fbpx

Пламенка Бојчева: Од 1.450 институции 600 сѐ уште немаат веб-страници

Интервју

26.12.24

Прегледи
Ако сака јавноста да дознае каков е односот на најистурените институции кон јавноста, тогаш директорката на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации, Пламенка Бојчева, е вистинската соговорничка. Со неа отворено зборувавме за затвореноста на поранешното Министерството за политички систем на чие чело беше Артан Груби, затвореноста на ЕСМ и општините Скопје, Охрид и Струга кога им биле барани информации од јавен карактер, тужбите кои ги добиваа поради Министерството за култура, но и за целокупниот однос на институциите кон најважната алатка на демократија – давање податоци за нивната работа кои јавноста има право да ги знае.

Директорке Бојчева колку новинарите ја користат можноста за барање одговор според правото на пристап до информации од јавен карактер, и колку ја користат и Агенцијата за заштита на правото на пристап за да можат да работат?

 -Да, новинарите ја користат можноста за слободен пристап до информации од јавен карактер и во случај кога институциите не им одговараат, не им одговараат во целост или го одбиваат нивното барање, го користат правото на жалба до Агенцијата која е второстепен орган за одлучување по жалби против одлуките и решенијата на имателите а информации. Секогаш може и подобро и повеќе, меѓутоа сепак е задоволителна состојбата, посебно на новинарите кои работат истражувачко новинарство ова им е многу корисна алатка за нивните истражувања, за кои треба подолго време а не се дневно актуелни настани.

Како илустрација ќе кажам дека во годишниот извештај за работењето на Агенцијата за 2023 беа поднесени 34 жалби од новинари. Тие ги извлековме како бројка поради фактот што самите баратели навеле дека се новинари, меѓутоа може таа бројка и да е поголема, доколку не е наведено во жалбата дека се работи за новинар.

Дали освен новинари има и од други сфери кои се жалат на нарушување на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер?

 -Секако жалби поднесуваат физички лица, најчесто тоа се работи за информации од личен карактер, не се работи за информации од јавен карактер. Кога граѓани поднесуваат барање и се жалат до нас, морам да изразам жалење заради тоа што во правна држава каде што владее правото треба да се применуваат сите закони, а не само Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Така што, доколку граѓанинот има предмет кој што се води по одреден материјален закон, еве да речеме законот за легализација, во тој случај треба информацијата да ја добие согласно материјалниот закон а не законот за слободен пристап.

Се случува и адвокати да прибираат докази и за одредени постапки и за водење постапки пред надлежните судови, управни постапки пред одредени институции, да обезбедуваат докази преку Законот за слободен пристап до информации наместо преку законот за адвокатура кој што ја регулира обврската за институциите да даваат докази за предмети на адвокатите.

Сепак, најчесто барател на информации е невладиниот сектор односно граѓанските организации кои работат во одредени сфери на нивното работење.

 Од каде најчесто доаѓаат жалбите - од новинарите, од невладиниот сектор или од физички лица?

 -Минатата година за првпат беше најголем бројот на жалби од физички лица. Во минатото тоа беше невладиниот сектор, најчесто Центарот за граѓански комуникации предничи во бројот на поднесени жалби до Агенцијата. Изминатите години, зборувам за пред четири – пет години тоа беше една невладина која се занимаваше со Министерството за здравство и здравствените организации. Ќе видиме за оваа година. Во периодот од јануари до март 2025 го подготвуваме Годишниот извештај, па тогаш ќе ги имам точните бројки за состојбата во 2024 година.

Бројот на жалби е намален

Колку Агенцијата е препознаена во јавноста како кредибилен афирматор и заштитник на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер?

 -Јас сметам дека не е доволно препознаена, не само Агенцијата како Агенција, туку и воопшто што работи Агенцијата и што претставува правото на пристап до информации од јавен карактер. За илустрација, ќе кажам дека во рамките на ИПА 2 проектот кој што се одвиваше во периодот од 2020-2022 направивме истражување на јавното мислење пред кампања и после кампања. Истражувањето кое се направи пред кампањата покажа дека граѓаните малку се запознаени со правото на пристап до информации од јавен карактер, а после кампањата тие бројки веќе беа повисоки.

Ние како Агенција немаме доволно средства и бараме начини за соработка со невладиниот сектор или преку финансиска поддршка од меѓународните организации во државата, да нѝ овозможат да ја запознаеме јавноста. Значи, не е доволно запознаена ниту со постапката за поднесување на барање, постапката за поднесување на жалби итн.

Колку жалби добивате годишно?

 -За разлика од минатите години кога добивавме меѓу 700 и 800 жалби, морам да кажам дека во последните три години таа бројка е намалена и се движи меѓу 350 и 450. Во моментов имаме добиено околу 340 жалби, минатата година беа 453, а претходно 343 жалби. Значи, драстично е преполовен бројот на добиени жалби. Се надевам дека тоа е благодарение на трудот кој што во изминатите пет години го вложува Агенцијата и тимот вработени за промовирање на пристапот и значењето на пристапот до информации од јавен карактер.

Организираме редовни обуки, минатите години во времето на короната започнавме со онлајн обуки, последниве две години ги одржуваме со физичко присуство. Секоја втора недела каниме службени лица за пристап до информации од јавен карактер од различни институции, новоназначени службени лица и службени лица кои почесто ни се јавуваат и бараат консултации. Почнавме обуки и по категории, дали се работи за здравствени организации, дали се работи за јавни претпријатија или министерства или агенции, проблематиката е слична и затоа ги организираме по одредени категории на иматели на информации. Така што, најверојатно обуките дадоа резултат и на тоа се должи намалениот број на жалби.

Во моментов по колку жалби одлучувате и на кои институции се однесуваат?

-Оваа година, од 1 јануари 2024 до денес се поднесени околу 340. Во моментов разгледуваме околу десетина жалби. Најчесто жалбите се поднесуваат против институции од централната власт. Тоа се министерствата, агенции, комисии, дирекции, потоа се општините, и на крај се јавни претпријатија, здравствени институции итн.

Сметате ли дека Агенцијата ја исполнува својата мисија за зголемување на транспарентноста и отчетноста на институциите и олеснување на пристапот до информациите од јавен карактер?

 -Во рамките на нашите ресурси и можности кои ги имаме како буџетска институција, можам да кажам дека ги исполнува, меѓутоа јас како личност и директорка на оваа институција сметам дека можеме многу повеќе да направиме доколку би имале поголем буџет на располагање и поголем број на човечки ресурси.

Министерството за политички систем не даваше податоци кои се јавни

 Претходно споменавте, но сакам и конкретно да Ве прашам: дали Владата и министерствата се доволно транспарентни и отчетни?

 -Кога зборуваме за транспарентност, мораме да имаме предвид дека постојат два вида на транспарентност: реактивна и проактивна транспарентност. Реактивна е постапување по барање на пристап до информации од јавен карактер а проактивната е самоиницијативно, доброволно и навремено ажурирано објавување на информации кои се наброени во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Сакам да нагласам дека ние еднаш годишно во ноември и декември правиме мониторинг на веб-страниците на институциите од централната власт. Мониторингот за оваа година е во тек, колегите го подготвуваат извештајот и тогаш ќе ги имаме бројките и споредбениот преглед во однос на тоа како се движела бројката на објавени документи минатите години и оваа година. Е тогаш веќе ќе можеме да зборуваме за тоа колку се транспарентни. Исто така, почнавме да правиме мониторинг на активната транспарентност на судската власт, и таму резултатите се поразителни, не само што немаме напредок туку и благо уназадување во делот на транспарентност на судовите.

Во делот на реактивната транспарентност морам да кажам дека имавме проблем минатата година со Министерството за политички систем: не постапија по ниту едно барање, не постапија по ниту едно наше решение.

Какви информации беа барани од Министерството за политички систем, а не беа дадени?

 -Најчесто прашањата се однесуваа на јавните набавки, како и на лицата ангажирани со договор, за буџетот...Тоа се податоци кои фактички требаше и проактивно да ги имаат објавено на својата веб-страница, а не беа, и затоа се поставуваа такви прашања.  

Ви се случило ли Владата или некое Министерство да се оглуши на вашето решение да ги дадат бараните информации на заинтересираните странки? Ве прашувам бидејќи нам еднаш ни се случи тоа со Министерството за правда? Што правите во таков случај?

 -Да, тоа се случуваше и во Министерството за политички систем каде што ние бевме во постојана комуникација со службеното лице за пристап до информации од јавен карактер. Таа ни кажа дека од нејзина страна е сторено сѐ што требало да се стори. Да бидам искрена не покренавме прекршочна постапка против службеното лице, а други можности немавме.

Таков проблем имавме и со Електростопанство на Македонија (ЕСМ) кое поднесе 10 тужби против нашите решенија каде што не беа ниту задолжени да постапат, туку беше само укажано дека треба да се постапи по барање. Тие наместо да постапат по нашето решение, нѝ поднесуваа тужби против нашите решенија. Судот ги одби сите нивни тужби затоа што не може да се кријат податоци за набавка на гориво, на мазут, на нафта во време на енергетска криза.

Слична ситуација имаме со градот Скопје, општина Струга и со општина Охрид каде што претежно од невладиниот сектор кои што работат на заштита на животна средина се поставуваат одредени прашања според правото на пристап до такви информации, и наместо да постапат тие поднесуваа тужби против нашите решенија.

На што се жалат во нивните тужби против вашите решенија, со оглед дека секоја тужба треба да се заснова и на правна логика?

 -Велат дека бараните податоци биле заштитени или се исклучок од пристапот до информации, но тоа не е така, бидејќи се работи за неспорен јавен интерес. Тужбите им се паушални. Кај пристапот до информации не станува збор за правен интерес туку за јавен интерес. Во нашите одговори на тужби ние тоа постојано во нагласуваме. Со тужби инаку сакаат да го одложат објавувањето или давањето на одредена информација, да се намали интересот за одредена информација и да се откажат барателите.

Што се случи со измените што ги баравте на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Тие беа за кратење на рокот од 20 дена за одговор на барање на информација, регулирање на прекршочните казни, како и зголемување на надлежностите на Агенцијата…колку е сето тоа важно за Агенцијата да ја извршува својата функција?

 -Многу е важно, бидејќи со измените на законот ние како Агенција побаравме поголеми надлежности во делот на проактивната транспарентност. Во членот 10 се вели дека институциите се должни да ги објавуваат 22-те категории на информации. Агенцијата прави мониторинг како што претходно реков, меѓутоа како додадена вредност во своето работење, чисто за да имаме прегледност за проактивната транспарентност на имателите на информациите, а во насока на спроведување на надлежноста на Агенцијата да се грижи за спроведување на одредбите на законот. Ние го подготвуваме извештајот, го објавуваме на нашата веб-страница и го доставуваме до институциите со цел и тие самите да се видат каде се наоѓаат на таа листа на транспарентност. И, тука завршува нашата надлежност како Агенција.

Оттука, со измените на законот бараме воведување на прекршочни одредби, бидејќи од искуство знаеме дека не се службените лица одговорни за недоставување одговор по барање за слободен пристап до информации, туку најчесто се тоа раководните и одговорните лица. Затоа во законот предлагаме утврдување на одговорност на раководните и одговорните лица за нетранспарентност. Исто така, предложивме и една друга измена а тоа е воведување на посебни одредби за животната средина. Се надевам дека ќе се има слух и за тоа.

Предлагаме да се набројат областите како области кои се однесуваат на животната средина, урбанизам, градежништво итн., а понатаму со подзаконски акти подетално ќе утврдиме кои се тие информации што треба да бидат од јавен карактер, бидејќи животната средина го засега секого од нас како граѓани.

Имате ли очекувања за тоа кога ќе се донесат измените?

 -Предлог текстот за измени и дополнување на законот би требало да биде готов кон крајот на март. Ќе видиме со какво темпо ќе се работи. За среќа, првпат во работната група учествуваат и двајца судии од Управниот суд, што е многу значајно. Јас го поздравувам нивното присуство во работната група и се надевам дека ќе ги надминеме недоразбирањата во делот што е јавен интерес, што е приватен интерес и што се информации од јавен карактер.

Каков ви е впечатокот, имаат ли слух властите за важноста на овие измени, бидејќи сето тоа што го барате мора да помине низ политички канали...

 -Се надевам дека ќе имаат слух. Од Министерството за правда добивме уверување дека сите заеднички ставови на работната група ќе бидат процесуирани од нивна страна. Морам да кажам дека измената на законот започна поради фактот што Собранието во август 2024 ја ратификуваше таканаречната Тромпсо конвенција. Тоа е Конвенција на Советот на Европа за пристап до официјални документи. Значи мораме да го усогласиме законот со таа конвенција.

Не нѝ се врзани рацете

Впечаток е дека со тужбите што ги поднесуваат против Агенцијата, институциите кои се оглушуваат на правото за слободен пристап до информации ја контролираат Агенцијата наместо Агенцијата да ги контролира нив. Се чувствувате ли изневерени од системот кој е поставен на таков начин и колку тоа ви ги врзува рацете како Агенција?

 -Не ни ги врзува рацете. Јас не би го рекла така. И не би рекла дека нѐ контролираат, меѓутоа за жал одредени совети во Управниот и во Вишиот Управен суд не го сфаќаат, како што реков, значењето на пристапот до информации од јавен карактер.

Морам да кажам дека во последно време добиваме, барем од наша гледна точка, позитивни одлуки со кои што се потврдуваат нашите решенија посебно во ситуации кога тужители се имателите на информации и бидејќи согласно Законот за управни спорови првостепените органи кои што требало да одлучуваат по одредено барање во прв степен, освен ако не се засегнати нивните права, не можат да бидат тужители. Во минатото се случуваше тие тужби да бидат прифатени и да се постапува по нив.

Меѓутоа, според нас, по таквите тужби воопшто не треба Управниот суд ни да постапува туку тие треба да се отфрлат во самиот почеток. Затоа што, ќе повторам пак, ние зборуваме овде за јавен, не за правен, не за приватен интерес, туку за интерес на целата јавност за одредени прашања.

Би сакала да истакнам и дека во соработка со Советот на Европа беше ангажирана професор од Правниот факултет и адвокатско друштво кои направија анализа на судските одлуки, која е готова и ќе ја промовираме во јануари, со што ќе направиме компарација како одлучувале судовите по нашите решенија во изминатите години, бидејќи има шареноликост во судското одлучување по тужбите по нашите одлуки. Имавме, на пример, тужба против нас од барател на информација од Министерството за култура кое не му ја доставило бараната информација и покрај тоа што ние како Агенција го задолживме да ја достави. Судот ја уважи тужбата и нѐ задолжи да ги платиме адвокатските трошоци, што беше страшно, бидејќи ние ги искористивме сите наши надлежности да го задолжиме Министерството, и навистина не ми беше јасно зошто нѐ тужеа нас а не Министерството кое не им ја даваше информацијата.

Овие прашања ги поставив за да стекнеме слика колку системот дава отпор кон законската обврска за транспарентност... Има ли таков отпор?

 -Не можеме да зборуваме генерално. Многу големо влијание во транспарентноста има субјективниот фактор. Односно, факторот човек кој што е на раководна или одговорна функција во институцијата. За жал, не постои институционална меморија и култура за вработените кои работат на транспарентноста да го наметнат кај нивните претпоставени значењето на пристапот до информации од јавен карактер. Тоа често го слушаме на обуките кои што ги организираме – дека нема волја кај раководните и најчесто кај одговорните лица. Од околу 1.450 институции иматели на информации, голема е бројката на тие што немаат сопствени веб-страници – 600, меѓутоа најмногу се работи за градинки, здравствени организации, училишта во руралните средини кои се помалку предмет на интерес на јавноста.

Ние новинарите сметаме дека политичките партии не се транспарентни во однос на парите кои ги добиваат, односно за приходите и расходите. Дали го делите тоа мислење и какви други механизми ни остануваат на располагање за да се зголеми транспарентноста на партиите бидејќи тоа е основа на целокупната политика во државата?

 -Со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер од 2019 година, Македонија е една од ретките земји во која што политичките партии се иматели на информации во делот на приходите и расходите. Со формирањето на Агенцијата како заштитник на правото на пристап до информациите, изминативе години работиме многу со Меѓународниот републикански институт (ИРИ) на транспарентноста на политичките партии.

Токму за одбележување на меѓународниот ден за пристап до информации промовиравме еден водич за транспарентност на политичките партии каде се наброени кои информации треба да ги објавуваат. Колку што знам ИРИ работи со сите политички партии во зависност од интересот, меѓутоа најмногу со партиите кои што се застапени во Собранието. Имавме и обуки за службените лица на политичките партии. Сѐ што можеше Агенцијата да преземе како институција презема.

Морам да нагласам дека освен законот за слободен пристап, има и Закон за политички партии, Закон за финансирање на политички партии каде што се уредува транспарентноста на политичките партии во делот на финансиите, така што не можам да кажам дека не се транспарентни, посебно кога е изборен период. За финансиската транспарентност на политичките партии  други надлежни институции се и Државниот завод за ревизија, Државната комисија за спречување на корупција, итн.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

 Новинарка: Соња Крамарска

Фотографии: Дарко Андоновски