fbpx
 

Неуспесите на 2021 година

Ана Паласио (Ana Palacio)

Ana Palacio 200x250

На крајот на минатата година, ефективно колективно дејствување во однос на главните предизвици со кои се соочува светот - вклучително пандемијата, климатските промени и геополитичките тензии - се чинеше дека е реална можност. А сепак, во текот на 2021 година, тие предизвици само ескалираа и дополнително се мултиплицираа.

 

Крајот на една година нè повикува на размислување во врска со настаните и трендовите што биле карактеристична за истата. Во 2021 година станува збор за пандемијата со Ковид-19, која неодамна повторно беше засилена со омикрон варијантата; постојаното марширање за климатските промени, кое го засили притисокот да се достигнат нето-нула емисии; и геополитичките тензии, особено ривалството на големите сили меѓу САД и Кина. На сите овие фронтови, 2021 година беше година во која работите се влошија.

Колку и да беше тешка 2020 година, таа заврши со основа за надеж. Се ставија во функција ефективни вакцини против Ковид-19. САД добија нов претседател, кој, за разлика од неговиот претходник, ја препозна заканата што ја претставуваат климатските промени и вредноста на сојузи кои ги има САД. НАТО го развиваше својот нов стратешки концепт. Ефективната активност за справување со предизвиците со кои се соочува Западот се чинеше како реална можност.

А сепак, во текот на изминатава година, тие предизвици само ескалираа и се мултиплицираа. Глобалниот социјален експеримент предизвикан од пандемијата и невиден досега - вклучително и затворањето на луѓето во своите домови - наметна сериозен притисок врз општествата. Продлабочувањето на поларизацијата ги кине шевовите на демократиите.

Не помогна ни тоа што, дури и во земјите каде што либералната демократија е цврсто воспоставена, владите презедоа исклучителни активности - тренд чии подмолни ефекти веројатно ќе траат уште долго време откако ќе заврши вонредната состојба. Надвор од неоспорниот психолошки данок на заклучувањата, воочената злоупотреба на моќта може да има трајни последици врз идната поддршка од јавноста, вклучително и на перцепцијата на граѓаните за општествениот договор. Препознавајќи ја заканата за демократијата ширум светот, американскиот претседател Џо Бајден неодамна свика виртуелен самит на таа тема (со сомнителна листа на гости). Но, како што имаат забележано некои експерти, обновувањето на демократијата ќе бара нешто пофундаментално.

На економски план, закрепнувањето беше многу асиметрично, при што некои економии забележаа силен напредок, додека други останаа на тоа да се борат за живот. Сега, шоковите во однос на снабдувањето и скокови на цената на енергијата, заедно со новиот бран на забрани за патување и заклучувања, создаваат повеќе пречки. Во услови на зголемени финансиски ризици и инфлаторни притисоци, креаторите на политиките и меѓународните финансиски институции се принудени деликатно да балансираат.

Недостатокот на ефективна мултилатерална акција за време на пандемијата, како на пример огромните разлики во достапноста до вакцини, дополнително го истакна несоодветниот капацитет на глобалниот систем да може да одговори на заедничките предизвици. Разочарувачката Конференција на Обединетите нации за климатски промени (COP-26) во Глазгов ги направи завршните потези на оваа мрачна слика.

Опаѓањето на довербата во меѓународната соработка не може да се случи во полошо време. Русија сега трупа војници во близина на границата со Украина. Истовремено, како што Кина се однесува сè понаметливо, ризикот од конфликт во Западниот Пацифик продолжува да се зголемува.

Низата од виртуелни самити не успеаја да ги намалат тензиите. И новите безбедносни механизми - особено Quad, кој претставува лабава коалиција на четирите главни демократии во Индопацифичкиот регион, и одбранбениот договор AUKUS склучен помеѓу Австралија, Обединетото Кралство и САД - немаат јасна визија и сеопфатен пристап за тоа што е потребен за да се обезбеди стабилност.

