fbpx

Во младите не се вложува доволно

Сотир Габелоски

Политика

02.11.22

Прегледи

И покрај одреден напредок, главните проблеми на младите досега неуспешно се решаваа. Ќе понуди ли новата Национална стратегија за млади можност за нова ера?

Изработката на новата Национална стратегија за млади на Северна Македонија започнува и таа ќе го опфати периодот 2023 – 2027 година. Новата стратегија треба да одреди јасни цели, со конкретен и спроведлив акционен план за таргетирање на најголемите проблеми на младите, но треба и да ја демонстрира важноста од стратешко планирање и имплементирање.

Неопходно е процесот да биде инклузивен, односно да опфаќа што е можно повеќе млади (возрастите од долната до горната граница), како што предвидува Законот за младинско учество и младински политики, и да вклучи повеќе категории на млади.

На тој начин, крајниот производ треба да ги отсликува потребите на младите, за по донесувањето на финалниот документ и неговото усвојување да започне вистинската битка – имплементацијата.

Зошто нѝ е потребно стратешко планирање?

Во нашата држава популарно е да се каже „Само правиме некои документи, а од имплементација ништо“. И навистина, до некаде, така е. Во изминатите триесет години независност доживеавме многу разочарувања. Не само кога се работи за младите, туку генерално, во развојот на Северна Македонија. Но, еден од главните проблеми е немањето стратешки приоритети и на јасна визија како државата да се развива на среден и долг рок.

Па така, како кој дојде на власт ги менува приоритетите, и сè она што претходно било направено се остава да стагнира, додека новиот властодржец се фокусира на своите приоритети.

На тој начин, државата се врти во круг, без суштински и долгорочни квалитативни поместувања. Колку за илустрација, кога на власт беа ВМРО- ДПМНЕ и Никола Груевски, градежништвото го движеше бруто домашниот производ. Веднаш потоа, од 2017 година, можеше да се забележи фокус на производство на масло од канабис, а сега, со новата влада предводена од Димитар Ковачевски, во подем е изградбата на фотоволтаични електрани и зелената транзиција.

Со функционирање според принципот „купи ден – помини“, не се гради држава. Според овој принцип, не само што не им се помага на младите, туку и им се одмага. Неопходно е да се размислува, планира и имплементира стратешки.

Стратешкото планирање и секоја стратегија за млади, на локално, државно, меѓународно и глобално ниво, содржи мерливи податоци за моменталната, постоечка состојба на секторот. Врз основа на тоа се одредуваат целите, очекуваните резултати кои заедно со визијата и мисијата, одредуваат во која насока се стреми субјектот, областа, групата на граѓани.

Важечката Стратегија за млади на општина Охрид, на пример, покажува зошто е важно да се изработи една стратегија врз основа на спроведени анализи. „Младите сметаат дека недостасуваат обуки за млади во Охрид и тоа: ИТ обуки, обуки за изучување на странски јазици, обуки за сексуално здравје... Најважните три приоритети во креирањето на стратегијата за млади на општина Охрид, според испитаниците треба да бидат: образование, култура и вработувањето.

Овој цитат на многу конкретен начин покажува зошто е важно да се создаде една Стратегија за млади. Документот ја одредува целта на младите во даден период, начинот на кој треба да се реализира и сето тоа врз основа на утврдени потреби: недостаток од неформално образование и детектирање на проблемот со невработеноста. Преку овие зборови од актуелната стратегија на општина Охрид се потврдува тоа дека стратегиите ја одредуваат моменталната состојба на младите и насоката во која треба да се движат за да ги достигнат посакуваните резултати.

Да разгледаме примери и од глобален аспект. Во Стратегијата за млади на Обединетите Нации 2030 се констатира дека стратегиите овозможуваат младите да делуваат проактивно, наместо реактивно. Што значи тоа? Со јасна визија и цел, младите ќе покажат самоиницијативност и ќе знаат во која насока се движат, затоа што испланирале што е тоа што треба да го постигнат. Во оваа смисла, проактивно значи тие да ги иницираат процесите, а не да делуваат одбранбено и реактивно како одговор на веќе отпочнати процеси.

Извор: pretsedatel.mk

Според оваа констатација, младите можат да водат, иницираат и отпочнуваат процеси за да постигнат напредок. Од друга страна, реактивното делување значи само одговор и обид за вклучување во тековни процеси кои ретко кога одговараат на суштината на тоа што треба да се постигне.

Крајот на овој дел, во кој се прави обид да се убеди читателот зошто е важно да се планира стратешки и да се креираат стратегии на среден и долг рок, се заокружува со цитат на Јоги Бера, познат бејзбол играч: „Ако не знаете каде одите, тогаш сигурно ќе завршите на друго место“.

Нова Национална стратегија за млади на Република Северна Македонија

Процесот е веќе започнат. Во моментот на пишување на овој текст одржан е почетниот настан на кој, покрај формалното отворање на изработката на стратегијата, се дефинираа работни групи за креирање на мисија и визија на новата Национална стратегија. Веќе на првата работна средба (на 5 ноември) ќе се работи по работни групи и ќе бидат опфатени повеќе аспекти како младинско учество, младинско информирање, образование, култура и други области.

Преку тие работни групи за секоја област во Стратегијата треба да се предвидат цели, да се определат и специфични цели со конкретни очекувани резултати, мониторинг, односно индикатори за степенот на реализација. Сето ова, треба да биде дефинирано од доминантно млади учесници, на возраст до 29 години, граница одредена според Законот за младинско учество и младински политики, како претставници на невладини организации, претставници на институции, индивидуалци и други.

Почетокот на процесот најавува инклузивност, но како што ќе тече оваа двомесечна „акција“, ќе видиме колку процесот ќе остане инклузивен, но и колку младите ќе „издржат“ и колку ќе останат доследни до крајот на изготвувањето на овој државен документ.

На досегашниот прогрес во процесот на изработка на Стратегијата претходеше јавен повик од Агенцијата за млади и спорт на кој заинтересираните учесници имаа можност да се пријават. Покрај младите, во процесот се вклучуваат и претставници од организации и институции кои ја надминуваат старосната рамка до 29 години, што е позитивно заради инклузивноста, но и за подобро детектирање на потребите и на тековните проблеми.

По јавниот повик, на првиот настан се создаде еден збир на млади учесници кои, доаѓаат од различни области и на повозрасни, кои имаат искуство и се експерти во бранши што директно или индиректно влијаат на младите.

Досегашната стратегија за периодот од 2016 до 2025 година е сè уште важечка и претставува процес инициран од Агенцијата за млади и спорт и Програмата за развој на Обединетите Нации. Она што недостасува со последната и сè уште важечка стратегија е што е изработена во време кога не се ни дискутира за Закон за млади. Денес, обврската да се креира национална стратегија произлегува од Законот за младински политики и младинско учество што претставува пропис да се имплементира на локално и државно ниво.

Дополнително, околностите и реалноста за младите драстично се променија во и пост-ковид кризата.

Формите на младинско учество и особено младинското информирање радикално се менуваат во изминатите години од почетокот на кризата. Самиот процес на дигитализација ги менува алатките за вклучување на младите, процесот на информирање го прави покомплексен и го менува пристапот до образование.

Врз основа на Законот за младинско учество и младински политики и обврските кои произлегуваат неопходно е да се спроведе нов процес на планирање. Ако Националната стратегија за млади 2016 – 2025 предвидува преземање на мерки за препознавање на младинскиот работник, во новиот Закон тоа е целосно регулирано и веќе се спроведуваат обуки за овој тип на работници, а нивното работно место се младински центри во секоја општина, како што обврзува Законот.

Во поглед на инкорпорирањето на младинската работа во образованието, односно едукација на образовни кадри и нивно запознавање со примена на младинската работа не е направено ништо. Концептот на младинска работа сè уште е далеку од образованието.

Со новата Стратегија, младинската работа и младинскиот работник треба да добијат важно место во образованието и да станат дел од наставните програми.

Иако важечка, постоечката Национална стратегија веќе е застарена во делот за образование. Стратегијата не предвидува чекори за воспоставување и унапредување на дигитализацијата и вклучување на младите во едукација и користење на дигиталните алатки за учење.

Поглед напред

Стратешките планови нè водат на конкретно место, кон остварлив резултат и јасна цел. Само стратешкото планирање со ефикасна имплементацијата можат да донесат долгорочни придобивки за младите и генерално, развој на областа и придонес за оваа група на граѓани.

Имплементацијата на терен е она што е најважно, но во имплементацијата мора да се држиме до одреден план и кон нешто конкретно заради две работи. Прво, јасната визија се остварува преку конкретни и добро испланирани чекори.

Второ, стратешката визија и мисија ги факторизира младите, покажува колку тие знаат што сакаат и како аналитички им пристапуваат на работите.

Конечно, Северна Македонија треба стратешки да продолжи да планира и посвети повеќе ресурси на ефикасна имплементација. Тој процес започнува од младите и Стратегијата во најава е одлична можност да покажеме дека планираме разумно и имплементираме целосно.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Сотир Габелоски

Сотир Габелоски е службеник за млади во општина Крушево и имплементатор на иницијативата „Од млади за млади“ во рамки на проектот „Поддршка за изборни реформи“.