Живееме во сериозно загадена средина. По начелното мислење на Врховниот суд дека граѓаните можат да ја тужат државата ако сметаат дека таа не преземала дејства за да ги заштити своите граѓани и животната средина се доби впечаток дека судовите ќе бидат затрупани од тужби од граѓани. Но, работата не е само во тоа дали некој има храброст да се исправи на суд наспроти државата. При самата помисла да покренете процес се исправаат повеќе прашања: На кој суд да се обратам? Дали ми треба адвокат? Како треба да изгледа и што треба да содржи една тужба? Дали и како треба да се докажува нешто што ни изгледа како неоспорен секојдневен факт дека по неколку месеци во годината и тоа со години градовите ни се како гасни комори? Дали треба да ја тужам државата само за загадувањето на воздухот во мојата околина? Дали треба да најдам докази? Што воопшто е доказ во таква постапка? Дали треба да имам веќе здравствени проблеми за да можам да тужам?
Во овој поткаст зборуваме со Бојан Трпевски од Македонското здружение на млади правници и со адвокатот Жарко Хаџи Зафиров од Центарот за правни истражувања и анализи кои во суштина веќе неколку години го пробиваат судскиот мраз за да создадат правна патека.