fbpx

Настрана теориите на заговор – како лошото управување се одрази врз вакцинацијата во Албанија

Барбара Хала

Барбара Хала

Barbara Halla 400x500Во јуни се чинеше дека Албанија излезе од кризата а бројот на новозаразени се намали на едноцифрени бројки, но до крајот на јули работите целосно се завртеа (откако во Албанија влегоа рекорден број на посетители). Во август, бројот на новозаразени на дневно ниво стигна до речиси 1.000.

Некаде кон средината на август 2021 година, јас конечно се предадов на надмоќта на летното сонце во Албанија и повикав такси – мое прво такси од почетокот на пандемијата. Кога се влегов внатре, се затекнав среде разговор кој се водеше помеѓу возачот и неговата золва - за среќа, истиот се одвиваше преку звучникот на телефонот. По темелното разглабање на разните здравствени проблеми на нивното семејство и плановите за одење на одмор, нивната дискусија се заврте кон темата пандемијата, но со еден вид на заморна а сепак неизбежна динамика која го карактеризира сето она што до овој момент има врска со карактеризира со Ковид-19: последиците од глобалната катастрофа се претворија во еден факт на животот.

„Да, чекам мојот матичен лекар да се врати од плажа, за да може ми одобри да примам Фајзер“, рече возачот. Неговата золва се согласи со таквиот план - таа сакаше да го направи истото.

Владата на Албанија во моментов користи три вакцини за имунизација на населението во државата: Фајзер, АстраЗенека и кинеската Синовак-Коронавак. Иако вакцинацијата е отворена за сите кои имаат над 18 години, и тоа е така уште од месец август, вакцините на Фајзер (а малку повеќе од нив и вакцините на АстраЗенека се чуваат за „приоритетни групи“ т.е. здравствени работници и луѓето кои имаат хронични состојби или болести.

Не го прашав мојот возач зошто чека да прими вакцина од Фајзер кога Синовак-Коронавак е веќе достапна во секој од центрите за вакцинација. Колку и да звучи ова анегдотски, слушнав дека има многу членови на семејството и познаници кои го одложија вакцинирањето со надеж дека ќе се вакцинираат токму со Фајзер кога ќе пристигне следната серија од оваа вакцина.

Некои чекаат да примат Фајзер затоа што на неа гледаат како вакцина што ја преферира „Западот“ и затоа што е посигурна. Но, исто така е точно дека одредена подгрупа, особено младите луѓе, се сигурни за Фајзер бидејќи Синовак-Коронавак не е призната од повеќето земји на ЕУ. Ова значи дека оние што сакаат да патуваат во странство може да бидат подложени на построг карантин, или може да им биде забранет влезот ако патуваат поради „несуштински цели“.

Стандардната приказна за лошото управување и дезинформирање

Кога станува збор за објаснување на повторното зголемување на бројот на заразени во Албанија, наративот, практично, се објаснува самиот себе. Од една страна, кога започна туристичката сезона во месец јуни, албанската влада донесе одлука за олеснување на сите мерки поврзани со пандемијата и стана единствената држава во регионот која им дозволи влез на странските посетители без никакви претходни услови, дури и без негативен Ковид тест.

Во исто време, додека максималното ограничување за сите јавни настани беше исполнетост која не надминува 30%, во реалноста летните фестивали беа преполни а на социјалните мрежи осамнаа многу фотографии на учесници на тие настани стиснати како сардини и максимално опуштени. На нив понекогаш имаше и политичари па дури и странски претставници.

И додека месецот јуни се чинеше дека е моментот кога Албанија излезе од кризата а бројот на новозаразени се намали на едноцифрени бројки, до крајот на јули работите целосно се завртеа (откако во Албанија влегоа рекорден број на посетител, и беа надминати бројки кои постоеја пред пандемијата). Во месец август, бројот на нови случаи на дневно ниво изнесуваше речиси 1.000 луѓе.

Владата ја смени оваа политика во септември, откако заврши туристичката сезона, но исто така и го продолжи времетраењето на полицискиот час за уште еден дополнителен час и повтори дека е задолжително носењето маски во затворен простор. Но штетата веќе беше направена.

Бројката на заразени беше таква и поради степенот на вакцинирано население во Албанија. Според последните официјални податоци, целосно вакцинирани се вкупно 754.020 граѓани или околу 28% од вкупно 2.8 милионското население на државата. Вакцинацијата се забави и покрај тоа што вакцините им беа овозможени на сите полнолетни граѓани од месец август 2021 година. Ова ја става Албанија на исто место со своите соседи и далеку зад бројките кои ги гледаме во Европската Унија – мошне неинспиративна слика со оглед на фактот дека Албанија беше една од првите земји од Западен Балкан која започна да го вакцинира населението.

Nastrana teoriite na zagovor da vidime kako losoto upravuvanje imase odraz vrz vakciniranjeto vo AlbanijaИзвор: shutterstock.com (фото: Mirza Kadic)

На еден начин, лесно е да се констатира дека она што се случува во Албанија е едноставен одраз на глобалните трендови на подем на антивакциналното расположение кое му претходи на Ковид-от и досега се има мултиплицирано.

Сепак, многу е потешко да се мери ситуацијата на терен поради непостоењето на конкретни податоци за ставот на албанските граѓани кон вакцинацијата воопшто, и поконкретно кон вакцините против Ковид-19. Не се направени национални или меѓународни истражувања со кои би се измерило расположението против вакцините. Едно истражување кое беше направено на англиски и албански јазик произведе мошне малку резултати, а највпечатливо е истражувањето спроведено од Универзитетот во Минесота, кое покажува дека само 26% од граѓаните во Албанија сметаат дека вакцинирањето на граѓаните на Албанија е важно.

Во секој случај, локалните новинари подготвија извештај кој сака да ја стави Албанија во правна рамка за тоа на кој начин дезинформациите и ширењето на теориите на заговор на интернет го поттикнале опасното антиваксерско движење. На пример, профилот на БИРН за познатиот антиваксер Алфред Цако покажа колку лесно медиумите во Албанија му даваат простор нему и на неговата платформа за ширење на дезинформации за разоткриените опасности од вакцината, како и на добро познатите антисемтиски теории на заговор според кои вакцината е само заговор смислен од глобалните елити за извршување на нивната доминација.

„Луј Витон“ на вакцините

Сепак, тука е важно да се направи разлика помеѓу оние што стануваат жртви на чудни теории на заговор и оние чиј отпор кон вакцинацијата се заснова на посложена група на причини. Би рекла дека два меѓусебно поврзани елементи, исто така, одиграа значајна улога во забавувањето на стапката на вакцинација во Албанија. Прво, тоа е зависноста на граѓаните на Албанија од Европската унија - и од Соединетите држави - како компаси во однесувањето и информирањето. И второ, сеприсутниот страв кај Албанците од трајно губење на слободата на движење.

Иако постојано се намалува, Албанците сепак и понатаму ѝ веруваат на Европската Унија и на нејзините тела, и тоа со висок процент, особено во споредба со довербата што ја имаат во локалните институции и во албанската влада. Затоа, не би било претерано да се каже дека односот на ЕУ кон одредени вакцини, пак, може да влијае врз ставот кој го имаат граѓаните на Албанија во однос на вакцините.

Да дадеме еден пример – во месец март 2021 година, неколку земји од ЕУ привремено ја суспендираа употребата на АстраЗенека поради здравствени причини, и покрај консензусот кој постои кај науката за спротивното. Ова чувство на сомнеж се прошири и во Албанија каде, според домашните и меѓународни медиуми, наставниците биле внимателни кон вакцината.

На сличен начин, колебливоста на граѓаните на Албанија кон кинеската Синовак-Коронавак најверојатно е уште поголема поради односот кој го има Европската Унија кон оваа вакцина. Поконкретно, иако Синовак е одобрен од Светската здравствена организација (и е вклучен во шемата на COVAX), Европската агенција за лекови допрва треба да го направи истото. Ова се случува и покрај клиничките испитувања кои покажаа дека таа штити од хоспитализација и смрт, и тоа со стапка која е на исто ниво со вакцините кои се произведени во западните земји.

