fbpx

Војна на маските

Хјуго Дрошен

КОВИД-19

Политика

21.08.20

Прегледи

Хјуго Дрошен (Hugo Drochon)

Hugo Drochon profile photo

Пандемијата и протестите во последните месеци треба да послужат како потсетник за една проста вистина: маската е само маска. Она што е важно за демократијата не е дали луѓето ги покриваат своите лица во јавност, туку кои луѓе ги покриваат и зошто.

Изминатиот месец, САД редовно го рушеа својот дневен рекод на новопотврдени случаи на КОВИД-19, регистрирајќи вкупен број од над четири милиони случаи и околу 150.000 смртни случаи. Додека другите развиени земји од Европа и Азија упеаја да го забават ширењето, САД отиде во спротивна насока, а пандемијата се шири безмилосно кон јужните и западните држави: Аризона имаше број на случаи колку целата Европска унија, која има 60 пати повеќе од населението.

Што тргна наопаку? Дел од одговорот е дека одредени држави прерано ги олабавија мерките. Калифорнија, која во почетокот важеше за една од поуспешните во справувањето со кризата, во последните неколку недели доживеа пораст во бројот на случаи од 90% и мораше повторно да воведе рестриктивни мерки. Дневната бројка на нови случаи во Флорида, од околу 5.000 во последната недела од јуни, двојно се зголеми за еден месец.

А можеби најголемиот виновник е длабоката поделба по прашањето за носењето на заштитни маски, што во САД прераснаа во уште едне фронт на тековната културна војна. Едно скорешно истражување на Истражувачкиот центар Pew открива дека само 49% од конзервативните републиканци во изминатиот месец носеле маска во поголемиот дел од времето, додека кај либералните демократи, тој број изнесува 83%. Имаше појава на жестоки конфронтации помеѓу групите за и против носење на маски низ целата земја, честопати пред продавниците.

Американската поларизацијата околу заштитните маски почна од врвот. Уште на почетокот на КОВИД-19 кризата, претседателот Доналд Трамп категорично одби да носи маска во јавност, потсмевајќи му се на еден новинар кој одби да ја тргне маската, нарекувајќи го „политички коректен“. Многу функционери избрани од републиканци, вклучително и државни гувернери како Рон Десантис на Флорида, го следеа примерот на Трамп. За време на неговиот сега веќе неславен митинг во Тулса во јуни, само малкумина носеа маски (како резултат, бројот на заразени нагло се зголеми). Дури кон крајот на јули – после падот на неговиот рејтинг, масовни епидемии во државите, претстојните избори во ноември и советите од неговите советниците „сериозно да се фокусира на справувањето со вирусот во неговите изјави“ – Трамп го одобри носењето маски (без самиот да носи).

За разлика од него, Џо Бајден, потенцијалниот демократски кандидат кој ќе се соочи со Трамп во ноември, редовно се појавува во јавност со маска и се придржува до насоките за социјално дистанцирање. Покрај тоа, Бајден изјави дека на местото на Трамп, тој „би сторил сé што е можно за да се обврзат луѓето да носат маски на јавни места“.

Јавните здравствени власти исто така испратија мешани сигнали. И Центрите за контрола и превенција на болести на САД и Светската здравствена организација првично не препорачаа носење на маски во јавност, плашејќи се од недостиг на истите за здравствените работници. Но, за разлика од Трамп, двете институции ги сменија препораките врз основа на епидемиолошки докази.

Покрај ревносниот либертаријанизам што го поддржува мислење на многу републикански гласачи дека маските се „решетки“ за личната слобода и избор, во САД се појави силен религиозен призвук на отпорот против заштитните маски. Еден жител на Флорида протестираше дека со носењето на маски се отфрла „прекрасниот систем за дишење на Господ“. А, фундаменталистичките христијани имаат друга логика за отпорот против заштитните маски: христијаните носат крстови; а муслиманите ги покриваат своите лица.

Врската помеѓу исламофобијата и антагонизмот кон покривањето на лицето е долгогодишна. Пред две години, британскиот премиер Борис Џонсон ги спореди покриените муслиманки со „поштенски сандачиња“, а во 2011 година францускиот претседател Никола Саркози ја воведе контроверзната „забрана за носење бурка“, забранувајќи им на муслиманктие да носат превез кој целосно го покрива лицето во јавност. Во Франција, владините наредби за носење маски како одговор на КОВИД-19, многумина ги сметаат за иронични, ако не и дискриминирачки. Како што забележува Џејмс Меколи од „Вашингтон пост“: „ако една посветена муслиманка сака да влезе во метро во Париз, таа ќе треба да ја извади бурката и да ја замени со маска“.

Ако намерата на законот на Саркози, со наслов „Републиката се живее со откриено лице“, беше јасно дискриминаторска, самата се заплетка во поблагородно оправдување, назад кон Просветителството, за појавување без маска во јавната сфера. Отфрлајќи ја дворската политика на Стариот режим, окарактеризирана со аристократските балски маски, филозофи како Жан-Жак Русо тврдат дека управувањето во републиката треба да биде целосно транспарентно: оние што учествуваат во јавната сфера треба да можат да гледаат и да бидат видени. Само тогаш може да има вистински демократска политика.

Идејата на Русо била дека демократските граѓани ќе се ангажираат, и притоа ќе се поттикнат да преземат одговорност за нивните ставови. Но, две неодамнешни случувања го доведоа во прашање тој демократски простор.

Првото се технолошките иновации за препознавање на лицето, со кои државите можат да ги следат и контролираат нивните населенија. Од таа0 причина на про-демократските демонстранти во Хонг Конг не им требаше пандемија за ги покријат своите лица.

Второ, наредбите за носење маски што многу западни земји ги воведоа како одговор на КОВИД-19 ја оневозможуваат транспарентност за која се залагал Русо. Кога во јуни избувнаа протестите „Црните животи се важни“, учесниците кои, како добри демократи, нормално ќе демонстрираа со „откриено лице“, како добри граѓани, си ги покрија лицата.

Ваквата нетранспарентност може да биде забавна или фрустрирачка за демонстрантите кои се доведени во ситуација да не можат да си ги препознаат пријателите и другарите. Но, кога тоа се случува од другата страна – кога карактеристиките за препознавање на безбедносните сили се замаглуваат, ефикасно обезбедувајќи им неказнивост за насилство врз мирни демонстранти – заканата за демократскиот јавен простор е реална. Овие грижи прераснаа во криза со распоредувањето на Трамп на федералните паравоени сили за да ги сузбие ноќните протести во Портланд, Орегон и неговата решеност истото да го стори и во другите градови.

На крајот на денот, пандемијата и протестите треба да не потсетат на една проста вистина: маската е само маска. Она што е важно за демократијата не е дали луѓето ги покриваат своите лица во јавност, туку кои луѓе ги покриваат и зошто.

 

Хјуго Дрошен е асистент по политичка теорија на Универзитетот во Нотингем, и автор на „Големите политики на Ниче“.

Авторски права: Project Syndicate, 2020.
www.project-syndicate.org

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Хјуго Дрошен

Хјуго Дрошен е асистент по политичка теорија на Универзитетот во Нотингем, и автор на „Големите политики на Ниче“.