Имајќи ја предвид ваквата поставеност на работите, во 2022 година може да се очекуваат уште повеќе асиметрични војни и геополитички метеж. Како што Комунистичката партија на Кина се подготвува за својот Дваесетти национален конгрес во месец октомври, нејзините лидери веројатно и понатаму ќе продолжат да нудат соработка во однос на заедничките проблеми, како што се климатските промени, истовремено давајќи отпор на секој напор на западните земји за спротивставување на растечкото влијание на нивната земја.

За да се преговара од позиција на сила, зацврстувањето на изнемоштените трансатлантски односи мора да биде прашање од висок приоритет за западните земји. Тоа беше поентата на често повторуваниот слоган на Бајден: „Америка се врати“, што требаше да значи отфрлање на доктрината „Америка на прво место“ на неговиот претходник Доналд Трамп.

Сепак, трансатлантските односи не се ниту близу до враќање на вистинскиот пат. На пример, дури минатиот месец администрацијата на Бајден објави дека ќе ќе ги повлече тарифите што Трамп ги воведе за челикот и алуминиумот од Европа. И според последната Трансатлантска карта за бодување подготвена од Брукингс институтот, американско-европските односи се намалија од просечните 6,6 (на скала од 1-10) на крајот на јуни, на 5,3 на крајот на септември.

Останува на Бајден да ја покаже решеноста на неговата администрација да ги обнови трансатлантските односи. Но, тешко е дека тоа ќе се случи наскоро. Американската политичка традиција налага претседателите да се фокусираат повеќе на надворешната политика во нивниот втор мандат, кога веќе нема да се соочат со повторен избор. Засега, Бајден е преокупиран со својот низок рејтинг, среднорочните избори за Конгресот во месец ноември и можното враќање на Трамп како претседателски кандидат на Републиканската партија во 2024 година.

Затоа, во 2022 година, Европа мора повторно да ги засили напорите за да обезбеди поголема стратешка независност од САД. Иако растечко чувство на ранливост може да помогне во фокусирањето на умовите во Европа, успехот нема да се случи лесно - затоа што, по 16 години, надворешната политика на Европа веќе де факто не се води од стабилната рака на долгогодишната германска канцеларка Ангела Меркел.

Наследникот на Меркел, Олаф Шолц, неодамна се сретна со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз, и двајцата формално ја потврдија нивната заедничка амбиција да го зајакнат „стратешкиот суверенитет“ на Европската унија. Но, јазот меѓу зборовите и делата во Европа често знае да биде голем, а Франција и Германија можеби повеќе не се главните двигатели на ЕУ. Во Европа по Брегзит, италијанскиот премиер Марио Драги вешто маневрира за да ја позиционира својата земја на централно место.

Колку и да е важно за Европа да ја зајакне својата стратешка независност, таа не смее да им го сврти грбот на САД. Таа секако не треба да се обидува да зацрта средна позиција меѓу Кина и САД. Европејците не можат да заборават дека нашата заедничка структура е најважниот пример на парадигмата за обезбедување мир преку просперитет и напредок преку отворена размена. Но, таа парадигма е втемелена во отпорноста и тука има малку простор за двосмисленост или пасивност.

САД и Европа отсекогаш имале свои несогласувања; тоа нема да се промени. Но, тие се обврзани со заедничките вредности и со сличните институции, а предизвиците со кои се соочуваат се посложени од кога било досега. Искрената интроспекција – вклучително и признавањето на сопствените демократски неуспеси на Западот – е нешто што е неопходно за да напредуваме заедно. А реализмот налага дека така и треба да биде.

 

Авторски права: Project Syndicate, 2021.
www.project-syndicate.org

Моќта на човековата (и)рационалност
„Томосот за автокефалност“ на Вартоломеј: Сценарио...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Петок, 21 Јануари 2022

  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.

    Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил.

    Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите.

    Повеќе

  • 1

Следете нè