Ирина Тошева е македонска модна дизајнерка позната по својот креативен активизам и уникатниот пристап во кој модата ја користи како средство за едукација, подигање на јавната свест и општествена промена. Нејзините креации често се инспирирани од културното наследство и природата, а преку нив отвора важни теми – од зачувување на биодиверзитетот, до социјална рехабилитација и женско економско зајакнување. Во најновиот проект, таа традиционалната носија ја поврза со загрозената пеперутка сивка (македонска сивка), претворајќи ја модата во визуелен јазик што зборува за заштита, надеж и метаморфоза.
Во ова интервју, Тошева зборува за инспирацијата зад креацијата, за процесот на дизајнирање, за симболиката на пеперутката и културното наследство, но и за тоа како модата може да стане моќна алатка за подигање на свеста, социјална правда и нови почетоци.
Што ве инспирираше да ја поврзете традицијата со загрозената пеперутка сивка?
Модата не е само естетика и убави фустанчиња, туку може да биде средство за промена и разбудување на свеста. Сивката ја гледам како симбол на нежност и кревкост, но и на отпорност – слично како културното наследство што бара заштита и ново вреднување. Токму затоа ја поврзав со килимот со традиционални елементи.
Како ја откривте приказната за оваа пеперутка и нејзината загрозеност?
Благодарение на петицијата на ИКС и ДОМА ја открив приказната за сивката, што веднаш ме „закопка“ и ме поттикна да ја истражувам подлабоко. Креативниот активизам е составен дел од мојата работа, па ја видов како можност да ја искористам модата за да го насочам вниманието кон потребата од заштита на биодиверзитетот. Верувам дека визуелниот јазик на модата може да допре многу подалеку од научните или институционалните кругови и да ја вклучи пошироката јавност.
Зошто токму пеперутка – што симболизира таа за Вас во контекст на модата и културното наследство?
Пеперутката за мене симболизира метаморфоза, обновување и деликатна рамнотежа. Како што ја користев тежината на килимот за да зборувам за тешките историски периоди, така и сивката ја внесов како симбол на нов почеток и надеж. Нејзината кревкост и издржливост се метафора за тоа каква треба да биде и модата – нежна кон околината, но доволно силна за да предизвика промена.

Како изгледаше процесот на дизајнирање – од идеја до готов производ?
Јакната е изработена како дел од летната школа „Турска мода“ (Türk Modası Yaz Okulu) која се одржа во јули 2025 година во Истанбул, Бурса и Газиантеп, организирана од страна на Јунус Емре Институтот. Дизајнот ја истражува културната блискост меѓу Турција и Македонија преку симболично спојување на традиционалните занаети.
Процесот започна со потрага по совршениот килим уште во јуни. Случајно, во антикварницата во Македонско село, го здогледав вистинскиот, со средиште каде што стоеше името на ткајачката, Велика. Тоа „потпишување“ беше за мене најубавиот симбол на женската занаетчиска историја и личен белег во традицијата.
Кроењето бараше многу внимание, сакав секоја страна од јакната да носи различна шара и боја, а во исто време материјалот е густ и лесно се откајува. Ракавите беа инспирирани од крилјата на македонската сивка, што додаде уште еден слој симболика.
Во процесот вметнав и техника инспирирана од 3Д – изработките што ги видов за време на школата, како чин на оживување на заборавени занаети.

Кои елементи од традицијата се задржани, а кои се преобликувани со мотиви од сивката?
Дезенот на килимот со неговите најразлични форми го задржав како носител на културниот код. При кроењето, посебно внимание посветив на горниот дел од ракавот, кадешто има еден симбол како „окце“ што го забележав во горното крилце на сивката. Тој елемент го доработив со 3Д-вез, што му даде дополнителна длабочина и го направи уште повпечатлив.
Каква порака сакате да испратите со ова дело – дали е повеќе за зачувување на културното наследство или за еколошка свест?
Двете се неразделни. Модата треба да биде платформа за чување и на културата и на природата. Со овој дизајн сакав да покажам дека загрозените видови и културното наследство имаат нешто заедничко – ако не се негувани и почитувани, можат да исчезнат.

Дали сметате дека модата може да биде ефикасен начин да се подигне јавната свест за загрозени видови и да поттикнат институциите повеќе да се грижат за природата?
Модата зборува на јазик што е универзален и визуелно моќен. Кога една креација како оваа јакна ќе се појави на сцена или на фотографија, таа станува медиум за порака. Така, свеста не останува само во рамките на екологијата или етнологијата, туку допира до поширока публика. Многу луѓе ми кажаа дека преку овој дизајн првпат слушнале за македонската сивка и дека веднаш ја поддржале нејзината заштита. Тоа е доказ дека модата може да биде искра што иницира дијалог и акција.

Како што пеперутката сивка ја симболизира кревкоста, но и потребата од заштита и нов почеток, во Вашиот ангажман постои уште една силна порака – работите со жени осуденички во Идризово кои везат и шијат. Какво искуство е тоа за Вас и што тие внесуваат во самиот процес?
Работата со жените од КПУ Идризово е процес на рехабилитација, повторно градење на самодоверба и враќање на гласот преку рачната работа. Тие внесуваат човечка приказна во секоја креација, правејќи ја уште повредна.
Дали сметате дека ваквите проекти можат да помогнат модата да стане алатка и за социјална рехабилитација и економско зајакнување на жените кои се дел од него?
Модата е мост меѓу културата, природата и социјалната правда. Кога жените стекнуваат нови вештини, добиваат чувство на припадност и можност повторно да придонесат, тоа е повеќе од креативен чин, тоа е менување судбини. Со ова модата станува алатка за нови почетоци и за враќање на достоинството.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Фотографии: Дарко Андоновски и приватна архива
