Градовите ни се гушат. Луѓето се разболуваат. Не се задоволни. А климатската криза уште не нѐ удрила со сета сила. Воздухот е загаден во секоја поголема средина. Отпадот е проблем кој се решава најчесто преку нелегално спалување. Што на депонии, легални и нелегални што по разни погони и фабрики, што на некоја јавна локација која е малку настрана од погледот на луѓето. Над некои региони демне можноста за отворање на рудници кои може да имаат тежок ефект врз околината. Реките се загадуваат, стануваат поплитки, водата се користи за хидроцентрали, песокот се ископува за профит. Во некои региони сушите од минатите години оставаат белег врз земјоделството и животот на луѓето. Убаво уредени, големи и богати паркови во некои градови се тешко замислива фантастична иднина. Улиците се закрчени од автомобили, јавниот транспорт сѐ уште е нешто што сме виделе дека функционира само во градови во странство. Дивоградбите повеќе се легализираат отколку што се уриваат. Стрништата се палат, огновите во лето играат по шумите. Сѐ на сѐ мноштво на проблеми кои ги засегаат општините и градовите кои наместо постепено да се решаваат како да се продлабочуваат низ годините.
Затоа во овој поткаст сѐ заинтересиравме дали овие теми поврзани со животната средина на претстојните локални избори, кои треба да се случат оваа есен , би можеле да станат определувачки при изборот за која политичка опција ќе се гласа. Разговараме со активисти од Кочани, Тетово и Струмица. Дел од нив веќе се обидуваат да ги наметнат овие прашања на локалната политичка сцена како избрани советници, а дел се надеваат на тоа на претстојните избори.
Во Кочани владее ентузијазам. Скорешните блокади на депонијата со кои граѓаните спречија на нивната градска, но не страндардна депонија да се доставува отпад од соседните градови и преку стражите да прекине палењето на отпадот на оваа депонија раширија борбеност и надеж дека работите може да променат, односно, барем такво мислење има активистката Благица Сабовљевиќ Стоименова.