fbpx

Политичка коректност или историски факти во односот со Бугарија

д -р Ненад Живановски

Јавен интерес

10.04.18

Прегледи

д-р Ненад Живановски

nenad ziavainovskiПолитичката коректност е американска иновација од крајот на седумдесеттите години на минатиот век, која се однесувала на јазик со кој се избегнувало да се упати навреда, особено кога се опишувале групи кои се идентификувале според надворешни карактеристики како раса, пол, култура или сексуална ориентација. Денес, нејзиното влијание ги надминува иднивидуалните обележја, сѐ повеќе дифузирајќи се во различни општествени сегменти, при тоа неодминувајќи ја и науката.

Иако, според потеклото, како што пишува професорот Томислав Шуниќ, политичката коректност настанала како неформална кованица на американските универзитети од страна на неконформистичките интелектуални кругови, како отпор и критика на мултикултурализмот и отвореното општество, овој израз на почетокот од 21-от век сѐ повеќе добивал критичка тенденција врзана со наводната или реалната политичка и законска репресија во либералните системи за инакумислечките. Според него, оние кои имаат пежоративен однос кон неа застапуваат стојалиште дека под политичка коректност потпаѓаат оние теми за кои владеачката елита и водечките медиуми во либералната демократија нерадо зборуваат или за нив е законски забрането критички да се зборува. 

Таквите критичари во јавниот дискурс во главните европски медиуми многу често се нарекуваат „фашисти“, „неонацисти“, „екстремни десничари“ што е една неконтролирана тенденција која доведува до reductio ad absurdum, тоест постапка која Лео Штраус (Leo Strauss) ја нарекува reductio ad hitlerum. За Штраус, целта на либералниот систем е интелектуалниот и политичкиот противник или некоја неомилена идеја да се оцрни со „фашистичка“ придавка, а себе да се прикаже како толерантен и демократски репрезент. Францускиот филозоф Ален Финкелкрот (Alain Finkielkraut) пишувал дека „постои типичен европски вид на политичка коректност, која се состои во тоа секаде да се гледаат фашисти“. Затоа, апологетите на либерализмот секоја општествена девијантност на либерализмот ќе ја оправдаат со тврдењето, како што пишува друг француски филозоф Ален де Беноа (Alain De Benoist) дека „во фашизмот или во комунизмот би можело да биде уште полошо“. 

Токму споредбата со минатите недемократски уредувања доведува до заклучок кај многу неконформистички интелектуалци дека политичката коректност во либералните општества не е ништо друго туку аналогија на она што претставувал вербалниот деликт во социјалистичките држави. За нив, поради својата семантичка растегливост, политичката коректност може да претставува и ревитализација на вербалниот деликт, но и да се подразбира како превенција од неприфатлив говор и табу теми за либералниот систем односно цензура, а кај самосвесните граѓани за автоцензура.

Покрај овие, критичарите на политичката коректност имаат и други изрази и кованици кои на Западот доста се врежани. Во опсег се и „нова инквизиција“ и „интелектуален тероризам“, а за актерот Чарлтон Хестон политичката коректност е „тиранија со манири“. Заеднички именител на сите им е дека се алудира на интелектуалната репресија во западниот либерален систем од страна на естаблишментот. Спомнатиот професор Шуниќ, во својата статија насловена „Јазична и законодавна репресија“, прави терминолошки преглед на синоними со кои се нарекува политичката коректност, при што наведува дека во француските критички неконформистички медиуми со децении се употребува сликовитиот збор „едноумие“ (pensѐe unique). Тоа е збор со кој во минатиот и во денешниот систем се отсликувал новинарот, академикот или политичарот кој е политички коректна личност која работи за „системот“. Француските критичари на политичката коректност, како историчарката Франсиз Том (Françoise Thom), го користат и изразот „дрвен јазик“ (langue de bois) за опис на бирократски јазик, кој во минатото бил исклучително пежоративен израз за јазикот на новинарите и политичарите во Источна Европа. 

И во Германија актуелноста на политичката коректност наоѓа свој пандан во минатиот режим, така што сѐ уште во употреба е зборот „бетонски јазик“ (Betonsprache), со кој поранешните антикомунистички гласила сатирички го опишувале јазикот на апаратчиците во бившата комунистичка ГДР. Меѓутоа, многу посвеж збор во германскиот јазик со кој се преведува политичката коректност е јазичната сложенка Gesinnungspolizei – збор кој би можел да се објасни како „етичка полиција“, која се повеќе се заменува со друга сложенка – Gedankenpolizei, односно „полиција за мисли“. Според германските критичари на политичката коректност, Gesinnungspolizei не подразбира само полициско-режимско критизирање на неконформистичките интелектуалци, туку и полициска контрола и санкции на нивните промисли и задни мисли. Затоа, голем број германски граѓани, а особено новинари и интелектуалци, поради оптовареноста на нивната земја со историското минато, должни се во интерес на политичката коректност, но и од страв од социјален остракизам, да практикуваат јазичка автоцензура (Шуниќ, Т.).

Но, не само во Германија, туку генерално тенденција на приврзаниците на политичката коректност е сѐ повеќе да ја импрегнираат во историографијата, „заштитувајќи ја“ актуелната политичка коњуктурност од непријатни факти од минатото.

blog10 04 2018

Извор: Patheos.com

Македонија помеѓу политичката коректност и историската фактографија

„На денешен ден, пред 76 години, двајцата првоборци Борка Талески и Лазо Филипоски – Лавски храбро загинале во крвава битка со бугарскиот фашистички окупатор кај селото Плетвар прилепско“.

Ова е вест објавена пред неколку седмици на еден од порталите. Дали е сѐ во ред со неа? Од јазичен аспект гледано сѐ е коректно и според правописот напишано. И содржински текстот е вистинит согласно македонската историографија. Сепак, во иднина оваа вест ќе биде непримерна повеќе вака да биде обавувана бидејќи нема да биде политички коректна иако јазично и историски е точна. Проблемот е во тоа што во неа се содржи синтагмата „бугарски фашистички окупатор“ која по потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, би требало да претставува инкриминирана описна одредница во македонските учебници по историја и за која премиерот Зоран Заев на 17 ноември 2017 год., за БТВ изјавил дека веќе е тргната од учебниците. Во неа спорно е што именката „окупатор“ и придавката „фашистички“ одат заедно со „бугарскиот“ и создаваат нов логичен ентитет, кој во поново време и сегашните околности може да создава анимозитет и негативен однос кон современа Бугарија и бугарскиот народ. 

Тоа е објаснувањето на официјална Бугарија кое не е без поткрепа во теоријата на политичката лингвистика и критичката анализа на дискурсот бидејќи придавките се тие кои вообичаено на именките им го одредуваат значењето, квалитетот или вредноста, а што е особено сензитивно во политичкиот дискурс. Така, на пример, за именката „министер“, можеме да немаме никаков вредносен суд, сѐ додека не биде објаснет со придавката „чесен“ или „корумпиран“ министер; исто така, неутрални сме и кога ќе го слушнеме зборот „држава“, меѓутоа нашиот однос кон неа веднаш ќе се профилира ако дознаеме од придавката за каква држава станува збор: дали е демократска или диктаторска. Дури и кон именката „војна“, која самата по себе претставува нешто лошо, можеме да имаме модалитети во вреднувањето доколку придавката нѝ го објасни видот на војната: ослободителна или освојувачка. 

Оттука, јасно е дека премногу честата употреба на формулацијата „бугарски фашистички окупатор“, иако е сместена во историски контекст и од тој аспект е вистинита, има потенцијал и може да влијае врз формирање или промена на свеста на читателот (а, историските учебници пред сѐ ѝ се наменети на младата популација) и да создаде когнитивно спознание дека придавката бугарско е нешто негативно, бидејќи оди слеано со фашисти и окупатори. Во таквиот ментален конструкт многу лесно може да дојде до занемарување на разликата меѓу она што е историски податок и сегашноста и симплифицирано да се заклучи дека она што е бугарско асоцира и на негативно, лошо, потценето, заканувачко, одбивно. На ваквата состојба упатува и објаснувањето на американскиот професор по психологија Филип Н. Џонсон-Лир (Philip N. Johnson-Lair) дека денес сè повеќе e прифатено дека конкретното производство на текст и неговото толкување се базираат на таканаречените модели или ментални репрезентации на искуствата, настаните или ситуациите од минатото, како и мислењата кои луѓето порано ги имаат стекнато. 

Ако е за утеха, проблемот со придавките не е само наша мака во односот со Бугарија. Неодамна сличен проблем се појави на релација Полска и Израел, затоа што полскиот парламент изгласал закон со кој се казнува јавната употреба на изразот „полски логори на смртта“, бидејќи имплицирал дека тоа се нацистички логори во кои биле убивани Евреите од Полјаците, а не дека само локациски припаѓале на територијата на окупираната полска држава. Јасно е од двата случаји дека придавките „бугарски“ и „полски“ се натрапникот кој создава проблеми и ги нарушува односите меѓу народите и државите.

Фашизмот нема нации, но има држави

Има ли решение кое ќе ја задоволи и политичката коректност и ќе биде во согласност со историската вистина? Одговорот е повторно во лингвистиката и може да биде многу едноставен – само треба да се направи супституција на придавка со именка. Конкретно, во нашиот случај изразот „бугарски фашистички окупатор“ да се замени со нов израз „окупација од фашистичка Бугарија“ (а во полскиот пример „полски логори на смртта“ со „логори на смртта во Полска“) и проблемот ќе биде апсолвиран. 

Историски непобитен факт во македонско-бугарските односи е дека на 18 април 1941 е потпишан Договорот помеѓу Цар Борис и Хитлер за приклучување на Бугарија на нацистичко-фашистичката Оска, што ќе трае во најголемиот дел од Втората светска војна, односно до септември 1944, така што не е спорно и за бугарската историографија дека во минатото Бугарија била и фашистичка држава. Во случајов, придавката „фашистичка“ пред Бугарија, освен што би го објаснувала политичкото уредување на државата, таа би била и историски локатор за кој период од постоењето на Бугарија станува збор и нема да има никакви допирни точки кои кореспондираат со современа Република Бугарија која според уставот е парламентарна демократија. Оттука, делумно е во право премиерот Зоран Заев, кога во спомнатото интервју вели дека фашизмот не е врзан за нациите туку со поединци користејќи го изразот само „фашистички окупатор“. Точно е дека на цела нација не може да ѝ се припише дека е фашистичка, но фашизмот има прецизна државна идентификација и многу добро се знае во кои држави претставувал општествено уредување. И тоа е факт кој не би требало никого во Бугарија да навредува, како што во светската историографија без проблеми се употребува „фашистичка Италија“ или „нацистичка Германија“ и тоа не ги повредува чувствата на граѓаните на овие држави.

Меѓутоа, и со прифатливиот израз „окупација од фашистичка Бугарија“, може да се отвори нов проблем, кој повторно може да внесе забуна во историските учебници. Ако немаме дилема кој бил окупаторот, а тоа е фашистичка Бугарија, може да е спорно прашањето кој бил окупираниот. Нашата историографија тврди дека окупирана била Македонија, мислејќи и правејќи континуитет со денешна Република Македонија. Од друга страна, во референтните речници (Cambridge dictionary, Collins dictionary, Merriam-Webster dictionary и Oxford dictionary) сублимирано под окупација се подразбира запоседнување, освојување на држава или дел од нејзината територија од страна на војска на туѓа држава, што се потврдува и во толкувањето на Дигиталниот речник на македонскиот јазик. Професорката Смиља Аврамов, во својата книга „Меѓународно јавно право“, за дефиниција на воена окупација го зема цитатот од Хашкиот правилник од 1907 во членот 42: „Територија се смета окупирана кога ефективно се наоѓа под власт на непријателска армија“. 

Кого окупирала армијата на фашистичка Бугарија во април 1941 година? Во тој момент единствената меѓународно призната држава на чија територија навлегла бугарската војска и ѝ објавила војна било Кралството Југославија, кое, иако капитулирало, неговата сѐ уште легитимна влада во егзил прогласила окупација на целата територија на кралството (кое постоело до ноември 1943, кога се прогласило републиканско уредување на државата). Оттука, окупацијата можела да биде само на тој државен субјект, вклучувајќи го и неговиот админстративен дел кој во моментот на окупацијата се нарекувал Вардарска бановина. Прашање за правната наука е дали може да постои формулацијата „окупација од фашистичка Бугарија на Македонија“, ако се знае дека Македонија како државно-правен субјект, кој можел да биде окупиран од армија на друга држава, не постоела? Историчарите треба да го задржат односот настаните и фактите да се толкуваат автентично, онака како што во историскиот момент се случувале и биле забележани.

Окупација или ропство?

Какво решение треба да понуди македонската историографија кое би било и правно-историски точно и прифатливо и за македосната и за бугарската страна? Ако е факт кој македонската историографија го афирмира дека современата македонска држава е помлада од македоскиот народ, т.е. државата постои од 1945, а (најголемиот) дел од населението во тогашна Вардарска бановина на денот на окупацијата од фашистичка Бугарија се чувствувало како Македонци, тогаш точната формулација повторно треба да се побара во политиколошкиот лексикон. Ако рековме дека држави се окупираат, што се случува со народот кога ќе дојде туѓа војска? Тој се поробува, живее во ропство и, консеквентно, се бори да се ослободи од ропство. Затоа, според мене, точната формулација која би требала да биде во употреба во македонските учебници по историја, а е во духот на политичката коректност, прифатлива и за бугарската страна, е „поробеноста (или ропството) на Македонците од фашистичка Бугарија“. 

Доколку современа Бугарија и нејзината историографија се спротивстават на формулацијата за поробување од фашистичка Бугарија на Македонците кои живееле на територијата на денешна Република Македонија и тврдат дека фашистичка Бугарија била ослободител, тогаш имаме проблем кој никаква политичка коректност и Договор за пријателство не можат да го надминат. Тука веќе станува збор за историска релативизација на фашизмот во Бугарија и негова афирмација како период со ослободителен карактер за Македонците, што не е само во судир со македонската историографија и државност туку и со темелите на европската цивилизација, која се заснова и на антифашизмот. Замислете некој германски историчар денес да каже дека со анексијата на Чехословачка во 1938 година, нацистичка Германија ги ослободила судецките Германци од чехословачкото ропство. И таму на денот на влегувањето на нацистичката војска дел од населението излегло да ги пречека со цвеќиња и поздрави, но тоа не е никаков аргумент дека нацистите биле ослободители.

Напомена: Мислењата и ставовите в оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

д -р Ненад Живановски

Д-р Ненад Живановски е независен новинар од Скопје, кој живее во Лондон. Има долгогодишно новинарско искуство, соработувајќи со медиуми од Македонија, Бугарија, Хрватска, Србија, Норвешка и Германија. Дипломирал новинарство и бизнис менџмент, магистрирал европски студии и докторирал општа и компаративна лингвистика на тема Говор на омраза во политичкиот дискурс во медиумите. Автор е на книгите „Некои аспекти на косовската криза - Косово меѓу историските митови и вистински европски проблем“, објавена во Германија на англиски јазик, потоа книгата „Говор на омраза“, објавена на англиски и бугарски јазик и „Говор на омраза - теоретски преглед и истражување Бугарија во македонските медиуми“, објавена на македонски јазик. Негов фокус на академски интерес се нормативите во политичкиот новоговор, геополитиката на Балканот и големите сили и современите односи меѓу балканските народи.