ДПМНЕ и името: како се пропушти историска шанса

Кристијан Фидановски

Kristijan FidanovskiblogМнозинството гласачи на архинепријателските партии се неверојатно сложни во отпорот кон компромис за името и промена на името би била рамна на политичко самоубиство за која било власт и под кои било околности. Сепак, ВМРО-ДПМНЕ пропушти историска шанса да искористи три уникатно поволни околности за решавање на спорот за името со Грција.

Во 2005 година, 14-годишната Македонија стана втората земја-кандидат за членство во Европската Унија од поранешна Југославија после Хрватска. Со изразито проевропска влада и со преамбула за евроинтеграција во самиот Устав, а без товарот од југословенските војни од деведесетите, Македонија изгледаше подготвена за брз влез во Унијата. Единаесет години подоцна, македонскиот случај наголемо се доживува како една од најтажните евроинтеграциски приказни од посткомунистичкиот блок.

Промена на името е еднакво на политичко самоубиство?

Многу работи се променија во Македонија помеѓу 2005 и 2016, но главната пречка за евроинтеграциите остана иста: името. За убедливата изборна победа на ВМРО-ДПМНЕ во 2006 година секако придонесоа и ветувањата дека ќе го прифати само она име кое мнозинството од народот ќе го одобри. Од 1991 наваму, анкетите покажуваат дека над 70 проценти од граѓаните не би прифатилe никаква промена на уставното име за влез во ЕУ. Во истиот период, ниту една од двете најголеми партии нема освоено преку 50 отсто од гласовите на кои било избори. Оттука произлегува дека мнозинството гласачи на архинепријателските партии се неверојатно сложни во отпорот кон компромис за името и дека промена на името би била рамна на политичко самоубиство за која било власт и под кои било околности.

Или сепак не? Пред тековната политичка криза, ДПМНЕ девет години константно уживаше предност, понекогаш дури и двоцифрена, пред која било поединечна партија. Влада што ги става државните интереси пред партиските може да ја искористи ваквата рекордна популарност за да ги убеди граѓаните дека компромис со Грција е единствениот начин Македонија да го овековечи своето место во Европската Унија и во НАТО.

Секако, не може да се очекува дека една кревка 25-годишна нација да разбере дека идентитетот е конструиран концепт и да го батали во замена за неопипливото ветување за „подобро утре“. Но, чекајќи нацијата да „еволуира“, ДПМНЕ пропушти историска шанса да искористи три уникатно поволни околности за решавање на спорот за името.

slika znaminjablog

Кој било само не „комуњарите“

Најпрвин, без оглед дали го оправдуваме начинот на кој предноста беше стекната, ДПМНЕ пред бомбите уживаше импресивна популарност не само за македонски стандарди, туку и за регионални. Додека во повеќето екс-комунистички држави наследничките на комунистичките партии доминираа на првите плуралистички избори, кај нас СКМ-ПДП загуби во 1990 година од штотуку формираната и строга антијугословенска партија ВМРО-ДПМНЕ. Во 2006, откако левицата беше дополнително дискредитирана со трнливата транзиција и коалицирањето со ДУИ, а ДПМНЕ главно се ослободи од своето екстремно националистичко крило на чело со екс-лидерот Георгиевски, државата изгледаше „печена“ за долга и непречена „вмровска“ ера. На предвремените избори во 2008, Груевски освои рекордно високи 49 проценти од гласовите. Дури ни ваквиот Груевски сигурно немаше да помине без лузни при евентуална промена на името, но удобно зафатената премиерска фотелја ќе му беше тешко загрозена.

На десничарите им е полесно

Стариот добар аргумент од Студената војна за тоа дека претседателите-републиканци секогаш се разбирале подобро со советските лидери отколку претседателите-демократи благодарение на нивните „патриотски квалификации“, е применлив на очигледно десноориентираната македонска почва. Според анкетите, бомбите го чинеа ДПМНЕ само 3% од рејтингот, кој падна од 26% во декември 2014 на 23% во април 2016, додека Груевски остана двојно попопуларен од Зоран Заев. Според ова, доколку лидерот на СДСМ утре дојде на власт, се чини дека народот тешко би му простил дури и преговарање со Грција, а камо ли ново име. Тука доаѓаме до вториот уникатен аспект од владеењето на ДПМНЕ релевантен за спорот со името: исклучително ефикасната пропаганда. Ако провладините медиуми успеаја да убедат толкав број луѓе да не им веруваат на сопствените уши и да ги занемарат бомбите, нема причина зошто Груевски не би успеал да го промени и јавното мислење за името, особено во екот на својата популарност во 2008.

Лекции од регионот

Третата уникатна околност за промена на името која Груевски не успеа да ја искористи немаше врска со ДПМНЕ. Влезот на Хрватска во ЕУ три години по првата изборна победа на Груевски му покажа на македонскиот народ дека со храбро лидерство „нерешливите конфликти“ можат да се решат преку ноќ. Паралелата помеѓу проблемот со името и граничниот спор меѓу Хрватска и Словенија е соодветна знаејќи дека ЕУ-членката Словенија ја имаше истата надмоќ во однос на Хрватска како Грција во однос на Македонија, а и истата одлучност да го блокира својот сосед на секој чекор додека овој не попушти.

Во меѓувреме, уште поблиску до дома, видовме колку брзо се жнеат плодовите од влегувањето во ЕУ: Бугарија го ужива(ше) петтиот најбрз економски раст во Унијата. Понатаму, со де факто признавањето на Косово во 2011, Србија ја престигна Македонија во евроинтеграциите и ги започна пристапните преговори прва иако стана кандидат за членство шест години подоцна. Анкетите денес покажуваат дека бројот на Срби кои не се подготвени да се откажат од Косово за влез во ЕУ е речиси до децимала еднаков на бројот македонски граѓани кои одбиваат да ги стават интеграциите пред името. Србите притоа не сфаќаат дека тие веќе се откажаа од Косово уште пред пет години. На прв поглед ова само ги поткрепува стравовите на Груевски, знаејќи дека Демократската партија во Србија едвај го помина изборниот праг од 5 проценти на последните избори годинава. Сепак, овие два случаи се тешко споредливи бидејќи српската влада во 2011 беше далеку послаба од онаа на ДПМНЕ во 2008, можеби и од денешната.

Потрага по македонскиот Садат

За крај една помалку очигледна паралела. Во 1982 година, египетскиот претседател Анвар Садат го платил со сопствениот живот помирувањето со Израел, што е воедно убедливо најнепопуларната одлука во историјата на египетската политика. Меѓутоа, годишната финансиска помош од САД добиена како резултат на помирувањето останува до денес есенцијална за опстојувањето на државата. Со текот на времето, ваквата одлука го претвори Садат во најголемиот египетски херој на сите времиња. Ќе се најде ли некогаш македонски политичар со далекувидоста на Анвар Садат? Бидејќи кратковидоста на Груевски ѝ потроши на Македонија историска шанса.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Правичен надомест за користење текстови и фотограф...
Рекреацијата во природа бара лична одговорност
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Четврток, 18 Јануари 2018
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: