Уставот не дозволува опструкција за конституирање на Собранието

проф. д-р Светомир Шкариќ

svetomir skarik 200x250Уставот на Република Македонија не дозволува опструкција за конституирање на Собранието и формирање на Владата на Република Македонија. Роковите за нивно формирање се фиксни (преклузивни), без можност за нивно пролонгирање, под никакви околности и со никакви политички условувања од страна на било кој.

Рокот за конституирање на Собранието изнесува дваесет и еден ден од одржаните парламентарни избори, а рокот за формирање на Влада не може да биде подолг од триесет и три дена, од конституирањето на Собранието. Роковите се ограничени бидејќи Собранието произлегува од изборната волја на граѓаните, а Владата од волјата на парламентарното мнозинство во Собранието. Така е уште од времето на воведувањето на парламентаризмот пред четири столетија, така мора да биде и денес во Македонија и така ќе биде и во иднина се` додека постои парламентаризмот и парламентарното право како наука. Станува збор за клучни органи без кои ниту една земја со парламентарна демократија не може да функционира како држава, со полн капацитет, поделба на власта и граѓански суверенитет.

Опструкција нема ни за донесување на буџетот, ниту за уставните промени. Овој вид опструкција е вграден во Деловникот на Собранието дури во 2013 година, на барање на тогашното парламентарно мнозинство, по „Црниот понеделник“ од 24 декември 2012 година, и тоа без присуство и без согласност на тогашната опозиција, која по изборите од 2016 стана парламентарно мнозинство.

Тогашното парламентарно мнозинство ја ограничи опструкцијата за да може поефикасно да ги донесува законите. Спротивно од тоа, тогашната опозиција беше против ограничувањето на времето за дискусија, сметајќи дека дискусијата е најмоќно оружје во нејзини раце. Сега ситуацијата е променета, во обратна насока, откако некогашната опозиција, по волја на граѓаните во 2016 година успеа да создаде парламентарно мнозинство и да формира влада.

Ограничувањето на опструкцијата произлегува и од искуството на парламентарната демократија во Македонија. Во изминатата деценија неколку пати опструкцијата дојде до полн израз. Првиот пример е од 2006 година, кога Весна Јаневска, пратеничка на ВМРО-НП, зборувала 6 часа и 30 минути непрекинато со цел да го попречи донесувањето на Законот за полиција. Вториот пример е опструкцијата од 2012 година, кога пратеничките групи од редот на опозицијата поднесоа 1225 амандмани кои објективно не можеа да се разгледаат пред истекот на буџетската година. И третиот пример е опструкцијата од 2013 година за донесување закон за бранители, предложен од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Законот беше опструиран од Талат Џафери, пратеник на ДУИ, поради тоа што со законот нe беа опфатени припадниците на ОНА. По 10 дена долги говори, читање поезија и молчење на седниците на матичното тело, опструкцијата успеа да го попречи донесувањето на предложениот закон (С.Ш., Уставно право, Култура, 2015).

Конституирање на Собранието

Конституирањето на Собранието не е предмет на опструкција, ниту може да биде по природата на нештата. Конституирањето може да биде само формално или институционално потврдување на изборните резултати, и не може да биде оспорувано со никакви процедури, ниту со правни акти, вклучувајќи го и Уставот. На прво место е народот (избирачко тело), на второ место е Уставот и другите правни акти, а дури на трето место се органите на државната власт (Собранието, претседателот на Републиката, Владата и судовите). Во хиерархијата на субјектите на уставноправните односи, Уставот е на второ место, меѓу народот и органите на власта. Така е во сите демократски држави, што се гледа најдобро од примерите на Германија (Grundgesetz) и Јапонија (Kempo), водечки земји во демократскиот свет во Европа и Азија. Затоа не е толку значајно кога и едната и другата страна се повикува на Уставот, законите и Деловникот, колку што се значајни изборните резултати, односно волјата на граѓаните, кога на една страна се 453.000, а на втората 700.000 гласови.

Во таков контекст, конституирањето на Собранието не може да биде спорен процес, особено кога изборните резултати се оценети како регуларни и од домашната и од меѓународната јавност, кога изборите се кредибилни, во вистинска смисла на зборот. Напротив, конституирањето треба да биде само формален или свечен чин кој не трпи оспорувања, а најмалку реплики или процедурални прашања што ги овозможува и стимулира претседавачот на седницата кој се однесува како да е тој избран претседател на Собранието.

Станува збор за изборни резултати, изразени во гласови и мандати. Во такви околности, битни се комбинациите на мандатите и коалициониот капацитет на партиите, а не кој освоил најголем број мандати или кој е поединечен победник на изборите. Во наши услови, поради постојната етничка структура, суштествено е и која македонска партија може да коалицира со албанските партии, а не само кој е победник на изборите во македонскиот блок.

Уставот е прецизен кога е во прашање времето во кое Собранието мора да се конституира. Станува збор за императивни одредби кои имаат наредбодавен карактер, односно мораат да се почитуваат од страна на сите, а најмногу од поранешниот претседател на Собранието кој раководи со конститутивната заедница. Тој има задача да го олесни конституирањето на Собранието, а не да го опструира институционалниот процес, со користење на византиски игри од времето на патријархот Фотиј, современик на Браќата Кирил и Методиј.

Уставот предвидува обврска Собранието да се конституира во рок од 20 дена од одржаните избори, ако свикувач на седницата е поранешниот претседател на Собранието (чл. 63 од Уставот). Ако Собранието не се конституира во тој период, тогаш настапува втората фаза, со друг актер (најстариот пратеник) на конститутивната седница. Тогаш пратениците сами се состануваат и Собранието го конституираат на дваесет и првиот ден од денот на завршувањето на изборите, односно следниот ден во 10 часот по неуспехот на првата фаза (чл. 9 од Деловникот). Значи, откако поранешниот претседател на Собранието не го завршил конститутивниот процес, конституирањето треба да се изврши веднаш, во еден ден.

Формирање на Владата

Уставот предвидува нешто подолги рокови за формирање на Владата.

Прво, предвидува рок од десет дена од конституирањето на Собранието за давање мандат од страна на претседателот на Републиката. Претседателот е должен да го довери мандатот на партијата или на коалиции од партиите кои имаат мнозинство во Собранието. Тоа не е негово право, туку е должност. Ако би било право, тогаш од парламентаризмот и од политичкиот плурализам не би останало ништо. Станува збор за протоколарна или техничка надлежност, а не за надлежност од политичко значење (чл. 90 од Уставот).

Второ, по добивањето на мандатот, мандаторот е должен во рок од дваесет дена да предложи програма и состав на Владата. Тоа е прашање во исклучива надлежност на мандаторот. Шефот на државата во врска со тоа нема никаква надлежност и влијание. Може да се интересира за тоа кој ќе биде министер за одбрана, министер за внатрешни работи и министер за надворешни работи, бидејќи во тие области има споделена надлежност со Владата, но мандаторот е тој кој во крајна линија одлучува за министрите во тие ресори.

Трето, дебатата за предлог програмата и за составот на Владата се води континуирано три дена, а потоа се преминува на гласање. Значи, Владата се формира најдоцна за 33 дена од конституирањето на Собранието, а може и порано. Ограничено е времето за нејзиниот избор, односно не може да се опструира нејзиното формирање ниту од претседателот на Републиката подолго од десет дена, ниту од страна на парламентарното малцинство подолго од три дена (чл. 92 од Уставот).

Опструкцијата е ограничена и кога е во прашање донесувањето на буџетот. Во Комисијата за финансии и буџет, како матично тело, дискусијата може да трае најмногу десет работни дена. Членовите на тоа работно тело и пратениците во текот на општиот претрес можат да говорат повеќе пати, но не повеќе од 20 минути. Исто така, предлагачот и претставникот на Владата можат да говорат повеќе пати, но не подолго од 15 минути. А претресот по предлогот на Буџетот на седница на Собранието може да трае најмногу пет дена (чл. 171-а од Деловникот).

Ограничувањето на времето за дискусија постои и кога се во прашање уставните измени, прашање од најголемо значење за Собранието. Дискусијата по предлогот за пристапување кон уставните измени во Комисијата за уставни прашања може да трае најмногу десет работни дена, а за нацрт уставната измена три работни дена. Исто толку денови се предвидени и за дискусијата за предлог уставната измена на пленарната седница. Ограничено е и времето на образложението на овластениот предлагач за предлог уставната измена (чл. 4, 5 и 6 од Деловникот).

film oldtimer

Легенда: Кадар од филмот „Господин Смит оди во Вашингтон“, 1939

Опструкцијата е диносаурус

Опструкцијата има долга историска традиција и започнува уште во Римскиот Сенат во 60 година пред новата ера кога Катон го оспорувал именувањето на Јулиј Цезар за конзул на Римската република. Потоа, англискиот крал Хенри Четврти го признава правото на членовите на англискиот парламент да зборуваат слободно колку што сакаат. Најпосле, правото на неограничена дискусија го предвидува и Повелбата за правата на Англија и Уставот на САД (Filibuster). Со ова право најмногу се служат членовите на Сенатот на САД, по 1806 година, кога треба да се заштитат интересите на помалите држави - членки на САД. Георг Јелинек ја сметал парламентарната опструкција за прашање од кое зависи „иднината на сите парламентарни влади“.

Сепак, како стара институција (диносаурус), правото на опструкција е неспојливо со новото време кое бара рационалност. Затоа во поново време се бара негово укинување или модернизација. Тоа го побара и ад хок Комисијата за испитување на уставноста на настаните од 24 декември 2012 година. На тоа најмногу инсистираше Питер Ванхауте, како експерт на Европската Унија. На 17-те седници што ги одржа таа комисија, Ванхауте имаше можност непосредно да го почувствува насилството што во изобилие извираше од настапите на членовите на партијата по чија директива на 24 декември насилно беа отстранети 42 пратеника на опозицијата од пленумската сала на Собранието.

Врската помеѓу „Црниот понеделник“ од 24 декември 2012 и „Крвавиот четврток“ од 27 април 2017 година е нераскинлива и логична. Разликата е само во интензитетот на насилството, бројот на насилниците што влегле во Собранието и бројот на жртвите на насилството. Црниот понеделник ја потресе Европа, а Крвавиот четврток целиот свет, посебно окрвавената глава на лидерот на СДСМ и тешките повреди на лидерот на Алијансата на Албанците во Македонија.

Ако овојпат судството не реагира и не покаже поголема подготвеност за санкционирање на сторителите на кривичните дела, тогаш Македонија нема блиска перспектива. Историското искуство покажува дека без усовршување на судството не може да се одржи ниту една држава, независно од нејзината моќ и големина (Fiat Justitia Pereat Mundus).

Опструкција може да постои во одреден облик за секое прашање од надлежноста на Собранието, но не и за неговото конституирање како законодавен орган. Секој кој не го сфаќа тоа, не може да биде ниту демократ ниту патриот.

Новото, деветто по ред, Собрание на Република Македонија се роди од кршењето на одредбата од Деловникот кој императивно налага да се промени редоследот на точките од дневниот ред, ако предлогот за промената биде поддржан од најмалку 10 пратеници (член 78, став 2). Претседавачот на конститутивната седница тоа не го овоможи и поради тоа новото парламентарно мнозинство немаше друг избор освен да се конституира во нова власт.

По породилните маки на новото Собрание, само 10 минути по влегувањето на толпата во собраниските простории, оддекна гласот на пратеникот – филозоф: „Нека биде што ќе биде, нека не остане камен на камен од зградата на Собранието, но духот на слободата и демократијата вечерва ќе биде одбранет, ќе остане непоразен!“ (Ф.М., „Лекција“, Слободен печат, 2 мај 2017).


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите в оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Во детските учебници отсуствуваат граѓански вредно...
За настаните во Собранието покрај насилниците, одг...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Четврток, 27 Јули 2017
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: