанија.
Иако расположението беше дека сепак има промени и дека оваа платформа конечно започнува посериозно да ги сфаќа овие работи, сето тоа сепак се промени во ноември.
Четиринаесетгодишниот Мартин Цани беше избоден до смрт од страна на еден негов соученик пред училиштето во кое учеле во центарот на Тирана. Инцидентот уследи по расправијата што, наводно, започнала на социјалните мрежи. Исто така, беше објавено и дека видео снимките на кои се гледа напаѓачот со нож се шират на повеќе платформи, меѓу кои и на ТикТок. Оваа социјална мрежа набргу потоа негираше дека тие видеа потекнуваат од нејзината платформа.
Откако се случија протестите и по сè поинтензивните повици до функционерите за поднесување оставки и до државата за преземање акција, Рама најави серија консултации со родителите низ целата земја. Тој потврди дека Владата консултирала повеќе од 65.000 родители кои со огромно мнозинство повикале на забрана за ТикТок – забрана која беше објавена во декември.
Оваа одлука беше присутна на насловните страници ширум целиот свет, меѓутоа прашањата кои останаа неодговорени се кога тоа ќе биде направено и како ќе се спроведува.
Во почетокот на месец март, владата потврди дека се во постапка плановите за блокирање на оваа платформа, која е предвидено да биде забранета во период од најмалку една година и повеќе, што би било случај доколку ТикТок не даде соодветни гаранции.
На 11 март, регулаторите на Албанија испратија писма до сите телекомуникациски провајдери во земјата со кои им наложија преземање на „неопходни мерки за блокирање на пристапот до апликацијата ТикТок и до нејзината дигитална инфраструктура на територијата на Албанија“.
Од телекомуникациските оператори се бара уникатните интернет-адреси (IP) на ТикТок да бидат недостапни, а истото да се однесува и на неговиот систем за преведување на IP адреси во имиња на домени (DNS), заедно со протоколите за идентификација (SNI), почнувајќи од 13 март. Со ова барање беа опфатени и интернет адресите на матичното друштво на ТикТок, ByteDance, како и 200+ веб домени кои би можеле да бидат користени за заобиколување на забраната.
Почнувајќи од 13 март, ProtonVPN констатираше зголемување од 1.200% на употребата на VPN мрежи од Албанија, и посочи дека оваа бројка и понатаму се зголемува.
Опозицијата и некои циници тврдеа дека овој потег не е резултат на насилството и на незаконското работење на платформата, туку дека се прави обид за цензурирање на нивниот глас пред одржувањето на општите избори. Нивен став е дека опфатот кој го имаат видеата објавени од Демократската партија, од нејзините членови, опозициските медиуми и од помалите, независни или опозициски партии се смета за закана за власта на Рама.
Еди Рама е лидер на Социјалистичката партија која е на власт веќе три мандати и за која се очекува да го освои и четвртиот по ред мандат на изборите кои се предвидени за 11 мај.
Сепак, многумина од оние кои забраната ја нарекоа „цензура“ и сузбивање на политичката опозиција се, всушност, истите оние кои ја повикаа владата да преземе мерки откако се случија самоубиствата и инцидентот со прободувањето.
Забраната на ТикТок во Албанија не е нешто што се случи од никаде, ниту е само поради случајот со прободување на детето во ноември минатата година. Станува збор за последниот во серија од настани кои се обидуваат да спречат малтретирање, насилство и незаконитост на веројатно најпопуларната социјална мрежа во земјата.
Дополнително, забраната е поддржана од огромното мнозинство луѓе во општеството, вклучувајќи ги родителите, па дури и оние кои ја користат платформата за работа, како што сум јас.