Иако препораките на ЕМА не се обврзувачки, земјите-членки на ЕУ сепак се со тенденција истите внимателно да ги следат. Како резултат на тоа, мнозинството земји-членки на Европската Унија не ја признаваат вакцината Синовак-Коронавак, со што им се ограничени можностите на оние кои се вакцинирани со неа да патуваат во ЕУ. 

Не е тешко да се поверува дека за граѓаните на Албанија, од кои повеќето имаат семејство во странство или ја сакаат слободата што им ја овозможува тешко постигнатиот договор за визна либерализација од 2010 година, идејата дека нивната вакцина можеби нема да биде призната, е доволна за да направи да се двоумат. Тие повеќе би сакале да се надеваат дека во иднина ќе успеат да го убедат својот матичен лекар да ги пријави за вакцинирање со Фајзер. Навистина, интервјуата дадени за Еуроњуз Албанија во јуни покажаа дека дури и оние што дошле во центрите за бесплатна вакцинација, изјавиле дека би ја претпочитале Фајзер токму од причини поврзани со патувањето.

Албанската влада направи малку за да ја ублажи ваквата загриженост. Овозможувајќи ја вакцината на Фајзер (и на АстраЗенека) на ограничена група луѓе, и особено со чувањето на овие вакцини на оние за кои се смета дека се „изложени на ризик“ поради условите во кои се, тие испраќаат порака дека има нешто подобро во вакцините на фајзер. Не е ни чудо што слушнав мои пријател како на шега го нарекува Фајзер - „Луј Витон“ на вакцините.

Работите може да се променат. Кон крајот на септември, официјалните бројки почнаа да се намалуваат, иако смртните случаи и понатаму беа високи. Иако вакцините не се задолжителни за секого, тие им се потребни на студентите, наставниците, здравствените работници, па сега дури и на пратениците. Албанија неодамна склучи уште еден договор со Фајзер за купување на уште половина милион дози, што би можело да реши еден проблем.

Сепак, за да се смени овој тренд ќе биде потребен повеќекратен и силен пристап кој ќе се справи со дезинформациите и заблудите. Кампања за вакцинирање спроведена од Владата на Албанија - „Албанија се насмевнува“ лесно се заборава и беше пречекана со тапи емоции во споредба со позаразните, поедноставни и попривлечни теории на заговор. Но, тоа исто така ќе бара добра волја за соработка од оние држави и институции чие одбивање да се признаат одредени вакцини подразбира предност за конкурентна политика и профит во однос на човечките животи.

Додека тоа не се промени и додека стапките на вакцинација и понатаму се на ниско ниво а пандемиските ограничувања сè уште се на сила, Албанија можеби ќе треба да се подготви за острата зима која претстои.

 

Блогот е објавен во рамки на иницијативата „Приказни од регионот“ која ја спроведуваат Рес публика и ИКС, во соработка со партнерите од Хрватска (Lupiga), Косово (Sbunker), Србија (Autonomija), Босна и Херцеговина (Анализирај.ба), Албанија (Exit News), Црна Гора (PCNEN), Словенија (DKIS) и Грција (Macropolis).

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Барбара Хала

Барбара Хала е главна уредничка за страницата на Exit News на англиски јазик, непрофитен новинарски портал во Албанија. Од 2017 година таа исто така е член на уредувачкиот одбор на Asymptote, меѓународно книжевно списание фокусирано на литература, со превод на англиски јазик, каде што во моментов работи како уредник за критики. Барбара исто така пишува и за културолошките корени на сексуалното насилство во Албанија за Politikja кое е албанско академско списание, покрај другите проекти за кои пишува. Дипломирала историја на Харвард а живее и работи во Тирана, претходно во Кембриџ и Париз.