Крвавиот четврток - уривање на уставниот поредок

проф. д-р Светомир Шкариќ

svetomir skarik 200x250Препораките на ад хок Комисијата за испитување на уставноста на настаните од 24 декември 2012 година - „Црниот понеделник“ се` уште не се вградени во Деловникот на Собранието. Да беа вградени, веројатно, не би се случил „Крвавиот четврток“, ниту би се појавила пораката на Твитер во 2015 година од еден учесник во работата на комисијата, висок како кошаркар: „Ми се тепа комуњарка со стап за селфи“. Желбата му се исполни по две години, на 27 април 2017 година. Еден од неговите следбеници ја удри „комуњарката“ по глава со стап - потежок од оној за селфи, ја фати за косата и ја кутна на земја.

Насилниот упад во Собранието на РМ во приквечерието на 27 април 2017 година и натаму ја тресе македонската јавност како да се случил земјотрес од голема силина. Не помалку ја потресува и европската јавност, што се гледа и од Извештајот на Европската комисија за напредокот на РМ во ЕУ од 17 април 2018 година. Потресот ќе трае и понатаму, затоа што таков настан не се случил никогаш во историјата на парламентарната демократија од нејзиното воведување во 1689 година во Англија па до денес. А не треба да се случи ни во иднина, ни овде ни било каде на друго место во светот.

Суров и деструктивен настан

По својата острина упадот се покажа исклучително суров и деструктивен, а по бројот на насилниците масовен, како да станува збор за „бунт на масите“ за кој пишува шпанскиот филозоф Хозе Ортега и Гасет, голем поборник на Обединета Европа. Станува збор за бунт на „човекот - маса“ што не се потпира врз знаењето, што не го цени логосот, ниту преферира живот со норми, туку сака да „лета во воздух“, да биде „орхидеја без корен“, да владее варварски, без контрола: „Варварството е отсуство на норми и контрола од повисоките инстанци“.

Албер Ками е полуциден од шпанскиот филозоф кога го опишува „побунетиот човек“. Таков човек е личност што целиот свој живот прима заповеди, смета дека неговиот противник претерува и дека го надминува своето право, поради што треба да се елиминира или со страст или со умисла. Бунтот го храни од омразата кон противникот, стреми кон „бес до осквернување“ се движи од „лутина во лутина“, сеејќи страв насекаде, како Гневните во Француската револуција.

Стравот, пак, најдобро го опишува Зигмунд Бауман, полски социолог, оној страв што денес доминира во „флуидно општество“, во „флуидно време“ и во „флуиден живот“. Станува збор за „политиката на стравот“, што свесно се шири и размножува, што се потхранува од сопствените ресурси, што сака да биде perpetum mobile и инвестиција од највисок „комерцијален или политички профит“, да функционира во општество без закон, ред и поредок, како алтернатива на правната држава.

Во таков амбиент и со таква свест е извршен упадот во Собранието, од страна на учесници од различен профил - од обични луѓе и загрижени граѓани до актери, уметници, музичари, универзитетски професори, поранешни началници, полицајци, затвореници и маскирани лица со качулки. Сите под еден чадор - движење „За заедничка Македонија“. Притоа, упадот е извршен во координиција со пратениците од опозицијата и собраниското обезбедување. Напад и од надвор и од внатре, рамен на државен удар.

За време на упадот пред собраниската зграда имаше мал број полицајци, иако се знаеше дека конститутивната седница на Собранието се одвива во напната атмосфера и отежнати околности, со блокада и попречување на мирниот трансфер на власта од малцинство на мнозинство. Во исто време, од улицата пристигнуваа заканувачки пораки до парламентарното мнозинство, напишани на транспаренти: „Пратениците можеби ќе влезат во Собранието, но оттаму нема да излезат“. Или: „Да не сте помислиле претседател на Собрание да изберете во пауза. Ако го скршите Деловникот, народот ќе ве скрши вас!“ Силите на редот се правеа слепи и глуви, како да не гледаат и не слушаат ништо од она што се случува пред нив и во нивната околина.

Поттикнувачи на насилството

Народот се појави на улиците промтно, веднаш по повикот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ од 26 февруари 2017 година да се спречи формирањето на новата влада, откако во истиот ден лидерот на СДСМ обзнани дека се собрани потписи од 67 пратеници и дека може да формира влада. Тоа беше смртна вест за лидерот на партијата која освои најголем број пратеници во Собранието и која се сметаше за победничка со 51 пратеник: „Сите оние кои планираат да седат дома во влечки и да гледат телевизија верувајќи дека друг ќе им ја заврши работата за заштита на нивната држава, се во заблуда. Државата може во ваква ситуација да ја одбрани само народот. И само народот е тој што може тоа да го спречи и никој друг.“

Утредента, на 27 февруари на скопските улици се појави движењето „За заедничка Македонија“ со цел да го попречи парламентарнотоп мнозинство да ја преземе власта. Тоа беше критичен момент за уште поцврста блокада на трансферот на власта, потпомогната од поранешниот претседател на Собранието кој претседаваше со конститутивната седница и од претседателот на Републиката кој не сакаше да го довери мандатот на лидерот на противничката партија да формира влада. Трите највисоки личности настапуваа како „свето тројство“, единствени и со цврста волја да не ја предадат власта на противникот. Покажаа страст за власт, не помалку од ќерките на Кралот Лир - Гонерила и Регана.

Со партиска логистика, преку ноќ, почнаа да течат реки од демонстранти по улиците на Скопје, на потегот од Владата до Собранието. Владата требаше да остане „Бастиља“ - недостапна за новата власт, а Собранието - место за сурова пресметка со противникот и негово исцрпување до крај. Затоа во непосредна близина на Собранието се држеа запаливи говори од страна на поголем број личности од културниот, научниот и политичкиот живот во земјата. Гласот на говорникот требаше да има тежина, да се чуе и во пленарната сала, но и во целото општеството, да се претвори во „општествена власт“, посилна од државната власт.

Меѓу говорниците, не случајно се најдоа и двајца поранешни претседатели на Собранието, едниот со рејтинг во културата, а вториот во науката - доктор на правни науки од Љубљана и „шеф на катедра и професор по уставно право“ на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Нивните портрети висат во кабинетот на претседателот на Собранието, меѓу личности кои се сметаат за чесни. Но тие двајцата не би дозволиле покрај нивните портрети да виси и портретот на пратеник кој би бил избран за претседател на Собранието врз основа на туѓа ( Тиранска) платформа.

Постариот говорник одржа пократок и поумерен говор. Но, го употреби зборот „војна“, алудирајќи на присуството на демонстрантите – „нашето присуство е војна“. А со тоа веројатно сакал да испрати порака дека во времето на војна законите молчат, дека клопчето на стравот се одмотува без крај и дека може да настапи терор, односно да владее и страв. И така демонстрантите добија поттик да тргнат напред со чекор, од едно до друго насилство, да се потсетат на „Црниот понеделник“ и да стасаат до „Крвавиот четврток“.

Вториот, помлад говорник, покажа прекумерност, го распали уште повеќе гневот кај присутните, прогласувајќи го народниот собир за „сенароден парламент“ и за „собир што Европа го нема видено“. Без дистанца се стопи со демонстрантите во едно, стана дел од нивната енергија, покажа ист гнев, упатувајќи им закана на пратениците од парламентарното мнозинство дека растојанието меѓу нив и собирот е кратко, само 20 метри: „Ја осеќам енергијата на народот. Гневот на народот расте и тој си го бара суверенитетот назад на избори. Ние мора да расчистиме со тие велепредавници. Нека го вратат мандатот и нека се распишат нови избори. Сакам да ги потсетам дека нивниот мандат е добиен на измамнички начин. Ќе биде големо скрнавење ако таму стават слика на претседател избран на туѓа платформа. Растојанието до Собранието е само 20 метри“.

На говорот реагираше остро јавноста, веднаш по неговото одржување. Една новинарка, со бистро око, забележа како говорникот во приквечерието на 30 март 2017 година „нестрпливо потцупнувал“ со нозете чекајќи да земе збор на „еден хаотичен народен собир“, организиран од десната конзервативна партија, обвинета за злоупотреби во 11-годишното владеење, уназадување на демократијата, корупција и организиран криминал: „Го зеде микрофонот и рече дека народот може да се упати и кон зградата на парламентот, алудирајќи на насилно влегување во претставничкиот дом“. Новинарката, иако е инженер го забележа тоа што Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција се` уште го нема забележано - битието на кривичното дело поттикнување. Говорникот иако е „интелектуален колос“ и „елитен професор“ ја бранеше политиката на неказнивост на политичките елити, а не демократијата или уставното право како професор (Соња Крамарска, Разочаравте, професоре!, Утрински весник, 31.03.2017).

Поттикнувачи на упадот се и пратениците од парламентарното малцинство кои со умисла флагрантно го оневозможуваа конституирањето на Собранието во рок од 21 ден по завршените парламентарни избори од 11 декември 2016 година. Поттикнувач на упадот е и претседателот на Републиката поради кршење на одредбите од Уставот со кои се регулира мандатот за формирање влада. Поттикнувачи се и лицата што преку социјалните мрежи ширеле омраза кон политичкиот противник и нетрпеливост кон припадниците на втората по бројност етничка заедница во Македонија.

krvaviot cetvrtok urivanje na ustavniot poredokФото: Вартоломејската ноќ

Масакр во Собранието

Oд гледиште на подготовката на упадот, начинот на влегување во Собранието и суровоста на преземените дејствија против политичките противници, настанот од 27 април е неспоредлив со друг настан на загрозување на парламентот било каде во светот. Но, во значителна мера споредлив е со масакрот на хугенотите извршен од страна на католиците во Париз од 22 до 24 август 1572 година, познат како „Вартоломејската ноќ“. И таму и овде пресметката е подготвувана подолго време, со прикривање на вистинскиот режисер. Таму се случи убиство на водачот на хугенотите, адмиралот Гаспар де Колињи, а овде се планираше ликвидацијата на лидерите на две политички партии од редот на парламентарното мнозинство. Едниот беше згазен и фрлен на под, а вториот требаше да биде фатен со јамка околу вратот. Таму шефот на државата беше задскриен зад мајка му Катерина Медичи, а овде шефот на македонската држава зад партијата која го доведе на власт.

Судирот помеѓу католиците и хугенотите однесе голем број жртви. И овде можеше тоа да се случи, ако беше убиен еден од лидерите. Лесно можеше да се случи интеретничка и меѓуетничка војна од пошироки размери, со катастрофални последици за земјата. Уставниот поредок беше загрозен преку ширење страв (teror), со можност да се претвори во прав, во безредие и хаос, да се урне и да исчезне de facto и de jure.

Основното јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во Скопје, прво, во мај 2017 година, реагираше млако, подигајќи обвинение само против девет лица, за најлесно кривично дело од главата кривични дела против јавниот ред - спречување службено лице во вршење службено дејствие (чл. 382). Станува збор за кривично дело против јавниот ред, како делото да се случило на улица, а не во законодавниот дом. Делото се однесува на спречување на полицијата и на внатрешното собраниско обезбедување во вршењето на нивните службени дејствија, а тие не дејствувале во заштита на нападнатите, туку им се придружиле на напаѓачите или стоеле на страна, гледале сеир. Лидерот на СДСМ, како сведок, забележал дека полицијата била вмешана во нападот, постапувала така како што било смислено сценариото за негово убиство.

Подоцна, кога е сменет поранешниот Јавен обвинител на РМ, познат како заштитник на поранешната власт, Јавното обвинителство во март 2018 година подига обвинение против 30 лица од кои 28 за кривично дело - терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста (чл. 313) и две лица за помагање при вршење на наведеното дело (чл. 24). Делата се обични, а не политички кривични дела. Уставот на РМ изречно забранува дејствијата на тероризам да се сметаат за политички кривични дела (чл. 29).

Напаѓачите се вознемирени од квалификацијата на упадот, несфаќајќи дека зборовите „терор“ и „страв“ се еднозначни зборови, дека имаат ист етимолошки корен. Вознемирени се и од односот на обинителството и судот кон нив. Бараат кон нив да имаат понежен однос бидејќи се чувствуваат како патриоти - за луѓе кои ни по цена на живот нема да дозволат да се пее албанската химна во законодавниот дом или новиот собранискиот спикер да се избире со кршење на Деловникот. Не прифаќаат уметници, актери, поранешни министри, партиски функционери и пратеници од нивните редови да се третираат како терористи, за луѓе што промовираат страв.

Поуки од „Крвавиот четврток“

Крвавиот четврток остави длабока лузна, не само на жртвите. Предизвика чемер и кошмар и кај напаѓачите. Создаде големи тешкотии и за Јавното обвинителството и судовите. Правото е пред портите, се исправува достоинствено пред казнивоста и ја покажува својата надмоќ во однос на политичарите.

Упадот веќе се процесуира, се разложува на конкретни дејства, се утврдуваат битијата на кривични дела и следува одмерување на казните за поттикнувачите, помагачите и извршителите. Се прави тоа што студентите во шеесетите години од минатиот век го правеа на вежби и на испитот по предметот Кривично право на Правниот факултет во Скопје. Станува збор за комплексно кривично дело, со поголем број посебни кривични дела и за голем број соизвршители и извршители. Дела што се направени со страст или умисла, заради остварување на егоистични и партиски цели.

Оценките и поуките од крвавиот настан на 27 април веќе ги утврди ЕК во Извештајот за напредокот на Македонија од 2018 година. На повеќе места се зборува за тој настан, а оценката и поуките се одбележени во посебна рамка, за да власта во Македонија посвети поголемо внимание. Насилството се оценува како „напад на демократијата“, се бара одговорност за напаѓачите и се подвлекува потребата од итно зголемување на безбедноста во законодавниот дом.

Пред новата власт поставени се две крупни задачи - одново воспоставување на балансот помеѓу трите власти и претварање на Собранието во „форум за конструктивен политички дијалог“, со вклучување на опозицијата во законодавниот процес. Се бара и зголемување на законодавниот капацитет на Собранието и намалување на бројот на законите што се носат во скратена постапка.

Авторот на Извештајот одново го потсетува Собранието на потребата од имплементација на препораките на ад хок Комисијата за испитување на уставноста на настаните од 24 декември 2012 година. Препораките се` уште не се вградени во Деловникот на Собранието. Да беа вградени на време од претходната власт, веројатно, не би се случил „Крвавиот четврток“, ниту би се држеле запаливи говори во непосредна близина на законодавниот дом.

Не би се појавила ни пораката на Твитер во 2015 година од еден учесник во работата на наведената комисија, висок како кошаркар: „Ми се тепа комуњарка со стап за селфи“. Желбата му се исполни по две години, на 27 април 2017 година. Еден од неговите следбеници ја удри „комуњарката“ по глава со стап - потежок од оној за селфи, ја фати за косата и ја кутна на земја, со желба да не стане на нозе никогаш.

Џорџо Вазари, ја овековечи „Вартоломејската ноќ“ со огромна слика од која се гледа убиството на Колињи. А настаните во Собранието од 27 април се` уште чекааат на ред во ателје на некој македонски или странски уметник.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Gaudeamus igitur: за предлог-законот за високото о...
Лекарите да престанат да дефинираат што е „нормалн...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Сабота, 26 Мај 2018
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: