fbpx
 

Да се преброиме пред да избереме легитимна власт

м-р Радица Тодоровска

radica todorovska24 декември 2012... спорно изгласување на буџетот за 2013 година... опозицијата надвор од Собранието... враќање на мандатите од страна на опозицијата... политички бомби објавени од опозицијата... политичка криза... барање решение за излез од кризата и враќање на опозицијата во парламентот... договор од Пржино... предвремени парламентарни избори 2016. Во услови на долготрајна политичка криза изборите се нужно решение. Но, и за избори треба услови.

 

Барањето излез од политичката криза испровоцира наоѓање решение на долгогодишниот проблем со кој се соочува Македонија за време на избори. Сомнежот во точноста на избирачкиот список се чини дека е најчестата причина поради која политичките партии го оспоруваа легитимитетот на партијата која победила на изборите. Аномалиите поврзани со избирачкиот список се нотирани во речиси секој извештај од набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за време на изборите во Македонија. Од денешна перспектива, решението на политичката криза, покрај медиумските реформи, е условено со прочистување и одржување на единственоста на избирачкиот список.

Чист избирачки список за фер и слободни избори

Според Joseph LaPalombara, политички научник и професор на Јеил Универзитетот во САД, уставот ја обезбедува демократската рамка, но политичките партии и изборите се нејзиното срце и душа. И бидејќи изборите ги дефинираат институциите во демократските системи, оттука се наметнува потребната сериозност за прашања кои директно влијаат на остварување на изборниот процес и резултатите кои се добиваат. Избирачкиот список е елементарна компонента на која се базира спроведувањето на изборите. Основните начела на кои треба да се темели избирачкиот список е тој да биде инклузивен, сеопфатен, точен и конечен, а процесот целосно транспарентен. Процесот треба да го олесни регистрирањето на гласачите и да спречи регистрација на лица кои не спаѓаат во легалните категории гласачи.

„Фантомските гласачи“ се најголемата закана за легитимноста на процесот која предизвикува изобличување на демографската вистина. Но тоа отвора и дополнителни дилеми. Во прашање се доведува веродостојноста на податоците кои ги користи Државната изборна комисија (ДИК), а кои се добиени од релевантни институции во согласност со Изборниот законик, како на пример Министерство за внатрешни работи или основните судови. Паралелно на тоа, се доведува во прашање способноста на државата за следење на сопствениот демографски капацитет. Значи, наспроти формално правното исполнување на законските обврски, во овој период на политичка криза се актуелизира прашањето за точноста на податоците кои се инкорпорирани во избирачкиот список и се основа на сите избори. Верификацијата од страна на власта и опозицијата е важен чекор за демократска легитимација на изборниот процес.

Поради постоењето на нерегуларности во избирачкиот список (починати лица и лица кои емигрирале во странство, но нивните имиња се водат на поранешни адреси на кои живееле бидејќи не се одјавиле од местото на живеење…) и одолговлекување на прашањето за негово прочистување, како и поради актуелноста на случајот „Титаник“ и случајот на издавање лични карти на лица од Пустец, решавањето на спорниот избирачки список е гарант за барем легитимен почеток на изборниот процес.

Договорот од Пржино ги потврди сомнежите во точноста на избирачкиот список

Со потпишување на договорот од Пржино се чини дека лидерите на четирите најголеми политичките партии го потврдија сомнежот во регуларноста на избирачкиот список. Одговорноста на партиите потписнички на договорот од Пржино за прочистување на избирачкиот список се зголемува со неговото верификување. Покрај „коцкањето“ со датумите, тие договорија политички услови кои ја претставуваат суштината на договорот. Доколку овие услови не се исполнат, постои веројатност да предизвикаат „домино ефект“ кој може да рефлектира продлабочување на политичката криза со дестабилизација на државата бидејќи голема е веројатноста слабата страна на избирачкиот список да се искористи како адут во рацете на политичките партии за време на избори. Оспорувањето на точноста на избирачкиот список, што континуирано ги проблематизира изборните резултати во државата, се очекува да биде затворено поглавје со доследно почитување на утврдената методологија за негово прочистување.

Се чини дека резултатите што ќе се добијат од вкрстените поверки на податоци и теренски проверки ќе имаат двојно влијание. Од една страна, конечно ќе се реши недовербата во избирачкиот список и ентузијастички ќе се влезе во нови избори, полегитимни од претходните. Од друга страна, постои веројатност дека доколку се докаже голема некомпатибилност на расположливите податоци со податоците добиени преку утврдената методологија, можно е ретроградно проблематизирање на легитимитетот на досегашните власти. Граѓаните тоа би го доживеале и како изигрување на нивната волја, што може да се одрази на заинтересираноста за активно учество во изборните процеси.

izbiracki spisok

Извор: time.mk

Забелешки и решенија од меѓународните набљудувачи за избирачкиот список

Досега во Македонија поминаа низа парламентарни, претседателски и локални избори низ кои циркулираа непрочистени избирачки списоци. Но постоењето на два паралелни избирачки списоци со различен број на регистрирани гласачи, еден за претседателските избори и еден за предвремените парламентарни избори во 2014 година значеше нарушување на единственоста на избирачкиот список, но и прв случај досега кој го нотираше меѓународната набљудувачка мисија.

Последниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР од набљудувањето на претседателските и предвремените парламентарни избори одржани на 13 и 27 април 2014 година упатува на сериозноста од потребата за воспоставување на единствен избирачки список и укажува на аномалиите од досегашното третирање на прашањето за ажурирање и примена на избирачкиот список. Големиот број владини агенции вклучени во изготвувањето на избирачките списоци, преклопувањето на одговорностите, како и недостигот од централизирана електронска архива на податоци преку која разните агенции би можеле да ги ажурираат податоците го прави изготвувањето на избирачкиот список проблематично и сложено. Една од забелешките која се сретнува во извештајот, а која алудира на евентуални импликации врз изборниот резултат е постоењето на голем број избирачи регистрирани на иста адреса. Исто така, ОБСЕ/ОДИХР дадоа препораки за поедноставување на процедурите кај хоспитализирани болни, лица со намалена подвижност или немоќни лица за да го остварат правото на глас без неразумни попречувања, како и преглед на процедурите за составувањe и одржување на избирачкиот список. Ова е еден од извештаите кои пообемно го проблематизира прашањето со избирачкиот список.

Забелешките за недоследноста на избирачкиот список се присутни и во извештаите од набљудување на локалните избори. И во 2005 година е нотиран сомнежот на политичките партии во интегритетот на избирачкиот список.

Генерално, заклучокот од сите досегашни извештаи од ОБСЕ/ОДИХР говори за потребата од ревизија на избирачкиот список, а една од конкретните препораки дадена од нив е содржана во Конечниот извештај на набљудувачката мисија на изборите на ОБСЕ/ОДИХР за предвремените парламентарни избори кои се одржаа на 5 јуни 2011 година. Во него концизно се препорачува дека ревизијата и исправката на избирачкиот список треба да се направи по спроведување на пописот на населението во октомври 2011 година.

Аномалиите на избирачкиот список низ призмата на извештаите од МОСТ

И граѓанска асоцијација МОСТ континуирано го следи развојот на настаните во врска со избирачкиот список како елементарна алка во низата активности за спроведување фер и слободни избори.

Според финалниот извештај на МОСТ за претседателските и предвремните парламентарни избори во 2014 година, во текот на изборниот процес во избирачкиот список постоеле лица кои биле починати. Исто така, во извештајот се наведува дека ДИК не ги прифати пријавите на 639 државјани на Македонија кои престојуваа во Албанија да гласаат во македонската амбасада во Тирана за предвремните парламентарни избори, иако тие беа запишани во изводот од избирачкиот список во дипломатското-конзуларно преетставништво во Тирана за претседателските избори. Во 1.911 случаи гласачите не можеа да се најдат на избирачкиот список, на 1.652 лица не им било дозволено да гласаат од страна на Избирачкиот одбор поради тоа што не биле запишани во избирачкиот список, а во 25 случаи гласачите гласале и покрај тоа што не биле запишани во избирачкиот список.

Проблемот со избирачкиот список е евидентиран и во извештајот на МОСТ за предвремените парламентарни избори во 2011 година. Според него, прочистувањето на списокот не било базирано на претходно утврдените проблеми, а биле изоставени сегментите како што се внатрешната миграција, имиграцијата и евиденцијата на граѓаните кои наполниле 18 години. 6.192 лица не можеле да се најдат на избирачкиот список, на 5.794 не им било дозволено да гласаат од страна на избирачкиот одбор поради тоа што не биле запишани во избирачкиот список, а во 398 случаи гласачите гласале и покрај тоа што не биле запишани во избирачкиот список.

И финалниот извештај на МОСТ за предвремените парламентарни избори во 2008 содржи прецизни податоци за евидентирани неправилности. Според извештајот, 6.526 лица не можеле да се најдат на избирачкиот список, на 6.081 лице не им било дозволено да гласаат од страна на избирачкиот одбор поради тоа што не биле запишани во избирачкиот список, а во 112 случаи гласачите гласале и покрај тоа што не биле запишани во избирачкиот список.

Неправилностите во избирачкиот список се присутни и за време на локалните избори во 2005 година кога одреден број на граѓани не можеа да го остварат правото на глас бидејќи не беа внесени во списокот, а постоеја пријави за лица кои повеќе немаа право на глас. 671 гласачи (199 во втор круг) не можеле да се најдат на избирачкиот список, а во 133 случаи (123 во втор круг) гласачите гласале и покрај тоа што не биле запишани во избирачкиот список. Извештајот од МОСТ за локалните избори во 2005 година ги потврдува овие недостатоци во ажурирањето на избирачкиот список.

Клучно прашање, клучен одговор: да се изброиме, па да избереме!

Датумите за избори кои ги договараат политичките партии не може да бидат фиксни се додека не се процени состојбата на терен. Тие не гарантираат решение. Условите овозможуваат ситуација за постигнување на решение. А избирачкиот список е еден од условите за решавање на кризата во политиката. Да не се повторуваат 2014, 2013, 2011... Постојаното враќање на почетната точка е лет во место. Затоа сега во Македонија не се потребни инстант туку суштински решенија. Политичките услови се неопходни.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Екстерното тестирање како експеримент за девалваци...
Галичица - национален, а не забавен парк
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Четврток, 03 Декември 2020

  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.

    Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил.

    Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите.

    Повеќе

  • 1

Следете нè