Четири мита во македонската јавност околу спорот за името

Кристијан Фидановски

Kristijan FidanovskiblogДоколку Нимиц нè разочара, Владата ќе биде исправена пред тешка дилема дали да стави помалку поволен предлог на референдум или да чека поповолен за да ги максимизира шансите референдумот да успее, но притоа и да ризикува губење на моментумот.

Децениските фрустрации од спорот за името кај нас имаат произведено своја сопствена митологија, која дополнително го стеснува просторот за решение. Оваа митологија мораме под итно да ја разобличиме за да престанеме да ја доживуваме како утопија владината стратегија на издејствување поволен предлог преку придобивање на меѓународната заедница. Сепак, дури ни најповолниот предлог нема да нè поштеди од старото горчливо прашање: дали сме подготвени конечно да си ја проголтаме балканската гордост во замена за подобро утре?

Мит #1: Грција ни стави вето во 2008
(Факт #1: НАТО колективно одлучи да не ни испрати покана за влез)

Ниту еден момент во историјата на спорот нема предизвикано таква разочараност во македонската јавност колку Букурешкиот НАТО самит од 2008 година. Иако ваквата разочараност е оправдана, фразата „грчкото вето во Букурешт“ со која најчесто ги опишуваме случувањата од април 2008 е неточна. Грција воопшто не го искористи своето право на вето бидејќи за такво нешто немаше потреба: земјите-членки на НАТО колективно соопштија дека „се согласивме да не ѝ испратиме покана за влез на Бившата југословенска Република Македонија“.

Мит #2: Во Букурешт ни се случи меѓународна хајка
(Факт #2: Во/пред Букурешт одбивме „Република Македонија-Скопје“)

Навидум, деконструкцијата на првиот мит имплицира дека овој втор мит е всушност реална слика за случувањата од Букурешт: не треба да ѝ се лутиме на Грција, туку на целиот свет. Ваквиот заклучок, сепак, се коси со фактот дека на самитот му претходеше признавањето на уставното име од САД, кое во тоа време дополнително ја префрли топката кај Грција, која пак уште претходно беше широко перцепирана како „негативецот“ во спорот. Митот за меѓународна хајка се коси и со фактот дека, уште во 2005, медијаторот Нимиц го изнесе најповолниот предлог за Македонија: „Република Македонија-Скопје“ за билатерална употреба. Овој предлог игнорираше две крупни грчки црвени линии. Додека денес се дискутира за географски наспрема политички одредници, овој предлог воопшто не содржеше одредница. Денес, исто така, се дискутира дали „ерга омнес“ би значело севкупна употреба, или само во меѓународните институции (како што е сега случај со ФИРОМ), што на Македонија би ù ги зачувало макотрпно обезбедените билатерални признавања на уставното име од преку 130 држави. Тогашниот предлог на Нимиц, пак, го предвидуваше уставното име дури и за во Обединетите нации.

И додека овој предлог беше одбиен од Атина, самото негово изнесување од страна на Нимиц покажува дека, пред Букурешт, меѓународниот притисок бил насочен кон Атина, а не кон Скопје. Погрешната одлука на тогашната македонска влада да го одбие предлогот (откако Грција веќе го имаше одбиено) непотребно ја замати дотогаш чистата слика во меѓународната јавност за тврдоглавата Атина и конструктивното Скопје. Со оглед на тоа што владата во 2005, а, пред сè, следната влада на Груевски со својот тогашен исклучителен рејтинг не беа доволно храбри пред и во Букурешт да го прифатат предлогот и да остават Атина да испадне единствениот кочничар, неразумно е да се обвинува меѓународната заедница за некаква хајка, ниту пак за недоволна ангажираност.

pretstavnik na ON vo sporot so imeto metju nimicСпецијалнот претставник на Обединетите нации во спорот со името, Метју Нимиц

Сепак, разобличувањето на митот за „меѓународна хајка“ не имплицира дека доколку Македонија била поконструктивна во годините пред Букурешт, меѓународната заедница ќе успеела да ја притисне Грција кон компромис: тоа е хипотетичко сценарио кое не можеме да го знаеме. Меѓутоа, она што со сигурност го знаеме е дека како инфериорна страна во изразито асиметричен спор со земја од која ни зависат евроатлантските интеграции, единствената наша надеж за поволно решение лежи во привлекување силни меѓународни симпатии кон нашата позиција. Веројатно не беше случајно што, кога ваквите симпатии изостануваа, добивавме неповолни предлози како „Република Северна Македонија“ кон крајот на 2008 (резултат на нашата тврдоглавост пред и во Букурешт) и „Република Горна Македонија“ во екот на суицидалната „антиквизација“ во 2013.

Она што, пак, не го знаеме е дали меѓународните симпатии, кои ни го донесоа предлогот „Република Македонија-Скопје“ во 2005, можеле да одат и еден чекор понапред и да произведат силен притисок врз Грција за прифаќање на овој предлог. Спротивно на доминантното колективно сеќавање дека Букурешт недвосмислено ја поткопа ваквата надеж, НАТО самитот од 2008 всушност не ни кажува ништо за ова. Затоа, важно е внимателно да се проанализираат препукувањата меѓу тогашниот претседател Црвенковски и Груевски за тоа што точно се случи во Букурешт. Заклучокот од ваквата анализа прави стратегијата на актуелната влада наместо утопија да изгледа, во најмала рака, возможна.

На тврдењето на Груевски дека прифатил на референдум да го стави предлогот „Република Македонија-Скопје“, Црвенковски, наместо да го нападне политичкиот опонент за недоволна храброст да го прифати овој уникатно поволен предлог, одлучи да го оспори самото тврдење, инсистирајќи дека Груевски всушност со две раце го имал прифатено предлогот (без референдум). Дали Црвенковски е во право не може да се докаже, но многу индиции упатуваат на тоа дека вистината, како ретко кога, всушност ја кажува Груевски. Наводното прифаќање на предлогот без референдум, кое Црвенковски го истакнуваше како доказ за кукавичлукот на Груевски, всушност ќе беше извонредно храбар политички потег, знаејќи колку малку трајното гласачко тело на ДПМНЕ и денес е отворено кон каков било компромис, особено без референдум. Во десетгодишното популистичко владеење на Груевски тешко е да се најде макар една непопуларна одлука од слични размери што би направила еден ваков негов потег замислив, особено не одлука што би ја поткопала неговата идентитетска „тврдокорност“, која го донесе и одржа Груевски на власт повеќе од било што друго. Впрочем, пред Букурешт, Груевски беше на власт нецели две години и сè уште го градеше посакуваниот статус на „идентитетски чувар“, кој во целост го добива дури по НАТО самитот, што е само уште една индиција дека не се чувствувал доволно силно за да прифати компромис без референдум.

branko grujo milososki i bus vo bukurestПретседателот Црвенковски, премиерот Груевски, министерот за надворешни работи Милошоски и претседателот на САД, Џорџ Буш во Букурешт, април 2008

Случувањата од Букурешт содржат две импликации кои се клучни и ден денес. Првата е дека актуелната влада ќе му беше многу благодарна на Црвенковски доколку ги одиграше картите поинаку: критикувањето на Груевски за наводно избегнување референдум го принуди Црвенковски да ја обврзе сопствената партија на референдум, од што сега нема бегање, а никогаш претходно не беше партиски став. Втората и поважна импликација е недвосмисленото побивање на митот за меѓународна хајка. Штом Груевски го условил прифаќањето на предлогот со референдум, тогаш, имајќи го предвид неговото слепо следење на јавното мислење, или планирал да остане неутрален или да повика на гласање „против“. Значи, од меѓународната заедница сме очекувале да ја притисне Грција да се откаже од својот втор најважен џокер во спорот (правото на вето во НАТО) во замена за име кое ги игнорира буквално сите црвени линии на Атина, а кое згора на сè ќе било однапред осудено на референдумски пропаст кај нас. Оттука, разумно е да се заклучи дека дури и навидум перфидната колективна одлука на НАТО да не се прими Македонија во 2008 всушност била неизбежен исход од кукавичлукот на Груевски.

Мит #3: Име со географска или политичка одредница за севкупна употреба е единственото можно решение
(Факт #3: Ако сме добивале поповолни предлози во и пред 2008, нема зошто да не добиеме и сега)

„Република Македонија-Скопје“ за билатерална употреба, плус уставното име за секаква останата употреба, е убедливо најповолниот можен предлог за Македонија, знаејќи дека логички поповолно би било само уставното име, кое доколку беше опција, немаше воопшто да се преговара две ипол децении. Сепак, корелацијата помеѓу меѓународните симпатии кон позицијата на Македонија во спорот и поволноста на предлозите на Нимиц, колку што ја оправдува владината стратегија, толку и ја охрабрува Владата да не прифаќа предлози што ваквата стратегија не би ја наградиле. Иако, се разбира, останува можноста дека кукавичлукот на Груевски, а уште повеќе суицидалната „антиквизација“ потоа, ја имаат оштетено позицијата на Македонија до степен што никакви симпатии нема да можат да вратат предлог како „Република Македонија-Скопје“ на маса.

Дури и последново да е точно, опцијата со која најмногу се шпекулира, „Нова Македонија“, сепак би била разочарувачка. Уште од самиот почеток на спорот, ние преговараме за изнаоѓање на наједноставната можна дистинкција помеѓу нашата држава и истоимениот регион во Грција, а Атина преговара за што посложена (и по можност хиерархиска) дистинкција. ФИРОМ, на пример, со оглед на двете содржани придавки и на експлицитната временска одредница, е совршена илустрација за решение по мерка на Атина. Истата временска инфериорност се содржи и во „Нова Македонија“, правејќи го оваа опција подеднакво нелогична знаејќи дека и двата засегнати ентитети се произлезени од еден ист историски регион: временска хиерархија меѓу нив не може да постои. Впрочем, предлогот „Нова Македонија“ бездруго ќе го добиевме уште по промената на власта без да покажуваме никаква конструктивност. Ќе биде поразително ако испадне дека бадијала со месеци сме им ги одземале „аргументите на тие што сакаат да ни го блокираат европскиот пат“ за да добиеме нелогичен предлог.

Подеднакво непродуктивно е поединечно да се дискутираат сите преостанати можни решенија. Дури и фразата „било што освен суштинско преименување“, која ја користи професорот Дескоски за да ги отфрли сите предлози што содржат одредница, е правно безначајна: секое преименување е подеднакво (не)суштинско. Впрочем, најдобар пример за апсурдноста на дискутирањето поединечни предлози е фактот што во досегашниот дел од спорот, непишано правило во нашата јавност (а и според „пара-преговарачкиот“ тандем Милошоски-Мијалков) беше дека политичка одредница е подобра од географска, при што најчесто дискутираната политичка одредница беше „Демократска“. Вреди да се потсетиме дека ваквата придавка не им донесе многу среќа на, да речеме, Демократска Република Конго или на Демократска Народна Република Кореја (Северна Кореја) во градењето демократски општества.

Мит #4: Времето работи за нас
(Факт #4: Времето не работи за нас)

Со оглед на гореспоменатата асиметрична природа на спорот, добар тајминг за решение може да биде само тогаш кога грчката влада е најзаинтересирана за такво нешто. Иако излитената парола во насловот на овој мит веќе одамна самата се разобличи под бремето на 27 години сиромаштија и иселување, вреди да се истакне уште една помалку позната причина за нејзината илузорност.

Грчката владејачка партија, Сириза, никогаш досега не била во ситуација да се изјаснува за формален предлог на Нимиц од позиција на власт. Сепак, нема никаков сомнеж дека оваа партија би била значително поотворена кон решение од опозициската Нова демократија, која според последните анкети ужива водство од 14 отсто во пресрет на изборите во 2019. За нас, уште позагрижувачки од фактот дека Нова демократија е партијата која беше на власт во фамозната 2008 е тоа што нејзин лидер денес е Кирјакос Мицотакис, син на нам добро познатиот грчки премиер од раните 90ти, Константинос Мицотакис, и брат на нам уште подобро познатата Дора Бакојани. Во 1993, Мицотакис загуби на парламентарните избори во Грција поради отцепувањето од неговата партија на Антонис Самарас, кое пак беше припишано токму на наводната „мекост“ на Мицотакис кон Македонија. Според неодамнешнте изјави на помладиот Мицотакис, тој веќе има цврсто одлучено да не се лизне на истата сопка како татко му. Оттука, евидентно е дека доколку не го решиме спорот пред претстојните грчки избори, нашите евроатлантски интеграции ќе останат блокирани барем до 2023, а веројатно и многу подолго со оглед на очајната состојба на грчката левица.

lider nova demokratija kirjakos micotakisЛидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис

Името ќе го даваме?

Во период на масовна параноја од „руско влијание“, проширувањето на НАТО, макар и кон една Македонија, како засега единствена нова можна членка на Алијансата, е несомнено поголем стратешки интерес за Западот одошто беше во 2008. Дополнително, силната надворешно-политичка офанзива која Владата ја практикува од првиот ден упатува на тоа дека е подготвена не само да го стави конечниот предлог на референдум, туку и да води активна кампања за негово усвојување. Оттука, со право се очекува меѓународната заедница да ни излезе во пресрет, односно ваквиот предлог или да гласи „Република Македонија-Скопје“, или доколку баш мора да содржи одредница, тоа да биде стриктно за билатерална употреба. Доколку Нимиц нè разочара, Владата треба добро да размисли дали да стави помалку поволен предлог на референдум, или да чека поповолен за да ги максимизира шансите референдумот да успее, но притоа и да ризикува губење на моментумот.

Она што е јасно е дека ниту оваа ниту која било друга анализа не може да советува како да се гласа на референдумот, бидејќи не се работи за рационално прашање, туку за субјективно. Дури и при најповолен предлог, на крајот, секој од нас ќе одлучува со сопствената совест: дали една апстракција како името на колектив во кој никој од нас не одбрал да се роди ни е поважна од шансата за подобро утре?

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Ставање крај на сексуалното малтретирање и злоупот...
Економскиот раст и развој во стапицата на медиокри...
 

Коментари 1

Анонимен - Славко on Вторник, 23 Јануари 2018 02:54

дали една апстракција како името на колектив во кој никој од нас не одбрал да се роди ни е поважна од шансата за подобро утре? - Или во превод - дајте да го смениме името за да можеме да си купиме нови коли и да одиме на одмор со повеке пари!
Авторот тука убаво објаснува дека целата кариера му е во странство, финансиран од странство!

дали една апстракција како името на колектив во кој никој од нас не одбрал да се роди ни е поважна од шансата за подобро утре? - Или во превод - дајте да го смениме името за да можеме да си купиме нови коли и да одиме на одмор со повеке пари! Авторот тука убаво објаснува дека целата кариера му е во странство, финансиран од странство!
Анонимен
Петок, 23 Февруари 2018
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: