fbpx

Зошто Косово се врти кон зелените технологии

Фјола Цака (Fjollë Caka)

Граѓаните на Косово се соочуваат со сериозни проблеми поради загадениот воздух. Истовремено, голем е бројот на градови и населени места кои ги трпат влијанијата на климатските промени, како што се топлотни бранови, поплави и шумски пожари. Институциите имаат преземено одредени активности, но треба да се направи многу повеќе.

Косово произведува 88% од својата енергија благодарение на електраните Косово А и Косово Б, кои се меѓу најголемите загадувачи во Европа. Најголем дел од загадувањето потекнува од производството на енергија и топлина наменети за домаќинствата и за други сектори како што се индустријата, транспортот, земјоделството и управувањето со отпадот.

Нивната близина до градот Приштина придонесува за негово високо рангирање меѓу најзагадените градови во светот. Во 2020 година, просекот на PM10 и PM2,5 честитки, како годишни нивоа на концентрација во Приштина, ги надмина препораките на СЗО, за два пати, односно за речиси пет пати. Во 2023 година, тие нивоа се намалија, но сепак ги надминаа нивоата кои се препорачани од СЗО.

Загадување на воздухот: Проблем кој не си заминува

Покрај главниот град, има и други поголеми градови, како што се Гњилане, Митровица, Пеќ и Призрен, кои исто така имаат високи концентрации на честички (PM). Иако загадувањето на воздухот е проблем кој е присутен во текот на целата година, тој е поинтензивно изразен во есен и зима поради зголеменото користење на греењето.

Со оглед на недостатокот на системи за централно греење во повеќето градови на Косово (освен во Приштина, Ѓаковица, Северна Митровица и Звечане), согорувањата во домаќинствата се главната причина за постоење на честички со големина од 2,5 микрометри или помали (PM2,5), од 10 микрометри (PM10), како и за други емисии на прашина. Дополнителен загадувач кој е штетен по здравјето на луѓето е азотниот диоксид (NO2) кој главно се емитува од транспортниот сектор.

Една неодамнешна студија (2022)  покажа дека загадувањето на воздухот веќе има негативно влијание врз здравјето на луѓето на Косово, и дека придонесува за зголемениот број на респираторни проблеми (вклучувајќи астма и бронхитис), особено кај децата. Иако предвремените смртни случаи кои се припишуваат на PM2.5 на Косово се намалија во периодот од 2020 (4.000 предвремени смртни случаи) до 2022 година (3.059 случаи), сериозното загадување на воздухот и другите еколошки проблеми и понатаму придонесуваат за намалениот животен век (во просек за речиси 10 години помалку во споредба со другите земји на ЕУ).

Истовремено се зголемија и просечните годишни температури, и тоа особено во текот на изминативе 20-30 години, што влијае на здравјето на луѓето, земјоделските приноси, физичката инфраструктура и екосистемите. Во таа смисла, квалитетот на здравјето на луѓето и на животната средина трпат негативно влијание. Голем број на градови и населени места се соочуваат со влијанијата на климатските промени, како што се топлотни бранови, поплави и шумски пожари.

Извор: reuters.com

Како потписник на Софиската декларација за Зелена агенда за земјите од Западен Балкан, Косово се обврза постепено да го исфрли јагленот и да го зголеми уделот на обновлива енергија, како и иновациите. Во подготовка се и првите Национално определени придонеси (НДЦ) на доброволна основа а се започна и со спроведувањето на мерки за зголемување на уделот на обновливите извори на енергија.

Истовремено, се подготвува и Стратегија за климатска адаптација и на тој начин се презема обврска да се работи во насока на негова отпорност.

Недостатокот на пристап до меѓународните механизми за финансирање е клучна пречка за обезбедување поодржлив и климатски чувствителен развој, но сепак треба да споменеме и одредени позитивни случувања кои ветуваат. Неколку градови почнаа да планираат и да преземаат поодржливи мерки. На пример, Приштина има подготвено Акциски план за зелен град кој содржи конкретни зелени мерки што треба да се преземат а кои вклучуваат енергетска ефикасност на зградите, управување со цврст отпад и отпадни води и интеграција на адаптацијата на климатските промени.

Приштина, Јужна Митровица и Северна Митровица исто така подготвија планови за одржлива урбана мобилност и започнаа со спроведување на мерките предвидени со нив, а тука се и неколкуте други општини кои преземаат такви политики и мерки за планирање.

Планот за одржлива урбана мобилност на Јужна Митровица, освен што промовира опции за одржлива мобилност (вклучително и меѓумодална станица, подобрување на јавниот транспорт и инфраструктура за возење велосипед и пешачење) со цел функционално урбано подрачје, беше исто така пофален и од Европската комисија поради неговата визија за подобрување на безбедноста во центарот на градот и околу училиштата – оттука, номиниран како финалист за 10-тата награда за одржливо планирање на урбаната мобилност (SUMP Award) со акцент на „Безбедно и здраво со одржлива мобилност“ на европско ниво, се натпреваруваше со Мадрид (Шпанија) и Тампере (Финска, која беше победник).

Јужна Митровица исто така започна да презема иницијативи за зголемување на своите зелени површини на отворено, како преку јавни капитални инвестиции во обновата на постоечките паркови како и иницијативи кои се предводени од заедницата, особено во однос на креирањето на неколку градини во урбаните заедници. Придобивките од зелените површини се повеќекратни и вклучуваат подобро здравствено и еколошко работење, климатска адаптација и ублажување.

Од друга страна, градот Призрен пилотираше локален инвентар на стакленички гасови, врз основа на кој подготви меѓусекторски план за ублажување на стакленичките гасови кој опфаќа повеќе сектори, како што се енергетиката, транспортот, управувањето со отпад и јавните услуги. Има уште некои општини кои исто така почнаа да ги развиваат своите општински климатски и енергетски планови, а други, пак, спроведуваат поодржливи проекти, меѓу кои е и поставувањето на соларни панели во институционалните објекти и јавните училишта, зголемување на енергетската ефикасност и садењето дрвја.

Потреба од итно делување

И покрај напредокот кој е постигнат во унапредувањето на политичката агенда и на правната рамка, она што им недостасува на сегашните развојни планови се ефективни мерки за адаптација и ублажување на климатските промени.

Постои потреба од посеопфатно вклучување во главните политики и од континуирано дејствување. Градовите на Косово треба да продолжат со својата агенда, особено во однос на спроведувањето на мерките кои придонесуваат за зголемување на уделот на производството на обновлива енергија, подобрувања на енергетската ефикасност на објектите, одржлив транспорт и управување со отпад, одржливо управување со шумите и зголемување на зелените површини во урбаните области.

Тие треба да стават приоритет на целите за одржлив развој и да се стремат кон позелени и поотпорни концепти на развој, кои би биле во насока на поддршка на човековото здравје и благосостојба. Тука е исто така и потребата од дополнителни јавни кампањи за зголемување на свеста кај граѓаните во врска со негативните влијанија од загадувањето на воздухот и на другите екстремни временски настани (горештини и сл.) врз луѓето, како и за тоа кои се расположливите ресурси за нивно решавање.

Справувањето со загадувањето на воздухот и влијанијата на климатските промени бараат партнерства со поголем број на засегнати страни – тоа подразбира вклучување на широк опсег на тие страни и на корисниците, како во процесите на планирање така и во имплементацијата. Во таа смисла, сите страни треба да соработуваат и да преземат одговорност за заедничка подобра, поодржлива и поздрава иднина.

 

Текстот е објавен како дел од иницијативата „Приказни од регионот“ која ја спроведуваат Рес публика и ИКС, во соработка со партнерите од Косово (Sbunker), Србија (Autonomija), Босна и Херцеговина (Анализирај.ба), Албанија (Exit News), и Црна Гора (PCNEN), во рамки на проектот „Користи факти“ кој се реализира од ИКС, со поддршка на Британската амбасада во Скопје.Ова издание на Приказни од регионот е исто така спроведено во партнерство помеѓу ИКС и проектот UPSURGE, финансиран во рамки на Хоризон 2020 на Европската Унија според договорот за грант бр. 101003818.

Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Фјола Цака (Fjollë Caka)

Фјола Цака е архитектка, социолог и урбанистичка планерка од Приштина (Косово), која работи на одржлив, инклузивен, отпорен развој на градовите и заедниците, со ниски јаглеродни емисии. Таа е докторантка и предавач на Универзитетот на Југоисточна Европа (Северна Македонија), како и Амбасадорка за климатски промени на GYCN за Косово од 2021 година.