Многу е јасно што треба да направиме. Потребно е да направиме премин од фосилни горива (јаглен, нафта, природен гас) кон енергија која ќе емитува нула јаглерод: ветер, сонце, хидро, геотермални извори, енергија од био извори и нуклеарна енергија, во зависност од локацијата.
Како што државите владите се подготвуваат за учество на овогодинешната климатска конференција која ќе се одржи на почетокот на декември во Дубаи, две работи се болно јасни. Прво, веќе се наоѓаме во вонредна климатска состојба. Второ, побогатите земји, а особено САД, продолжуваат да им вртат грб на посиромашните земји. Поради тоа, дебатата оваа година ќе стави акцент на климатската правда и финансирање: како да се споделуваат трошоците за климатските катастрофи и на итно потребната трансформација на системите во светот кои се однесуваат на енергетиката и на користењето на земјиштето.
Конференцијата во Дубаи е 28-ма по ред годишна конференција на страните потписнички на Рамковната конвенција на ОН за климатски промени, односно COP28. Првиот COP се одржа во Берлин во 1995 година. Нашите влади немаат многу работи со кои би можеле да се пофалат дека сработиле.
Уште во 1995 година, тие ветија дека ќе ја стабилизираат концентрацијата на CO2 и на другите стакленички гасови во атмосферата „со цел да се избегне опасното антропогено [предизвикано од човекот] мешање во климатскиот систем“. Емисиите на CO2 таа година изнесуваа 29 милијарди тони, но оваа година се околу 41 милијарда тони. Во тоа време, атмосферскиот CO2 беше 361 делови на милион (ppm), но сега е 419 ppm. Во тој период, Земјата била загреана за околу 0,7 °C во споредба со периодот 1880-1920 година, но сега таа се загреа за 1,2 °C.
Уште нешто што бележи зголемување е и стапката на затоплување. Во периодот 1970-2010 година, брзината на затоплувањето беше околу 0,18°C во една деценија. Сега, Земјата се загрева за најмалку 0,27°C во една деценија. Во рок од 10 години, ќе ја достигнеме горната граница од 1,5°C која е договорена во Париз во 2016 година (на COP21).
Всушност, ние најверојатно ќе ја пробиеме таа граница и многу порано од тој рок. Како резултат на тоа, климатските катастрофи ќе добиваат на интензитет: поплави, суши, топлотни бранови, огромни бури, огромни пожари и уште многу други катастрофи, кои ќе доведат до смртни случаи, раселувања и штети во износи кои се мерат во д стотици милијарди долари годишно, при што загубите за 2022 година се проценуваат на 275 милијарди долари.
Многу е јасно што треба да направиме. Потребно е да направиме премин од фосилни горива (јаглен, нафта, природен гас) кон енергија која ќе емитува нула јаглерод: ветер, сонце, хидро, геотермални извори, енергија од био извори и нуклеарна енергија, во зависност од локацијата. Земјите треба меѓусебно да ги поврзат своите енергетски мрежи со оние на соседите со цел да ги диверзифицираат изворите на енергија, а со тоа да изградат и отпорност и да ги намалат трошоците. Потребно е преминеме на електрични возила и на производство на водород за индустриска употреба. Треба да ставиме крај на уништувањето на шумите така што ќе ја унапредиме земјоделската продуктивност на постоечките фарми и на шумите со кои се управува.
Сите овие решенија ни се на дофат – но сè уште нема договор за тоа како да се поделат трошоците во врска со тоа. Има вкупно три категории на трошоци кои треба да се земат предвид. Првите се однесуваат на „загуби и штети“ предизвикани од катастрофи кои се случуваат поради климатските промени. Втори се трошоците за адаптација на климатските промени, односно трошоците за тоа општеството да се направи „отпорно“ на временските услови. Трети се трошоците за ремонт на енергетскиот систем.
Кога станува збор за загуби и штети како и за адаптацијата, оние кои ја предизвикаа климатската криза треба да помогнат да им се плати на оние кои ги сносат последиците а кои имаа мала улога во предизвикувањето на ваквата кризата. Со други зборови, побогатите земји треба да покријат голем дел од трошоците што ги плаќаат посиромашните земји. Тоа е едноставно прашање на правда. Кога станува збор за ремонт на енергетскиот систем, ниту една земја нема „право“ да емитува CO2, па затоа сите треба да учествуваат во намирувањето на трошоците. Сепак, на посиромашните земји им треба пристап до евтино и долгорочно финансирање.
И сега доаѓаме до главната фрикција. Богатите земји, а особено САД, одбиваат (досега) да ја прифатат нивната објективна одговорност за загубите и штетите и за трошоците кои се потребни за адаптација а кои ги сносат посиромашните земји. Ниту, пак, богатите земји презедоа некакви практични активности за да обезбедат дека посиромашните земји имаат пристап до евтино финансирање поврзано со енергетската транзиција.
САД учествуваат со околу 25 проценти во кумулативните емисии на емисии на CO2 од почетокот на индустријализацијата која се случуваше од 1750 година, иако САД се само 4 отсто од светската популација. САД исто така испуштија приближно 400 милијарди тони CO2, или околу 1.200 тони по глава на жител (од сегашните 330 милиони жители на САД), додека во сиромашните африкански земји, кумулативните емисии се приближно еден илјадити дел од стапката на САД т.е. приближно 1-2 тони по лице. Сепак, американските политичари дрско препорачуваат „доброволни“ шеми за финансирање на посиромашните земји, што претставува транспарентен и прилично патетичен трик за префрлање на одговорноста од САД.
Ако богатите земји би биле оданочени само десет американски центи годишно за секој тон на кумулативни емисии, исплатата од богатите земји би била околу 100 милијарди долари годишно, при што САД би плаќале околу 40 милијарди долари годишно. Покрај тоа, богатите земји треба да бидат оданочени околу 4 долари за секој тон нови емисии, со што ќе се соберат уште 100 милијарди долари годишно. Комбинираните давачки за минатите и тековните емисии ќе ги резултираат со вкупни давачки за CO2 во износ од околу 200 милијарди долари годишно, при што учеството на САД е околу 60 милијарди долари.
Нема сомнеж дека САД и понатаму ќе продолжат да се бунат и да ја негираат таквата своја одговорност. Ќе се тврди дека плаќањето од околу 60 милијарди долари годишно за минати и сегашни емисии би било премногу скапо – а сепак САД трошат 1 трилион долари годишно на војската, што е прекумерна сума. Всушност, имајќи го предвид годишниот БДП на САД од околу 26 трилиони американски долари, давачката од 60 милијарди долари годишно би изнесувала само 0,2% од американскиот БДП, сума што е лесно достапна.
Цврсто верувам дека правдата ќе дојде. Односот на силите во светот прави ребаланс меѓу богатите и сиромашните, така што богатиот повеќе нема да може да бега од својата одговорност. Верувам дека ова ребалансирање ќе доведе до нови форми на глобално оданочување според Повелбата на ОН, кое ќе биде надгледувано од Генералното собрание на ОН, вклучувајќи глобални давачки за емисиите на јаглерод.
Точно е дека оваа промена ќе претставува груб шок за богатите земји кои долго време ја наметнуваа својата волја на остатокот од светот. Сепак, климатската криза го учи светот дека сите ние живееме во свет кој е меѓусебно поврзан, во кој сите земји мора да ја прифатат својата одговорност за минатите, сегашни и идни активности. Ваквата зголемена свесност за меѓусебната поврзаност и одговорност е патот во насока на правда и одржлив развој за сите.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.