Василевски: Нискиот степен на безбедносна култура е нашата најголема ранливост

Интервју

25.03.26

Прегледи

Глобалните безбедносни предизвици, кои се тема број еден во светот, не ги заобиколија ниту регионот ниту Македонија. Токму затоа разговаравме со Горан Василевски, армиски полковник во пензија и поранешен раководител на военото разузнавање, при што споивме две горливи теми – безбедноста на државата и странското мешање и манипулирање со информации. Тој вели дека циркулирањето на полувистини или намерни дезинформации е често во денешната ера на лесен пристап до огромен квантум податоци. Во врска со безбедноста која е сѐ поактуелно прашање, потенцира дека т.н. „пристап 360“ на НАТО е доволен гарант за нашата земја. Како човек од најчувствителниот безбедносен сектор, нашиот соговорник го критикува јавното покажување на безбедносни сертификати, како што имаше примери, и укажува на ниска безбедносна култура за која вели дека е широко распространета во нашето општество.

Дали забележувате циркулирање на дезинформации или полуинформации кај нас кои потекнуваат од странски играчи или земји?

-Пред сѐ, кога станува збор за вакво прашање, сметам дека одговорот не смее да се базира на чија било индивидуална перцепција, па дури и доколку прашањето е упатено кон лице со долгогодишно професионално искуство од оваа област. Една од причините за ваквиот личен пристап е поради склоноста на луѓето, појавите во општеството да ги гледаат и да ги проценуваат од сопствената, субјективна призма, која не секогаш содејствува со објективната состојба. Сепак, ќе си дозволам да изнесам мислење дека примери за пласирање на информации кои претставуваат лажно креирана слика за одредена појава или состојба во едно општество, е дамнешна, речиси вообичаена пракса на одредени земји или сојузи, со интенција да се оствари влијание и контрола врз земја или регион,  кои се избрани како цел. Крајната намера секогаш е иста, а тоа е: спинување на реалноста за да се манипулира пошироката јавност и да се создадат најповолни можни услови за влијание, по можност и контрола на власта или одредени нејзини сегменти, со што ќе се отвори патот за владеење со пулсот во таргетираното општество. Оттука, ниту нашата држава може да биде изземена, ниту пак имуна на ваквата пракса, како во минатото така и денес.

Притоа, да одговорам директно на Вашето прашање, циркулирањето на полувистини информации или пак, со умисла пласирани дезинформации е особено изразено во денешната ера на лесен пристап до огромен квантум нефилтрирани податоци, кои лесно можат да ги доведат до заблуда, не само граѓаните, туку и институциите задолжени за креирање и за водење политика, односно оние кои се задолжени за заштита на безбедноста во секоја држава. Впрочем, од осамостојувањето до денес, нашата држава во континуитет била цел на дејства, преку кои една или сојуз од повеќе држави имале за цел да остварат свои политички или национални проекции.

Македонија под постојана пропаганда

Воените дејствија на Блискиот Исток предизвикуваат извесна психоза и во Македонија. Колку тоа создава плодна почва за вмешување на странски актери и манипулирање со  информации?

-Ќе си земам за слобода да кажам дека Македонија, од почетокот на деведесеттите години на минатиот век, до денес, ретко кога имала период да не биде под директно или индиректно влијание на воена или пропагандна психоза однадвор кои ги доведувале или сѐ уште ги доведуваат во прашање нејзината сувереност и територијален интегритет. Имено, првата жртва од крвавото раздружување на СФРЈ беше токму од Македонија, па следуваа епизодите од Чупино брдо и атентатот врз Претседателот Глигоров (и сè тоа додека сè уште траеја борбите во Хрватска и БиХ), преку настаните во Албанија во 1997 година и воените дејства во 1999 година на Косово и територијата од тогашната СРЈ со кои граничиме, сѐ до интерниот конфликт на почетокот од овој милениум на наше тло и бегалската криза предизвикана од воени дејства во Сирија и неколку други региони од светот.

Паралелно со тоа, имавме, но и сѐ уште имаме обиди за влијание на странски актери од непосредното соседство и пошироко, за пласирање на дизајнирани информации во обид да се креира и реализира посакувано сценарио за спроведување на политики кои би ја опструирале интеграцијата на нашето со модерните демократски општества. Лично сметам дека ваквите странски интервенции имаат делумен успех, кој во одредени периоди е помалку или повеќе изразен. Воедно, нема сомнение дека и актуелната состојба на Блискиот Исток се користи или ќе биде искористена за пласирање на тенденциозно дизајнирани информации преку кои, одредени странски актери, ќе целат да предизвикаат за нив посакуван развој на настаните во Македонија и по можност да создадат услови за реализација на своите политички, национални, религиски или економски цели.

goran vasilevski intervju 1

Како да се заштити државата од такви појави? Што треба да прават институциите?

-При ваква експлозија на информации каква што имаме денес и лесниот пристап до истите, заштитата од дезинформации, нималку не е лесна. Впрочем, и Европскиот парламент, препознавајќи дека дезинформациите ги поларизираат општествата и нивните граѓани, укажува на штетноста од ваквата појава, давајќи притоа и насоки за заштита како што се: внимателност при пристапот кон одредени наслови и содржини, проверка на веродостојноста на одредена содржина, проверка на изворот кој ја пласира веста и споредба со други извори. Притоа, во овие насоки се потенцира потребата од внимание на мултимедиската содржина на информациите кои се надополнети со фотографии и сè почесто со видео записи кои се моделирани за манипулација и поефикасно пласирање на дезинформациите до пошироката јавност.

Кога зборуваме за заштита, би рекол дека најефикасна одбрана од дезинформациите е медиумската едуцираност на граѓаните, која пак, ако сме објективни, навистина не е лесно да се постигне. Особено ако го имаме предвид спектарот на влијание кое го овозможуваат социјалните мрежи. Досега, Европскиот парламент препознава шест тактики за пласирање манипулативни содржини: удар врз емоциите, поларизација, преплавеност на медиумите, искористување на пристрасноста при проценка на информациите, манипулирање со контекстот на содржината и напаѓање и замолчување на критичките мисла и глас. Но, пласирањето дезинформации во штотуку отпочнатата ера на вештачка интелигенција поприма нови и засега сѐ уште недоволно согледиви димензии, можности и речиси сигурно нови тактики. Доколку, како општество сакаме ефикасна заштита и справување со ваквата појава, ќе биде потребно многу поголем, пред сè практичен ангажман на надлежните државни институции, отколку само носење стратегии, предлог мерки и други национални документи, кои ја третираат заштитата на граѓаните и државата од малигното влијание на дезинформациите само на теоретско ниво.

Лично, се носам со уверување дека уште веднаш треба да се планира и да се отпочне со спроведување стручна настава во основните и средните училишта, но и во високобразовните установи, бидејќи токму новите генерации, преку електронските уреди што ги поседуваат, многу рано се соочуваат со овој предизвик, а со тоа се и најранливи од овој аспект.

Има капацитети, но нема свест

Сметате ли дека постојат институционални капацитети, земјава да ја зголеми отпорноста кон такви „ветришта“ кои дуваат од странство?

-Ќе бидам искрен и ќе кажам дека имам поделено мислење по ова прашање. Од една страна, како човек кој најголемиот дел од својата кариера го минал ангажиран токму во ресор кој ги третира ваквите појави, можам да потврдам дека Македонија располага со значителен безбедносен апарат, кој умее да ги препознае ваквите закани и да ги алармира надлежните државни инстанции. И дотука, би рекол дека таков капацитет постои. Но, од друга страна, тоа ни оддалеку не е доволно. Имено, во колективната свест на државите произлезени од СФРЈ постои безмалку митолошки страв дека безбедносните служби се репресивен апарат, наменет само и исклучиво за контрола на граѓаните. Воедно, вкоренето е и верувањето дека улогата на граѓаните при соработката со безбедносните служби е, да не го употребувам навредливиот жаргонски израз, чин на ниски морални вредности, а не чин на висока свест за заштита на колективната општествена безбедност, како што е тоа случај во Швајцарија или во поголемиот дел од земјите членки на ЕУ. За жал, таков е впечатокот и за дел од носителите на највисоките државни политички функции, кои ќе се осмелам да кажам дека имаат низок степен на безбедносна култура. Така што, мојот личен впечаток е дека институционалните капацитети во земјава кои можат да укажат, а често и да ги превенираат, разните конструирани влијанија однадвор, не се доволно препознаени, а со тоа се намалува и отпорноста кон ваквите неповолни ветришта.

goran vasilevski intervju 2

Дали статус-кво ситуацијата со евроинтеграцијата ја прави Македонија ранлива по прашањето на политичката стабилност и подложна на странско мешетарење?

-Не би одел во детална елаборација на ова прашање кое содржи и доза на политичка конотација, но убеден сум дека со членството во ЕУ на Македонија ќе и биде овозможен пристап до практики и механизми со кои Унијата и нејзините членки се спротивставуваат на дезинформациите и надворешното влијание. Како што впрочем ни се овозможи да станеме корисници на голем дел, во прв ред, безбедносни придобивки по зачленувањето во НАТО. Пред сѐ, со членство во ЕУ граѓаните ќе имаат пристап до платформите за борба против дезинформациите во интернет-просторот, кои прават овој простор да биде што е можно посигурен за корисниците. Истовремено, со законските акти преку кои ЕУ го третира ова прашање, се регулираат правилата за политичка транспарентност како механизам за ограничување или целосна забрана за политичко рекламирање преку странски спонзорства, а утврдени се и рамките за транспарентност и користење на содржини креирани со ВИ. Преку Европскиот парламент се овозможува поголема заштита на новинарите од разни форми на политичко влијание, што воедно овозможува и поголема медиумска слобода. Така што, да! Моменталниот неизвесен евроинтеграциски статус на Македонија како држава, во голема мерка го слабее нашиот политички и безбедносен имунитет.

На што треба да посвети внимание Македонија како НАТО членка за да гради институционален одговор кон злонамерни странски мешања и оперирање со дезинформации?

-Прво, повторно ќе ја нагласам потребата од градење висок праг на безбедносна култура и кај граѓаните, а особено кај оние кои во моментот се носители на јавни и државни функции. Зошто инсистирам на оваа потреба? Имено, македонската јавност во повеќе наврати беше сведок на дебати каде политички субјекти (пратеници, министри и раководители на институции) јавно ја проблематизираа и би рекол злоупотребуваа постапката за ветинг и добивање сертификат со одреден степен на доверливост. Овој момент беше сосем непотребно јавно политизиран, доведувајќи ја во прашање професионалноста на повеќе институции одговорни за спроведување на ветингот како процес. Дури, на неколкупати имаше и јавно вадење на безбедносни сертификати во телевизиски емисии, како да се работи за купени билети за спортски натпревар или кино претстава, а не за документ кој се добива со спроведување на повеќеслојна доверлива постапка.

Овде можам да потврдам дека Алијансата има исклучително сериозен пристап кон справувањето со дезинформациите, или кажано со воено-безбедносен термин, кон непријателските информациски операции кои што се спроведуваат против НАТО-сојузот и неговите членки. Примарно, спротивставувањето на ваквите непријателски операции почнува со градење доверба и проактивна соработка со сите земји членки и земјите партнери, а со единствена цел за ефикасно превенирање, спротивставување и елиминирање на влијанието на непријателските фактори кои во континуитет спроведуваат разни форми на дезинформациска кампања. Оттука, како земја-членка, Македонија има обврска да го усогласи својот политички пристап кон оној на Алијансата кога станува збор за ова безбедносно прашање.

Сојузништвото најголема гаранција

Дали како граѓанин и безбедносен експерт следите медиуми? Ви се чинат ли доволно отпорни на подметнување информации?

-Секако дека следам медиуми. И тоа редовно. Впрочем, една од разузнавачко-аналитичките дисциплини е токму следењето, собирањето и анализирањето на информации до кои се доаѓа од отворени извори, како што се електронските медиуми, интернетот, социјалните мрежи и стручните објави. Всушност, времето на глобална поврзаност кое го живееме, изобилува со вакви лесно достапни, но корисни информации од разни области кои го олеснуваат информирањето. Поентата е во умешноста за селекција и пристап до објективни и непристрасни медиуми, кои овозможуваат да се стекне реална слика за состојбите во областа која ни е предмет на интерес. Признавам дека тоа не е секогаш лесно и дека ми се случило во квантумот информации да се најде понекоја која е умешно креирана дезинформација.

Имено, колку што е лесен пристапот до навистина огромен број информации, толку понекогаш е тешко да се процени нивната веродостојност, што особено е случај со оние кои имаат национална, регионална или глобална важност. Впрочем, актуелните настани на Блискиот Исток се најдобар пример, при што сме сведоци на контрадикторните информации за состојбата во тој регион. Сепак, мислењето за тоа колку овдешните и генерално медиумите се отпорни на подметнување информации, ќе си дозволам да го задржам за себе.

goran vasilevski intervju 3

Од која страна во моментов, според Вас, Македонија најмногу треба да си го чува грбот кога се во прашање растечките конфликти и упадот во меѓународниот поредок?

-Ова е навистина комплексно прашање. Можам да кажам дека како една од придобивките од мојот активен професионален ангажман и офицерска кариера,  го имам искуството дека сојузништвото и взаемната доверба се најголемата гаранција за успех во справувањето со било кој вид предизвици. Ова го тврдам со поткрепа и од историските факти кои посочуваат дека ретко кога една земја успеала самостојно да се одбрани или оствари победа. Можеби најдобар пример дека сојузништвото е основниот предуслов за успех во денешните хаотични глобални собитија е херојскиот подвиг на Украина, која помогната од членките на ЕУ, НАТО и САД веќе четврта година успева ефикасно да одолее на Руската инвазија.

Оттука, не би коментирал од каде може да дојдат најголемите закани за Македонија, но убеден сум дека членството во НАТО, (а во некоја скора перспектива и нашето членство во ЕУ) е гарант дека доколку и дојдеме во состојба да станеме страна од некој поширок конфликт, тогаш секако дека многу полесно ќе се справиме со предизвиците како дел на сè уште најмоќната воено-политичка Алијанса во светот, отколку што тоа беше случај пред нашето членство. Во овој контекст би ја нагласил и изјавата на ген-секот на НАТО, г-динот Марк Руте, кој при неодамнешната посета на земјава истакна дека Алијансата ќе го брани секој дел од својата територија од секаков вид на терористички закани, преку т.н. пристап од 360 степени. Скромно сметам дека ова е сосема доволен гарант за нас.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Соња Крамарска

Фотографии: Дарко Андоновски