Дали сакаме да се преброиме колку реално не има во Република Македонија?

доц. д-р Благица Новковска

Blagica NovkovskaНад 150.000 лица се отселиле од Република Македонија во периодот од осамостојувањето до сега, што упатува на тоа дека во државата не може да се очекува дека има повеќе од 1.900.000 лица. Голем дел од отселените лица биле на возраст од 20 до 34 години. Интересот за отселување е приближно постојан, но се менуваат дестинациите каде што се прифаќаат нашите граѓани. Сепак, за добивање реални податоци е потребен попис, а неопходните услови тој да се реализира ќе бидат создадени најрано во 2020 година.

За значењето на пописот на населението, домаќинствата и становите се свесни сите граѓани на оваа земја, но за тоа каков ѝ треба на Република Македонија се чини има повеќе дилеми и различни мотиви отколку за која било друга витална потреба на земјата. Оттаму, одговорот на прашањето не е едноставен. Сложеноста произлегува од реалноста, а таа сѐ почесто потврдува дека не е доволно само да сакаме да се попишеме, туку треба да сме подготвени и да се соочиме со реалноста и да ги преброиме оние кои се дел од неа. Поедноставен e одговорoт дека во блиска иднина не сме спремни за спроведување на оваа највитална и најмасовна статистичка активност.

Значењето на пописот за сегашноста и иднината на Република Македонија

Пописот на населението, домаќинствата и становите е најмасовното статистичко истражување кое обезбедува детални податоци за лицата, бројот на домаќинствата и становите во одреден критичен момент според многу нивни карактеристики и состојби. Според меѓународните стандарди за пописите, тие се спроведуваат според состојба во момент кој се дефинира како критичен момент на пописот и се опфаќаат сите пописни единици според нивните состојби и промени до критичниот момент, на пр. 31 март, 24.00 часот ако се спроведува попис во април. Тој ја евидентира сегашноста во одреден момент и ја создава базата за иднината на земјата. Врз тие податоци треба да се базираат сите анализи, политики и стратегии за развој. Токму затоа веќе подолго време на Република Македонија ѝ е неопходен реален попис на населението. Неговата подготовка претпоставува прифаќање на главниот концепт на оваа „операција“ кој беше и сѐ уште е главниот ризик за реално пребројување на населението.

Според меѓународните стандарди, главниот концепт за вкупното население се базира на местото на вообичаеното живеење на лицата кои се попишуваат. Но, токму критериумот „вообичаено место на живеење“, не само што е најважниот, туку и најкритичниот, и најчувствителниот дел од дефиницијата за вкупното население која се применува при спроведувањето на пописот, затоа што директно влијае врз пописните резултати за вкупното население во земјата. Едноставно, овој концепт значи дека секое лице може да биде попишано еднаш (и само еднаш) и да припаѓа само на едно место како живеалиште. Оваа дефиниција за населението е комплексна токму заради фундаменталноста, а истовремено и поради зголемената мобилност на населението, како и поради зголемениот број на лицата/домаќинствата кои имаат по неколку живеалишта на неколку места во земјата, а дел од нив имаат живеалишта во Македонија, но вообичаено живеат и работат во други држави. Непочитувањето на овој концепт може да доведе до попишување на едно исто лице повеќе пати, а со тоа да се добие нереална бројка на вкупното население, особено на лица што се подолг перод отсутни од Република Македонија, со вообичаено место на живеење во друга држава. Непочитувањето на овој клучен концепт од пописната методологија беше главната причина за прекин на пописот во 2011 година.

Врз интензитетот на отпорот кон целосна примена на овој концепт во Република Македонија силно влијаат неколку причини: резултатите можат да предизвикаат бројни поместувања во структурата на населението (очекувани и неочекувани), промени кај сите главни индикатори за социо-економскиот статус на земјата, како и да ги доведат под знак прашање повеќето стратешки политики, особено оние подготвени по прекинот на Пописот во 2011 година.

Доследната примена на овој концепт кај нас ќе обезбеди реално оценување на вкупното население, а придобивките ќе бидат видливи на сите нивоа и ќе се ефектуираат континуирано и долгорочно.

