Актуелната политичка ситуација во светот, која се карактеризира со растечки тензии меѓу Европската Унија и Соединетите Американски Држави, го поставува прашањето колку таквите пореметувања можат да влијаат на европскиот пат на земјите од Западен Балкан.
Во време кога ЕУ се соочува со сериозни предизвици – од војната во Украина, редефинирањето на трансатлантските односи, па сè до неочекувани кризи како што е ескалацијата на американските амбиции кон Гренланд – се поставува прашањето дали проширувањето повторно ќе падне во втор план. Токму ваквата веројатност има потенцијал да ги забави реформските процеси во балканските држави, да го зголеми евроскептицизмот и да отвори простор за тоа политичките елити да ја оправдуваат сопствената неефикасност со наводната незаинтересираност на Брисел.
Односите меѓу ЕУ и САД се во турбулентна фаза веќе неколку години, но спорот околу Гренланд дополнително ги влоши трансатлантските тензии. Според анализите на Советот за надворешни односи, европските лидери се соочуваат со притисок од САД и со закани од царини, додека Вашингтон сè поотворено ја разгледува можноста за преземање контрола врз Гренланд, што би претставувало преседан и директен удар врз суверенитет на Данска, која е членка на ЕУ.
Европскиот одговор е во вид на обиди за смирување на ситуацијата и јасно отфрлање на американските амбиции, со предупредувања дека таков потег би можел да има „невидени последици“, како што истакна францускиот претседател Емануел Макрон.
Во исто време, анализите на Атлантскиот совет укажуваат дека американската администрација дополнително ја ескалирала својата реторика, заканувајќи се со царини и притисок за забрзување на преговорите за Гренланд, додека европските земји се обидуваат да избалансираат помеѓу дипломатски отпор и избегнување на ескалација на трговската војна. Ваквата динамика секако дека ја исцрпува политичката енергија и го поместува фокусот кај европските институции.
Брисел во последниве години го интензивираше ангажманот на Арктикот, вклучувајќи ја и зголемената финансиска поддршка за Гренланд, како дел од поширока стратегија за зајакнување на европското присуство во регионот и како одговор на американските амбиции. Таквиот ангажман, иако стратешки оправдан, го поставува прашањето за приоритетите: дали ЕУ може истовремено да ја води борбата за зачувување на суверенитетот на своите членки, да управува со кризи во соседството и да одржува кредибилен процес на проширување?
Искуството покажува дека во време на големи кризи, ЕУ честопати ги забавува оние процеси што бараат политичко внимание и консензус. Анализите на тинк-тенковите покажуваат дека проширувањето со години е заложник на внатрешната политичка динамика која постои во земјите-членки, вклучително и злоупотребата на ветото и растечкиот скептицизам кон приемот на нови членови. Доколку Брисел биде дополнително оптоварен со геополитичкиот натпревар околу Гренланд, реално е да се очекува дека проширувањето повторно ќе падне пониско на листата на приоритети.
Директорот на Иницијативата за надворешна политика на БиХ (Федерација Босна и Херцеговина), Харис Ќутахија, изјави за Рес публика дека актуелните глобални превирања јасно ја потврдуваат тезата на канадскиот премиер Марк Карни дека меѓународните односи фундаментално се менуваат, но дека новата реалност може да претставува и нова можност за земјите од Западен Балкан.
„Европската Унија во моментов е во процес на редефинирање на своите односи со Соединетите Американски Држави, особено во контекст на трговските спорови и пошироката промена на надворешната политика на Вашингтон. Сепак, ова не мора да значи забавување на европскиот пат на Западен Балкан. Напротив, логичниот одговор на ЕУ на растечката глобална нестабилност треба да биде зајакнување на внатрешната кохезија и на политичката интеграција, што вклучува и забрзување на процесот на проширување. Во оваа смисла, Западен Балкан може да стане дел од решението за стратешко зајакнување на Европа, а не нејзина колатерална штета“, вели Ќутахија.

Влијание врз реформските процеси во балканските земји
Земјите од Западен Балкан подолго време се соочуваат со „замор од реформи“, делумно поради бавноста на процесот, а делумно поради внатрешни политички пресметки. Анализите покажуваат дека поддршката за интеграцијата во ЕУ во регионот е стабилна, но придружена со растечка фрустрација поради бавниот напредок и перцепцијата дека ЕУ не е доволно посветена на регионот.
Ваквата перцепција би можела дополнително да се влоши ако балканските држави проценат дека Брисел е преокупиран со други кризи. Извештаите на ЕУИСС истакнуваат дека балканските лидери честопати го користат процесот на проширување како политичка алатка за да извлечат одредени отстапки или да ја префрлат одговорноста за сопствените неуспеси врз ЕУ. Ако ЕУ дејствува незаинтересирано, таквиот наратив станува уште поубедлив.
Евроскептицизмот во регионот е веќе присутен, особено во Србија, каде што поддршката за членство се намали на 34 проценти во 2024 година, според Балканскиот барометар. Анализата на Милица Увалиќ дополнително нагласува дека долготрајната неизвесност и бавноста на процесот создаваат чувство на предавство и неправда, што отвора простор за наративи за алтернативни партнерства, вклучувајќи ги Русија и Кина.
Ќутахија вели дека евентуалното намалување на незаинтересираноста за приклучување кон Европската Унија во голема мера зависи од конкретната земја и нејзиниот политички и медиумски контекст.
„На пример, во Србија веќе постои реална можност за понатамошно намалување на поддршката за членство во ЕУ, со оглед на тоа што влијанието на Унијата на глобално ниво се перципира како ослабено, првенствено поради турбуленциите во односите со САД и зајакнувањето на другите центри на моќ. Од друга страна, во делови од регионот, вклучувајќи ги Босна и Херцеговина, Црна Гора или С. Македонија, оваа глобална прераспределба на моќта може да има спротивен ефект. Граѓаните сè повеќе разбираат дека светот повторно се поларизира и дека стратешкото врзување е клучно, при што ЕУ сè уште е најстабилната и најпредвидлива политичка и економска рамка.“
Наративот за „незаинтересираност кај Брисел“
Политичарите во регионот со години ја користат ЕУ како погоден виновник за домашните проблеми. Како што забележува ЕУИСС, владите во регионот честопати го инструментализираат процесот на проширување за да го прикријат недостатокот на реформи, тврдејќи дека стагнацијата е резултат на „неправедни“ барања од ЕУ или на недоволната поддршка.
Во таков контекст, секое одвлекување на вниманието на ЕУ, макар тоа да е и привремено, станува идеален изговор. Ако Брисел е фокусиран на Гренланд, трговските војни со САД или на домашните реформи, балканските елити ќе го искористат тоа за да ја оправдаат сопствената пасивност. Ова веќе е видено во случаи кога билатералните спорови меѓу членките на ЕУ го имаа блокирано напредокот на поединечни кандидати, што локалните политичари веднаш го претворија во аргумент против реформите.
Ќутахија потенцира дека локалните политички актери претходно користеле многу послаби изговори за да избегнат реформи, а геополитичките турбуленции само им ја олеснуваат таквата стратегија.
„Ова е особено изразено во Босна и Херцеговина, каде што политичките претставници од ентитетот Република Српска многу веројатно ќе се обидат да ги искористат глобалните кризи и наводната преокупација на Брисел за тоа дополнително да го забават или блокираат европскиот пат на земјата. Во оваа смисла, одговорноста не е само кај Европската Унија, туку и кај домашните елити кои селективно ја користат перспективата на ЕУ, како реторичка алатка, а не како вистинска рамка за реформи“, заклучува тој.
Иако постојат голем број на предизвици, ЕУ продолжува да испраќа сигнали дека проширувањето останува стратешки приоритет. На самитот ЕУ-Западен Балкан во 2025 година, европските лидери ја повторија својата „цврста и недвосмислена посветеност на европската перспектива на регионот“ и нагласија дека забрзувањето на процесот е можно со кредибилни реформи на партнерите.
Сепак, реалноста е таква дека секој нов геополитички притисок, вклучително и спорот со Гренланд, ќе го отежни одржувањето на тој фокус. ЕУ веќе се соочува со внатрешни поделби, економски предизвици и растечки притисоци врз нејзиното единство. Во едно такво опкружување, проширувањето е можно да биде колатерална штета.
Спорот околу Гренланд и затегнатите односи меѓу ЕУ и САД не се само билатерални прашања; тие имаат потенцијал да ги преобликуваат приоритетите на европската политика. Доколку Брисел е принуден да се занимава со кризи што бараат итен и координиран одговор, проширувањето веројатно ќе биде тргнато во втор план. Ова би можело да ги забави реформските процеси во балканските држави, да го зголеми евроскептицизмот и да им обезбеди на политичките елити дополнителен простор за манипулирање со наративот за „незаинтересираност кај Брисел“.
Сепак, европскиот пат на Балканот нема да биде запрен, но истиот ќе бара постоење на поголема политичка волја, повеќе реформи и поголема стратешка комуникација, како во регионот, така и во рамките на самата ЕУ.
