Како да се заштити судството од влијанијата врз неговата независност

Драган Малиновски

dragan malinovskiСе` почесто судовите наликуваат на арена во која се одвиваат жестоки политички пресметки, за што сериозно придонесува и самиот суд со својата сервилност кон власта. Судскиот совет има реална можност судиската функција да ја врати на вистинскиот колосек преку креирање на здрави кадровски политики, градење на култура на професионален и личен интегритет на судиите, нивното перманентно стручно усовршување и нивна заштита од сите притисоци.

Кога се говори за состојбите во судството во Република Македонија, првата помисла која се наметнува е всушност дилемата за тоа дали нашето судство ги има потребните перформанси за квалитетно и ефикасно исполнување на својата функција. Одговорот на оваа дилема воопшто не е едноставен, бидејќи тој најнапред бара да се соочиме со проценката за почитувањето на темелните вредности на уставниот поредок во Република Македонија, како што се: основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, владеењето на правото, правната заштита на сопственоста итн.

За жал, сите овие споменати темелни вредности денес се сериозно нарушени, до ниво, кое отвара сомнеж за тоа, дали ние денес живееме во општество со функционална демократија. Можеби, на прв поглед, ваквиот сомнеж изгледа премногу субјективен, но фактите силно го аргументираат токму тоа. Можеме ли да говориме за функционална демократија, во услови кога поделбата на власта на законодавна, извршна и судска е de facto суспендирана? Се разбира дека тоа не е можно, бидејќи парламентарната демократија е како столче со три ногарки, кое ќе функционира единствено ако сите ногарки се на број, и подеднакво јаки.

Во ваквата симбиоза, во ова тројство од власти, повеќе е од очигледно дека судската власт се препознава како најслабата карика, што резултира со дисфункционалност на општеството. Според Стратегијата за проширување на ЕУ од ноември 2015 година, случајот со прислушување во Република Македонија изнесе на виделина широко распространети напади врз владеењето на правото, злоупотреба на фундаменталните права и слабости во демократското функционирање на државата.

Квалитетот на правдата како нов проблем

Евидентно е дека судството веќе одамна ги изгуби своите основни атрибути – самостојноста и независноста. Денес судовите во Република Македонија не се во можност да обезбедат ефективна правна сигурност на граѓаните и правните лица, што резултира со висок степен на недоверба кон нив. Според Извештајот на експертската група на Европската комисија, предводена од Рајнхард Прибе, од јуни 2015 година, состојбите во судството и јавното обвинителство беа идентификувани во главните пет сфери кои ја детерминираат актуелната кризна состојба во Република Македонија, со потенцирање дека постои сомневање во непристрасноста и неселективноста на овие институции, особено при третирањето на случаите кои имаат политичка димензија.

Ако до пред две-три години основната забелешка за нашето судство беше лоцирана во недоволната ефикасност, во последните извештаи на Европската комисија за напредокот на Република Македонија како главни проблеми се посочуваат нарушената независност и квалитетот на судските одлуки, односно т.н. проблем со квалитетот на правдата. Извештајот на Прибе ги содржи сличните оценки, а се надоврзува и со констатацијата дека во нашето судство постои атмосфера на притисок и недоверба. Во едни такви околности, граѓаните, свесни за тоа дека судот многу често своите одлуки ги носи под влијание на некои недозволени фактори, се почесто одлучуваат воопшто и да не побараат судска заштита. Таквото прифаќање на неправото, и живеењето со него, е поразително.

sudstvo

Извор: pravdiko.mk

Генератори на проблемите и улогата на Судскиот совет

Причините за негативните оценки за правосудниот систем се мошне комплексни и тие задираат длабоко во повеќе сфери на општественото живеење. Очигледно е дека дел од факторите, кои влијаат на оваа состојба, треба да се бараат и во транзицијата на општествено политичкиот систем, недоволната традиција во практикувањето на демократијата, нивото на општествената свест на граѓаните, културните особености и слично. Судството е составен дел од севкупното општествено живеење, па токму затоа невозможно е да се очекува дека тоа може да функционира како еден затворен систем, кој би бил имун на сите негативни трендови во општеството. Ако станува збор за корупција, непотизам, партизација, сите тие феномени во општеството соодветно се присутни и во судството.

Меѓутоа, крајно неодговорно би било причините за неповолните состојби во судството да се релативизираат, и тие главно да се лоцираат во споменатите објективни фактори. Треба да се има предвид дека од ден на ден нашето судство се повеќе тоне во агонија, а тоа значи дека факторот време не е сојузник на разрешувањето на состојбите. Се` почесто се случува судовите да наликуваат на арена, во која се одвиваат жестоки политички пресметки, за што сериозно придонесува и самиот суд, со својата сервилност кон власта. Преку јавното презентирање на содржината на дел од неовластено следените комуникации (т.н.бомби), јавноста имаше можност да слушне како носители на високи јавни функции од извршната власт ја креираат кадровската политика во судството, како договараат јавно обвинителски и судски одлуки и сл.

Од мноштвото чинители, кои ги детерминираат состојбите во судството, Судскиот совет на Република Македонија се издвојува со своето значење, уставна поставеност и надлежности. Согласно Законот за судски совет, тој всушност е регулаторот во судството, кој е должен да ја обезбеди и да ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт. Преку креирање на здрави кадровски политики, градење на култура на професионален и личен интегритет на судиите, нивното перманентно стручно усовршување, како и нивна заштита од сите притисоци, Судскиот совет има реална можност судиската функција да ја врати на вистинскиот колосек.

Меѓутоа, таквиот исчекор може да се направи единствено преку Судски совет, кој ќе биде составен од членови со висок морален интегритет, докажани професионалци, луѓе кои ќе бидат свесни за тежината на своите одлуки. За жал, денес, Судскиот совет ниту од далеку не е на висината на својата задача и тој не ја остварува својата основна мисија, како гарант на самостојноста и независноста на судската власт. Евидентна е исполитизираноста на ова тело, што овозможува преку него да се оствари една силна пенетрација на извршната власт во судството.

Во последниот Извештај на ЕК за напредокот на Република Македонија, за Судскиот совет се вели: „Законската одредба според која членовите треба да се од редот на универзитетски професори по право, адвокати или еминентни правни експерти не е почитувана во пракса: трojцa од петторица актуелни членови доаѓаат од јавната администрација, а само двајца се судии. Ова го поткопува професионалниот биланс и високото ниво на компетентност предвидени со закон. Дополнителните критериуми, кој беа додадени со измените на Законот за Судскиот совет од април – не допринесоа за значително подобрување на состојбата“. Лошата слика за ова исклучително важно тело се надополнува со фактот што токму неговиот актуелен претседател доаѓа од јавната администрација, без ниту еден ден судско искуство. Во едни такви околности политичката контаминација на судството е неизбежна и таа се остварува преку еден проблематичен процес на избор на судии, нивното оценување и унапредување во кариерата.

Во тој контекст треба да се гледа и на формирањето на Советот за утврдување на факти и покренување одговорност на судии. Според својата законска поставеност, ова тело има задача да постапува по претставките на граѓаните, да утврдува постоење на околности за одговорност на судиите и нивно процесуирање пред Судскиот совет. Неподелено е мислењето во стручната јавност дека ова тело воопшто нема да ја подобри актуелната состојба во судството. Напротив, овој Совет веќе се доживува како дополонителен камшик, со кој ќе удара врз грбот на судиите.

Во изминатиот период сведоци сме на еден специфичен упад на извршната и законодовната власт во судството, преку донесувањето на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната. Така, сега во поглед на одмерувањето на видот и висината на кривичната санкција, судот нема буквално никаква мериторност, бидејќи сите елементи, врз чија основа се одредува казната се содржани во однапред креирани таблици и судијата треба само да изврши една чиста математичка операција. Слична е состојбата и со добар дел од прекршоците, каде, претходно висината на паричната казна беше искажана во определен распон, а сега е заменета со фиксен износ. Преку ваквиот маневар во законите, на судот му се одзема дел од неговата есенцијална функција, а тоа е просторот за мериторност во поглед на видот и висината на казната.

Излезни решенија

Како овој негативен тренд и притисок врз судството да се сопре? Размислувањата во правец на креирање на поинаков концепт на судски систем се илузорни, бидејќи парламентарните демократии не познаваат суштествено различни модели од нашиот, ниту пак причините за нашите проблеми треба да се бараат во уставната и законската поставеност на судството. Според тоа, подобрување на состојбите мора, и може да се очекува единствено преку реализирање на редица мерки на заздравување на оваа сфера.

Најнапред, неопходно е итно надминување на актуелната политичка криза и постигнување на широк политички консензус за ослободување на институциите и судството од жестокото партиско влијание.

Неопходно е зајакнување на позицијата на Судскиот совет, преку избор на докажани професионалци со силен личен интегритет, особено на тие кои се предлагаат од Собранието на РМ и од Претседателот на државата.

Укинувањето на Советот за утврдување на факти и покренување одговорност на судии би преставувал чекор во насока на намалување на притисокот врз судството.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Е па, ај да се видиме на протест!
Исламофобијата добива пандемски размери
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Понеделник, 25 Јуни 2018
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: