Три причини зошто ВМРО-ДПМНЕ треба да замине во историјата

Кристијан Фидановски

Kristijan FidanovskiblogМакедонското општество треба да расчисти дали го доживува Никола Груевски како франкенштајновска аномалија на ДПМНЕ или како вмровски производ пар екселанс. Оваа дилема на „кокошката VS jajцето“ не може да ја реши никакво обвинение на СЈО, ниту пак судска пресуда. Кажано со груевистички речник, неа навистина мора да ја реши – народот.

Неполни два месеца по трансферот на власта, единаесетгодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ засега се споменува речиси исклучиво во контекст на работата на Специјалното јавно обвинителство. Во ситуација во која грото од раководството на најголемата партија во државата се соочува со бројни години затвор, почнуваме да забораваме на посуштинското прашање: како дозволивме да ни се случат изминатите единаесет години? Дали можеби знаците на она што следеше беа очигледни уште во 2006, но сме ги пропуштиле?

Еден од начините да се одговори на ова прашање е да се лоцира зачетокот на „груевизмот“ во конкретен настан. Оние кои некогаш го поддржувале Груевски честопати, како пресвртница, милуваат да го вперат прстот кон грчкото вето во 2008. Токму тогаш започна драматичниот и континуиран пад на Македонија на повеќето релевантни индекси за демократија, што сугерира дека по Букурешт владата де факто се откажала од евроинтеграциите, насочувајќи ја целокупната енергија кон безмилосно цементирање на својата моќ. Ваквиот наратив имплицитно ги „амнестира“ од сите подоцнежни валканици на „груевизмот“ сите оние кои гласале за Груевски при неговите први две изборни победи. Односно, произлегува дека со неуспехот да изврши доволен притисок врз Грција во 2008, меѓународната заедница преку ноќ го претворила „преродбеникот во 100 чекори“ од проевропски реформатор во балкански деспот.

Додека оваа теза е само делумно невистинита, да ù се припише каква било експланаторна тежина е исклучително опасно. Вистинитиот дел е дека поткопувањето на нашата евроатлантска перспектива преку грчкото вето му го одзеде на Груевски единствениот мотив за демократско владеење, што за меѓународната заедница треба да претставува важна лекција во понатамошното посредништво околу спорот со името. Сепак, веројатно поважен е опасниот дел, а тоа е дека секоја релативизација на „груевизмот“ преку некакви неповолни околности само го потврдува болниот стереотип за „помирливото Македонче“, кое наоѓа разбирање за секого, па дури и за човекот кој му уништил цела деценија од животот.

Меѓутоа, дури и доколку објаснувањето за „груевизмот“ логички го бараме во самиот „груевизам“, повторно се соочуваме со избор помеѓу две спротивставени толкувања. Дали се работеше за група неморални политичари кои ја заробија ем својата партија ем државата за да остварат личен профит? Или пак се работеше само за најсвежата манифестација на една инхерентно недемократска партија која не заслужува нова шанса да се реформира? Преку деконструкција на трите главни темели на популарноста на ДПМНЕ низ годините, овој текст го предлага второто толкување.

vmro dpmne

Мит 1: ВМРО-ДПМНЕ е адаптабилна партија

Во својата прва изјава откако беше избран за лидер на ДПМНЕ во 2003, Груевски порача дека „сè е директно или индиректно поврзано со економијата“. Оваа реченица е олицетворение на технократскиот имиџ кој Груевски со својата младост, а пред сè со релативната политичка анонимност на својот прв премиерски кабинет во 2006, сакаше да го наметне. Нискиот рејтинг на СДСМ во тоа време налагаше од новата влада да се дефинира во спротивност на претходната, односно како свежи и стручни лица кои само ќе си ја вршат работата наместо да бидат „политичари“. Овој толку посакуван контраст во однос на СДСМ, ДПМНЕ дополнително го засилуваше со истакнување на својата супериорна адаптабилност, која и денес со гордост се прокламира како дефинирачка „вмровска“ карактеристика. Додека Радмила Шеќеринска и Бранко Црвенковски остануваа на своите партиски функции и покрај своите изборни порази, ДПМНЕ по поразот во 2002 изврши темелна реконструкција на партиското раководство. Оттука, во колективната меморија опозициските години на Груевски, како и првите две години од неговото владеење, останаа главно запаметени по силниот технократски карактер. Фактот што по Букурешт технократството постепено паѓаше во сенка на идентитетскиот дискурс, пред неодамна целосно да биде заменето со „странски служби“ и „федерализација“, навидум не само што ја потврдува горенаведената теза дека 2008 промени сè, туку и ги потхранува сè погласните повици за внатрепартиска реконструкција во 2017 налик на онаа во 2003.

Меѓутоа, доколку аналитичкиот фокус се префрли од површинската замена на „љубчовисти“ со „груевисти“ во 2003 кон некаква суштествена промена, заклучокот е дека реконструкцијата на ДПМНЕ ниту била демократска тогаш, ниту може да биде демократска денес. Едно еклатантно предупредување за авторитарните тенденции на Груевски датира уште од 2003, кога тој оневозможи собраниска седница чиј тек не му се допаѓаше така што му ја украде картичката на тогашниот спикер Љупчо Јордановски. Понатаму, не смее да се заборави дека и покрај обемната „преродба во 100 чекори“ со која Груевски излезе на изборите во 2006, една од најомилените теми во дискурсот на ДПМНЕ пред и за време на изборната кампања немаше никаква врска со економијата: законот за територијални единици усвоен од СДСМ и ДУИ. Намалувањето на бројот на општини во Македонија предвидено со овој закон резултираше со поголем процент на градоначалници етнички Албанци, што ДПМНЕ во целост го искористи за впишување политички поени врз база на етнички ексклузионизам.

Со оглед на доминантноста во јавноста на дебатата за законот, која кулминираше кога премиерот Бучковски во една прилика беше опколен со часови од страна на демонстранти во Струга, може да се заклучи дека инструментализацијата на овој закон од страна на ДПМНЕ имаше значајно влијание врз изборниот резултат, со тоа побивајќи ја перцепцијата дека „реформираното“ ДПМНЕ пред 2008 настапувало чисто технократски. Дополнително, самото присуство на Антонио Милошоски како едно од ударните „нови лица“ на Груевски и подоцна како министер за надворешни работи директно го побива технократскиот шмек на партиското раководство, знаејќи дека Милошоски своето име во јавноста го немаше изградено со стручни достигнувања, туку со своето проминентно учество на ексклузионистичките антиалбански протести во 1997.

Денес, евентуалната реконструкција на ДПМНЕ неизбежно би тргнала од оние партиски функционери кои се неизвалкани од прислушуваните разговори. За жал, демократскиот капацитет што некои од нив го имаат покажано досега не е ветувачки. Никола Попоски, кој секојдневно се споменува како можен иден партиски лидер, во ниту еден момент не се одважи да ги осуди или барем да се дистанцира од срамниот наратив на „сечени и лепени“ со кој партијата се справуваше со „бомбите“. Напротив, Попоски истиот жестоко го застапуваше, вклучително и во своето инфамозно интервју за Дојче Веле во кое невешто се обиде да ги оправда аболициите на Иванов со зборовите „дури и патот до пеколот е поплочен со добри намери“. Влатко Ѓорчев, носител на партиската листа во ИЕ 6 на минатогодишните избори, во една ТВ-дебата за ЛГБТ права, наместо да одговори на аргументите на соговорниците, упорно ја напаѓаше разединетоста на СДСМ по ова прашање и видливо покажуваше колку внатрепартиската дебата е туѓ концепт за него. Дополнително, недостатокот на демократски капацитет во ДПМНЕ најдобро го потврди новоформираната Иницијатива за реформи во партијата. Нејзиниот претставник Петар Богојески истакна дека една од главните работи кои му ги забележува на Груевски е фактот што дозволил пратениците на ДПМНЕ да гласаат за формирање на СЈО. Со ова, Богојески имплицира дека не му пречат криминалите на партиското раководство, туку само фактот што дозволиле да се доведат во позиција да одговараат за нив. (Патем, во истата пригода Богојески исто така рече дека тие што веруваат во Бога немаат зошто да се плашат од земјотреси).

Мит 2: ВМРО-ДПМНЕ го брани македонскиот идентитет

Овој мит веројатно датира од самото осамостојување на Македонија. Во една нова демократија желна час поскоро да расчисти со еднопартиското минато, СДСМ како партија-наследничка на Сојузот на комунистите автоматски се здоби со етикетата „црвена буржоазија“, која заслепена од децениското тоталитарно владеење „врз грбот на народот“ би направила сè за да продолжи да ги ужива привилегиите на власта, вклучително и непростливиот грев: промена на името. Ваквата слика што дел од јавноста и ден денес ја има за СДСМ претставува темел за статусот на ДПМНЕ како бранител на македонскиот идентитет.

Најочигледното побивање на овој мит, се разбира, е 33-тата „бомба“ од прислушуваните разговори, во која токму Милошоски тајно преговара за промена на името. Постои и еден друг важен пример за кој се зборува поретко. Во 2013, ДПМНЕ усвои закон за намалување на бројот на општините кој резултираше со ист ефект како горенаведениот закон усвоен од СДСМ. Откако на Кичево му беа придодадени четири доминантно албански општини, на локалните избори истата година градот, првпат по осамостојувањето, изгласа етнички Албанец за градоначалник. Кичево е побројна општина од сите општини кои првпат изгласаа етнички Албанци за градоначалници во 2005. Со оглед на самодефинирањето на сите албански партии во Македонија како субјекти кои им служат стриктно на етничките Албанци, легитимно е да се претпостави дека ваквото „губење“ на Кичево навистина се одразува на секојдневието на етничките Македонци, за разлика од разните идентитетски апстракции чија „одбрана“ катадневно доминира во дискурсот на ДПМНЕ.

Мит 3: Македонија е „вмровска“ држава

Доколку претходните два мита се успешно деконструирани, тогаш нема потреба да се докажува дека и ова тврдење е мит, бидејќи ако една партија не ги исполнува целите кои самата си ги зацртува, нејзиното постоење е бесмислено без оглед колкава поддршка добива на избори. Сепак, овој мит заслужува посебно внимание чисто поради клучната улога што изминатите единаесет години ја играше во себелегитимирањето на Груевски под неговата омилена максима: народот одлучува.

Како премиса зад инхерентната „вмровштина“ на Македонија најчесто се зема победата на ДПМНЕ на првите плуралистички избори во 1990, и тоа веднаш по формирањето на партијата. Меѓутоа, притоа се заборава дека во првиот изборен круг ДПМНЕ всушност доживеа тежок пораз, и тоа од дискредитираниот Сојуз на комунистите на Македонија (СКМ-ПДП), кој згасна кратко потоа. Во вториот круг, пак, второпласираниот СКМ-ПДП и третопласираниот Сојуз за реформски сили заедно освоија 54% од гласовите, наспроти 30% за победничкото ДПМНЕ. За разлика од 1990, во 1994 левицата настапи здружено на изборите и новоформираниот СДСМ доби двојно повеќе гласови од ДПМНЕ. Од сите парламентарни избори во Македонија, вклучувајќи ги и сите пет победи на Груевски, победата на СДСМ во 1994 е најубедливиот изборен триумф во историјата на државата. Воедно, изборната излезност при која било од петте победи на ДПМНЕ со Груевски е значително пониска не само од излезноста при победата на СДСМ во 1994, туку и при онаа во 2002, што дополнително го поткопува веќе еродираниот легитимитет на овие победи со грубите изборни манипулации документирани во „бомбите“.

Додека фактот дека на еден или друг начин ДПМНЕ има владеено со Македонија 15 од вкупно 26 години независност останува, изборните резултати на оваа партија не се ни приближно доволно убедливи за нејзиниот опстанок да се врзува со опстанокот на македонската демократија. Сепак, дури и некои од најстрогите критичари на ДПМНЕ ја застапуваат тезата дека опстанокот на оваа партија како демократска рефлексија на волјата на стотици илјади гласачи е посакуван. Следствено, доколку ДПМНЕ се распадне, овие гласачи би се нашле потполно исклучени од демократските процеси, или во најлош случај би поддржале формирање на нова, многу посилна (и понационалистичка) партија врз руините на ДПМНЕ.

Македонскиот Мечијар

На почетокот на дваесет и првиот век, интелектуалната фела во Словачка веројатно ги делела истите стравувања. Екс-премиерот Владимир Мечијар, чие авторитарно владеење од 90-тите неодоливо потсетува на „груевизмот“, продолжил да победува на изборите во 1998 и во 2002 година, но ни првиот ни вториот пат не успеал да формира влада поради својот срозан коалициски потенцијал. Со текот на времето, но и со прогресот на судските процеси против него и неговите соработници за бројните злоупотреби на власта, неговата партија ХЗДС од удобниот трон на „бранител на словачкиот народ“ експресно се префрлила на изборните маргини. Во 2010, ХЗДС добила 4% од гласовите и станала вонпарламентарна партија, за во 2012 да добие мизерни 0.9%, и потоа во 2014 да згасне засекогаш. Се разбира, внатрепартиската номенклатура била толку отпорна на реформи што Мечијар останал партиски лидер до самото згаснување, односно речиси две децении по губењето на власта во 1998.

Мечијар ни ден денес не е зад решетки, но на словачкиот народ веројатно му е сеедно за неговата лична судбина, откако одамна му ја скрои политичката. Словачка веќе 13 години е дел од Европската унија, додека ХЗДС е длабоко сместена во отпадот на историјата, каде што несомнено припаѓа и ВМРО-ДПМНЕ.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите в оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот

Ерупција на локалните референдуми
Зошто се во право реформаторите на партиите?
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Понеделник, 11 Декември 2017
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: