Некогашниот дописник од Москва Мирче Адамчевски сѐ уште е неприкосновен соговорник кога станува збор за односите помеѓу Македонија и Русија. Со него зборувавме за руското влијание во нашата земја, за кое тој смета дека е занемарливо, за „титулата“ херој што некои кругови кај нас му ја дадоа на Путин, и за пропагандата на Кремљ која, вели Адамчевски, не може да фати корен овде, бидејќи земјава има јасна надворешно-политичка ориентација.
Дали Русија успеа да го наметне во Македонија својот наратив за војната што ја поведе против Украина?
-Не можам да тврдам, сметам дека Русија директно не ни имала намера во Македонија да го наметне наративот што го споменувате. Обидите за наметнување на тој наратив се сконцентрирани кон Западот пред сѐ, потоа и ширум светот, а Македонија е на периферијата на тој бран. Интересот на Русија не е што ќе мислат Македонците. Такви напори имаше во годините кога се уриваше власта на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Груевски. Тогаш руската пропаганда беше директно насочена кон Македонија, што сега не е случај.
Од друга страна, колку се присутни про-руските сентименти меѓу граѓаните во нашата држава?
-Ги има доста. Можеби поради славјанството или православието. Но, кај нас многу се присутни и западни чувства. Е сега, дали про-руските се искажуваат повеќе од анти-руските, пред сѐ на социјалните мрежи, па се чинат поприсутни, не можам да тврдам. Но, ги има, што може да се забележи и во другите земји од Балканот. Па дури и кај членки на НАТО и ЕУ. Значи, Македонија не е изолиран пример во тој поглед.
Дали усогласеноста на нашата надворешна политика со онаа на ЕУ кон Русија има поддршка кај обичните граѓани во земјава?
-Граѓаните на Македонија во многу мал број знаат за усогласеноста на нашата надворешна политика со ЕУ. Тоа е проблем на државата. Народот повеќе е загрижен за економијата, за социјалата, за сиромаштијата, за корупцијата. Тоа е нашето секојдневие, а не надворешната политика. Да не беше последниот извештај на ЕУ во кој нѐ пофалија за таквиот однос кон Русија, многумина и не ќе знаеја за тоа. Како што кажав, на народот таа тема не му е блиска. Не знам, не сум видел некои анкети на таа тема… Но, сигурно тоа прашање би било на дното од интересот.
Путин херој само на социјалните мрежи
Зошто, и покрај општите оцени дека Путин изврши агресија врз Украина, некои овдешни кругови сѐ уште го сметаат како херој?
-Сам против сите! Се шегувам. Ви одговорив кај првото прашање. Пропагандата руска и односот на Западот си го прават своето. И за ова треба да се направи анкета, која би дала релевантен резултат за кој би можело да се дебатира. Впечатокот за Путин како „херој“, кај нас, повеќе се наметнува од социјалните мрежи, отколку што е во стварноста. Инаку, на социјалните мрежи ист е впечатокот, ако ги следите нив во регионот, дури и кај членки на НАТО и ЕУ.

Дали присуството на проруски телевизии (Хепи, Клик, Прва на Телекабел) во македонскиот етер е дел од пропагандата на Русија или се случајност?
-Не би се согласил за пропаганда во Македонија. Во Србија, во Босна (Република Српска), да. Но, тоа таму е дел од државната политика. Затоа тие се на тапет во ЕУ. Тоа учество кај нас, во ширењето на ставови за Русија од Србија кон Македонија, е минорно. Според некои податоци, уделот на таа телевизија во вкупната гледаност во Македонија е околу 4,5 проценти. Ќе повторам, главните извори на руските наративи се социјалните мрежи ФБ, Твитер, Инстаграм, и други, како и Ју-тјуб и други слични извори. Народот сѐ помалку гледа телевизија, освен повозрасните, ниту чита весници. А младите „киснат“ на Интернет.
Сепак, колку таквата пропаганда може да фати корен во Македонија?
-Веќе одговорив. Треба да се видат резултатите од некое истражување. Па да се зборува дали фатило или дали може да фати корен во Македонија. Лично сметам дека не може да фати корен. Македонија ја демонстрираше официјално својата определба. Но, неа и треба политика и државно водство што ќе работи на нејзината реализација и, секако, поттик од партнерите, а не политика на двојни стандарди. Во таков случај работите ќе го добијат својот природен тек.

Кои се причините што, и покрај огромните финансиски вложувања на САД и ЕУ во Македонија, македонските граѓани на Русија сè уште гледаат како на пријателска држава?
-Македонските граѓани не знаат колку пари дале САД и Европската Унија. Тие бројки се појавуваат само во одредени ситуации. Кога треба Македонија да се убеди во нешто. На пример, да донесе некоја тешка политичка одлука. За такво нешто не се труди ниту државата. Но, затоа тие, граѓаните, се „кивни“ на ЕУ за политиката кон нашето придружување во Унијата. Односот кон САД е подруг. Граѓаните се по благонаклони кон американската политика кон нас, барем сега. Но, нема ништо лошо во некоја држава да се гледа пријател. Ако не дава пари колку ЕУ и САД, не значи дека треба да се смета за непријател. И Кина и Индија не даваат пари, но не ги сметаме за непријатели. А други земји од нашето опкружување, исто што не даваат пари, ги сметаме за „непријатели“!
Колку издржливоста на Русија во активното војување со Украина придонесува за јакнењето на наративот меѓу дел од македонското граѓанство дека е во право во мисијата за „ослободување“ на Украина?
-Мојот впечаток е дека граѓанството не ја гледа војната во Украина како мисија на „ослободување“ на Украина. Тој наратив многу малку може да се сретне. Повеќе се гледа како судир меѓу Западот со Русија во која Украинците се „топовско месо“. Руската пропаганда успеа, кај неа, во земјата, да го наметне наративот дека станува збор за судир со Западот. Тоа можеше да се предвиди уште на почетокот на руската инвазија во Украина. А постепено и со изјавите дека Русија „треба да се уништи“. Кон ова се додава дека, еве Западот и дава оружје и пари на Украина, што обичниот Русин го толкува како војна со Западот. Тој наратив полека се ширеше низ светот, па и кај нас во што придонесоа и некои западни политичари со непромислени изјави. Резултатите од таквиот однос се пред нас.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Соња Крамарска
Фото: Наке Батев