Развиените држави посветуваат многу големо внимание на тоа да се знае колку лица вообичаено живеат во одредена земја, односно на воспоставување, развој и одржување на регистри на населението. Токму нивните регистри покажуваат дека сѐ поголем број наши граѓани својата иднина ја побарале во нивните земји, додека нашите административни евиденции покажуваат многу поинакви состојби за динамиката на промените во големината и структурата на населението, особено оние кои се однесуваат на емиграцијата.

Дали се исполнети потребните услови за спроведување на попис?

Главни услови за спроведување на следниот попис во Република Македонија се: стабилен општествен амбиент, професионална подготвеност на институциите, подготвен закон за реализација на попис како статистичка активност во кој јасно ќе се прецизира главниот концепт за дефинирање на вкупното население, метод на попишување, јасно дефинирани пописни фази, пописни инструменти и нивна содржина, носители на активностите и други прашања релевантни за квалитетно спроведување на пописот.

Еден од клучните елементи и услови за реален попис е и методот на попишување. Досега во Македонија се применуваше таканаречениот традиционален метод (директно попишување на терен од страна на попишувачи, што го зголемува ризикот од непочитување на пописната методологија). Заради ризиците кои во специфичните услови во Македонија ги има досега применуваниот традиционален метод за попишување особено за доследна примена на концептот за вообичаено место на живеење, во следниот попис треба да биде применет комбинираниот метод на попишување, односно директно теренско прибирање на податоци за одредени карактеристики и состојби на населението, а за други директно преземање од регистрите на поголем број институции.

Кон овие услови треба да се додаде и можеби најспецифичниот услов за спроведување на следниот попис. Пописот не смее да биде средство за реализирање на политички амбиции, употребувајќи ги социјално-економските потреби на населението како алиби. Досегашното политизирање на пописот ги измести и наруши демократските промени во земјата, меѓусебната доверба помеѓу населението, професионалниот кредибилитет на институциите. Следниот попис на населението, домаќинствата и становите мора да биде професионално користено статистичко средство кое ќе обезбеди точни податоци за вообичаено присутното население на Република Македонија, а со тоа и обезбедување на квалитетна база за утврдување на реалните димензии за вкупниот развој на земјата.

За квалитетни подготовки за следниот попис не треба да се заборават и други неопходни услови: стабилни услови на локално ниво (завршени локални избори) како неопходна оперативно-техничка теренска поддршка, подготвена ажурна картографија за теренските единици за попишување, точна евиденција за живеалиштата и секако навремена и јасна едукација на населението за придобивките кои ќе ги имаат ако дадат реални информации.

Врз основа на сите сознанија за непочитување на основните услови за квалитетни подготовки за следен попис, се изведува јасен заклучок: Република Македонија не е подготвена за реален и квалитетен попис во блиска иднина.

Како да се обезбедуваат релевантни податоци до наредниот попис?

Република Македонија ги користи пописните податоци од Пописот спроведен во 2002 година и тие се базата врз која секоја година се подготвуваат проценките на населението за кои клучни се податоците за природниот прираст на населението и миграциите односно природните и механичките промени кај населението. Исто така, врз основа на овие проценки се подготвуваат клучните социо-економски индикатори, стратегии и политики за развој. При подготовката на проценките на населението се користат податоци за регистрираните (пријавените) миграции на населението кои во делот за емиграцијата се многу потценети и оттаму проценките на населението за Република Македонија се преценети во поглед на порастот и големината на населението.

Според административните евиденции, во периодот од 2005 до 2015 година од Македонија заминале само 10.799 лица, а од нив 32 отсто биле на возраст од 20 до 35 години. Кај овие миграциони административно евидентирани движења се забележуваат големи варијации во текот на последниве десетина години (слика 1). Имено, бројот на отселени лица осцилира околу средна вредност од некаде 800 лица годишно. Кај бројот на доселени лица се забележува систематски раст во последниве години, до вредност од околу 4.000 лица во 2015 година.

Слика 1: Варирање на бројот на вкупно доселени и вкупно отселени

Slika 1 br vkupno doseleni i otseleni licaИзвор: Државен завод за статистика - МакСтат база на податоци


Дестинациите на отселување се многубројни, и со помали или поголеми осцилации. Така, во 2005 година во Германија се отселиле 225 лица, во Италија 256, во Швајцарија 206 и во САД 131 лице. Подоцна се случуваат значајни промени и во 2015 година бројот на отселени во Германија е 121 лице (со осцилација помеѓу 100 и 200 годишно), а во Италија и Швајцарија само 44 лица. Наспроти тоа, се забележува систематско зголемување на емиграцијата во САД, каде што е достигната бројка од околу 200 лица во последните 4 години (206 лица во 2015 година). Тоа покажува дека интересот за отселување е приближно постојан, но се менуваат дестинациите каде што се прифаќаат нашите граѓани.

Во поглед на земјите на потекло на лицата што се доселуваат во Македонија се забележува изразено големо учество на Турција. Така, во 2015 година дури 1300 од доселените лица доаѓаат од Турција, наспроти бројките помали од 100 во 2008 година.

Слика 2: Варирање на учеството на лицата на возраст од 20 до 34 години во бројот на вкупно отселени лица

Slika 2 br vkupno otseleni licaИзвор: Државен завод за статистика - МакСтат база на податоци

Посебно значајно е дека структурата на отселените лица вклучува голем дел лица на возраст од 20 до 34 години (слика 2). Таа застапеност достигнува до 40 проценти на почетокот од разгледуваниот период, потоа опаѓа до 2011 година и повторно расте до истата висока вредност во 2015 година.

Според овие административни податоци, годишно „симболично“ мал број лица емигрираат од земјата, а многу поголем број се доселуваат во Македонија. Тие покажуваат кои се главните емиграциони дестинации, како и високо учество на младите лица во емиграционата популација кои се во најпродуктивниот работен период (зголемена емиграција по 2011 година).

Наспроти тоа, многу поголем број емигрирани лица од Република Македонија покажуваат сите меѓународни институции кои ги следат миграционите движења во светот (www.unmigration.org; www.eurostat.org; www.unicef.org/migration, www.worldbank.migration). Имајќи ги предвид различните извори на податоци за миграциите кои ги користат овие институции (регистри, пописи на население и друго), опфатот и периодот на кој се однесуваат, анализите јасно укажуваат дека од Република Македонија во периодот од осамостојувањето до сега се отселиле повеќе од 150.000 лица, што упатува на тоа дека во државата не може да се очекува дека има повеќе од 1.900.000 лица. Треба да се напомене дека кај меѓународните институции обично се среќаваат податоци за вкупниот број емигрирани лица во текот на повеќе децении (како на пример во оние од Светска Банка), за состојбата во даден момент или за повеќегодишни состојби.

Токму тоа упатува на клучниот демографски предизвик пред кој се наоѓа Република Македонија, а тоа е како и кога да ја утврди реалната големина и структура на населението. Најдобриот начин е секако со попис на населението, но во сегашните нестабилни политички услови спроведување попис на населението носи големи ризици од различен вид, а најмногу за добивањето на реални податоци за населението кое живее во Република Македонија.

Во меѓувреме, мора најсериозно да се работи на развој и одржување регистар на населението кој реално и ажурно ќе ги регистира сите витални и миграциони промени кај населението, со што ќе се обезбедуват релевантни податоци. Ова е и еден од главните предуслови за квалитетна подготовка на наредниот попис. Истовремено треба да се работи на зајакнување на вкупните капацитети и ресурси на институциите за воспоставување и развој на регистри на: образование, пазар на труд, на адреси и состојби на живеалиштата, на катарстарските промени и др., од кои ќе се користат податоци при примената на комбинираниот метод за спроведување на пописот. Затоа сметам дека неопходните услови да се реализира идниот попис ќе бидат создадени најрано во 2020 година.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

 

Пасивноста на општеството и „малите Ајхмани“
Никој не ги штити студентите и професорите од диск...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Четврток, 27 Јули 2017
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: