fbpx

Стратегијата за проширување на ЕУ за западнобалканските „економии со потенцијал“

Весна Гарванлиева Андонова

Јавен интерес

09.05.18

Прегледи

м-р Весна Гарванлиева

vesna andonova 200x250На Македонија ќе ѝ требаат 50 години со 5 отсто раст годишно за приходот по глава на жител да стигне до просекот на ЕУ.

Исполнувањето на економските критериуми за приближување кон Европската Унија сè уште е во втор план кога станува збор за потенцијалното пристапување на Македонија кон ЕУ. Доброто економското владеење сè уште зависи, пред сè, од исполнувањето на политичните критериуми и надминувањето на билатералните спорови. Сепак, еден од клучните приоритети на новата стратегија за проширување на Западен Балкан е унапредувањето на економијата преку подобро економско владеење кое пак се соочува со грандиозни предизвици, но и очекувања за исполнување на потенцијалот.

Перспективите и пораките на ЕУ

Во февруари оваа година, Европската комисија ја објави стратегијата за проширување на ЕУ за Западен Балкан. Во оваа именувана кредибилна стратегија јасно се укажува дека и Македонија може да добие препорака за отпочнување на преговорите, но под услов исполнување на низата критериуми.

И додека првиот критичен дел е потребата од значително зајакнување на владеење на правото во услови на заробени држави, организиран криминал и корупција и силна испреплетеност на јавниот и приватните интереси, вториот критичен дел се однесува на економиите во регионот.

Економиите на Западен Балкан во стратегијата се окарактеризирани како неконкурентни, со силно политичко влијание и значително неразвиен приватен сектор: „Ниту една од западнобалканските економии не може да се смета за функционална пазарна економија, ниту пак поседува капацитет да се справи со конкурентниот притисок на пазарните сили на Унијата. И покрај напредокот, многу структурни реформи остануваат отворени, кои имаат ефект врз пазарот на трудот и вработувањето на младите“.

Структурни реформи за искористување на потенцијалот

Приоритетите на поддршка за зајакнување на економијата во Стратегијата се однесуваат, пред сè, на потребата од зголемување на конкурентноста на регионот, наречен како регион со економски потенцијал.

Според Глобалниот индекс на конкурентност (GCI) на Светскиот економски форум, Македонија стагнира односно назадува, и тоа од оценка 4,3 во 2015-2016 година, на 4,2 во 2016-2017 година (на скала од 1 до 7), и од ранг 60 место, паѓа на 68 место (од 138 земји), со тоа што во последното рангирање и оценка (за 2017-2018 година) воопшто и не е во групата на земји кои се рангираат според овој глобален индекс.

globalen indeks na konkurentnost rang i ocenkaИзвор: Global Competitiveness Index reports, https://www.weforum.org

Како до поголема конкурентност? Стратегијата ја потенцира потребата на строги структурни реформи (одговор на структурните слабости, неефикасни и ригидни пазари) кои ќе одговорат на веќе утврдените и познати клучни предизвици на невработеноста, немањето деловни можности, потребата од економии базирани на вештини, соочени со неефикасен пазар, ниска продуктивност, непредвидливо и гломазно регулаторно опкружување, недоволен пристап до финансии, вкоренета сива економија, несоодветно политичко влијание, слаби политики за конкурентност, корупција.... но, структурни реформи кои се поддржани со соодветни економски и фискални политики.

И повторно се навраќаме на првиот приоритет на (неадекватно) владеење на правото и слабо функционирање на институциите, кои се основен предуслов за ослободување на економијата од состојбата на заробена држава за да се отвори можност за користење на наведениот економски потенцијал.

Назадување во „владеењето“

Имено, Македонија по однос на шестте индикатори на владеење (governance) (WGI) бележи стагнација или уназадување, посебно во последните неколку години и тоа во делот на владеењето на правото, отчетноста, политичката стабилност, контролата на корупцијата и други. Во споредба со останатите рангирани земји за контролата на корупцијата Македонија се наоѓа на перцентилен ранг од 46,63 (оценета подобро од 46,63% од испитаните земји), а за владеење на правото во перцентилен ранг од 41,82.

svetski indikatori na vladeenje wgi makedonijaИзвор: Податоци од Worldbank database, индикатори за владеење за Македонија, WGI World Governance Indicators, агрегатни и индивидуални индикатори за владеење (опсег на рангирање -2.5 (слаби) до 2.5 (силни) перформанси во владеење)

До каде сме со економското владеење?

Новиот пристап на Европската Унија во однос на економското владеење претставен во октомври 2013 година стана клучен столб во процесот на проширување. Основната цел на овој пристап е да им се помогне на земјите да се справат со економските фундаменти и да ги достигнат економските критериуми за влез во ЕУ. Подобрувањето на економското владеење кај земјите кои аспирираат кон ЕУ е важно за одржување на поддршката за проширување на ЕУ.

Сепак, предвидените агенди изготвени уште од пред децении, а кои се однесуваа на приближување кон економските стандарди за овие земји да станат консолидирани демократии, не ги исполнија очекувањата. Не земајќи ги предвид политичките аспекти, само оние земји (кои сега се дел од ЕУ) кои тргнаа со подобри економски параметри се поблизу до стандардите на посиромашните западноевропски земји. Извозот на земјите од Западен Балкан во просек учествува со околу 30 проценти во БДП (за Македонија тоа е околу 40 проценти) што е многу пониско во споредба со сличните по големина економии (кои се веќе во ЕУ) чие учество на извозот во нивниот БДП е 80 проценти.

ЕУ ја зајакна поддршката на економското владеење (economic governance) на земјите кандидати и потенцијалните кандидати во 2015 година за да ги подготви за евентуално учество во Европскиот семестар (рамка за координирање на економските политики на државите во ЕУ). Од 2015 година, сите земји-кандидати и потенцијалните кандидати доставуваат годишни програми за економски реформи (ПЕР) до Европската Комисија. Овие програми се проширена верзија на претходните претпристапни економски програми (ПЕП) за земјите кандидати. ПЕР ги содржат среднорочните макроекономски мерки, буџетските планови за наредните три години и агендата за структурни реформи. Тоа значи, структурни реформи за зголемување на конкурентноста и подобрување на условите за инклузивен раст и отворање нови работни места. Претходните ПЕП програми не беа спроведени и тоа поради неефикасноста во управувањето со јавните финансии и непочитувањето на сопствените фискални правила. Планот за консолидација на буџетскиот биланс (намалување на буџетскиот дефицит) никогаш не беше постигнат, не се почитуваа сопствените фискални правила и постоеше јасно изразена пристрасност кон дефицитот (deficit bias) т.е. тенденција на зголемување на дефицитот и јавниот долг.

И во оваа стратегија ЕУ ги нарекува ПЕР важна вежба, но последниот извештај за спроведување на програмата за економски реформи за 2016 година укажува на продолжување на праксата на неспроведување, односно за 2016 година Македонија бележи ограничено спроведување на програмата од само 16,7 поени (на скала до 100), ставајќи не на самото дно од сите земји од Западен Балкан (не сметајќи ја Турција).

Потребни се децении....

Оптимистичките економски предвидувања за економски раст со тековните стапки на раст за Балканот, но и за Македонија укажуваат дека ќе бидат потребни пет децении приходот по глава на жител да конвергира до просекот на ЕУ и тоа со подобри резултати од тековните. За Македонија тоа значи пет децении доколку имаме раст од 5 проценти годишно.

konvergencija na bdp po zitel mk nasproti eu prosekИзвор: Пресметки на авторот, теорија за конвергенција, просечни стапки на раст од ЕУРОСТАТ и ДЗС

Ризиците остануваат дома

Главните ризици остануваат на домашен план (приоритети остануваат политичките критериуми и решавањето на билатералните спорови) и откако тие ќе се решат можеме да зборуваме за економските критериуми и за потребата од подобро економско владеење. Но, со ризиците доаѓаат и можностите за напредни структурни реформи, со ЕУ агендата за пристап која може да ја забрза перспективата за раст на земјите, и тоа преку подобрени фискални политики преку пренамена на нетаргетираните расходи кои се наменети за социјални мерки кон инвестиции за поголема продуктивност. Секако регионалниот пристап може и треба да се искористи за заеднички раст и развој.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Весна Гарванлиева Андонова

Весна Гарванлиева Андонова магистрира деловна администрација на Универзитетот Лајден, Холандија од 2006 година. Таа е постар истражувач во Центар за економски анализи (ЦЕА) во областа на микро и макро економија, деловно опкружување, анализа на политики итн. Поседува повеќегодишно искуство во областа на управување на деловен развој и проектно управување.